Велосипед
Велосипед (во секојдневниот говор и точак или бицикл) — возило придвижувано од човек со помош на педали. Велосипедот има две тркала прикачени на рамка, едно зад друго. Човекот кој го вози велосипедот се нарекува велосипедист.
Велосипедите се појавиле во XIX век во Европа и до 2003 година се произведени повеќе од една милијарда, двапати повеќе отколку бројот на произведени автомобили.[2] Тие се едно од основните средства за превоз во многу области. Исто така се широко распространет облик на рекреација, прифатени се да се користат како детски играчки, за физичка активност, се користат во војска и полиција, курирски служби и велосипедски трки.
Основната форма на вообичаениот исправен велосипед, или безбеден велосипед, се има променето многу малку уште од првиот тип со преносна верига (преносен синџир) кој се појавил околу 1885 година.[3][4][5] Но, унапредени се многу ситници, особено со појавата на современите материјали и компјутерски потпомогнатото дизајнирање. На овој начин е овозможено да се распространат посебни изведби на велосипеди за различни видови намени на возење.
Појавата на велосипедот како пронајдок имала огромно влијание на општеството и од гледна точка на културата како и напредување на модерните индустриски методи. Неколку делови кои имаат одиграно клучна улога во развојот на автомобилот првично биле измислени за да се користат кај велосипедот, вклучувајќи ги кугличните лежишта, пневматските гуми, преносните верижни запченици и тркалата сплетени од затегнати жици.[6]
Потекло на поимот
[уреди | уреди извор]Зборот „бицикл“ (англиски: bicycle) првпат се појавил во англискиот печат во дневниот весник „Дејли њуз (The Daily News)“ во 1868 година, со цел да ги опише „бициклите и трициклите“ на „Елисејските полиња и Боа де Булоњ“. Зборот првпат се користел во 1847 година во француска публикација за да опише неидентификувано возило на две тркала, најверојатно двоколка, запрежна кола на две тркала. Конструкцијата на велосипедот била напредок од „велосипедот“, иако користењето овие зборови во одредена мера, извесно време се преклопувало.
Според стандардниот македонски јазик се користи зборот велосипед, иако во секојдневниот говор се сретнува и изразот „точак“.
Историја
[уреди | уреди извор]„Нагиздениот коњ“, исто така наречен „дрезина“ или „машина за одење“, било првото средство за превоз на човечки погон и користело само две тркала поставени едно зад друго, а пронаоѓач бил германскиот барон Карл фон Дрес. Се смета за претходник на велосипедот; Дрес го претставил во јавноста во Манхајм во летото 1817 година и во Париз во 1818 година.[7][8] Возачот на ова возило седел на дрвена рамка потпрена на две тркала поставени едно зад друго во правец на движењето и го туркал возилото со своите стапала притоа управувајќи со предното тркало.[7]
Првото механички придвижувано возило со две тркала најверoјатно го направил Керкпатрик Мекмилијан, шкотски ковач, во 1839 година, иако овие тврдења често се оспорени.[9] Нему му се припишува и првата евидентирана казна за возење велосипед во сообраќај, која еден весник од Глазгов во 1842 година објавил за несреќа во која „анонимен господин од Дамфрисшир... јавајќи на велосипед... од генијална конструкција“ удрил мало девојче во Глазгов и бил казнет со пет шилинга.[10]
Во раните 1860-ти години, Французите Пјер Мишо и Пјер Лалемон започнале нов правец во конструирањето на велосипедот прицврстувајќи механички погон со лостови со педали на поголемо предно тркало (тогашниот велосипед). Неколку години претходно, друг француски пронаоѓач со име Дуглас Грасо не успеал да го направи прототипот на велосипедот на Пјер Лалемон.
Следувале неколку други пронајдоци користејќи го преносот на задното тркало, најдобриот пронајдок е велосипедот погонет со вратило на Томас Мекол од Шкотска, во 1869 година. Истата година, Ожен Мејер од Париз ги патентирал велосипедските тркала со сплетени оптегнати жици.[11] Францускиот „велосипед“, направен од железо и дрво, се развил во „пени-фартинг“ (велосипед кај кој педалните лостови се прицврстени на предното тркало кое е многу поголемо од задното, историски познат како „обичен велосипед“, ретроним, зашто тогаш не постоеле никакви други).[12] Овие велосипеди биле тешки за возење поради нивното високо седло и лоша распределба на масата. Во 1868 година, Роили Трнер, продажен агент на Компанијата за машини за шиење од Ковентри, донел еден велосипед на Мишо во Ковентри, Англија. Неговиот вујко, Џосаја Трнер и деловниот партнер Џејмс Старли, го искористиле за основа за „моделот Ковентри“ произведен во фабриката која наскоро станала првата фабрика за велосипеди во Британија.[13]
„Џуџестиот обичен велосипед“ ги избегнал некои од овие недостатоци со намалување на пречникот на предното тркало и поставување на седлото уште поназад. Од друга страна, со ова се наложила потребата од пренос на силата, за ефикасно да се користи силата која делува на педалите. Наеднаш да се погони и управува велосипедот со предното тркало и понатаму било проблем. Џон Кемп Старли (внук на Џејмс Старли), Џ. Х. Лосон и Шерголд го решиле овој проблем со вградување на пренос со преносна верига-преносен синџир (кој за првпат се појавил кај неуспешната „бициклета“ на Англичанецот Хенри Лосон),[14] поврзувајќи ги лостовите монтирани на рамката со задното тркало. Овие модели биле познати како безбедни велосипеди, „џуџести безбедни велосипеди“ или „исправени велосипеди“ поради намалената височина на седлото и подобра распределба на масата, иако без пневматски гуми возењето на овие велосипеди со помали тркала било доста грубо во споредба со оние со поголеми тркала. Моделот на велосипед „Ровер“ на Старли од 1885 година, произведен во Ковентри [15] е оној кој вообичаено се смета за првиот препознатлив модерен велосипед. Наскоро била додадена „седишна цевка“, со тоа била создадена модерната „дијамантска рамка“ за велосипед, конструирана од два триаголници.
Понатамошните пронајдоци ја зголемиле удобноста и довеле до втората велосипедска треска, „Златното доба на велосипедите“ во 1890-тите години. Во 1888 година, Шкотланѓанецот Џон Бојд Данлоп ја претставил првата практична пневматска гума, која наскоро станала универзална. Наскоро потоа, бил развиен задниот механизам за слободен од, овозможувајќи да се мирува со нозете додека велосипедот е во движење. Ова водело до пронаоѓање[16] на задната контра-кочница во 1890 година. Појавата на менувањето на преносни односи на преносните верижници, како и рачно управуваните сопирачки со сајли исто така биле развиени во овие години, но биле бавно прифатени од секојдневните возачи на велосипед. Кон крајот на XIX и почетокот на XX век, велосипедските клубови доживеале процут на обете страни на Атлантскиот Океан и така многу популарно станало возењето на велосипедски тури и трките со велосипеди.
Велосипедите и запрежните двоколки биле најзастапените средства за приватен превоз токму пред појавата на автомобилите и класификацијата на глатки патишта во доцниот XIX век било стимулирано од широко распостранетото рекламирање, производство и користење на овие возила.[5]
-
Жени на велосипеди на непоплочен пат, САД, доцен XIX век.
-
„Пени-фартинг“ или „обичен велосипед“ фотографиран во музејот на автомобилите Шкода во Чешка.
-
Сообраќајна дозвола за велосипед, издадена во 1935 година.
Цели на користење
[уреди | уреди извор]Уште од почетокот и сè до ден-денес, велосипедите се користеле и се користат за многу цели. Како корисен предмет, се користат за превоз, секојдневно патување и користење во секојдневниот живот. Често се користат и како главно средство за превоз од страна на доставувачите на пошта, итните медицински служби, полицијата, велосипедските курири и велосипедските служби за достава.
Велосипедот се користи и за рекреативни цели, како возење тури со велосипед, возење велосипед во планина, физичко вежбање и игра. Натпреварите со велосипеди вклучуваат трки, трки со BMX велосипеди, трки на писта (велодром), критериум, натпревари во возење на валјаци, трки на растојание и хронометарски трки. Големи повеќеетапни трки се Трката околу Франција (Тур де Франс), Трката околу Италија (Џиро д’Италија), Трката околу Шпанија (Вуелта а Еспања), Трката околу Португалија и Трката околу Калифорнија.
Полицијата велосипедите ги користи при надзор, додека војската користи велосипеди за извидување, движење на војниците, достава на залихи и патролирање. Поврзано и: Велосипедска пешадија.
Велосипедите можат да се користат за забава во слободно време, во организирани масовни возења, уметничко возење велосипед и возење слободен стил со BMX.
Технички аспекти
[уреди | уреди извор]Велосипедот е изложен на постојано приспособување и унапредување уште од своето зачнување. Овие пронајдоци продолжуваат со појавата на модерните материјали и компјутерски потпомогнатото дизајнирање, овозможувајќи појава на посебни видови велосипеди.
Видови
[уреди | уреди извор]Велосипедите можат да бидат категоризирани на многу различни начини: според функцијата, според бројот на возачи, според општата конструкција, според преносот и според начинот на погонење. Најчестите видови се корисни велосипеди, планински велосипеди, тркачки велосипеди, велосипеди за возење тури, хибридни велосипеди, крстосувачки велосипеди и BMX велосипеди. Помалку вообичаени се тандемите, ниските велосипеди, високите велосипеди, велосипедите со фиксен пренос, велосипедите-амфибии и лежипедите.
Моноциклите, трициклите и квадрициклите имаат едно, три и четири тркала соодветно, но најчесто и тие се нарекуваат велосипеди.
Динамика
[уреди | уреди извор]Велосипедот стои исправен додека се движи напред и се управува така што центарот на маса е над тркалата.[17] Ова управување најчесто го прави возачот на велосипедот, но при одредени услови може да го прави и самиот велосипед.[18]
Комбинираниот центар на маса на велосипедот и возачот на велосипедот мора да се наведне при вртење во кривина за успешно да се движи онаму каде што е потребно. Ова наведнување е познато како противуправување и може да биде извршено од страна на возачот со вртење на воланот непосредно со рацете[19] или посредно со наведнување на велосипедот.[20]
Велосипедите со релативно кратко меѓуоскино растојание или пак високите велосипеди, можат да генерираат доволно сопирна сила во предното тркало така што велосипедот може да се преврти надолжно.[21] Намерното користење на оваа сила за да се подигне задното тркало е трик кој може да се изведе на велосипед или мотоцикл.
Перформанси
[уреди | уреди извор]Велосипедот е извонредно ефикасен и во биолошка и во механичка смисла. Велосипедот е најефикасното средство за превоз со човечки погон од гледна точка на тоа колку енергија треба да биде вложена од страна на лицето кое го вози за да помине дадено растојание. Од механичка гледна точка, до 99% од енергијата со која возачот делува на педалите се пренесува на тркалата, иако со користењето на механизмите за различни преноси ова може да се намали за 10–15%.[22][23] Од гледна точка на соодносот на масата на товар која велосипедот може да ја носи и вкупната маса, исто така е ефикасен начин за превоз на товар.
Човек кој се движи на велосипед при ниски и средни брзини од околу 16–24 км/ч ја користи само енергијата која е потребна за да оди пеш. Воздушниот отпор, кој е пропорционален со квадратот на брзината, налага драматично поголема моќност како што се зголемува брзината. Ако возачот седи исправен, телото на возачот чини 75% од вкупниот воздушен отпор од системот велосипед/возач. Отпорот може да се намали доколку возачот се наведне во поаеродинамичка положба. Отпорот може да биде намален со покривање на велосипедот со аеродинамички оклоп. Најголемата брзина постигната без возило за намалување на аеродинамичкиот отпор на рамна патна површина е 133,78 км/ч[24]
Како додаток, количеството на јаглерод диоксид кој се произведува при производство и превоз на храната потребна за велосипедистот во сооднос со поминатиот километар, е помалку од една десеттина од она кое го произведуваат енергетски ефикасните автомобили.[25]
Делови
[уреди | уреди извор]Рамка
[уреди | уреди извор]Најголемиот дел од денешните велосипеди имаат рамка со исправено седење која изгледа слично на првиот велосипед со верижен пренос.[3][4][5] Овие исправени велосипеди скоро секогаш имаат „дијамантска рамка“, конструкција која се состои од два триаголници, преден триаголник и заден триаголник. Предниот триаголник се состои од главна цевка, горна цевка, долна цевка и седишна цевка. Главната цевка содржи гарнитура од куглични лежишта што овозможува виљушката да се врти глатко за управување и рамнотежа. Горната цевка ги сврзува главната цевка со седишната цевка на горниот дел, а долната цевка ги спојува главната цевка со куќиштето за погонското вратило. Задниот триаголник се состои од седишната цевка и двојни одстојници на синџирот и седишни одстојници. Одстојниците на синџирот се паралелни со веригата (синџирот), спојувајќи го куќиштето за погонското вратило и задните носачи за тркалото, каде се прицврстува оската на задното тркало. Седишните отстојници го спојуваат горниот дел на седишната цевка (на место блиску како и горната цевка) на задните носачи за тркало.
Во минатото, рамките за женски велосипеди имале горна цевка која ја спојува средината на седишната цевка наместо горниот дел од седишната цевка, резултирајќи со пониска опчекорна височина на сметка на намалената цврстина на рамката, зашто делува голема сила на виткање на седишната цевка, а деловите на велосипедската рамка не издржуваат многу големо виткање. Оваа конструкција на рамка, позната како женска рамка, отворена рамка или пречекорна рамка му овозможува на личноста да се качува и слегува од велосипедот на достоинствен начин носејќи фустан или здолниште. Додека некои женски велосипеди и понатаму имаат ваква рамка, има и варијација, наречена „микст“ кај која горната цевка ја сочинуваат две тенки горни цевки кои поминуваат покрај седишната цевка на секоја страна и завршуваат кај задните носачи за тркало. Едноставното пречекорување низ рамката е доста ценето и од страна на оние со ограничена флексибилност или други проблеми со зглобовите. Поради упорната слика на „женски“ велосипед, отворените рамки не се вообичаени кај поголемите рамки.
Отворените рамки биле популарни делумно од практични причини и делумно поради тогашните општествени обичаи во тоа време. Во поголемиот дел од историјата на популарноста на велосипедот жените носеле долги здолништа и полесно се сместувале на пониската рамка. Покрај тоа, се сметало за „неженствено“ за жените да ги рашируваат нозете за да се качат и слезат од велосипедот, а во поконзервативните времиња жените кои возеле велосипед биле оцрнети како неморални и нескромни. Овие постапки биле слични на јавањето на коњ одстрана.
Друг вид велосипеди се лежипедите. Овие се сами по себе поаеродинамични од исправените велосипеди, зашто возачот лежи на потпора и ги врти педалите кои се на слична височина до седиштето. Најбрзиот велосипед е лежипед но овој вид на велосипеди е забранет за натпревари уште во 1934 година од страна на Меѓународниот велосипедски сојуз (UCI).[26]
Историски, материjалите користени за велосипедите се менувале слично како и во авиоиндустријата, а клучни цели се високата цврстина и мала маса. Уште од доцните 1930-ти години легираните челици се користат за исработка на рамката и виљушките кај велосипедите од повисок квалитет. До 1980-тите години техниките за заварување на алуминиум напредувале до таа мера што алуминиумските цевки можеле да се користат безбедно наместо челичните. Од тогаш алуминиумските рамки и други делови за велосипеди станале популарни поради нивната мала маса и повеќето велосипеди од средната класа имале некакви алуминиумски легури. Поскапите велосипеди користат композитен материјал, армирани јаглеродни влакна поради значително помалата маса и способноста за обликување, дозволувајќи им на конструкторите да го направат велосипедот и цврст и да ги исполнува барањата за кој е конструиран, со манипулирање на ламинирањето на јаглеродните влакна. Други егзотични материјали се титанот и напредните легури. Бамбусот, природен композитен материјал со висок сооднос на цврстина[27] и маса се користи за изработка на велосипедски рамки уште од 1894 година.[28] Последните верзии користат бамбус за примарната рамка со залепени метални врски и делови и имаат цена како егзотични модели.[28][29][30]
Систем за пренос
[уреди | уреди извор]Преносот започнува со погонот, кој го сочинуваат лостовите на кои се монтирани педали и се вртат на погонското вратило. Повеќето велосипеди користат верижен пренос за пренесување на силата на задното тркало. Многу мал број на велосипеди користат оски за пренос на силата, или посебни ремени. Направени се и хидраулични преноси за велосипеди, но засега се неефикасни и сложени.
Бидејќи нозете на велосипедистот се најефикасни само во мал опсег на брзини на вртење, или каденца, системот со променлив преносен однос (популарно наречени брзини) му помага на велосипедистот да одржува оптимална брзина на вртење на педалите покривајќи различен терен. Некои, најчесто велосипеди за секојдневна употреба, имаат променливи преносни односи сместени во куќиштето на задната главина и тоа од 3 до 14 различни преносни односи. Ова се т.н. внатрешни брзини. Повеќето велосипеди имаат надворешен систем со променлив преносен однос, популарно наречени надворешни брзини. Во овој систем, на задното тркало се сместени повеќе од еден погонет верижник, а на погонските лостови се сместени еден или повеќе погонски верижници. Потребни се два менувачи со посебни механизми, еден за погонските верижници, а друг за погонетите верижници. Повеќето велосипеди имаат не повеќе од два или три погонски верижници на погонот и до 11 погонети верижници на задното тркало. Теоретскиот број на различни преносни односи (брзини) се пресметува со множење на бројот на погонски верижници со бројот на погонети верижници. Во пракса, голем дел од овие преноси се поклопуваат или пак, налагаат синџирот да биде премногу закосен, што придонесува до предвремено оштетување на деловите од преносниот систем, така што бројот на преноси кои можат да се користат е помал.
Алтернатива на верижниот пренос е преносот со запчест ремен. Овие се назабени и работат слично како синџир, популарни се кај велосипедисти кои возат велосипед за секојдневно патување или пак тури на долги растојанија, зашто налагаат многу мало одржување. не можат да бидат префрлени од еден на друг запчест ременик и затоа се користат или само со една брзина или со внатрешни променливи преноси.
Различните преноси и опсези на преноси со соодветни за различни луѓе и начини на возење. Велосипедите со повеќе брзини овозможуваат изборот на пренос да одговара на околностите, велосипедистот може да користи висок преносен однос кога вози на надолнина, средновисок преносен однос на рамен пат и низок преносен однос кога вози на нагорнина. При понизок преносен однос секое вртење на педалите води кон помалку завртувања на задното тркало. Со ова се овозможува енергијата потребна за движење на истото растојание да биде распределена на повеќе вртежи со педалите, намалувајќи го заморот кога се вози на нагорнина, со тежок товар или при силен ветер. Повисокиот преносен однос да прави помалку вртежи со педалите за да одржи одредена брзина, но со поголем напор при секое завртување на педалите.
Кај верижниот преносен систем, погонскиот верижник е прицврстен на погонот (погонските лостови) кој се врти и со помош на преносниот синџир го врти задното тркало преку погонетите верижници. Има четири опции за пренос: Две внатрешни брзини заедно со погонски верижник, до 3 погонски верижници, до 11 погонети верижници, внатрешни брзини сместени во главината на задното тркало (од 3 брзини до 14 брзини). Најчестите опции се или внатрешни брзини во задната главина, или надворешни брзини (повеќе погонски и повеќе погонети верижници). Други комбинации од овие опции се возможни, но не се толку вообичаени.
Управување и седење
[уреди | уреди извор]Со управувачот се врти виљушката преку системот, која се врти во гарнитурата.
Познати се три вида на управувачи. Исправен управувач, стандарден во Европа и на други места сè до 1970-тите години, благо закривен наназад кон возачот, нудејќи природен фат и удобна исправена положба. Свиениот управувач е свиен нанапред и надолу, нуди подобра сила на кочење од поаеродинамичната „наведната“ положба, како и и други поисправени положби кога рацете лежат на носачите на рачките за кочење, предните закривувања од управувачот или предниот рамен дел за значително поисправена положба. Планинските велосипеди најчесто имаат рамен управувач, или малку поткренат управувач, со различен агол на закривеност и височина на издигнување, како и поширока широчина на управувачот што обезбедува подобро управување поради зголемениот момент кој делува врз тркалото.
Седлата исто така зависат од личните претпочитања на возачите, од меките кои ги претпочитаат оние кои возат на кратки растојанија, сè до потесни седла кои нудат повеќе простор за замавнување со нозете. Удобноста зависи од положбата на возење. Кај удобните велосипеди и хибридните, велосипедистот седи високо над седлото, телесната маса е пренесена врз седлото, така што се претпочита пошироко и помеко седло. Кај тркачките велосипеди каде велосипедистот е наведнат, телесната маса е подеднакво распределена меѓу управувачот и седлото, колковите се свиткани, поефикасно е потесно и потврдо седло. Различни изведби на седла постојат за машки и женски велосипедисти, прилагодени кон различната анатомија, иако велосипедите најчесто се продаваат со седла прикладни за мажи.
Лежипедите имаат лежечко седиште слично на стол, кое некои велосипедисти го сметаат за поудобно, особено оние кои страдаат од одредени видови на болки во грбот, вратот, рамената и зглобовите. Лежипедите можат да имаат управувач над седиштето или под седиштето.
Сопирачки
[уреди | уреди извор]Сопирачките за велосипед можат да дејствуваат на обрачите, каде што кочните облоги се притискаат на обрачот на тркалото; сопирачки во главината, каде механизмот е сместен во главината на тркалото, диск-сопирачки, каде кочните облоги дејствуваат врз ротор прицврстен на главината. Повеќето друмски тркачки велосипеди користат сопирачки кои дејствуваат на обрачот.[31] Диск-сопирачките се најчесто на планинските велосипеди, тандемите и лежипедите одошто за другите видови велосипеди, поради нивната зголемена моќ, како и зголемената маса и сложеност.[32]
Кај сопирачките кои се активираат со рака, силата делува на рачките за кочење монтирани на управувачот и истата се пренесува со помош на сајли или хидраулични црева до кочните облоги, кои вршат притисок на сопирната површина, предизвикувајќи триење кое го успорува велосипедот. Задната сопирачка може и да се активира и со педали, како кај задната кочница контра, која кочи кога педалите ќе се завртат наназад.
Велосипедите наменети за возење на велодром или писта немаат сопирачки, зашто сите велосипедисти кои се на велодромот или пистата возат во иста насока и не е потребно нагло забавување и сопирање. Сепак, на ваквите велосипеди сепак е возможно да се успори, зашто сите се направени со фиксен пренос, што значи дека нема механизам за слободен од и погонетиот верижник е фиксно прицврстен на задното тркало. Со фиксен пренос, мирувањето на педалите е невозможно, па како што се врти задното тркало, така се вртат ипедалите. За да успори, возачот делува на педалите и дејствува како сопирен систем, што само во исклучителни случаи може да биде ефикасно како која било сопирачка на задното тркало, а во никој случај не може да биде ефикасен како сопирачка на задното тркало.[33]
Потпирање
[уреди | уреди извор]Системот или системите за потпирање (суспензија) служат за две намени: да обезбедат тркалата да бидат во постојан допир со тлото, подобрувајќи ја контролата и да го изолираат возачот и товарот од тресење при нерамен пат, зголемувајќи ја удобноста.
Системите за потпирање се најчесто вообичаени кај планинските велосипеди, но застапени се и кај хибридните велосипеди, зашто можат да се справат со проблематичните вибрации на нерамни патишта. Системите за потпирање се особено важни кај лежипедите, бидејќи, за разлика од возачот на нормален исправен велосипед, возачот на лежипедот не може да стане за да овозможи некаков вид на ублажување на ударите.
Повеќето планински и хибридни велосипеди најчесто имаат систем за потпирање напред, но пософистицираните имаат и назад. Друмските тркачки велосипеди немаат системи за потпирање, иако некои посебни конструктивни решенија потпомагаат во зголемување на ускладеното возење.
Тркала и гуми
[уреди | уреди извор]Тркалото се прицврстува на носачите на тркало на рамката и виљушката. Гумите во огромна мера се разликуваат во зависност од нивната намена. Друмските тркачки велосипеди користат гуми широки од 18 до 25 mm, најчесто потполно мазни и напумпани на висок притисок за брзо да се тркалаат на глатки површини. Гумите за теренско возење се широки најчесто од 38 до 64 mm и имаат шари за да овозможат подобро прилегнување на патот, или метални шајки за мраз.
Дополнителна опрема
[уреди | уреди извор]Некои делови, кои најчесто се дополнителна опрема кај спортските велосипеди, се стандардни делови кај некои велосипеди за секојдневно користење за да се зголеми нивната корисност и удобност. Браниците и калниците служат да го заштитат велосипедистот и подвижните делови од прскање кога се вози при влажни услови, а штитникот за синџир ја штити облеката од валкање од синџирот, како и спречува облеката да се зафати меѓу синџирот запците на погонoт. Ногарките го држат велосипедот исправен кога е паркиран, а бравите спречуваат можна кражба. Корпите за багаж, багажниците и дисаѓите можат да бидат поставени над едно или обете тркала за да се пренесува опрема или товар. Потпирачите за нозе можат бидат прицврстени на една или обете страни на оската на едното или на обете тркала за да му овозможат на возачот да прави одредени трикови, да овозможи уште еден човек да застане на велосипедот или пак за одмор на нозете. Родителите некогаш прицврстуваат седиште за дете над задното тркало, за да превезуваат дете.
Корпите и ремените на педалите го држат стапалото фиксирано во правилна положба на педалот и им овозможуваат на велосипедистите да ги влечат и туркаат педалите. За оваа цел постојат и автоматски педали, кои имаат посебен механизам кој задржува плочка која е фиксно прицврстена на посебни обувки наменети за возење на велосипед со вакви педали. Техничките додатоци вклучуваат циклокомпјутери за мерење на брзината, растојанието, каденцата, податоци од глобалниот систем за позиционирање (GPS) итн. Други додатоци се светла, катадиоптери, ѕвонче, шишиња за вода и носачи за шише за вода.
Велосипедските шлемови можат само во извесна мера да ги намалат повредите при судар или сличен несреќен случај. Соодветен шлем не е законски задолжително да се носи во повеќето земји. Шлемовите можат да бидат и како дополнителна опрема [34] или додаток на облеката.[35]
Тренажерите овозможуваат велосипедистот да може да го вози велосипедот во фиксна позиција. Најчесто се користат за загревање пред трки и за тренинг кога условите за возење надвор се непожелни.[36]
На велосипедите исто така може да биде и прикачена приколка за превоз на товар и/или дете.
Стандарди
[уреди | уреди извор]Постојат голем број на формални и индустриски стандарди за велосипеди и велосипедски делови за да овозможат деловите да бидат меѓусебно заменливи и да се гарантира минимална безбедност на производот.
Меѓународната организација за стандардизација (ISO) има посебен технички комитет за велосипеди, TC149, кој го има следниот преглед: „Стандардизација на полето на велосипеди, нивните делови и опрема со одредена референца за терминологијата, методите за тестирање и барањата перформанси безбедност и меѓусебна заменливост.“
Европскиот комитет за стандардизација (CEN) исто така има посебен технички комитет, TC333, кој го дефинира европскиот стандард за велосипеди. Тие изјавуваат дека стандардот за велосипеди EN треба да биде во согласност со стандардите ISO. Некои велосипедски стандарди биле развиени пред ISO да ги објави своите стандарди, водејќи до силно европско влијание на ова поле. Европските стандарди за велосипеди ги опишуваат минималните безбедносни барања, додека стандардите ISO имаат историски хармонизирана геометрија на деловите.[37]
Одржување и поправка
[уреди | уреди извор]Одржување на соодветен притисок во гумите е најчеста и најпроблематична грижа за велосипедистите и се користат многу средства и методи за да се задржи пневматскиот интегритет. Подебели надворешни гуми, подебели внатрешни гуми, постави за гумите (посебни непробојни обвивки поставени меѓу внатрешната и надворешната гума), течни заптивни средства кои се вбризгуваат во внатрешната гума и комплети за поправка слични на автомобилските за сигурно да се одржи притисок од 2,8 bar до 4,1 bar (278 kPa до 414 kPa) кој е потребен за користење на велосипедот. Тенките, лесни гуми се особено склони на дупнување и губење на притисокот од трња на патот. Пумпањето на велосипедските гуми е на притисок повисок од вообичаените автомобилски гуми и налага користење на посебна пумпа. Сложеноста на одржувањето и поправката на велосипедските гуми за многумина е причина да не го користат велосипедот за превоз или рекреација.
Повеќето други делови налагаат посебен момент на сила за расклопување и со тоа потреба од стручна поправка. Некои велосипедисти самите си ги поправаат велосипедите, било поради уживање или како хоби, или едноставно од економски причини.
Алати
[уреди | уреди извор]Постојат посебни алати за велосипеди за користење во работилница и/или на пат. Многумина велосипедисти носат алати со себе кога возат велосипед. Најчесто ова вклучува прибор за лепење внатрешна гума (што содржи рачна пумпа или [[пумпа со CO2]], лостови за монтажа и демонтажа на надворешни гуми, резервни внатрешни гуми, самолепливи лепенки или парче гума за лепење, лепило, парче брусна хартија или метален стругач за површината која треба да се лепи), клучеви и инбус клучеви за различните завртени делови, посебни тенки клучеви кои посебно се потребни за работа со конусите на кугличните лежишта; одвртувачи и алат за синџир. Постојат повеќенаменски алати посебно наменети за велосипеди кај кои сево ова е сочинето во една алатка. Повеќето посебни велосипеди налагаат посложени алати, вклучувајќи и алати соодветни за одреден производител.
Велосипедот како тема во уметноста и во популарната култура
[уреди | уреди извор]- „Велосипедот што не можеше да распознава луѓе“ — краток расказ на македонскиот писател Владо Манчевски.[38]
- „Приказни за велосипедот“ — кус расказ на македонскиот писател Гето Руди од 2017 година.[39]
- „Тема на велосипедистот“ (англиски: Bicycle rider theme) - песна на американската рок-група Бич Бојс (Beach Boys) од 1967 година.[40]
- „Велосипед“ (англиски: Bike) - песна на британската рок-група Пинк флојд од 1967 година.[41]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Koeppel, Dan (January–February 2007), „Flight of the Pigeon“, Bicycling, Rodale, Inc., том 48 no. 1, стр. 60–66, ISSN 0006-2073, Посетено на 2012-01-28
- ↑ „Bicycles produced in the world - Worldometers“. Посетено на 2 јануари 2012.
- ↑ 3,0 3,1 Herlihy 2004, стр. 200–50.
- ↑ 4,0 4,1 Herlihy 2004, стр. 266–71.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 Herlihy 2004, стр. 280.
- ↑ Heitmann JA. The Automobile and American Life. McFarland, 2009, ISBN 0-7864-4013-9, pp. 11 and following
- ↑ 7,0 7,1 „Baron von Drais' Bicycle“. Canada Science and Technology Museum. Архивирано од изворникот на 2006-12-29. Посетено на 10 февруари 2014.
- ↑ Herlihy 2004, стр. 26.
- ↑ Herlihy 2004, стр. 66–7.
- ↑ „Is dangerous cycling a problem?“. BBC. 13 април 2011. Посетено на 11 февруари 2014.
- ↑ Bulletin des lois de la République française (1873) 12th series, vol. 6, page 648, patent no. 86,705: "Perfectionnements dans les roues de vélocipèdes" (Improvements in the wheels of bicycles), issued: 4 August 1869.
- ↑ Norcliffe 2001, стр. 50.
- ↑ McGrory, David. A History of Coventry (Chichester: Phillimore, 2003), p.221.
- ↑ Norcliffe 2001, стр. 47.
- ↑ McGrory, p.222.
- ↑ Sheldon Brown. „One-Speed Bicycle Coaster Brakes“. Архивирано од изворникот 2010-11-29. Посетено на 2010-12-01.
- ↑ Various (9 декември 2006). „Like falling off“. New Scientist (2581): 93. Посетено на 27 јануари 2009.
- ↑ Meijaard, Papadopoulos, Ruina, and Schwab, J.P.; Papadopoulos, Jim M.; Ruina, Andy; Schwab, A.L. (2007). „Linearized dynamics equations for the balance and steer of a bicycle: a benchmark and review“. Proceedings of the Royal Society A. 463 (2084): 1955–1982. Bibcode:2007RSPSA.463.1955M. doi:10.1098/rspa.2007.1857.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ Wilson, David Gordon; Jim Papadopoulos (2004). Bicycling Science (Third. изд.). The MIT Press. стр. 270–272. ISBN 0-262-73154-1.
- ↑ Fajans, Joel (July 2000). „Steering in bicycles and motorcycles“ (PDF). American Journal of Physics. 68 (7): 654–659. Bibcode:2000AmJPh..68..654F. doi:10.1119/1.19504. Архивирано (PDF) од изворникот 2006-09-01. Посетено на 2006-08-04.
- ↑ Cossalter, Vittore (2006). Motorcycle Dynamics (Second. изд.). Lulu. стр. 241–342. ISBN 978-1-4303-0861-4.
- ↑ „Pedal power probe shows bicycles waste little energy“. Johns Hopkins Gazette. 30 август 1999.
- ↑ Whitt, Frank R.; David G. Wilson (1982). Bicycling Science (Second. изд.). Massachusetts Institute of Technology. стр. 277–300. ISBN 0-262-23111-5.
- ↑ „133.78 км/ч: Dutch high-tech bike sets new world record“. phys.org. 17 септември 2013. Посетено на 18 септември 2013.
- ↑ „How Much Do Bicycles Pollute? Looking at the Carbon Dioxide Produced by Bicycles“. Kenkifer.com. 20 ноември 1999. Архивирано од изворникот на 2011-11-15. Посетено на 24 октомври 2011.
- ↑ „History Loudly Tells Why The Recumbent Bike Is Popular Today“. Recumbent-bikes-truth-for-you.com. 1934-04-01. Архивирано од изворникот на 2009-11-26. Посетено на 2011-10-24.
- ↑ Lakkad; Patel (June 1981). „Mechanical properties of bamboo, a natural composite“. Fibre Science and Technology. 14 (4): 319–322. doi:10.1016/0015-0568(81)90023-3.
- ↑ 28,0 28,1 Jen Lukenbill. „About My Planet: Bamboo Bikes“. Архивирано од изворникот на 2012-10-25. Посетено на 14 January 2013.
- ↑ Teo Kermeliotis (May 31, 2012). „Made in Africa: Bamboo bikes put Zambian business on right track“. CNN.
- ↑ Bamboo bicycles made in Zambia. [TV news]. Tokyo: NHK World News in English. 14 Jan 2013. http://www3.nhk.or.jp/daily/english/.
- ↑ Wade Wallace (1 October 2013). „Disc Brakes and Road Bikes: What does the Future Hold?“. cyclingtips.com.au. Посетено на 24 February 2014.
- ↑ John Allan. „Disc Brakes“. sheldonbrown.com. Посетено на 24 February 2014.
- ↑ Brown, Sheldon. „Fixed Gear Conversions: Braking“. Архивирано од изворникот 2009-02-09. Посетено на 2009-02-11.
- ↑ Грешка во наводот: Погрешна ознака
<ref>
; нема зададено текст за наводите по имеbicycleuniverse
. - ↑ „The Essentials of Bike Clothing“. About Bicycling. About.com. Архивирано од изворникот 2006-08-26. Посетено на 2006-09-13.
- ↑ „Bicycle Advisor“. bicycleadvisor.com. Посетено на 16 December 2015.
- ↑ The TC149 ISO bicycle committee, including the TC149/SC1 ("Cycles and major sub-assemblies") subcommittee, has published the following standards:[се бара извор]
- ISO 4210 Cycles—Safety requirements for bicycles
- ISO 6692 Cycles—Marking of cycle components
- ISO 6695 Cycles—Pedal axle and crank assembly with square end fitting—Assembly dimensions
- ISO 6696 Cycles—Screw threads used in bottom bracket assemblies
- ISO 6697 Cycles—Hubs and freewheels—Assembly dimensions
- ISO 6698 Cycles—Screw threads used to assemble freewheels on bicycle hubs
- ISO 6699 Cycles—Stem and handlebar bend—Assembly dimensions
- ISO 6701 Cycles—External dimensions of spoke nipples
- ISO 6742 Cycles—Lighting and retro-reflective devices—Photometric and physical requirements
- ISO 8090 Cycles—Terminology (same as BS 6102-4)
- ISO 8098 Cycles—Safety requirements for bicycles for young children
- ISO 8488 Cycles—Screw threads used to assemble head fittings on bicycle forks
- ISO 8562 Cycles—Stem wedge angle
- ISO 10230 Cycles—Splined hub and sprocket—Mating dimensions
- ISO 11243 Cycles—Luggage carriers for bicycles—Concepts, classification and testing
- EN 14764 City and trekking bicycles – Safety requirements and test methods
- EN 14765 Bicycles for young children – Safety requirements and test methods
- EN 14766 Mountain-bicycles – Safety requirements and test methods
- EN 14781 Racing bicycles – Safety requirements and test methods
- EN 14782 Bicycles – Accessories for bicycles – Luggage carriers
- EN 15496 Cycles – Requirements and test methods for cycle locks
- ↑ Никола Гелевски и Владимир Мартиновски (приредувачи), Џинџуџе во земјата на афионите: Антологија на македонскиот краток расказ. Скопје: Темплум, 2022, стр. 152-153.
- ↑ Гето Руди, Можеше да биде реми. Скопје: Темплум, 2017, стр. 53-56.
- ↑ YouTube, The Beach Boys - Bicycle Rider Theme (пристапено на 25.8.2017)
- ↑ Discogs, Pink Floyd – The Piper At The Gates Of Dawn (пристапено на 25.2.2021)
|