Прејди на содржината

Нобелова награда за литература

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Од Википедија — слободната енциклопедија
Нобелова награда за литература
Мрежно местоhttps://www.nobelprize.org/prizes/literature/ Уреди на Википодатоците
Рене-Франсоа-Арман Придом (1839–1907), француски поет и есеист е првиот добитник на Нобеловата награда за литература во 1901 година.

Нобелова награда за литература (шведски: Nobelpriset i litteratur) — награда која се доделува секоја година, почнувајќи од 1901 на автор од некоја земја, кој, според зборовите на Алфред Нобел од неговиот тестамент, го има напишано „најзначајното дело со идеалистички тенденции“ (во оригинал на шведски: den som inom litteraturen har producerat det utmärktaste i idealisk riktning).[1][2] „Делото“ во овој случај се однесува на авторовиот опус, иако понекогаш се цитираат и поединечни дела. Шведската академија одлучува кој, доколку и воопшто има некој, ќе ја прими наградата во соодветната година, а неговото име го објавува во почетокот на октомври.[3]

Изборот на Нобел да го вметне зборот „идеалистичко“ или „идеално“ (во македонски превод) како основен критериум при одбирањето на лауреатите е причина за многу контроверзии и несогласувања. (шведскиот збор idealisk може да се преведе и како „идеалистички“ и како „идеален“.[2]) Во почетокот на дваесеттиот век, Одборот за доделување на наградата се осврнува кон првото значење на зборот, и ова е единствената причина што автори од типот на Лав Толстој и Хенрик Ибзен не ја добиле Нобеловата награда. Сепак, во последно време, зборот е сфатен во многу послободното значење, па Нобеловата награда за литература се доделува и на писатели чии дела се од големо значење, но и на такви кои се залагаат за почитување на човековите права; вторава причина, за некои луѓе, е причина да се додаде и политичка конотација на наградите.[2][4]

Крунскиот момент во текот на церемонијата по повод доделувањето на наградата во Стокхолм е кога лауреатот истапува за да ја прими наградата од Неговото Височество - Кралот на Шведска. ... Пред очите на целиот свет, Нобеловиот лауреат прима три нешта: диплома, медал и документ кој го потврдува износот на наградата“.[1]

Во последниве години, Шведската академија е на удар на многу критичари. Некои сметаат дека многу светски познати автори не само што не ја добиле, туку и не биле номинирани за наградата, а според други, дел од лауреатите воопшто и не ја заслужуваат. Многу контроверзности се испреплетени и околу политичката димензија на процесот за номинирање и изборот на последните лауреати.[4]

Процедура на номинирање

[уреди | уреди извор]

Секоја година, Шведската академија испраќа барања за номинации за Нобеловата награда за литература. Членовите на академијата, членови на литературни академии и друштва, професори по јазик и литература, поранешни Нобелови лауреати, како и претседатели на друштва на писатели - сите тие имаат право да номинираат свој кандидат. Сепак, не е дозволено некој да се номинира себеси.[5]

Илјадници барања се пуштаат секоја година, но одвај педесетина номинации се вратени. Овие предлози, академијата ги прима до 1 февруари, по што Одборот почнува да ги разгледува. До април, академијата го стеснува кругот на дваесетина кандидати, а до почетокот на летото, остануваат петмина. Останатите месеци се разгледуваат делата на можните добитници. Во октомври, членовите на академијата гласаат и оној кандидат што ќе добие повеќе од половина од гласовите, е идниот лауреат. Во основа, процесот е ист како и при доделувањето на останатите награди.[6] Номинациите и предлозите, во принцип, се чуваат во тајност педесет години, но некои од нив, ги откриваат (или тврдат дека ги знаат) медиумите.[7]

Вредноста на наградата варира, но денес изнесува точно 10 милиони шведски круни.[8] Добитникот на наградата добива и златен медал и диплома, како и покана да одржи говор во текот на „Неделата на Нобел“ во Стокхолм. Церемонијата на доделувањето и банкетот се одржуваат на 10 декември.[9]

Заборавени автори и контроверзии

[уреди | уреди извор]

Нобеловата награда за литература има долга историја на контроверзии. Така, од 1901 до 1912 година, комитетот го дефинира барањето на Нобел во неговиот тестамент како желба да се награди делото што зрачи со „длабок и цврст идеализам“, поради што Лав Толстој, Хенрик Ибзен, Емил Зола и Марк Твен никогаш нема да се закитат со признанието.[10] Во текот на Првата светска војна и непосредно по нејзиниот завршеток, комитетот негува политика на неутралност, доделувајќи им награди на писатели од земји што не учествувале во војната.[10]

Се смета дека лошо изработениот (иако добро продаван) превод на В. Х. Одн на книгата Vägmärken („Обележја“) на лауреатот за мир од 1961 година Даг Хамарскјелд, придружен од неколку реченици на Одн за време на едно негово предавање во Скандинавија, според кои Хамарскјелд бил хомосексуалец (исто како и поетот), му ги одзеле шансите на Одн за добивање на наградата.[11]

Добитникот на наградата за 1970 година, Александар Солженицин, не присуствува на нејзиното доделување од страв дека СССР би го спречила неговото враќање (неговите дела таму циркулираат илегално, во облик на самиздати). Откако шведската влада одбива да го почести Солженицин со јавна церемонија во московската амбасада, рускиот писател ја одбива наградата, коментирајќи дека условите поставени од Швеѓаните (кои претпочитале посуптилна атмосфера) се „навреда за самата Нобелова награда“. Солженицин не ја прифаќа ниту наградата, ниту паричниот фонд, сè до 10 декември 1974 година, односно дури откако е протеран од Советскиот Сојуз.[12]

Во 1974 година, Греам Грин, Владимир Набоков и Сол Белоу се номинирани, но не и наградени, на сметка на заедничките лауреати Ејвинд Џонсон и Хари Мартинсон, и двајцата и самите членови на одборот. Белоу ќе ја добие Нобеловата награда во 1976; ниту Грин, ниту Набоков нема да бидат наградени до крајот на нивните животи.[13]

Хорхе Луис Борхес бил исто така неколкупати номиниран за Нобеловата награда, но според Борхесовиот биограф Едвин Вилијамсон, академијата не му ја доделила нему само поради неговата политичка дејност која, како што пишува во предговорот на Борхес: Живот, е комплексна од повеќе аспекти.[14] Шведската авторка за деца Астрид Линдгрен е исто така заборавена, според некои критичари поради тоа што академијата не покажува доволно почит кон литературата за деца.[15]

Наградата за Дарио Фо во 1997 година на почетокот се смета за „доста несериозна“ од некои критичари, зашто на Фо, пред сѐ, се гледа како на глумец и изведувач, и поради тоа што самиот тој е претходно цензуриран од Римокатоличката црква.[16] Салман Ружди и Артур Милер често се меѓу фаворитите за добивање на наградата, но Нобеловиот одбор, нивните дела ги дефинира како „премногу предвидливи, премногу популарни“.[17]

Академијата е исто така критикувана поради тоа што одбива да го поддржи Салман Ружди во 1989 година, кога ајатолахот Хомеини издава фатва во која наредува убиство на писателот; двајца членови на академијата, се откажуваат од членството, по нејзиното одбивање да го поддржи Ружди.[18][19]

Изборот на добитникот за 2004, Елфриде Јелинек, наидува на протест од страна на еден виден член на академијата, Кнут Алунд, кој активно не учествува во нејзината работа од 1996; Алунд се откажува од членството, велејќи дека избирањето на Јелинек предизвикува „непоправлива штета“ за угледот на наградата.[18][19]

Конечниот избор на блискиот пријател на Ружди, Харолд Пинтер, за наградата во 2005 година, е одолговлечено за неколку дена, веројатно токму поради отказот на Алунд, но ова предизвикува нови контроверзии околу „политичката димензија“ на наградата на Шведската академија.[4] Проблемот со „политичката исправност“ продолжува и во наредните две години, поради доделувањето на наградата на Орхан Памук и Дорис Лесинг.[20]

Уште неколку големи писатели кои биле номинирани но (за многумина незаслужено) не ја добиле Нобеловата награда се кријат во имињата на Бертолт Брехт, Антон Чехов, Олдус Хаксли, Џејмс Џојс, Роберт Фрост, Марсел Пруст, Ана Ахматова, Марина Цветаева и Вирџинија Вулф.

Список на досегашни лауреати

[уреди | уреди извор]

Табелата ги прикажува имињата на добитниците, како и јазикот на кои истите пишувале (што значи истиот се однесува на јазикот на кој се напишани нивните дела). (Извор: Нобеловата фондација.)

Година Име Националност Јазик
1901 Сили Придом  Франција француски
1902 Теодор Момзен  Германија германски
1903 Бјернстјерне Бјернсон  Норвешка норвешки
1904* Фредерик Мистрал  Франција окситански
1904* Хосе Ечегарај  Шпанија шпански
1905 Хенрик Шенкевич Полска Полска полски
1906 Џозуе Кардучи  Италија италијански
1907 Радјард Киплинг Индија Индија
Обединето Кралство Обединето Кралство
англиски
1908 Рудолф Криштоф Ојкен  Германија германски
1909 Селма Лагерлеф  Шведска шведски
1910 Паул Јохан Лудвиг фон Хајзе  Германија германски
1911 Морис Метерлинк  Белгија француски
1912 Герхарт Хауптман  Германија германски
1913 Рабиндранат Тагоре Индија Индија бенгалски
1914 не е доделена    
1915 Ромен Ролан  Франција француски
1916 Вернер фон Хејденстам  Шведска шведски
1917* Карл Адолф Гјелеруп  Данска дански
1917* Хенрик Понтопидан  Данска дански
1918 не е доделена    
1919 Карл Шпителер  Швајцарија германски
1920 Кнут Хамсун  Норвешка норвешки
1921 Анатол Франс  Франција француски
1922 Хасинто Бенавенте  Шпанија шпански
1923 Вилијам Батлер Јејтс  Ирска англиски
1924 Владислав Рејмонт  Полска полски
1925 Џорџ Бернард Шо  Ирска англиски
1926 Грација Деледа  Италија италијански
1927 Анри Бергсон  Франција француски
1928 Зигрид Ундсет  Норвешка норвешки
1929 Томас Ман  Германија германски
1930 Синклер Луис  САД англиски
1931 Ерик Аксел Карлфелт  Шведска шведски
1932 Џон Голсворди Обединето Кралство Обединето Кралство англиски
1933 Иван Бунин СССР СССР (во егзил) руски
1934 Лујџи Пирандело  Италија италијански
1935 не е доделена    
1936 Јуџин Онил  САД англиски
1937 Роже Мартен ди Гар  Франција француски
1938 Перл Бак  САД англиски
1939 Франс Емил Силанпе  Финска фински
1940 не е доделена    
1941 не е доделена    
1942 не е доделена    
1943 не е доделена    
1944 Јоханес Вилхелм Јенсен  Данска дански
1945 Габриела Мистрал  Чиле шпански
1946 Херман Хесе  Германија[21]
 Швајцарија (од 1923 година)[21]
германски
1947 Андре Жид  Франција француски
1948 Т. С. Елиот  САД[22]
Обединето Кралство Обединето Кралство (од 1927 година)[22]
англиски
1949 Вилијам Фокнер  САД англиски
1950 Бертранд Расел Обединето Кралство Обединето Кралство англиски
1951 Пер Лагерквист  Шведска шведски
1952 Франсоа Моријак  Франција француски
1953 Винстон Черчил Обединето Кралство Обединето Кралство англиски
1954 Ернест Хемингвеј  САД англиски
1955 Халдор Лакснес  Исланд исландски
1956 Хуан Рамон Хименес  Шпанија шпански
1957 Албер Ками  Франција француски
1958 Борис Пастернак (ја одбива наградата)[1] Архивирано на 8 јануари 2009 г. СССР СССР руски
1959 Салваторе Квазимодо  Италија италијански
1960 Сен-Џон Перс  Франција француски
1961 Иво Андриќ СФРЈ СФР Југославија српскохрватски
1962 Џон Стајнбек  САД англиски
1963 Јоргос Сеферис  Грција грчки
1964 Жан-Пол Сартр (ја одбива наградата)[2][мртва врска]  Франција француски
1965 Михаил Шолохов СССР СССР руски
1966* Шмуел Јозеф Агнон Израел Израел хебрејски
1966* Нели Закс  Германија[23][24]
 Шведска (од 1952 година) [23]
германски
1967 Мигел Анхел Астуријас Гватемала Гватемала шпански
1968 Јасунари Кавабата Јапонија јапонски
1969 Семјуел Бекет  Ирска англиски/француски
1970 Александар Солженицин СССР СССР руски
1971 Пабло Неруда  Чиле шпански
1972 Хајнрих Бел  Германија германски
1973 Патрик Вајт Австралија Австралија англиски
1974* Ејвинд Јонсон  Шведска шведски
1974* Хари Мартинсон  Шведска шведски
1975 Еуџенио Монтале  Италија италијански
1976 Сол Белоу  Канада[25]
 САД (од 1941 година)[26]
англиски
1977 Висенте Алехандре  Шпанија шпански
1978 Исак Башевис Сингер  Полска[27]
 САД (од 1943 година)[27]
хебрејски
1979 Одисеас Елитис  Грција грчки
1980 Чеслав Милош  Полска
 САД (од 1970 година) [28]
 Литванија (од 1992 година; почесно)[29]
полски
1981 Елијас Канети Обединето Кралство Обединето Кралство[30] германски
1982 Габриел Гарсија Маркез  Колумбија шпански
1983 Вилијам Голдинг Обединето Кралство Обединето Кралство англиски
1984 Јарослав Сајферт Чешка Чехословачка чешки
1985 Клод Симон  Франција француски
1986 Воле Шојинка Нигерија Нигерија англиски
1987 Јосиф Бродски СССР СССР [31]
 САД (од 1977 година) [31]
руски/англиски
1988 Нагиб Махфуз Египет Египет арапски
1989 Камило Хосе Села  Шпанија шпански
1990 Октавио Паз  Мексико шпански
1991 Надин Гордимер Јужна Африка ЈАР англиски
1992 Дерек Волкот Света Луција Света Луција англиски
1993 Тони Морисон  САД англиски
1994 Кензабуро Ое Јапонија јапонски
1995 Шејмус Хини  Ирска[32][33] англиски
1996 Вислава Шимборска  Полска полски
1997 Дарио Фо  Италија италијански
1998 Жозе Сарамаго  Португалија португалски
1999 Гинтер Грас  Германија германски
2000 Гао Сјингѓен Народна Република Кина НР Кина[34][35]
 Франција (од 1998 година)[35]
кинески
2001 Видјадар Сураџпрасад Најпол  Тринидад и Тобаго [36]
Обединето Кралство Обединето Кралство
англиски
2002 Имре Кертес  Унгарија унгарски
2003 Џон Максвел Куци Јужна Африка ЈАР
Австралија Австралија (од 2006 година) [37]
англиски
2004 Елфриде Јелинек  Австрија германски
2005 Харолд Пинтер Обединето Кралство Обединето Кралство англиски
2006 Орхан Памук  Турција турски
2007 Дорис Лесинг Обединето Кралство Обединето Кралство англиски
2008 Жан Мари Гистав Ле Клезио  Франција француски
2009 Херта Милер  Германија германски
2010 Марио Варгас Љоса  Перу шпански
2011 Томас Транстремер  Шведска шведски
2012 Мо Јен Народна Република Кина НР Кина кинески
2013 Алис Манро  Канада англиски
2014 Патрик Модијано  Франција француски
2015 Светлана Алексиевич  Белорусија руски
2016 Боб Дилан  САД англиски
2017 Казуо Ишигуро Обединето Кралство Обединето Кралство англиски
2018 Олга Токарчук  Полска полски
2019 Петер Хандке  Австрија германски
2020 Луиз Глик  САД англиски
2021 Абдулразак Гурнах Танзанија Танзанија, Обединето Кралство Обединето Кралство англиски
2022 Ани Ерно  Франција француски

* Години во кои има повеќе од еден лауреат.

Најнаградени јазици

[уреди | уреди извор]
Пишан
јазик
Лауреати
англиски 29
француски 16
германски 14
шпански 11
италијански 6
шведски 7
руски 6
полски 5
дански 3
норвешки 3
грчки 2
јапонски 2
хебрејски 2
кинески 2
арапски 1
бенгалски 1
чешки 1
фински 1
унгарски 1
исландски 1
окситански 1
португалски 1
српскохрватски 1
турски 1

Земји со најмногу лауреати

[уреди | уреди извор]

Лауреатите со двојно државјанство се избројани за секоја држава по еднаш. На пример: Т. С. Елиот се смета и за Американец и уште еднаш за Британец. Писателите во егзил се сметаат според нивната родна земја. Под Германија се подразбираат сите различни фази на нејзиниот развиток, вклучувајќи ги и двете Германии создадени по Втората светска војна.

Земја Лауреати
 Франција 14
Обединето Кралство Обединето Кралство 11
 САД 11
 Германија 10
 Италија 6
 Шведска 8
СССР СССР 5
 Шпанија 5
 Полска 5
 Ирска 4
 Данска 3
 Норвешка 3
 Чиле 2
 Грција 2
Индија Индија 2
Јапонија 2
Јужна Африка ЈАР 2
 Швајцарија 2
Народна Република Кина НР Кина 2
 Австрија 2
Австралија Австралија 1
 Белгија 1
 Канада 1
 Колумбија 1
 Чешка 1
Египет Египет 1
 Финска 1
Гватемала Гватемала 1
 Унгарија 1
 Исланд 1
Израел Израел 1
 Мексико 1
Нигерија Нигерија 1
 Португалија 1
Света Луција Света Луција 1
 Тринидад и Тобаго 1
 Турција 1
СФРЈ СФР Југославија 1
 Перу 1

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. 1,0 1,1 „Нобеловата награда за литература“. nobelprize.org.
  2. 2,0 2,1 2,2 Џон Сатерленд (13 октомври 2007). „Мастило и плунка“. Guardian Unlimited Books (англиски). The Guardian. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  3. „Нобеловата награда за литература“. Шведска академија. Архивирано од изворникот на 2008-02-01. Посетено на 2008-01-31.
  4. 4,0 4,1 4,2 Нил Смит (13 октомври 2007). „Политичка заднина на наградата за Пинтер?“ (англиски). BBC News. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  5. „Номинации за Нобеловата награда за литература“. nobelprize.org.
  6. „Номинации и избирање на добитниците на Нобеловата награда за литература“. nobelprize.org. Архивирано од изворникот на 2007-10-11. Посетено на 2008-01-31.
  7. Списоци со номинантите често се наоѓаат во дневните публикации.
  8. „Вредноста на Нобеловата награда“. nobelprize.org.
  9. „Церемонии по повод доделувањето на Нобеловата награда“. nobelprize.org.
  10. 10,0 10,1 Кјел Еспмарк (3 декември 1999). „Нобелова награда за литература“. Nobelprize.org. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  11. Харолд Орланс, „Егоистичен превод: Зошто В. Х. Одн погрешно ги протолкува 'Обележја' при преведувањето на англиски?“, Heldref Publications, 2000.
  12. Стиг Фредриксон, „Како му помогнав на Александар Солженицин да го прошверцува неговиот говор за Нобел од СССР Архивирано на 9 јануари 2010 г.“, nobelprize.org, 22 февруари 2006.
  13. „Повик кон Нобел: 100 години контроверзии“. The Independent (англиски). 14 октомври 2005. Архивирано од изворникот на 2007-12-24. Посетено на 2008-01-31. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  14. Колм Тојбин. „Не ме напуштај“. London Review of Books. Архивирано од изворникот на 2009-04-18.
  15. „Пипи Долгиот Чорап предизвика хаос на балетот“. The Local (англиски). 13 мај 2005. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  16. Џули Керол,„ 'Папата и Вештерката' предизвика протести кај католиците“ Архивирано на 14 февруари 2009 г., Католички дух, 27 февруари 2007.
  17. „Нобел го одби лево-ориентираниот шегаџија“, The Times, 10 октомври 1997.
  18. 18,0 18,1 „Нобелови судии отстапија во знак на протест“. BBC News Online. BBC. 11 октомври 2005. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  19. 19,0 19,1 Associated Press, „Кој ја заслужува Нобеловата награда? Судиите не се согласни“ Архивирано на 27 ноември 2005 г., MSNBC 11 октомври 2005.
  20. Дан Келум, „Лесинговиот опус на политичка литература: Архивирано на 4 јуни 2011 г. The Nation: скептиците велат дека ова е нелитерарна победа, но академијата ја гледа нејзината визионерска моќ“, CBS News, од The Nation (колумна), 14 октомври 2007.
  21. 21,0 21,1 Херман Хесе (1946). „Херман Хесе: Нобеловата награда за литература во 1946“. nobelprize.org. Архивирано од изворникот на 2007-07-06. Посетено на 2008-01-31. Во 1923, се откажав од германското и земав швајцарско државјанство.
  22. 22,0 22,1 „Т.С. Елиот: Нобеловата награда во 1948: Биографија“. nobelprize.org. 1948. Томас Стернс Елиот (1888-1965) е роден во Сент Луис, Мисури... Во 1927, Елит станува британски државјанин и истовремено се приклучува на Англиканската црква.
  23. 23,0 23,1 „Биографија на Нели Закс“. Art Directory GmbH. Германската писателка и поетеса Нели Закс, чие родено име е Леони Закс, е родена во еврејско семејство на 10 декември 1891 во Берлин-Шенеберг. ... Поради страв од нацизмот, Нели и нејзината мајка емигрираат во Шведска во 1940. ... Во 1950 умира мајка ѝ на Нели. Две години подоцна, Закс се здобива со шведско државјанство.
  24. „Нели Закс“. Encyclopædia Britannica. Архивирано од изворникот на 2007-12-19. Посетено на 2008-01-31. Во 1940... бега во Шведска со помош на романописецот Селма Лагерлеф, со која се допишува и која посредува кај шведското кралско семејство во нејзино име.
  25. Мајкл Џ. Бандлер (7 април 2005). „Авторот Сол Белоу умре на 89: Нобеловиот лауреат го сметаа за еден од најголемите романописци на 20 век“. U.S. Department of State. Архивирано од изворникот на 2007-10-12. Посетено на 2008-01-31. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  26. Елинор и Роберт Слејтер, "Сол Белоу: Добитник на Нобелова награда за литература", Големи Евреи, Jonathan David Company, 1996, 41: "Белоу стана натурализиран американец во 1941."
  27. 27,0 27,1 „Исак Башевис Сингер: Биографија“. Harry Ransom Humanities Research Center на Универзитетот во Тексас. Архивирано од изворникот на 2007-12-31. Посетено на 2008-01-31.
  28. „Чеслав Милош“. Encyclopædia Britannica.
  29. „Чеслав Милош“. Калифорниски Универзитет. Архивирано од изворникот на 2008-02-16. Посетено на 2008-01-31.
  30. „Елијас Канети: Нобелова награда за литература во 1981: Curriculum Vitae“. nobelprize.org. Архивирано од изворникот на 2007-10-11. Посетено на 2008-01-31. Роден е на 25 јули 1905 година, во Русе, Бугарија. Во 1952 година прима британско државјанство.
  31. 31,0 31,1 „Јосиф Бродски 1940–1996“. eNotes. Често нарекуван најдобриот поет на својата генерација, Бродски е роден и израстен во Советскиот Сојуз, а американски државјанин станува во 1977 година.
  32. „Шејмус Хини: Нобеловата награда за литература во 1995: Биографија“. nobelprize.org. 1995.
  33. „Шејмус Хини: Преживеа сѐ“.
  34. „Гао Сјингѓен: Нобеловата награда за литература во 2000: Биографија“. nobelprize.org. 2000.
  35. 35,0 35,1 „Гао Сјингѓен 1940-“. eNotes.[мртва врска]
  36. „В. С. Најпол 1932-“. eNotes.
  37. „Џ. М. Куци станува австралиски државјанин“ Архивирано на 1 октомври 2007 г., Mail & Guardian, 6 март 2006.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Нобелова награда
Економија | Физика | Хемија | Физиологија или медицина | Мир | Литература


Статијата „Нобелова награда за литература“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).