Рој Орбисон
Рој Келтон Орбисон (англ. Roy Kelton Orbison; 23 април 1936 – 6 декември 1988) ― американски пејач, текстописец и гитарист. Орбисон претежно пеел рок-песни, а најголем успех имал во раните 1960-ти и доцните 1980-ти. Поради оперскиот глас музичките критичари го нарекувале „Карузо на рокот“ и „Големиот О“. Настапувал со минимални движења на сцената и во црна облека која била во склад со неговата обоена црна коса и темните очила за сонце.
Орбисон е роден во Тексас и уште како тинејџер почнал да пее во рокабили и кантри-групи. Останал запаметен по неговите големи хитови: „Only the Lonely“ (1960), „Running Scared“ (1961), „Crying“ (1961), „In Dreams“ (1963) и „Oh, Pretty Woman“ (1964).
Во втората половина од 1960-тите, Орбисон доживеал многу семејни трагедии, а неговата популарност почнала да опаѓа. Повторно станал популарен во 1980-тите. Во 1988 година, тој бил коосновач на супергрупата „Traveling Wilburys“ со Џорџ Харисон, Боб Дилан, Том Пети и Џеф Лин. Орбисон починал од срцев удар во декември истата година, на 52-годишна возраст. Еден месец подоцна, неговата песна „You Got It“ (1989) била објавена како соло-сингл; станала негова прва песна која по речиси 25 години се пласирала во топ-10 во САД и во Велика Британија.
Во 1987 година, Орбисон бил примен во Куќата на славните на рокенролот и Куќата на славата на текстописците во Нешвил, во 1989 година во Куќата на славните текстописци и во 2014 година во Куќата и музејот на славните музичари. Добил Греми награда за животно дело и уште пет други Греми награди. Ролинг Стоун го ставил на 37-то место на неговиот список од „Најдобрите музичари на сите времиња“ и на 13-то место на списокот од „100 најдобри пејачи на сите времиња“. Во 2002 година, списанието Билборд го ставило на 74 место на нивната листа од „Топ-600 изведувачи“.
Детство и младост
[уреди | уреди извор]Орбисон е роден на 23 април 1936 година во Вернон, Тексас.[1] Тој бил втор од трите сина на Орби Ли Орбисон (1913-1984) и Надин Веста Шултс (1914-1992). Според биограгијата која ја напишал неговиот син, Авторизиран Рој Орбисон, семејството се преселило во Форт Ворт во 1942 година за да најде работа во фабриките за авиони.[2] Поради проблеми со видот, Рој носел очила од четиригодишна возраст.[3]
Семејството Орбисон во 1946 година се преселило во Винк, Тексас во потрага по работа.[4] Рој почнал да ја бојадисува својата речиси бела коса уште како млад.[5]
Кариера
[уреди | уреди извор]1949-1956: Член на групи
[уреди | уреди извор]Во 1949 година, Орбисон ја основал групата Wink Westerners.[6] Во групата членувале неговите школски другари: Били Пет Елис на тапани, Слоб Еванс на бас виолина, Ричард Вест на пијано и Џејмс Мороу на електрична мандолина.[7] Свиреле во месни барови за кантри-музика и имале своја неделна утринска радио-емисија на радио-станицата CURB од Кермит, Тексас.[8] На 15-годишна возраст, Орбисон решил да не биде гитарист, туку да ја користи гитарата како придружба за неговото пеење.[9]
Во 1953 година, Wink Westerners учествувале на натпревар за таленти на KMID-TV во Мидленд, Тексас.[10] Тие победиле на натпреварот и како награда добиле 30-минутна неделна емисија на месна телевизија.[11][12][10]
По завршувањето на средно училиште во 1954 година, Орбисон се запишал на Државниот колеџ во Северен Тексас во Дентон. Прво студирал геологија, но по завршување на првата година од студиите се префрлил на историја и англиски јазик.[6] Орбисон продолжил да настапува со Wink Westerners по неговата прва година на студии.[10] Потоа слушнал дека неговиот школски другар Пат Бун потпишал договор за снимање и тоа дополнително ја зајакнало неговата одлучност да стане професионален музичар.[13] На новогодишниот танц во 1954 година, Wink Westerners претежно свиреле кантри-музика, но настапот го завршиле со тоа што неколкупати ја отсвириле песната Shake, Rattle and Roll, што ја поттикнало групата да почне да свирирокенрол-музика.[14] Исто така, Орбисон го видел Елвис Присли како настапува во 1954 година и бил импресиониран од неговите шокантни лудории на сцената.
По завршувањето на семестарот, Орбисон се испишал од државниот колеџ во Северен Тексас и се префрлил на Колеџот Одеса.[15] The Wink Westerners се распаднале есента 1955 година и Орбисон основал нова група наречена The Teen Kings.[10] Орбисон ја запознал неговата идна сопруга Клодет Фрејди на игранка на која настапиле The Teen Kings.[16] Клодет тогаш имала четиринаесет години и била пет години помлада од Орбисон.[17]
Прва песна која ја снимиле The Teen Kings била „Ooby Dooby“, снимена во студиото на Норман Пети во Кловис, Ново Мексико во март 1956 година.[10] Откако „Ooby Dooby“ била издадена од Je-Wel Records, Орбисон сметал дека поголема дискографска куќа ќе може да продаде повеќе копии од плочата и разговарал со адвокат за прекршување на договорот со Je-Well.[18]
На крајот, Sun Records потпишала договор за снимање на Ooby Dooby.[19] Групата отишла во Sun Studio во Мемфис за повторно да ја снимат Ooby Dooby за да биде објавена од Sun Records.[20] По аудицијата на песната, Сем Филипс потпишал договор со групата на „една или две години“.
Сепак, групата била пред распаѓање затоа што Орбисон сакал да снима емотивни балади, а не рокабили-песни на кои инсистирал Сем Филипс.[21] Песната Ooby Dooby (заедно со Go Go Go ) била објавена во мај 1956 година.[22] [10] Во јуни 1956 година, Ooby Dooby се искачила на 59-то место на топ-листите на Билборд и била продадена во 200 000 примероци,[23] но следните нивно синглови не се пласирале на топ-листите.[6]
The Teen Kings свиреле заедно со Карл Перкинс, Џони Кеш, Ворен Смит и Еди Бонд во Овертон Парк Шел на 1 јуни 1956 година, но односите на Орбисон со остатокот од групата веќе биле влошени.[24] Норман Пети го наговорил Орбисон да сними сингл без The Teen Kings, а остатокот од групата го напуштиле Рој за време на снимањето откако им рекол дека сака да ја преименува групата во Roy Orbison and The Teen Kings.[25] Групата се распаднала во декември 1956 година.[6] Немањето група бил сериозен проблем за договорот на Орбисон со Sun Records, бидејќи дискографската куќа немала корист од пејач без група.[26]
1956–1959: Почетоци на соло-кариера
[уреди | уреди извор]По распаѓањето на The Teen Kings, Орбисон останал во Мемфис со неговата девојка Клодет.
Во август 1957 година, Орбисон се вратил во студиото наSun Recording и снимил неколку нови песни.[27] Сепак, песните не биле успешни и Рој се откажал од идејата да стане изведувач.[28] Орбисон се вратил во Западен Тексас за да биде заедно со неговата шеснаесетгодишна девојка Клодет.[29] Тие почнале да разговараат за брак. На професионално ниво, Орбисон се запознал со пејачот Џо Мелсон, кој ќе соработува со Орбисон на неговите хит песни од раните 1960-ти. [30]
Неговата песна „Claudette“, именувана по неговата девојка, била снимена од The Everly Brothers како Б-страна од нивниот број 1 хит „All I Have To Do Is Dream“.[31] Claudette се искачила до 30-то место на топ листите во март 1959 година.[6] Орбисон потоа ја напуштил Sun Records поради спор околу авторските права од песната Claudette (која била снимена од Nashville Records).[32] Орбисон и Клодет се венчале во 1957 година, а нивното прво дете се родило во 1958 година.[33] Со тантиемите од хитот Claudette, Орбисон го купил најскапиот нов Кадилак.[34] Сепак, Рој и Клодет веднаш ги потрошиле парите и набрзо биле шворц и живееле со родителите на Рој во Винк.[35]
Во периодот од 1958-1959 година, Орбисон работел како текстописец во Acuff-Rose Music.[6]
Во три сесии за снимање во 1958 и 1959 година, Орбисон снимил седум песни за RCA Victor; само два сингла (Paper Boy и With the Bug)[36] биле оценети како достојни за објавување од страна на издавачката куќа.[37] На крајот Чет Аткинс го упатил кај Фред Фостер, сопственикот на Monument Records, и по завршувањето на договорот со RCA во 1959 година, Орбисон потпишал за таа издавачка куќа.[6]
1960–1964: Monument Records и популарност
[уреди | уреди извор]На неговата прва сесија за Monument во Нешвил, Орбисон снимил песна која RCA Victor ја одбил, „Paper Boy“, поддржана од „With the Bug“, но ниту една од нив не се нашла на топ листите.[38]
Фостер го охрабрил да се оттргне од неговиот воспоставен стил. Под водство на Фостер, тој почнал да пишува свои песни, сам или во соработка со Џо Мелсон, а подоцна и со Бил Дис, со што до израз дошол неговиот препознатлив оперски глас.[37] Орбисон побарал да користи жичани инструменти наместо виоли, што било невообичаено за тоа време.[6] [39] Снимил три нови песни, од кои најзначајна била „Uptown“, напишана заедно со Џо Мелсон и издадена кон крајот на 1959 година.[6] [40]
Со објавувањето на песната „Only the Lonely (Know the Way I Feel)“. Орбисон успеал да се издигне на врвот на топ-листите.
Песната стигнала до второ место на Billboard Hot 100 и се искачила на прво место во Велика Британија и Австралија.[6] Успехот на Only The Lonely го претворила Орбисон во рокенрол-ѕвезда преку ноќ.[10]
Набргу по снимањето на раната верзија од неговиот следен хит Blue Angel, Орбисон и неговата сопруга и син (Рој ДеВејн, роден во 1958 година) се преселиле од Винк во предградието Хендерсонвил во Нешвил.[41] Вториот син на Орбисон, Ентони Кинг, се родил во 1962 година.[42] Мелсон, исто така, се преселил во Хендерсонвил и почнал да работи на Blue Angel која била снимена во август 1960 година.[43] По успехот на Blue Angel, Орбисон често бил на турнеи и неколкупати настапил со неговата соседка Петси Клајн.[44] Во тоа време, Клодет била осамена и несреќна, а некои луѓе велеле дека Орбисон ѝ бил неверен додека бил на турнеја.[45] Неговиот следен сингл „ Running Scared “ стигнал до прво место во САД.
Од 1959-1963 година, Орбисон бил американски музичар со најголема продажба и се вбројувал меѓу најпопуларните луѓе на светот.[6]
Откако во април 1963 година била објавена песната „In Dreams“, од Орбисон било побарано да го замени Дуан Еди на турнејата на Битлси низ Обединетото Кралство. Турнејата се распродала за едно попладне.[6] Преку турнејата стекнале меѓусебна почит и станале доживотни пријатели.[46] Орбисон бил особено близок со Ленон, но во подоцнежната кариера бил добар пријател и соработувал со Џорџ Харисон (двајцата биле членови на The Traveling Wilburys). Тој бил на турнеја во Австралија со Бич Бојс во 1964 година[47] и со Ролинг Стоунс во 1965 година.[48]
За разлика од многу американски музичари, Орбисон успеал да се задржи на музичката сцена откако британската инвазија ја зафатила Америка во 1964 година.[49] Неговиот сингл „Oh, Pretty Woman“ се искачил на прво место на топ-листата од Билборд во есента 1964 година и 14 недели се задржал на таа топ-листа. Се искачил на прво место и во Велика Британија, поминувајќи вкупно 18 недели на топ листите. Синглот бил продаден во над седум милиони примероци.[23] Песната подоцна станала главна мелодија и инспирација за насловот на филмот Убава жена, кој ѝ донел слава на глумицата Џулија Робертс.
1965–1969: Назадување на кариерата и трагедии
[уреди | уреди извор]Неговиот договор со Monument истекувал во јуни 1965 година. Неговиот агент, Весли Роуз, го преселил од Monument Records во MGM Records за 1 долар милиони[6] затоа што сметал дека Орбисон ќе почне да глуми во филмови, како што тоа претходно го направил Елвис Присли. Орбисон бил филмски ентузијаст и кога не бил на турнеја и не се занимавал со пишување музика, тој гледал три филма дневно.[50]
Роуз, исто така станал продуцент на Орбисон. Фред Фостер подоцна навел дека смета дека тоа што Роуз го презел Орбисон е причината за комерцијалниот неуспех на делата на Орбисон во МГМ. Договорниот услов за издавање одреден број на синглови и албуми годишно за МГМ, исто така, влијаел врз квалитетот на песните на Орбисон.[6]
На 6 јуни 1966 година, Клодет загинала во сообраќајна несреќа.[51]
Ожалостениот Орбисон соработувал со Бил Дис и ја напишале музиката за филмот The Fastest Guitar Alive. МГМ средила Орбисон да добие улога во филмот.[6] Ликот на Орбисон бил шпион кој украл злато и потоа морал да го штити и да го испорача на Конфедеративната армија за време на американската граѓанска војна; му била дадена гитара која ја претворил во пушка. Орбисон бил задоволен од филмот, но бил неуспешен на кин-благајните и добил негативни критики. Иако според договорот МГМ требало да сними пет филмови со него, ова бил единствен филм на Орбисон.[52] [53]
На 14 септември 1968 година,[10] додека Орбисон бил на турнеја во Англија, семејната куќа во Олд Хикори Лејк во Хендерсонвил изгорела до темел, а два од неговите три малолетни сина, Ентони и Рој Џуниор, загинале во пожарот. Најмалото дете Весли, кој тогаш имал само три години, бил спасен од родителите на Орбисон. Рој Орбисон во август 1968 година во Лидс ја запознал неговата втора сопруга Барбара и тие се венчале во Нешвил на 25 мај 1969 година.[6] Кога стапиле во брак, Барбара имала 18 години, а Рој 32.[54] Весли (роден 1965 година), неговиот најмлад син со Клодет, бил одгледан од родителите на Орбисон. Орбисон и Барбара имале син (Рој Келтон) роден во 1970 година и уште еден (Александер) во 1975 година.[55]
1970-ти: Стагнација
[уреди | уреди извор]Орбисон продолжил да снима албуми во 1970-тите, но тие не се продавале според очекувањата. Во 1974 година завршил неговиот договор со MGM и тој потпишал за Mercury Records.[56] [6] Неколку од неговите албуми од 1970-тите не биле објавени на меѓународно ниво поради слабата продажба во САД. Сепак, песните кои имале умерен успех во Северна Америка, како што се „Penny Arcade“ и „Working for the Man“, се искачиле на прво место на австралиската топ-листа, а „Too Soon to Know“ била на трето место во Англија. Неговата популарност се проширила и во Германија, а неговата хит-песна „Мама“ ја снимил на германски јазик.
Компилацијата од најголеми хитови на Орбисон во јануари 1976 година се искачила на прво место во Обединетото Кралство, а Орбисон таа година ги отворал концертите на Иглс, кои започнале како резервна група на Линда Ронстад. Самата Ронстад ја препеала песната „Blu Bayou“ во 1977 година, а нејзината верзија стигнала до трето место на топ листите на Билборд. Тој повторно потпишал со Monument во 1976 година и го снимил албумотRegeneration, но и тој не бил успешен.
1980–1988: Враќање на популарноста и Traveling Wilburys
[уреди | уреди извор]На почетокот од 1980-тите Орбисон бил речиси целосно заборавен во САД, но бил многу популарен на помалку веројатни места како во Бугарија.[10][57] Во 1980 година, Орбисон се здружил со Емилу Харис за песната „That Lovin' You Feelin' Again“ и во 1981 година бил награден со Греми за „Најдобра кантри-изведба од дуо или вокална група“. Ова било прво Греми на Орбисон, и тој се надевал дека целосно ќе се врати на популарната музика.[58] Во меѓувреме, Ван Хален објавил хард-рок преработка на „Oh, Pretty Woman“ со што ја приближиле помладата генерација до музиката на Орбисон.[10] Вклучувањето на песната „In Dreams“ во филмот од 1986 година од Дејвид Линч „Син сомот“, исто така, му помогнало на Орбисон да ја врати славата во популарната музика.[59]
Во 1987 година, Орбисон издал албум со повторно снимени песни под наслов In Dreams: The Greatest Hits.
Исто така во 1987 година, Орбисон бил примен во Куќата на славните текстописци во Нешвил, а во Куќата на славните на рокенролот бил внесен од Брус Спрингстин, кој својот говор го завршил осврнувајќи се на неговиот албум Born to Run: „Сакав да имам албум со зборови како Боб Дилан кои звучеа како Фил Спектор - но, најмногу од сè, сакав да пеам како Рој Орбисон. Сега, сите знаат дека никој не може да пее како Рој Орбисон.[60] По наградите, Орбисон потпишал со Virgin Records, која веднаш издала албум со „најголеми хитови“ и почнала да подготвува албум со нови песни.[6]
Неколку месеци подоцна, Орбисон и Спрингстин снимиле концерт во ноќниот клуб Cocoanut Grove во Лос Анџелес. Ним им се придружиле: Џексон Браун, Ти Боун Барнет, Елвис Костело, Том Вејтс, Бони Рејт, Џенифер Ворнс, Џејмс Бартон, [61] и Кеј Ди Ланг. Концертот бил снимен во една слика и бил емитуван на Cinemax под наслов Рој Орбисон и пријателите: Црно-бела ноќ.[62] Концертот се смета за обележје во кариерата на Орбисон.[6]
Создавањето на најпрепознатливата супергрупа во светот,[63] Traveling Wilburys започнало во 1987 година откако Орбисон започнал сериозно да соработува со Џеф Лин, водач на групата Electric Light Orchestra, за неговиот нов албум.[6] Лин штотуку завршил со продукцирање на албумот Cloud Nine од Џорџ Харисон и на заеднички ручек Орбисон ја прифатил поканата од Харисон да пее на неговиот нов сингл.[10] Тие потоа стапиле во контакт со Боб Дилан, кој, пак, им дозволил да користат неговото студио за снимање. Патем, Харисон го посетил на Том Пети за да му ја даде неговата гитара; Пети и неговата група го придружувале Дилан на неговата претходна турнеја.[64] Истата вечер, групата ја напишала песната „Handle with Care“, што довело до идеја за снимање на цел албум. Себеси се нарекувале Traveling Wilburys и се претставувале како полубраќа од ист татко. Тие си дале уметнички имиња; Орбисон го избрал името „Лефти Вилбери“ по неговиот музички идол, Лефти Фризел.[65]
Првиот албум на групата, Traveling Wilburys Vol. 1, бил објавен на 25 октомври 1988 година.[66] Орбисон имал една соло-песна на албумот, „Not Alone Any More“. Неговото пеење било високо пофалено од печатот.[67] [68]
Во последните три месеци од неговиот живот, тој му овозможил на списанието Ролинг Стоун пристап до неговите секојдневни активности; имал намера да напише автобиографија и сакал Мартин Шин да го глуми во биографски филм.[69]
Орбисон го завршил соло-албумот Mystery Girl во ноември 1988 година.[70]
Смртта
[уреди | уреди извор]Орбисон имал тројна бајпас-операција на срцето на 18 јануари 1978 година и поголемиот дел од неговиот живот бил страствен пушач. На 6 декември 1988 година, на 52-годишна возраст, тој доживеал фатален срцев удар додека бил на посета кај неговата мајка во Хендерсонвил.[71] Бил погребан на 15 декември 1988 година, на гробиштата во Меморијалниот парк Вествуд Вилиџ во Вествуд, Калифорнија.[72][73]
Постхумни изданија
[уреди | уреди извор]Постхумниот албум на Орбисон Mystery Girl бил издаден од Virgin Records на 31 јануари 1989 година [74] и станал негов најпродаван албум воопшто.[6] Најголем хит од Mystery Girl била песната „You Got It“, која Орбисон ја напишал заедно со Лин и Том Пети. „You Got It“ се искачила на 9-то место во САД и на 3-то во Велика Британија.[75] [76] За песната Орбисон постхумно бил номиниран за Греми награда.[77]
Traveling Wilburys Vol. 1 поминал 53 недели на американската топ-листа, каде се искачил на трето место. Стигнал до прво место во Австралија и 16-то место во Велика Британија. Албумот добил награда „Греми за најдобра рок изведба од дуо или група“.[67] Ролинг Стоун го вклучил во топ-100 албуми од таа деценија.[68]
На 8 април 1989 година, Орбисон станал прв починат музичар по Елвис Присли кој истовремено има два албума во топ-пет во САД, со Traveling Wilburys Vol. 1 на четврто место и неговиот албум Mystery Girl на петто место.[78] Во Обединетото Кралство, тој имал уште поголем успех, со два соло-албума во Топ-3 на 11 февруари 1989 година (Mystery Girl била на второ место, а компилацијата The Legendary Roy Orbison била на трето место).[79]
На 20 октомври 1992 година, бил издаден King of Hearts, уште еден албум со песни од Орбисон. [80] Во 1996 година, албумот The Very Best of Roy Orbison ја документирал целата негова кариера.[6] Сопругата на Рој, Барбара, управувала со неговиот имот и издала албуми преку компанијата Рој Орбисон Ентерпрајс.[6] По смртта на Барбара во декември 2011 година, раководството на компанијата го презеле синовите на Рој, Алекс и Рој Келтон Џуниор.[6]
Дискографија
[уреди | уреди извор]Студиски албуми
- Lonely and Blue (1961)
- Roy Orbison at the Rock House (1961)
- Crying (1962)
- In Dreams (1963)
- Oh, Pretty Woman (не во САД) (1964)
- There Is Only One Roy Orbison (1965)
- Orbisongs (1965)
- The Orbison Way (1966)
- The Classic Roy Orbison (1966)
- Roy Orbison Sings Don Gibson/Sweet Dreams (Африка) (1967)
- Cry Softly Lonely One (1967)
- Roy Orbison's Many Moods (1969)
- Hank Williams the Roy Orbison Way (1970)
- The Big O (1970)
- Roy Orbison Sings (1972)
- Memphis (1972)
- Milestones (1973)
- I'm Still in Love with You (1975)
- Regeneration (1976)
- Laminar Flow (1979)
- Class of '55: Memphis Rock & Roll Homecoming (со Џони Кеш, Џери Ли Луис и Карл Перкинс) (1986)
- In Dreams: The Greatest Hits (1987)
Постхумни албуми
- Mystery Girl (1989)
- King of Hearts (1992)
- The Last Concert (2009)
- One of the Lonely Ones (2015)
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Orbison, Roy Jr. (2017). The Authorized Roy Orbison. Wesley Orbison, Alex Orbison, Jeff Slate (first. изд.). New York: Center Street. стр. 27. ISBN 978-1-4789-7654-7. OCLC 1017566749.
- ↑ Orbison, Roy Jr.; Orbison, Alex; Orbison, Wesley; Slate, Jeff (2017). The Authorized Roy Orbison (second. изд.). New York: Center Street. стр. 28. ISBN 978-1-4789-7654-7. OCLC 1017566749.
- ↑ Amburn, p. 3
- ↑ Orbison, Roy Jr.; Orbison, Alex; Orbison, Wesley; Slate, Jeff (2017). The Authorized Roy Orbison. New York: Center Street. стр. 31. ISBN 978-1-4789-7654-7. OCLC 1017566749.
- ↑ Clayson, Alan, p. 3.
- ↑ 6,00 6,01 6,02 6,03 6,04 6,05 6,06 6,07 6,08 6,09 6,10 6,11 6,12 6,13 6,14 6,15 6,16 6,17 6,18 6,19 6,20 6,21 6,22 6,23 „ROY ORBISON – OFFICIAL BIOGRAPHY – Roy Orbison“.
- ↑ Amburn, p. 16
- ↑ „History Maker“. The Official Roy Orbison Site. Архивирано од изворникот на April 1, 2012. Посетено на April 12, 2012.
- ↑ Amburn, p. 26.
- ↑ 10,00 10,01 10,02 10,03 10,04 10,05 10,06 10,07 10,08 10,09 10,10 Slate, Orbison et al. (2017).
- ↑ Amburn, p. 27.
- ↑ Amburn, p. 28.
- ↑ Amburn, p. 30.
- ↑ Amburn, p. 31.
- ↑ Amburn, p. 32.
- ↑ Amburn, p. 30.
- ↑ Amburn, p. 40.
- ↑ Amburn, p. 40.
- ↑ Amburn, p. 42.
- ↑ Amburn, p. 42.
- ↑ Amburn, p. 51.
- ↑ Amburn, p. 51.
- ↑ 23,0 23,1 Escott, Colin (1990). Biographical insert with The Legendary Roy Orbison CD box set. Sony. ASIN: B0000027E2.
- ↑ Amburn, p. 53.
- ↑ Amburn, p. 56.
- ↑ Amburn, p. 61.
- ↑ Amburn, p. 68.
- ↑ Amburn, p. 68.
- ↑ Amburn, p. 69.
- ↑ Amburn, p. 70.
- ↑ Amburn, p. 76.
- ↑ Amburn, p. 72.
- ↑ Amburn, p. 76.
- ↑ Amburn, p. 76.
- ↑ Amburn, p. 78.
- ↑ Amburn, p. 86.
- ↑ 37,0 37,1 Zak, p. 32.
- ↑ Zak, p. 33.
- ↑ Amburn p. 87.
- ↑ Lehman, p. 48.
- ↑ Amburn p. 94.
- ↑ Orbison, Roy Jr.; Orbison Alex; Orbison, Wesley; Slate, Jeff (2017). The Authorized Roy Orbison. New York: Center Street. стр. 92. ISBN 978-1-4789-7654-7. OCLC 1017566749.
- ↑ Amburn p. 102.
- ↑ Amburn p. 103.
- ↑ Amburn p. 104.
- ↑ Lennon, John; McCartney, Paul; Harrison, George; Starr, Ringo (2002). The Beatles Anthology. Chronicle. p. 94.
- ↑ „ROY ORBISON – OFFICIAL BIOGRAPHY – Roy Orbison“.
- ↑ „ROY ORBISON – OFFICIAL BIOGRAPHY – Roy Orbison“.
- ↑ Amburn, p. 128.
- ↑ Clayson, Alan, pp. 130–131.
- ↑ Clayson, Alan, p. 139.
- ↑ Clayson, Alan, pp. 146–147.
- ↑ Amburn, pp. 151–153.
- ↑ „Barbara Orbison EXCLUSIVE interview – Band Weblogs“.
- ↑ Clayson, Alan, p. 178.
- ↑ Amburn, p. 170.
- ↑ Amburn, p. 183.
- ↑ Clayson, Alan, p. 192.
- ↑ „ROY ORBISON – OFFICIAL BIOGRAPHY – Roy Orbison“.
- ↑ Clayson, Alan, pp. 202–203.
- ↑ „Biography“. The Official James Burton Website. Посетено на July 4, 2014.
- ↑ Amburn, p. 205.
- ↑ „Supergroups: From Cream and Traveling Wilburys to Audioslave and Chickenfoot“. Rolling Stone. December 3, 2010.
- ↑ Amburn, p. 218.
- ↑ Clayson, Alan, pp. 206–207.
- ↑ „The Traveling Wilburys, Vol. 1 - The Traveling Wilburys | Songs, Reviews, Credits | AllMusic“.
- ↑ 67,0 67,1 „Grammy Award Results for Roy Orbison“. Recording Academy GRAMMY Awards. Посетено на June 16, 2018.
- ↑ 68,0 68,1 Amburn, p. 222.
- ↑ Празен навод (help)
- ↑ Amburn, pp. 227–228.
- ↑ Clayson, Alan, p. 213.
- ↑ Clayson, Alan, p. 215.
- ↑ Amburn, pp. 233–235.
- ↑ Orbison, Roy Jr. (2017). The authorized Roy Orbison. Orbison, Wesley,, Orbison, Alex,, Slate, Jeff (Second. изд.). New York: Center Street. стр. 235. ISBN 978-1-4789-7654-7. OCLC 1017566749.
- ↑ Whitburn (2004).
- ↑ Brown, Kutner, and Warwick, p. 645.
- ↑ „Life after death: The best and worst posthumous albums“. Yardbarker. November 16, 2020.
- ↑ „Top Pop Albums“ (PDF). Billboard. том 101 no. 14. April 8, 1989. стр. 80.
- ↑ „Official Albums Chart Top 75: 05 February 1989 - 11 February 1989“. The Official UK Charts Company.
- ↑ „King of Hearts - Roy Orbison | Songs, Reviews, Credits | AllMusic“.
Извори
[уреди | уреди извор]- Амбурн, Елис (1990). Темна ѕвезда: Приказната за Рој Орбисон, издавачка група Керол.ISBN 0-8184-0518-XISBN 0-8184-0518-X .
- Браун, Тони; Кутнер, Џон; Ворвик, Нил (2000). Комплетна книга на британските топ листи: синглови и албуми, Омнибус.ISBN 0-7119-7670-8ISBN 0-7119-7670-8 .
- Клејсон, Алан (1989). Само осамените: Животот и наследството на Рој Орбисон, печат на Свети Мартин.ISBN 0-312-03961-1ISBN 0-312-03961-1 .
- Клејтон, Лоренс; Sprecht, Joe, eds. (2003). Корените на музиката во Тексас, Тексас A&M University Press.ISBN 1-58544-997-0ISBN 1-58544-997-0 .
- Кресвел, Тоби (2006). 1001 песни: Најголемите песни на сите времиња и уметниците, приказните и тајните зад нив, Thunder's Mouth Press.ISBN 1-56025-915-9ISBN 1-56025-915-9 .
- ДеКуртис, Ентони; Хенке, Џејмс (уред.) (1992). Ролинг Стоун илустрирана историја на рокенролот, Рендом Хаус.ISBN 0-679-73728-6ISBN 0-679-73728-6 .
- Хофман, Френк В., Ферстлер, Хауард (2005). Енциклопедија на снимен звук, том 1, CRC Press.ISBN 0-415-93835-XISBN 0-415-93835-X .
- Леман, Питер (2003). Рој Орбисон: Изум на алтернативна рок машкост, Темпл Универзитет Прес.ISBN 1-59213-037-2ISBN 1-59213-037-2 .
- Волф, Чарлс К., Акенсон, Џејмс (уред.) (2000). Годишен весник на кантри музика, број 1. Универзитетски печат на Кентаки.ISBN 0-8131-0989-2ISBN 0-8131-0989-2 .
- Зак, Албин (2010). „ „Само осамениот“ - Слаткиот западен тексашки стил на Рој Орбисон “, стр. 18–41 во Џон Ковач и Марк Спајсер. Звучи поп: аналитички есеи во популарната музика, Прес на Универзитетот во Мичиген.ISBN 0-472-03400-6ISBN 0-472-03400-6 .
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Матична страница
- Рој Орбисон — AllMusic (англиски)
- Рој Орбисон на Семрежната филмска база на податоци (англиски)
- Roy Orbison: The Big O Архивирано на 17 февруари 2010 г. Archived February 17, 2010, at the Wayback Machine life story by Marie Claire Australia magazine
|
- Рокенрол музичари
- Добитници на Греми за животно дело
- Добитници на Греми
- Американски рок пејачи
- Американски рок-гитаристи
- Американски кантри рок пејачи
- Американски кантри гитаристи
- Починати во 1988 година
- Родени во 1936 година
- Пејачи од Тексас
- Музичари од Тексас
- Пејачи на балади
- Американски рокабили музичари
- Американски кантавтори
- Американски кантри кантавтори