Осломеј
Осломеј | |
Куќи во селото | |
Координати 41°34′37″N 21°0′0″E / 41.57694° СГШ; 21.00000° ИГД | |
Регион | Југозападен |
Општина | Кичево |
Област | Горно Кичево |
Население | 21 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 6254 |
Повик. бр. | 045 |
Шифра на КО | 12051 |
Надм. вис. | 661 м |
Слава | Мала Богородица |
Осломеј на општинската карта Атарот на Осломеј во рамките на општината | |
Осломеј на Ризницата |
Осломеј — мало село во областа Горно Кичево, во Општина Кичево, сместено во околината на градот Кичево. Осломеј се смета за родно место на македонскиот преродбеник Јоаким Крчовски.
До 2013 година, селото претставувало административно средиште на поранешната истоимена општина. Селото е сместено во непосредна близина на РЕК „Осломеј“.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во областа Горно Кичево, сместено во Кичевската Котлина, во северниот дел на подрачјето на Општина Кичево, североисточно од градот Кичево на оддалеченост од шест километри.[2] Селото лежи на надморска височина од 700 метри.[2]
Ова мало македонско село се наоѓа на југоисточната падина на возвишението Вардино (950 метри). Околни села се: Црвивци на југозапад и Жубрино на североисток.[3]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Малев Дол, Камен, Два Камена, Попова Нива, Чукле, Скакала, Широка Ледина, Гоедарица, Река, Солена Земја, Задсело, Кошариште, Ничеј Дрење, Куќиште, Стар Јасак, Клаѓе, Кобел, Требеница, Диви Ливади, Ѓуч, Малезанов Рид, Ајатиште, Поле и Винарски Даб.[3]
Селото има збиен тип. Не е поделено на маала, бидејќи е мало и доста едноставно. Сепак роднинските куќи се поблизу една со друга и се групирани.[3]
Во близина на селото поминува реката Темница.
Историја
[уреди | уреди извор]Во Осломеј и околу него се наоѓаат различни старини, кои покажуваат дека во него имало жители уште во минатото. На месноста Ајатиште, кое се наоѓа 400 метри југоисточно од селото, по народната традиција се наоѓала населба која била нарекувана „Ајат град“. На големи површини селаните откривале остатоци од ѕидови и поединечни гробови. Населбата на Ајатиште веројатно во римскиот период била управен центар за овој дел од Кичевската Котлина и поседувала убави градби.[3]
Денешното село не е стара населба. Било основан во втората половина на XVIII век, кога прво се населиле предците на денешниот род Кузмановци. Потоа се доселиле и останатите родови.[3]
Во средината на XIX век, во селото бил основан чифлиг на Ѓул-ага од Кичево. Неговата земја се наоѓала источно од селото. Земјата била обработувана од некои жители на Осломеј. Пред крајот на отоманскиот период, земјата ја купиле муслимани од соседното село Србица.[3]
Во XIX век, Осломеј било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.
Во отоманскиот период, поради близината на двете арбанашки села, селото страдало од некои муслимани. Тие ги присвоиле нивите, пасиштата и убивале селани. Во тоа особено се истакнувале Арбанасите од Црвивци. Пред крајот на отоманскиот период тие се обиделе и да се населат во Осломеј, кога за кратко време убиле пет домаќини во ова село.[3]
Во поновата историја, првиот ракетен напад на ОНА бил извршен на 18 јануари 2001 година врз полициската станица во селото Осломеј, Кичевско, што е почеток на воениот конфликт во Македонија.[4]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот зафаќа простор од 4,1 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 214 хектари, на пасиштата отпаѓаат 134 хектари, а на шумите 107 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделска функција.[2]
Во непосредна близина се наоѓа РЕК „Осломеј“ со неговиот рудник и термоцентрала, кои влијаеле на околината на селото, а населението е вработено таму.[5]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците од 1873 година, селото имало 16 домаќинства со 44 жители христијани.[6]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото имало 192 жители, сите Македонци.[7] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Осломеј имало 240 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Осломеј се води како чисто македонско село во Кичевската каза на Битолскиот санџак со 3 куќи.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 150 Македонци.[10]
Селото е мало, населено со македонско население. Така, во 1961 година селото броело 201 жител, а во 1994 година 57 жители.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Осломеј живееле 40 жители, сите Македонци.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 21 жител, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 192 | 240 | 226 | 239 | 201 | 118 | 102 | 58 | 57 | 40 | 21 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]
Родови
[уреди | уреди извор]Осломеј е чисто македонско православно село, зачувано помеѓу муслимански села. Сите родови во селото се доселенички.[3]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се: Кузмановци (2 к.), доселени се од некое село во Дебарско, во почетокот на ХVIII век, од овој род потекнува познатиот преродбеник Јоаким Крчовски, го знаат следното родословие: Блаже (жив на 42 г. во 1961 година) Крсте-Цветан-Ѓино-Кузман; Велковци (6 к.), доселени се од соседното торбешко село Долно Строгомиште, доселени се после родот Кузмановци, кои најпрвин направиле куќа на Куќиште на возвишението Вардино, каде нивниот предок Стојан Малезан чувал над 400 овци. Но, кога почнале да доаѓаат муслиманските сточари ја срушиле својата куќа и се преселиле во Осломеј; Николовци (4 к.), доселени се од некое село во Охридско, доселени се одма после родот Велковци; Момковци (4 к.) и тие се доселени од некое село во Охридско, го знаат следното родословие: Трајан (жив на 75 г. во 1961 година) Софе-Димо-Момко кој се доселил, наведените предци Софе и Димо биле убиени од страна на Албанците од соседното село Црвивци; Цветковци (6 к.), Ѓурчиновци (3 к.) и Порталовци (1 к.) се доселеници од непознато место, основачот на родот Порталовци го чувал влезот на Кичевската тврдина и по тоа го добиле името и Анѓелевци (3 к.), доселени се од кичевското село Раштани.
Според истражувањата, пак, на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се:[16] Малезовци (2 к.) и Портаровци (1 к.), староседелци; Момковци (2 к.), доселени се од Охридско; Велковци (8 к.), доселени се од местото Куќиште поради зулум; Анѓелевци (2 к.), доселени се од селото Раштани; Николовци (5 к.), доселени се од Охридско; Мицковци (1 к.), доселени се од местото Куќиште; Крнаковци (2 к.), доселени се од селото Кнежино и Огненовци (8 к.), доселени се од околината на Призрен на Косово.
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Пошта (6254)
- Амбуланта
- Месна заедница
- Полициска станица
- Поранешно основно училиште, изградено во 1928 година
-
Поштата
-
Амбулантата
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото било седиште на некогашната Општина Осломеј.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Осломеј, во која покрај селото Осломеј, се наоѓале и селата Арангел, Гарани, Жубрино, Лазаровци, Мамудовци, Ново Село, Премка, Србица, Стрелци, Црвивци и Шутово. Општината Осломеј постоела и во периодот 1950-1952, кога влегувале селата Жубрино, Осломеј и Црвивци.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 789 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на месната заедница.[17]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 24 гласачи.[18]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[19]
- Алексова Нива — населба од доцноантичко време
- Цркви[20]
- Црква „Св. Богородица“ — главна селска црква
- Црква „Св. Димитриј“ — обновена црква[21]
Редовни настани
[уреди | уреди извор]- Мала Богородица — селска слава
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во или по потекло од Осломеј
- Јоаким Крчовски — македонски преродбеник
- Киро Павлески (1921-1943) — македонски партизан, борец за слобода на Македонија и Југославија, учесник во НОВ
Иселеништво
[уреди | уреди извор]По Втората светска војна се иселиле најмалку 10 семејства, најмногу во Кичево, Староец и Тетово.[3]
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Василичарски дом
-
Куќи во селото
-
Улица низ селото
-
Василичарски дом
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 224. Посетено на 7 јануари 2021.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 3,8 Трифуноски, Јован (1968). Кичевска котлина: Селски населби и население. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 51–52.
- ↑ Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Онесикрит“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 1075. Text "series " ignored (help)
- ↑ Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Оси“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 1086. Text "series " ignored (help)
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 90-91.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 256.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 154-155.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 34.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 7 јануари 2021.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Смиљанић, Тома, (1935) Кичевија, Насеља и порекло становништва. Београд, САНУ
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 7 јануари 2021.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 11 ноември 2019.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 168. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Антоски, Зоран (2020-08-11). „Нова камбанарија и нов покрив за црквата „Света Богородица" во Осломеј“. Нова Македонија. Посетено на 2021-01-08.