Скочивир
Скочивир | |
Поглед на селото | |
Координати 40°58′0″N 21°39′0″E / 40.96667° СГШ; 21.65000° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Новаци |
Област | Мариово |
Население | 11 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7225 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02107 |
Надм. вис. | 600 м |
Скочивир на општинската карта Атарот на Скочивир во рамките на општината | |
Скочивир на Ризницата |
Скочивир — село во Општина Новаци, во областа Мариово, во околината на градот Битола.
Од селото започнува Скочивирската Клисура на Црна Река, која е најдолга клисура во Македонија.
Потекло и значење на името
[уреди | уреди извор]Името на селото првпат било запишано во 1468 година во турските пописни дефтери. Се претпоставува дека името е изведено од зборовите „скокни вир“ или „скочи вир“, бидејќи во минатото во близина на селото било проширено речното корито на Црна Река и вистински проблем било да се прескокне вирот за да се стигне до селото или обратно.[2]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа на крајниот југоисточен дел на Битолското Поле, во јужниот дел на територијата на Општина Новаци. Атарот на селото се протега до државната гранична линија со Грција.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 600 метри. Низ селото поминува регионалниот пат 2338, кој води за битолско Мариово, долж долината на Црна Река.[3] Од градот Битола е оддалечено 35 километри, додека од општинското средиште Новаци е оддалечено 24 километри.[2]
Скочивир се наоѓа во западниот дел на Мариово, источно од градот Битола. Селото е распослано на брегот на Црна Река.[2] Од селото Скочивир започнува живописната Скочивирска Клисура низ која во должина од 100 км Црна Река го поминува својот пат до Тиквешкото Езеро, а потоа се влева во Вардар.[4]
Соседни села на Скочивир се: Добровени, Сливица, Полог и Зовиќ.
Од Тиквешката Котлина, по течението на Црна Река, продира топла воздушна маса која овозможува климата во село Скочивир да биде изменета средоземна клима. Така во селото Скочивир, во просек за 15 дена порано стигнуваат сите градинарски и житни култури во споредба со околните села.
Влијанието на изменетата средоземна клима се чувствува и во селата: Сливица, Брод, Добровени и Бач.
До селото води асфалтиран пат, има изградено водовод и електрично осветлување.[5]
Историја
[уреди | уреди извор]Името на селото Скочивир се споменува уште во 1468 година во турските документи за историјата на македонскиот народ. Тогаш броело 11 христијански семејства и еден неженет со околу 56 жители.[2] Во споменатите документи стои забележано и името на поп Дамјан.
Како и многу други македонски села, така и Скочивир било зафатено од виорот на Првата и Втората светска војна. За време на Првата светска војна, особено во 1916 година се воделе крвави борби на овие простори. Од една страна биле Централните сили (Германија, Австроунгарија и Бугарија), а од друга страна Антантата (Англија, Русија, Франција, Србија и други). При пробивот на Македонскиот фронт на планинскиот врв Кајмакчалан во 1916 година загинале многу борци од двете завојувани страни. Според повеќе автори, на секој квадратен метар имало по еден мртов војник без разлика на која страна припаѓал.[2] Во знак на благодарност за покажаната храброст и за спомен на загинатите борци, на врвот Кајмакчалан е изградена црквата „Св. Петар“. Во составот на црковниот комплекс се наоѓа и спомен-костурница и камбанарија со црковно ѕвоно.
За време на Народноослободителната војна во времето од 1941 до 1945 година на овие простори се воделе битки за ослободување на Македонија. Во знак на благодарност за храброста на борците и животите кои ги положиле, во непосредна близина на Воената болница, граѓаните на Битола поставиле спомен-плоча на која се запишани имињата на загинатите борци на овие простори. Во Народноослободителната војна во времето од 1941 до 1945 година од селото Скочивир учествувале повеќе борци. На бојното поле животот го положиле Велко Ниневски и Ристе Цветковски.[2]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот е многу голем и зафаќа простор од 90,5 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 4.729 хектари, на пасиштата отпаѓаат 3.836 хектари, а на обработливото земјиште отпаѓаат само 313 хектари.[3]
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[3]
Жителите на Скочивир се занимавале претежно со сточарство, земјоделство и риболов. Најбројни биле стадата со овци и кози и произведувале познато овчо сирење. Од житни култури успевале пченица, ’рж, јачмен, пченка и овес. На повисоките планински падини успева квалитетен компир. На реката Коњарка биле изградени повеќе воденици каде се мелело житото на селаните од околните села.[2]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Скочивир живееле 425 жители, сите Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Скочивир имало 400 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Скочивир се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 56 куќи.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци.[9]
И од ова село се иселил значителен број од населението и тоа преминало од средно во мало село, населено со македонско население. Така, во 1961 година Скочивир броел 503 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 50 жители.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Скочивир живееле 30 жители, сите Македонци.[10]
Според неслужбени податоци, во 2008 година селото имало само осум жители, додека во 2018 година било целосно раселено.[2]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 11 жители, од кои 10 Македонци и 1 лице без податоци.[11]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 425 | 400 | 413 | 449 | 503 | 381 | 275 | 197 | 50 | 30 | 11 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]
Мариовци
[уреди | уреди извор]Во Скочивир живеат Мариовци, кои се подгрупа на македонскиот народ. Женската мариовска носија битно се разликува од женската носија на Моштенците, што било голема пречка за да биде склучен брак меѓу Мариовец и Моштенка или обратно.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Во периодот од 1961, па до 1983 година се случува големо емигрирање на жителите од селото Скочивир.
Бројот на иселеници од селото е над 300. Најголем дел е иселен во градот Битола, како и во прекуокеанските земји и во Европа.[2]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Поранешно основно училиште
Во селото Скочивир било изградено современо училиште за основно образование на учениците од прво до четврто одделение. Наставата на македонски јазик започнала во учебната 1945-46 година. Прв учител на македонски јазик бил Борис Андоновски. По завршувањето на четврто одделение учениците своето образование го продолжувале во основното училиште во село Бач кое е оддалечено 10 километри. Тие патувале пеш, секој ден, без разлика на временските услови. Подоцна бил обезбеден превоз, но поради немање на ученици училиштето во Скочивир било затворено.
- Планинарски дом „Скочивир“ — планинарски дом во селото, сместен во некогашната воена касарна
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Во XIX век, Скочивир било село во Битолската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Новаци, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од некогашната Општина Бач.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.
Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Бистрица.
Во периодот 1952-1955, селото било дел на тогашната Општина Бач, во која покрај селото Скочивир, се наоѓале и селата Бач, Брод, Велесело, Гермијан, Гнилеш, Добровени, Живојно, Полог, Сливница и Совиќ. Во периодот 1950-1952, селото се наоѓало во некогашната Општина Брод, во која влегувале селата Брод, Добровени, Полог, Скочивир и Сливица.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 0174 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште. Во ова избирачко место се опфатени и селата Полог и Сливица.[16]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 36 гласачи.[17] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 30 гласачи.[18]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[19]
- Градиште — населба од железно време;
- Петалинско Кале — населба од железно време; и
- Марково Кале — населба од железно време.
- Цркви[20]
- Црква „Св. Петка“ — главната селска црква;
- Црква „Св. Архангел Михаил“ — манастирска црква;
- Црква „Св. Преображение“ — црква на патот за Кајмакчалан; и
- Црква „Св. Петар“ — црква на Кајмакчалан, изградена како спомен-капела во чест на загинатите борци од Првата светска војна, кои загинале на Македонскиот фронт во 1916 година.
- Манастири
- Скочивирски манастир — понов манастир во близина на селото
- Параклиси
- Параклис „Св. Лука“ и „Св. Наум Охридски“ — параклис на патот од Скочивир за Петалино
- Воени гробишта
- Српски воени гробишта — воени гробишта од Првата светска војна, сместени на десната страна на патот кон Скочивир, од кого се оддалечени 2 километри.
- Спомен-костурници
- Спомен-костурница — спомен-костурница вкопана во земја на самиот врв Кајмакчалан, каде се чуваат коски од загинатите војници на бојното поле за време на Првата светска војна.
- Спомен-плочи
- Спомен-плоча за загинатите борци од НОБ во времето од 1941 до 1945 година на Кајмакчалан
„Во оваа месност на 25 август 1944 година во борбата на 7 Македонска Н.О.У бригада против пограничните единици на бугарската фашистичка окупаторска војска, херојски ги дадоа своите животи за слободата на татковината:
- Ѓорѓиевски Х Ѓорѓи, роден во Битола 1922 г. – борец
- Естреја А. Овадија – Мара, родена во Битола 1922 г. политички комесар на баталјон, народен херој на СФРЈ
- Лалевски Јован – Алкарот, роден во Битола 1925 г. – борец
- Нахмијас Ј. Мордо - Лазо, роден во Битола 1923 г. заменик командант на баталјон
- Николовски Пандил, роден во Велушина 1914 г. – борец
- Трпчевски Атанас, роден во Гопеш 1920 г. – борец
25.08.1974 г. Вечно благодарни припадниците на војна пошта 4519 и 7488/8 Битола и граѓаните на Општина Битола“ Од оган и пепел, од крв и солзи се раѓала слободата на Македонија.
- Реки
- Црна Река — река која поминува низ селото
- Коњарка — река во атарот на селото, притока на Црна Река, на која е подигнато истоименото излетничко место
- Клисури
- Скочивирска Клисура — најголемата клисура во Македонија започнува од селото, по кое е и именувана
-
Коњарка кај истоименото излетничко место
-
Излетничкото место „Коњарка“
-
Манастирската црква
-
Црквата „Св. Петар“ на Кајмакчалан
-
Поглед на Скочивирскиот манастир
-
Српски воени гробишта
-
Црна Река во близина на Скочивир
Редовни настани
[уреди | уреди извор]- Слави
- Архангел Михаил (26 јули) и (22 ноември) — манастирска слава, кога во манастирот има многу посетители од сите градови, како и луѓето кои некогаш живееле во селото Скочивир
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во или по потекло од Скочивир
- Велко Скочивирски (1877 - 1906) — војвода од ВМОРО
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Караула во селото
-
Куќа во селото
-
Поглед на селото
-
Крст над селото
-
Поглед на селото
-
Мостот на Црна за влез во селото
-
Караула во селото
-
Панорамски поглед
-
Селска чешма
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 2,8 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2021-12-01. Посетено на 2021-11-30.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 272. Посетено на 30 ноември 2021.
- ↑ Група автори, „Национална географија“ за 2 година реформирано гимназиско образование, Просветно дело АД, Скопје, 2006, стр. 62
- ↑ Д-р. Никола В. Димитров и др. Трајко Огненовски, „Битолски регион“, Битола, 2009, стр. 231
- ↑ Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с.237
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 168-169.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 13.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 30 ноември 2021.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 42. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Користена литература
[уреди | уреди извор]- Ѓорѓи Танковски – Лилин и Никола Миновски, „Битола и битолско во Балканските и во Првата светска војна (1912-1918)“, Македонско научно друштво-Битола, 2009 година.
- „Зборник на паднатите борци во НОВ од Битолска околија“, Битола, 1958
- Ѓорѓи Лазаревски, „Бач – македонско моштенска населба“, Битола, 2009 г. стр. 46-56.
- Група автори, „40 Години настава на македонски јазик во Битола и битолско“, ДНУ – Битола, 1984 г. стр.20
- Ѓорѓи Лазаревски, Велко Велковски-Скочивирски, Пелагонски научни средби, Новаци, Зборник 8, стр. 117, ISBN 978-608-65592-0-5
Поврзано
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Скочивир на Ризницата ?
- Чешлање и плетење на коса кај девојка во с. Скочивир, Битолско - Владимир Јаневски
|