Џамијата Хаџи Балабан — џамија во Скопје, којашто се наоѓа на просторот меѓу Куршумли ан и џамијата Дуќанџик на периферијата на Старата скопска чаршија. Се претпоставува дека била изградена во текот на 15. век, а на натписот на влезната порта се споменува 1440 година. Денес, џамијата е сочувана во добра состојба, но во изменет облик, што се должи на бројните промени коишто ги претрпела по оштетувањата низ историјата.[1]
Покривот на џамијата е со четириаголен облик и е изработен од ќерамиди, а под него е сместен и тремот од градбата, кого го сочинуваат два мермерни столба со украси на капителите и базисите и посочуваат на тоа дека тремот бил сводно покриен. Во внатрешноста на објектот се пронајдени остатоци од сводна конструкција, кои наведуваат дека над молитвениот простор се наоѓала купола. Минарето е високо и има многуаголен облик, а со својата автентичност се одликува во горниот дел.[1]