Фредрик Јунгберг
Фредрик Јунгберг | |||
---|---|---|---|
Лични податоци | |||
Роден на | 16 април 1977 | ||
Роден во | Витсје, Шведска | ||
Држава | Шведска | ||
Висина | м | 1,75||
Играчки податоци | |||
Позиција | среден ред | ||
Сегашен клуб | Арсенал (асистент тренер) | ||
Повлекување | 9 декември 2014 (37 г.) | ||
Младинска кариера | |||
Халмштад | |||
Кариера* | |||
Години | Клуб | Наст.† | (Гол.)† |
1994-1998 | Халмштад | 79 | (10) |
1998-2007 | Арсенал | 216 | (46) |
2007-2008 | Вест Хем Јунајтед | 25 | (2) |
2009-2010 | Сиетл Саундерс | 37 | (2) |
2010 | Чикаго Фајр | 15 | (2) |
2011 | Селтик | 7 | (0) |
2011-2012 | Шимицу С-Пулс | 8 | (0) |
2014 | Мумбај Сити | 4 | (0) |
Репрезентација ‡ | |||
1993 | Шведска 16 | 4 | (2) |
1994 | Шведска 18 | 8 | (1) |
1995-1998 | Шведска 21 | 12 | (5) |
1998-2008 | Шведска | 75 | (14) |
Раководител на екипите | |||
2016–2017 | Арсенал (под 15) | ||
2017 | Волфсбург (асистент) | ||
2018–2019 | Арсенал (под 23) | ||
2019– | Арсенал (асистент) | ||
2019 | Арсенал (в.д.) | ||
* Ажурирано на: 6 јануари 2011 ** Ажурирано на: 17 ноември 2010 |
Карл Фредрик Јунгберг (роден на 16 април 1977 година во Витсје) — шведски фудбалски тренер и поранешен фудбалер, играч од средниот ред. Моментално е асистент тренер на Арсенал.[1][2]
Јунгберг ја започнал својата кариера во Халмштад, а потоа ја продолжил во Арсенал каде го поминал поголемиот дел од неа. За време на својот период со топџиите освоил неколку трофеи вклучувајќи две титули во Премиер лигата и три ФА Купа. По заминувањето од Арсенал во 2007 година, тој поминал една сезона во Вест Хем Јунајтед, а потоа имал и кратки периоди во САД во МЛС лигата каде настапувал за Сиетл Саундерс и Чикаго Фајр, потоа во Шкотска во дресот на Селтик и во Јапонија со Шимицу С-Пулс, а кариерата ја завршил во 2014 година со индискиот Мумбај Сити.
Јунгберг има 75 настапи и 14 голови за Шведска во периодот 1998-2008. Тој ја претставувал својата земја на три Европски првенства во 2000, 2004 и 2008 и на две Светски првенства во 2002 и 2006. Исто така бил и капитен на репрезентацијата од 2006 година, па сè до своето повлекување во 2008 година.
Јунгберг, исто така, работел како модел за долна облека за Келвин Клајн.[3] Претходно тој претставувал брендови како Најк, Procter & Gamble, L'Oreal, Пума, Beats, ESPN и Пепси.
Технички карактеристики
[уреди | уреди извор]Многу разноврсен играч, кој играл речиси на сите позиции во средниот ред: најчесто како крило на двете страни од теренот, но исто така и како централен играч за врска во 4-5-1 формација, а доста добро, се снаоѓал и како втор напаѓач. По заминувањето на Емануел Пети и Марк Овермарс, Јунгберг станал постојан стартер во почетниот состав на Арсенал.
Животопис
[уреди | уреди извор]Семејство
[уреди | уреди извор]Јунгберг е роден на 16 април 1977 во Витсје, како син на Рој Ерлинг Јунгберг и Елисабет Бодил Јунгберг. Неговиот татко бил сопственик на градежна компанија, додека мајка му била вработена во шведскиот оддел за труд.[4] Фредрик има помал брат Карл Оскар Филип роден во 1984 година.[5] Во 1982 година, семејството Јунгберг го напуштило Витсје и се преселило во Халмштад.
Детство
[уреди | уреди извор]По преселбата во Хамштад, Јунгберг ја започнал својата фудбалска кариера во екипата на ФК Халмштад, каде тренер во младинскиот тим му бил Оле Ериксон.[5] Впечатокот на Ериксон за младото момче бил дека тој е неверојатно талентиран за својата возраст и дека е повеќе посветен и помалку себичен од другите играчи, истакнувајќи дека Јунгберг секогаш ќе ја додаде топката на своите пријатели, како би имале шанса да постигнат гол.[6] Тој ги истакнал бразилскиот фудбалер Сократес и неговиот тренер Ериксон како фудбалери кои имале најголемо влијание врз неговата кариера во детството.[7] Во својата рана возраст, Јунгберг покрај фудбал играл и хокеј на мраз и ракомет,[8] но на крајот се определил за фудбалот.
Сопруга и деца
[уреди | уреди извор]Јунгберг, се оженил на 9 јуни 2014 година со својата долгогодишна партнерка Натали Фостер, со која се запознал во 2007 година. Тие имаат две деца.[9]
Останато
[уреди | уреди извор]Додека играл во Англија, Јунгберг бил познат по прекарот Фреди (што претставува англиска верзија на неговото родно име).
Во 2003 година, тој потпишал договор како машки модел за долна облека за Келвин Клајн, пред една светска кампања која станала една од најуспешните на Клајн досега.[10] Покрај тоа, тој бил спонзориран од спортската компанија Најк и се појавил во неколку реклами на оваа комапнија.
Клупска кариера
[уреди | уреди извор]Халмштад
[уреди | уреди извор]Во 1989 година, на возраст од 12 години, Јунгберг ги убедил својте тренери во Халмштад да го преместат од П12 во П14 екипата, што било против политиката на клубот во тоа време.[11] На 14 години, тој се приклучил на јуниорскиот тим под водство на тренерот Роберт Нордстром. Неговата упорност се исплатела затоа што три години подоцна тој бил преместен во сениорскиот тим.
Своето деби за првиот тим на Халмштад го направил на 23 октомври 1994 година, против АИК во Алсвенскан. Во 1995 година, Јунгберг одиграл 31 натпревар во кои го постигнал и својот прв гол како професионален играч. Истата година, со Халмштад го освоил Купот на Шведска. Во 1997 година, Халмштад ја освоил титулата во Алсвенскан додека Јунгберг имал важна улога за успехот придонесувајќи со 5 гола во 24 настапи, и покрај тоа што пропуштил дел од натпреварите поради повреди.
Вкупно за Халмштад одиграл 139 натпревари и постигнал 16 голови. Во 1998 година, бројни клубови покажале интерес за него меѓу кои биле и Барселона, Челси, Астон Вила, Парма и Арсенал.[12]
Арсенал
[уреди | уреди извор]Во 1998 година, Јунгберг потпишал за Арсенал за 3 милиони фунти. Скаутите на Арсенал го следеле Јунберг повеќе од една година, а менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер, ја дал својата согласност за потпишување на играчот, откако го гледал на телевизија како игра за Шведска во нивната победа против Англија во квалификациите за Европското првенство 2000.[13] Јунгберг се вклопил во тимот на Арсенал без потешкотии и ја докажал својата класа уште на своето деби на 20 септември, постигнувајќи гол во дербито против Манчестер Јунајтед што завршило 3-0 за Арсенал.[14] Тој влегол од клупата за резерви на местото на Николас Анелка во 79-тата минута и само пет минути подоцна ја сместил топката во мрежата на црвените ѓаволи. Јунгберг забележал 21 настап (и еден гол) во сите натпреварувања за Арсенал во неговата прва сезона во клубот, и 43 (и 8 гола) во втората сезона помагајќи им на топџиите да го освојат трофејот во Черити Шилд.[15] Тој исто така дал важен придонес во Купот на УЕФА, каде постигнал еден гол во победата со 2-0 на домашен терен над Вердер Бремен во четвртфиналето, меѓутоа бил приморан да го пропушти финалето против Галатасарај поради повреда на ребрата.[16] На крајот од неговата трета сезона во Арсенал, 2000-2001, Јунгберг играл со својот тим во финалето на ФА Купот 2001 против Ливерпул и со својот гол го отворил резултатот во финалето носејќи го Арсенал во водство од 1-0, но во самата завршница со два гола на Мајкл Овен Ливерпул го свртел резултатот и го освоил трофејот.[17] Јунгберг станал првиот играч кој постигнал гол во финале на ФА Купот одиграно надвор од Англија, бидејќи ова било и првото финале од неколкуте одиграни на стадионот Милениум во Кардиф.
За време на сезоната 2001-2002, Јунгберг ја имал својата најдобра година во Арсенал постигнувајќи 17 гола (од кои 12 биле во Премиер лигата) на 39 натпревари во сите натпреварувања, придонесувајќи за освојувањето на двојната круна на „топџиите“: Премиер лигата и ФА Купот. Тој особено влегол во добра форма кон крајот на сезоната, кога по повредата на Робер Пирес започнал да го менува французинот играјќи на неговата позиција како десно крило. Во месец април Јунгберг постигнал гол во секој од натпреварите на Арсенал во Премиер лигата во тој месец, вклучувајќи ги и двата гола против Ипсвич Таун во победата со 2-0, со што дошол до бројката од 6 гола во 5 натпревари за тој месец. Сите тие пет натпревари во кои Јунгберг бил стрелец биле добиени од страна на неговиот тим. Како резултат на својата одлична форма бил избран за Играч на месецот во Премиер лигата за април 2002, а потоа бил избран и за Играч на сезоната во Премиер лигата. Тој исто така, го постигнал вториот гол за Арсенал во победата со 2-0 над Челси во финалето на ФА Купот 2002, со што станал првиот играч по повеќе од 40 години кој постигнал гол во две последователни финалиња на овој турнир.[18]
Во сезоната 2002-2003, Јунгберг му помогнал на Арсенал да стигне до третото последователно финале во ФА Купот. Тој го постигнал победничкиот гол во полуфиналето против Шефилд Јунајтед,[19] и потоа го започнал финалето во почетната постава на Арсенал во кое тие го победиле Саутхемптон со 1-0. Токму по блокираниот удар на Јунгберг, топката се одбила до Пирес кој го постигнал победничкиот гол во финалето.[20] За време на оваа сезона, тој го постигнал и својот прв хет-трик во дресот на Арсенал во победата со 4-0 на гостувањето кај Сандерленд во последното коло од Премиер лигата.[21]
Јунгберг бил дел од тимот на Арсенал и во следната сезона, 2003-2004, кога тие станале The Invincibles (непобедливите) забележувајќи 30 настапи и 4 гола.[22] Тој го постигнал победничкиот гол против Тотенхем во Севернолондонското дерби.[23]
За време на сезоната 2004-2005, играл во своето четврто финале во ФА Купот, кога се појавил во игра од клупата за резерви и прецизно реализирал пенал во победата на Арсенал со 5-4 по изведување на пенали над Манчестер Јунајтед.[24]
Во 2005 година, тој страдал од постојана повреда на колкот што довела до стравувања дека тој можеби заболел од карцином, кои биле неосновани. Подоцна се покажало дека тој страдал од труење во крвта, предизвикано од неговите големи тетоважи.[25] За време на сезоната 2005-2006, тој се мачел со постојана повреда на глуждот, но и покрај тоа сепак играл за Арсенал во поразот со 2-1 од Барселона во Финалето на Лигата на шампионите одиграно во Париз на 17 мај 2006 година.[26]
Својот последен натпревар во дресот на Арсенал го одиграл на 21 април 2007 година, во ремито 2-2 против Тотенхем на Вајт Харт Лејн; во овој натпревар Јунгберг бил изваден од игра во првото полувреме поради повреда.
Вкупно за Арсенал одиграл 328 натпревари и постигнал 70 гола. Во 2008 година, тој се нашол на единаесеттото место помеѓу 50-те најдобри играчи на „топџиите“ во една анкета.[27]
Вест Хем Јунајтед
[уреди | уреди извор]На 23 јули 2007 година, по девет години во Арсенал, Јунгберг го напуштил клубот и им се приклучил на лондонските соперници Вест Хем Јунајтед потпишувајќи четиригодишен договор.[28] Своето деби за Вест Хем го направил во првото коло од сезоната 2007-2008, во поразот на домашен терен од Манчестер Сити со 0-2 на 11 август; тој исто така бил капитен на чеканите во овој натпревар. Својот прв гол за клубот го постигнал на 9 февруари 2008, во ремито 1-1 на домашен терен против Бирмингем Сити.[29] Својот втор и последен гол во дресот на Вест Хем, Јунгберг го постигнал во поразот со 2-1 на гостувањето кај Сандерленд, месец дена подоцна.[30]
Во летото 2008, тој го раскинал својот договор со Вест Хем, давајќи изјава во која вели: "Дадов се од себе во Вест Хем и уживав во моето време таму, но одлуката е најдобрата можна за двете страни. Сега, ќе одвојам време да ја разгледам мојата фудбалска иднина".[31]
Сиетл Саундерс
[уреди | уреди извор]На 28 октомври 2008, Јунгберг официјално потпишал за новата франшиза во американската МЛС лига Сиетл Саундерс со правилото за назначен играч.[32] Сепак, поради повреда тој морал да ги пропушти претсезонските подготовки на клубот во Аргентина, како и првото коло од МЛС 2009 против Њујорк Ред Булс. Тој го направил своето деби за Саундерс една недела подоцна, на 28 март 2009 година, влегувајќи како замена во 61-вата минута од победата со 2-0 над Реал Солт Лејк. На 4 април 2009, тој го забележал својот прв старт за американскиот клуб против Торонто, во кој го постигнал и првиот гол во МЛС.
Во јули 2009 година, Јунгберг бил избран за стартер во МЛС Ол-стар натпреварот заедно со неговиот тимски колега Кајси Келер. Изборот за Ол-стар тим се заснова врз основа на гласови од играчи, тренери, генерални менаџери, членови на медиумите и систем на гласање преку обожаватели на интернет. Јунгберг добил најмногу гласови кај навивачите, што било сведоштво за неговата популарност во МЛС. Јунгберг исто така бил назначен за капитен на Ол-стар тимот на МЛС во натпреварот против Евертон. Јунберг го одиграл целиот натпревар, но откако тој завршил нерешено 1-1 дошло до изведување на пенали, каде тој бил трагичар промашувајќи во последната серија и Евертон победил со 4-3 на пенали.[33]
На 2 септември 2009, тој му помогнал на Сиетл да го освои својот прв трофеј во клупската историја, Отворениот куп на САД, победувајќи го Ди Си Јунајтед во финалето со 2-1;[34] Јунгберг го одиграл целиот натпревар. Тој исто така, им помогнал на да се пласираат во плејофот на МЛС купот, каде биле елиминирани од Хјустон Дајнамо во конференциското полуфинале, со пораз од 0-1 на домашен терен по продолженија, откако двата натпревари претходно завршиле без голови 0-0.
Следната сезона Јунгберг одиграл 15 натпревари за Саундерс во МЛС, пред да го напушти клубот во средината на сезоната.
Чикаго Фајр
[уреди | уреди извор]Јунгберг бил разменет во друг МЛС клуб, Чикаго Фајр на 30 јули 2010 година, во замена за избор од втората рунда на МЛС Супердрафтот 2011.[35] Своето деби го направил влегувајќи како замена во победата со 3-2 над Лос Анџелес Галакси два дена подоцна.[36] Сепак, откако клубот не успеал да се квалификува за плејофот на МЛС купот, по само 15 натпревари во кои постигнал и два гола Јунгберг го напуштил Чикаго Фајр по завршувањето на сезоната.[37]
Селтик
[уреди | уреди извор]На 27 декември 2010 година, Јунгберг се вратил во Европа каде му се приклучил на шкотскиот гигант Селтик на еднонеделна проба.[38] Откако пробниот период го завршил успешно, тој официјално потпишал договор со клубот на 30 декември 2010 година.[39] Јунгберг дебитирал во дресот на Селтик против Берик Ренџерс во Купот на Шкотска на 9 јануари 2011 година, играјќи повеќе од 60 минути и помагајќи му на својот тим да оствари победа од 2-0.[40] Првиот натпревар во шкотското првенство го имал три дена подоцна, влегувајќи како замена на местото на Џо Ледли во 75-тата минута во ремито 1-1 на гостувањето кај Хамилтон Академикал.
Како и во неговиот претходен клуб така и во Селтик, Јунгберг се задржал кратко само до крајот на сезоната 2010-2011 и забележал само 8 настапи без постигнат гол.
Шимицу С-Пулс, Мумбај Сити и пензионирање
[уреди | уреди извор]На 6 септември 2011 година, Јунгберг потпишал за јапонскиот тим Шимицу С-Пулс.[41] На 14 февруари по само 10 одиграни натпревари го раскинал договорот со клубот со обострана согласност.[42]
Потоа, тој бил во преговори со неколку клубови, но во меѓувреме станал амбасадор на Премиер лигата која ја промовирал низ светот.[43] Со цел да се посвети на оваа работа, на 24 август 2012 година, Јунгберг го најавил своето пензионирање од фудбалот.[44]
На 25 јули 2014 година, Јунгберг најавил кам-бек на фудбалските терени со цел промовирање на отворањето на Индиската Супер лига.[45] На 2 септември, тој потпишал со еден од тамошните клубови, Мумбај Сити.[46][47] Поради повреда, тој го пропуштил воведниот натпревар на својот тим во лигата, поразот со 3-0 од Атлетико де Колката на 12 октомври.[48] Враќањето на Јунгберг на терените било кратко поради постојаните проблеми со грбот. После само четири одиграни натпревари, тој решил да го заврши договорот и да се врати во неговиот дом во Лондон со што дефинитивно била завршена неговата играчка кариера.[49]
Репрезентативна кариера
[уреди | уреди извор]Млади репрезентации
[уреди | уреди извор]Јунгберг ја претставувал Шведска на младинско ниво во репрезентациите под 16 и под 18 години.
Во 1996 година, тој го направил своето деби за репрезентацијата под 21 година против Данска. Тогашниот селектор на репрезентацијата под 21 година Ларс Лагербек се сомневал во Јунгберг заради неговите физички предиспозиции, но по натпреварот изјавил: "Тој (Јунгберг) ме убеди прилично брзо дека е добар играч дури иако е многу мал, тој беше многу брз“.[50]
Откако и помогнал на Шведска да се квалификува за Европското првенство за играчи под 21 година 1998 постигнувајќи 4 гола во квалификациите, Јунгберг се нашол во составот и за самиот турнир кој се одржал во Романија. Тој одиграл еден натпревар на турнирот, а Шведска го освоила шестото место.
Сениорска репрезентација
[уреди | уреди извор]Своето деби за сениорската репрезентација на Шведска го направил на 24 јануари 1998 против САД, во пријателски натпревар одигран во Орландо.[51] Својот прв гол го постигнал во Малме против Данска во победата со 3–0.[11]
Својот прв репрезентативен турнир со сениорите го имал на Европското првенство 2000, каде настапил на сите три натпревари на неговата земја, но швеѓаните биле елиминирани уште во групната фаза.
Две години подоцна Јунгберг бил повикан да учествува и на Светското првенство 2002. Пред почетокот на турнирот тој се нашол во непријатна ситуација кога за време на еден отворен тренинг на репрезентацијата започнал тепачка со соиграчот Олоф Мелберг, откако тој стартувал опасно врз Јунгберг што воопшто не му се допаднало.[52] Иако тие набрзо биле разделени од останатите соиграчите, сепак снимката од тренингот со инцидентот за неколку часа веќе се нашла на интернет.[52]
Шведска била во "групата на смртта" на ова првенство заедно со Аргентина, Англија и Нигерија. Јунгберг играл само во првите два натпревари на Шведска на турнирот ремито 1-1 со Англија и победата со 2-1 над Нигерија, но поради повреда на колкот морал да го пропушти остатокот од турнирот. Откако Шведска ја минала групната фаза, била елиминирана во осминафиналето од Сенегал со златен гол.
Во квалификациите за Европското првенство 2004, Јунгберг постигнал еден гол во 5 натпревари помагајќи Blågult да се пласираат на завршниот турнир во Португалија. На отворањето на првенството, тој постигнал гол во победата со 5-0 над Бугарија.[53] Тој ги започнал во почетната постава и следните два натпревари против Италија и Данска, кои и двете завршиле нерешено, па така откако Шведска, Данска и Италија сите имале ист број на бодови, понатаму минале Шведска и Данска поради ремито со најмногу голови во меѓусебните двобои. Сепак, во четвртфиналето Шведска била елиминирана на пенали од Холандија и покрај тоа што Јунгберг бил еден од прецизните изведувачи за својата репрезентација.[54]
Јунгберг постигнал 7 гола за Шведска во квалификациите за Светското првенство 2006. Непосредно пред почетокот на првенството тимскиот доктор Магнус Форсблад му забранил на Јунгберг да тренира меѓу натпреварите за да го заштити повреденото стапало. И покрај тоа што не бил целосно фит, Јунгберг бил важна алка во составот на викинзите. По слабиот почеток и не можноста да постигнат гол во првиот натпревар против Тринидад и Тобаго (0-0) тие успеале да ја минат групната фаза, а токму тој ја донел клучната победа во групата против Парагвај (1-0) во второто коло со својот гол во 89-тата минута.[55] Надежите за подобар резултат од претходниот мундијал за Шведска згаснале повторно во осминафиналето каде биле елиминирани од домаќинот Германија со 2-0.[56]
По завршувањето на Светското првенство 2006, Јунгберг бил назначен за капитен на Шведска. Како капитен, тој ја водел својата репрезентација до пласман на Европското првенство 2008 во Австрија и Швајцарија. Тој ги одиграл сите три натпревари на Шведска на турнирот со капитенската лента. Откако ја победиле Грција, швеѓаните загубиле од Шпанија и Русија и испаднале уште во групната фаза.
На 27 јуни 2008, Јунгберг го објавил своето повлекување од репрезентацијата по десетгодишна служба.[57] Вкупно за Шведска одиграл 75 натпревари и постигнал 14 голови.[57]
Хронологија на репрезентативните настапи
[уреди | уреди извор]Статистика
[уреди | уреди извор]Клупска статистика
[уреди | уреди извор]Сезона | Клуб | Првенство | Национален куп | Континентален куп | Останати купови | Вкупно | |||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Лига | Наст | Гол | Лига | Наст | Гол | Лига | Наст | Гол | Лига | Наст | Гол | Наст | Гол | ||
1994 | Халмштад | А | 1 | 0 | КШ | ? | ? | - | - | - | - | - | - | 1 | 0 |
1995 | А | 16 | 1 | КШ | ? | ? | КПК | 4 | 0 | - | - | - | 20 | 1 | |
1996 | А | 20 | 2 | КШ | ? | ? | КУ | 2 | 0 | - | - | - | 22 | 2 | |
1997 | А | 24 | 5 | КШ | ? | ? | ИК | 1 | 0 | - | - | - | 25 | 5 | |
1998 | А | 18 | 2 | КШ | ? | ? | - | - | - | - | - | - | 18 | 2 | |
Вкупно Халмштад | 79 | 10 | - | ? | ? | - | 7 | 0 | - | - | - | 86 | 10 | ||
1998-1999 | Арсенал | ПЛ | 16 | 1 | ФАКуп+ЛК | 3+2 | 0+0 | ЛШ | 2 | 0 | - | - | - | 23 | 1 |
1999-2000 | ПЛ | 26 | 6 | ФАКуп+ЛК | 1+0 | 0+0 | ЛШ+КУ | 8+6 | 1+1 | ЧШ | 1 | 0 | 42 | 8 | |
2000-2001 | ПЛ | 30 | 6 | ФАКуп+ЛК | 5+0 | 1+0 | ЛШ | 13 | 2 | - | - | - | 48 | 9 | |
2001-2002 | ПЛ | 25 | 12 | ФАКуп+ЛК | 4+0 | 1+0 | ЛШ | 9 | 3 | - | - | - | 38 | 16 | |
2002-2003 | ПЛ | 20 | 6 | ФАКуп+ЛК | 4+0 | 1+0 | ЛШ | 8 | 2 | - | - | - | 32 | 9 | |
2003-2004 | ПЛ | 30 | 3 | ФАКуп+ЛК | 4+0 | 4+0 | ЛШ | 9 | 2 | КШ | 1 | 0 | 44 | 9 | |
2004-2005 | ПЛ | 26 | 10 | ФАКуп+ЛК | 6+0 | 2+0 | ЛШ | 6 | 2 | КШ | - | - | 38 | 14 | |
2005-2006 | ПЛ | 25 | 1 | ФАКуп+ЛК | 1+1 | 0+0 | ЛШ | 9 | 1 | КШ | 1 | 0 | 37 | 2 | |
2006-2007 | ПЛ | 18 | 0 | ФАКуп+ЛК | 3+0 | 1+0 | ЛШ | 5[58] | 1[59] | - | - | - | 26 | 2 | |
Вкупно Арсенал | 216 | 45 | - | 34 | 10 | - | 75 | 15 | - | 3 | 0 | 328 | 70 | ||
2007-2008 | Вест Хем Јунајтед | ПЛ | 25 | 2 | ФАКуп+ЛК | 1+2 | 0+0 | - | - | - | - | - | - | 28 | 2 |
2009 | Сиетл Саундерс | МЛС | 22+2[60] | 2+0 | УСКуп | 1 | 0 | - | - | - | - | - | - | 25 | 2 |
јан.-авг. 2010 | МЛС | 15 | 0 | - | - | - | - | - | - | - | - | - | 15 | 0 | |
Вкупно Сиетл Саундерс | 39 | 2 | - | 1 | 0 | - | - | - | - | - | - | 40 | 2 | ||
авг.-дек. 2010 | Чикаго Фајр | МЛС | 15 | 2 | - | - | - | - | - | - | - | - | - | 15 | 2 |
јан.-јун. 2011 | Селтик | ШПЛ | 7 | 0 | КШ+ЛК | 1+0 | 0+0 | - | - | - | - | - | - | 8 | 0 |
2011 | Шимицу С-Пулс | Џ1 | 8 | 0 | КИмп.+КЏЛ | 1+2 | 0+0 | - | - | - | - | - | - | 11 | 0 |
јул.-сеп. 2014 | Мумбај Сити | ИСЛ | 4 | 0 | - | - | - | - | - | - | - | - | - | 4 | 0 |
Вкупно во кариерата | 393 | 61 | - | 42 | 10 | - | 82 | 15 | - | 3 | 0 | 520 | 86 |
Репрезентативна статистика
[уреди | уреди извор]Извор:[61]
Фудбалска репрезентација на Шведска | ||
---|---|---|
Год. | Наст | Гол |
1998 | 6 | 1 |
1999 | 7 | 1 |
2000 | 8 | 0 |
2001 | 9 | 0 |
2002 | 5 | 0 |
2003 | 4 | 1 |
2004 | 10 | 4 |
2005 | 7 | 5 |
2006 | 8 | 1 |
2007 | 6 | 1 |
2008 | 5 | 0 |
Вкупно | 75 | 14 |
Титули
[уреди | уреди извор]
Клупски[уреди | уреди извор]Халмштад[уреди | уреди извор]
Арсенал[уреди | уреди извор]
Сиетл Саундерс[уреди | уреди извор]
|
Поединечни[уреди | уреди извор]
|
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Freddie Ljungberg is appointed as Arsenal assistant coach“. www.bbc.com.
- ↑ „Teams: Staff“. Arsenal FC. Архивирано од изворникот на 2019-08-07. Посетено на 22 June 2019.
- ↑ „Celebrity men: Freddie Ljungberg“. Women Republic. Архивирано од изворникот на 23 June 2009. Посетено на 8 June 2009.
- ↑ Armstrong, Jeremy (9 October 1999). „I'll beat Poles for the Mirror; Swedish star Freddie Ljungberg's promise to fans“. Daily Mirror. Посетено на 9 March 2010.
- ↑ 5,0 5,1 Maaherra, Peter (17 June 2006). „Så formades den svenska modellen“. Aftonbladet.
- ↑ „Östergötlands största nyhetssajt“. Corren.se. Архивирано од изворникот на 2014-03-02. Посетено на 23 February 2014.
- ↑ Anrell, Lasse (24 November 2002). „Sluta med hyckleriet“. Aftonbladet.
- ↑ Davies, Gareth A (6 May 2002). „My Sport: Freddie Ljungberg“. Daily Telegraph. Посетено на 23 February 2014.
- ↑ Goss, Alexandra (27 September 2017). „Moving on“. The Times. Посетено на 22 August 2018.
- ↑ „Briefs success – How Freddie Ljungberg scored for Calvin Klein“ (PDF). GQ Magazine. February 2005. Архивирано од изворникот (PDF) на 5 February 2009. Посетено на 23 February 2014.
- ↑ 11,0 11,1 „Jag är oerhört stolt och hedrad“. Aftonbladet. 19 November 2002. Посетено на 5 September 2009.
- ↑ „Possible New Arsenal signing“. Arseweb. 11 September 1998. Архивирано од изворникот на 2021-03-25. Посетено на 8 June 2009.
- ↑ „Awful England suffer Stockholm shocker“. BBC Sport. 6 September 1998. Посетено на 30 March 2020.
- ↑ Moore, Glenn (20 September 1998). „United eclipsed by the champions“. The Independent. Посетено на 26 December 2010.
- ↑ „Натпревари одиграни од Fredrik Ljungberg во 1999/2000“. Soccerbase. Centurycomm. Посетено на 2020-03-30.
- ↑ „Gunners favoured over Galatasaray in UEFA Cup final“. cbc.ca. 15 May 2000. Посетено на 30 March 2020.
- ↑ „Arsenal 1 - 2 Liverpool“. Guardian. 12 May 2001. Посетено на 30 March 2020.
- ↑ „Arsenal lift FA Cup“. BBC.co.uk.
- ↑ „Arsenal sink brave Blades“. BBC Sport. 13 April 2003. Посетено на 30 March 2020.
- ↑ „Arsenal retain FA Cup“. BBC. 17 May 2003. Посетено на 29 March 2020.
- ↑ „Ljungberg treble sinks Sunderland“. BBC. 11 May 2003. Посетено на 29 March 2020.
- ↑ „Натпревари одиграни од Fredrik Ljungberg во 2003/2004“. Soccerbase. Centurycomm. Посетено на 2020-03-30.
- ↑ „Arsenal break Spurs hearts“. BBC. 8 November 2003. Посетено на 30 March 2020.
- ↑ „Arsenal 0-0 Man Utd (aet)“. BBC Sport. 21 May 2005. Посетено на 27 March 2020.
- ↑ Gardham, Duncan (21 May 2005). „Soccer star in health scare over tattoo ink“. Telegraph. Посетено на 23 February 2014.
- ↑ „Barcelona 2-1 Arsenal“. BBC. 17 May 2006. Посетено на 30 March 2020.
- ↑ „Greatest Players - 11. Freddie Ljungberg“. Arsenal FC. 17 July 2008. Архивирано од изворникот на 8 February 2009.
- ↑ Hodges, Vicki (23 July 2007). „West Ham sign Freddie Ljungberg“. The Daily Telegraph. Посетено на 8 June 2009.
- ↑ Phillips, Owen (9 February 2008). „West Ham 1–1 Birmingham“. BBC Sport. Посетено на 27 August 2009.
- ↑ Holt, Sarah (29 March 2008). „Sunderland 2–1 West Ham“. BBC Sport. Посетено на 27 August 2009.
- ↑ „West Ham release Freddie Ljungberg“. The Local. 6 August 2008. Посетено на 8 June 2009.
- ↑ „Freddie Ljungberg set to earn $10m after signing for Seattle Sounders“. Mirror. 28 October 2008. Посетено на 23 February 2014.
- ↑ „MLS All-Star Game 2009“. 29 јули 2009. Архивирано од изворникот на 2012-12-28. Посетено на 18 мај 2020.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
- ↑ 34,0 34,1 34,2 „Freddie Ljungberg traded to Chicago Fire“. Sounders FC. 30 July 2010. Посетено на 6 October 2014.
- ↑ Mayers, Joshua (30 July 2010). „Sounders trade Freddie Ljungberg to Chicago Fire“. The Seattle Times. Архивирано од изворникот на 19 October 2012. Посетено на 6 December 2019.
- ↑ „Ljungberg joins Fire for huge win over Galaxy“. 2 August 2010. Архивирано од изворникот на 2010-08-04. Посетено на 9 August 2010.
- ↑ As the roster churns: Chicago Fire undergoing significant overhaul SB Nation, 29 November 2010
- ↑ „Celtic manager Neil Lennon confirms Ljungberg trial“. BBC Sport. 26 December 2010. Посетено на 27 December 2010.
- ↑ „Freddie Ljungberg signs for Celtic“. Celtic F.C. 30 December 2010. Архивирано од изворникот на 2 January 2011. Посетено на 23 February 2014.
- ↑ Neil Lennon happy at Freddie Ljungberg's Celtic debut BBC Sport, 9 January 2011
- ↑ Flinck, Johan (27 August 2011). „Ljungberg klar för ny klubb – i Japan“. Aftonbladet (шведски). Посетено на 27 August 2011.
- ↑ フレドリック ユングベリ選手との契約合意解除について. Shimizu S-Pulse (јапонски). 14 February 2012. Посетено на 14 February 2012.
- ↑ „Premier League connections: Freddie Ljungberg (4:42)“. Premier League official website. 8 March 2012. Архивирано од изворникот на 22 March 2014. Посетено на 28 October 2012.
- ↑ „Former Arsenal star Ljungberg announces retirement“. 24 August 2012. Архивирано од изворникот на 2016-03-06. Посетено на 28 October 2012.
- ↑ https://www.espn.co.uk/football/league-name/story/1959850/headline
- ↑ „Mumbai, Goa to settle for Arsenal legends“. Times of India. Посетено на 2 September 2014.
- ↑ writer, Dev Trehan Indian football. „Indian Super League: Freddie Ljungberg excited by tournament“.
- ↑ https://timesofindia.indiatimes.com/sports/football/indian-super-league/top-stories/Atletico-de-Kolkata-beat-Mumbai-City-FC-3-0-in-ISL-opener/articleshow/44794124.cms
- ↑ „Ljungberg lämnar indiska ligan i förtid“.
- ↑ Gordon, Phil (10 November 1996). „A lesson in Swedish“. The Independent. Посетено на 2 May 2010.
- ↑ Tommys pojkar Aftonbladet, 13 October 1998
- ↑ 52,0 52,1 „Ljungberg grabs Mellberg in training melee“. The Guardian. Guardian News and Media. 23 May 2002. Посетено на 7 September 2013.
- ↑ „Sweden 5-0 Bulgaria“. BBC. 14 јуни 2004. Посетено на 18 мај 2020.
- ↑ „Holland end Swede dream“. BBC. 26 јуни 2004. Посетено на 18 мај 2020.
- ↑ Soccer: Ljungberg goal edges out Paraguay nzherald 16.06.2006
- ↑ „Germany 2-0 Sweden“ (англиски). BBC. 24 јуни 2006. Посетено на 18 мај 2020.
- ↑ 57,0 57,1 „Ljungberg announces retirement“. Sky Sports. BSkyB. 27 June 2008. Архивирано од изворникот на 19 September 2008. Посетено на 7 September 2013.
- ↑ 1 Во квалификациите.
- ↑ Во квалификациите.
- ↑ Во плејофот.
- ↑ „Ljungberg, Fredrik“. National-Football-Teams.com. Посетено на 19 мај 2020.
- ↑ 62,0 62,1 „Fredrik Ljungberg: Overview“. Premier League. Посетено на 28 September 2018.
- ↑ „ESM XI 2001/02“. RSSSF. Посетено на 6 October 2014.
- ↑ „Ljungberg lands Swedish honour“. UEFA. 19 November 2002. Посетено на 6 October 2014.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Фредрик Јунгберг на soccerway
- Фредрик Јунгберг на transfermarkt
- Фредрик Јунгберг на espn
- Фредрик Јунгберг на whoscored
|
|
|