Прејди на содржината

Хусеин-шахова џамија

Координати: 42°0′6.1″N 21°19′51.7″E / 42.001694° СГШ; 21.331028° ИГД / 42.001694; 21.331028
Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Џамија Хусеин Шах (Сарај))
Хусеин-шахова џамија

Поглед на џамијата

Координати: 42°0′6.1″N 21°19′51.7″E / 42.001694° СГШ; 21.331028° ИГД / 42.001694; 21.331028
Место Сарај, Македонија
Општина Сарај
Држава Македонија
Местоположба

Карта

Изградена XVI век
Архитектура
Минариња 1

Хусеин-шахова џамија (позната и како Џамија на Хусеин-шах) — џамија во скопското село Сарај, сместена на самиот влез во селото. Џамијата претставува дел од културното наследство на Македонија.

Местоположба

[уреди | уреди извор]

Комплексот на џамијата се наоѓа на околу петстотини метри од мостот на Вардар, на самиот влез кон селото Сарај.[1]

Историја

[уреди | уреди извор]

Џамијата била подигната од санџакбегот Хусеин-шах кон средината на XVI век.[2]

Истата започнала да се гради во 1553 година и била завршена во 1566 година. Според натписот над влезот во џамијата, објектот завршил со градење кога Хусеин-шах веќе бил покоен.[1]

Џамијата неколкупати била оштетена. Најпрвин при опожарувањето на Скопје од страна на Пиколомини во 1689 година, потоа за време на бугарската окупација во Втората светска војна, како и за Скопскиот земјотрес. После тоа, преземени се бројни конзерваторски зафати, кои видно го измениле изгледот на џамијата.[1]

Во 2017 година биле извршени сондажни археолошки истражувања, кои биле потребни за изработка на проект за конзервација и реставрација на џамијата. По нив следеле конзерваторски работи на објектот, турбето и двориштето и истите завршиле во 2018 година. Пред џамијата бил подигнат нов стаклен трем.[1]

Архитектура

[уреди | уреди извор]

Комплексот на џамијата го сочинуваат една џамија, турбе, гробови на турски достоинственици, шадрван и други административни градби. Се знае дека во минатото постоела и медреса, која денес е срушена и не се знае нејзината точна местоположба.[1]

Има квадратна основа засводена со купола, а денешниот изглед на тремот го добил по рестраврацијата од Скопскиот земјотрес во 1963 година.[2]

Била градена од камен, а куполата е поставена на низок осумаголем тамбур и е покриена со ќерамиди. Во неа се влегува од север, директно преку врата со камена рамка и скромно украсен портал, односно плитка ниша во која е вградена мермерна плоча со натпис на арапски букви.[1]

Тремот првично не постоел, но со последните конзерваторски зафати била изградена современа верзија на трем каде е сместено душемето за молење.[1]

Минарето на џамијата се наоѓа на западната страна, тоа е витко и е висока 22,5 метри. Била изградено од обработен камен. Под шерефето се наоѓаат убави сталактитни украси. Скалите се составени од 80 скалила.[1]

Во дворот на џамијата се наоѓа шестострано затворено турбе, во кое е погребан самиот ктитор на џамијата, Хусеин-шах (1566/1567 г.).[2]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 Велкоска, Сања Ивановска (2019-12-31). „СОНДАЖНИ АРХЕОЛОШКИ ИСТРАЖУВАЊА НА КОМПЛЕКСОТ НА ХУСЕИН-ШАХ ЏАМИЈА ВО САРАЈ, СКОПЈЕ“. Археолошки Информатор (хрватски). 3: 89–101. ISSN 2545-4536.
  2. 2,0 2,1 2,2 Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Џамија“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 1638. Text "series " ignored (help)