Бит-пазар (Скопје)
Бит-пазар — пазариште во Скопје, кое се наоѓа на влезот во Старата скопска чаршија од нејзината северна страна, крај некогашната главна северна порта. Просторот на кој се наоѓа пазариштето е ограден и во неговата внатрешност се наоѓаат тезги и привремени дуќани. Како и во средниот век, и денес не е дозволена изградбата на трајни објекти, туку само изнајмување под наем на простор за тргување. Денес, пазариштето важи за центар на трговскиот живот во градот и главно место за снабдување на жителите на Скопје со земјоделски и занаетчиски производи.[1]
Потекло на поимот
[уреди | уреди извор]Името „Бит-пазар“ настанало со спојување на турските зборови „бит“ (турски: bit; со значење „вошка, болва“) и „пазар“ (турски: pazar; со значење „пазар“), што во буквален превод би значело „болвин пазар“.
Историја
[уреди | уреди извор]Местото на коешто се простира пазариштето се наоѓало во средновековен Доленград и е точно она на кое се наоѓала манастирската ливада, на која во 11. век, манастирот „Св. Ѓорѓи Горгос Скоропостижник“ го организирал својот панаѓур на празникот Воведување во Храмот на Пресвета Богородица секоја година, а подоцна и неделни панаѓури во петок и вторник. Во текот на средниот век, пазаришниот простор се наоѓал надвор од бедемите на Доленград, т.е. во непосредна близина на северната порта, која водела на т.н. „Царски пат“. Но, во првите векови од отоманското владеење, бедемите биле срушени и останале само дуќаните од внатрешноста на Доленград, кои денес ја сочинуваат граничната линија на почетокот на чаршијата во правец север-југ. Денес, е задржана традицијата на пазарување во петок и во вторник, но поради зголемените потреби на населението, пазарот работи секој ден.[1]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 Бит-пазар[мртва врска], Проект „Стара скопска чаршија“.
|