Прејди на содржината

Банка

Од Википедија — слободната енциклопедија
Банкарско работење во 1970

Банка (англиски: Bank) е финансиска институција чија главна дејност е прибирањето депозити и давањето кредити, како и извршувањето на платниот промет. Банките се најважните учесници во финансискиот систем. Во целиот свет, банките се најзначајните и најголемите финансиски институции, мерено преку нивното учество во вкупните средства на финансискиот сектор.

Дефинирање на банките

[уреди | уреди извор]
Филијалата на банката Тарго во Вецлар, Германија

Современите банки претставуваат универзални, повеќеуслужни финансиски институции, бидејќи нивните активности не се ограничени на традиционалните банкарски работи (прибирање депозити и одобрување кредити), туку тие нудат и бројни небанкарски услуги. На пример, банките се присутни на пазарот на капитал, каде што посредуваат во издавањето хартии од вредност и во трговијата со хартии од вредност. Покрај тоа, банките работат како брокери и дилери и на другите финансиски пазари (на пример, на пазарот на пари и девизниот пазар). Исто така, банките управуваат со пензиските фондови, навлегуваат во дејноста на осигурувањето, чуваат разни финансиски и нефинансиски имоти, делуваат на пазарот на недвижности, се занимаваат со финансиско советување итн.[1]

Зградата на Дојче банк во Келн, Германија


Постојат два основни пристапа во дефинирањето на поимот банка: да се прифати правната дефиниција на банката, или пак, да се изведе функционална дефиниција. Така, во секоја земја постои посебен закон за банките, во кој вообичаено се дава дефиниција на поимот банка. На пример, македонскиот Закон за банките ја дефинира банката како „правно лице со дозвола од гувернерот на Народната банка на Македонија основано согласно со одредбите на овој закон, чија основна дејност е прибирање депозити и други повратни извори на средства од јавноста и одобрување кредити во свое име и за своја сметка.“[2] Значи, според законската дефиниција, банките се институции што се занимаваат со прибирање депозити и давање кредити. Меѓутоа, проблемот со законската дефиниција е во тоа банките извршуваат голем број небанкарски активности, кои не се опфатени во законската дефиниција.
Според функционалниот пристап, дефинирањето на банките и нивното разграничување од небанкарските институции се врши врз основа на услугите што им ги нудат на клиентите. Така, како банки би се дефинирале оние финансиски посредници што нудат банкарски услуги, додека другите финансиски посредници би се дефинирале според нивните услуги. На пример, осигурителните друштва се финансиски институции што се занимаваат со осигурување на имот и лица, со животно осигурување итн; брокерски куќи се оние институции што посредуваат во трговијата со хартии од вредност; инвестициски фондови се оние посредници што прибираат финансиски средства и нив ги инвестираат на пазарот на капитал итн. Меѓутоа, и функционалниот пристап во дефинирањето на банките се соочува со слични проблеми, како и законската дефиниција: денес е невозможно да се направи остра разлика меѓу активностите на банките и оние на небанкарските институции.[3]

Одлики на банките

[уреди | уреди извор]
Зградата на Комерцбанк на Кралскиот плоштад во Касел, Германија

Основни одлики на банките се следниве:[4]

  • нивните обврски (депозитите) се определени на фиксен износ кој не зависи од приносот на портфолиото на банките
  • обврските на банките имаат кус рок на достасување, кој е далеку пократок од оној на средствата
  • висок процент од обврските (депозитите) се по видување
  • во основа, ниту обврските ниту кредитите на банките не се преносливи (со определени исклучоци)

Историски развој на банкарството

[уреди | уреди извор]

Почетоците на банкарството можат да се најдат во Стара Грција пред повеќе од 2 000 години, кога некои луѓе почнале да се занимаваат со размена на монетите што ги ковале одделни владетели. Подоцна, банкарството се развило и во Стариот Рим, но за време на средниот век настапило големо замирање на банкарските активности, кои биле во спротивност со црковните сфаќања. До повторно заживување дошло во времето на ренесансата, кога во Италија се појавиле првите банки во вистинска смисла на зборот, т.е. банки што примале депозити од богатите луѓе и им одобрувале кредити на трговците. Подоцна, во текот на 16 век и 17 век, средиштето на банкарството се преместило во северна Европа и во Британија, а потоа, пресудно значење во неговиот развој имала индустриската револуција. Инаку, зборот банка потекнува од италијанскиот збор „banca“ и од старофранцускиот збор „banque“, кои означуваат клупа, табла, т.е. маса. Имено, првите претходници на банките биле луѓето кои се занимавале со размена на монети – активност што вообичаено се извршувала на една мала масичка или табла.[5]

Функции на банките

[уреди | уреди извор]

Банките имаат централна улога во економскиот систем, бидејќи извршуваат некои активности, кои се од витално значење за функционирањето на економијата. Банките извршуваат неколку важни функции:[6][7][8]

  • Овозможуваат финансиска интермедијација помеѓу штедачите и инвеститорите, т.е. делуваат како финансиски посредници,
  • се јавуваат како носители во платниот промет,
  • имаат посебна улогата во монетарната политика,
  • Се примарни творци на паричната маса (преку кредитирање на субјектите),
  • Преку прибирањето на депозити и кредити, влијаат врз вкупната ликвидност и понудата на пари во економијата,
  • Го помагаат трансмисиониот механизам на монетарната политика,
  • на економските агенти им нудат некои дополнителни услуги.

Финансиско посредување

[уреди | уреди извор]

Банките претставуваат финансиски посредници (financial intermediaries), односно, ги поврзуваат економските агенти (луѓето и институциите), кои се наоѓаат во различна финансиска положба, т.е. оние со вишок и оние со кусок на финансиски средства. Притоа, банките ги прибираат средствата од економските агенти со вишок, а им позајмуваат на оние со кусок на финансиски средства. Извршувајќи ги депозитната и кредитната функција, банките им нудат на штедачите и на позајмувачите на средствата некои погодности, кои не се присутни на финансискиот пазар. Така, на економските единици со финансиски вишоци, банките им овозможуваат да вложуваат финансиски средства со различни износи. Во продолжение, депозитите на населението кај банките се осигурени до одреден износ, така што дури и да пропадне банката, штедачите нема да ги изгубат вложените пари. Исто така, банките нудат високоликвидни финансиски инструменти, што значи дека клиентите можат во секое време да ги подигнат вложените финансиски средства, и тоа по номиналниот износ. Најпосле, банките го решаваат проблемот на информациска асиметрија (informational asymmetry) помеѓу економските единици со вишок и со кусок на финансиски средства.[9][10]

Платен промет

[уреди | уреди извор]

Една од најважните функции на банките е посредувањето во плаќањата меѓу населението, претпријатијата и државните институции. Во тој поглед, банките имаат централна улога во економскиот систем, зашто ефикасното извршување на плаќањата меѓу економските агенти претставува неопходен предуслов за функционирање на економијата. Во платниот промет, банките ги снабдуваат луѓето и претпријатијата со готови пари, издаваат чекови и ги обработуваат плаќањата, извршени со нив, и вршат електронски пренос на парите меѓу сметките на населението и правните лица.[11][12]

Монетарна политика

[уреди | уреди извор]

Една од клучните одлики според која банките се разликуваат од другите финансиски институции е тоа што тие се дел од монетарниот систем на земјата, т.е. обврските на банките кон своите клиенти претставуваат дел од паричната масa. Посебното место на банките во однос на другите финансиски институции се изразува во тоа што тие учествуваат во создавањето на паричната маса, односно можат да ја зголемат паричната маса. Банките ја спроведуваат оваа функција извршувајќи ги своите секојдневни активности, т.е. преку кредитирањето. Кога банките им одобруваат кредити на своите клиенти, одобрените кредити се појавуваат во билансите на банките како нови депозити, под услов клиентите да не ги повлечат средствата во вид на готови пари. Имајќи предвид дека депозитите кај банките се дел од паричната маса, излегува дека со самото одобрување на кредитите, банките успеале да создадат нови пари, т.е. да ја зголемат паричната маса во економијата. Овој процес на создавање дополнителни пари преку процесот на кредитирањето се нарекува кредитна мултипликација. Токму заради способноста на банките да создаваат пари, односот на државата кон нив е различен во споредба со другите финансиски посредници.[13][14]

Други услиги

[уреди | уреди извор]

Банките им ги нудат бројни финансиски услуги на своите клиенти:[15][16][17]

Видови банки

[уреди | уреди извор]

Поделбата на банките може да се изврши според повеќе критериуми, како што се: сопственоста, рочноста на одобрените кредити, според регионалниот критериум, според критериумот на прибирање парични средства за нивните деловни потреби итн. Според последниот критериум, може да се направи следнава категоризација на банки:[18]

  • емисони или централни;
  • депозитни или комерцијални;
  • универзални;
  • инвестициони;
  • деловни;
  • специјализирани или грански;
  • развојни;
  • регионални;
  • моно-банки;
  • мултинационални банки.

Емисиони или централни банки

[уреди | уреди извор]

Под овие имиња се јавуваат оние привилегирани банкарски институции кои се задолжени за регулирање на количеството пари во оптек и за вредноста на домашната валута, за ликвидноста на банкарскиот систем и пошироко за ликвидноста на земјата во внатрешниот и во надворешниот платен промет.[19]

Во денешно време, централните банки ги имаат следниве основни функции:

  • издаваат, односно емитуваат книжни и ковани пари
  • држат резерви на злато и девизи и ракуваат со нив
  • го регулираат оптекот на парите во согласност со целите и со задачите на економската политика, внатрешната стабилност на стоково-паричните односи и ликвидноста во меѓународните плаќања, односно во согласност со целите и со задачите на монетарната политика и девизната политика
  • ја регулираат ликвидноста на банкарскиот систем и ликвидноста на плаќањата во земјата
  • ги контролираат кредитните операции во земјaта
  • ги регулираат плаќањата и кредитните работи со странство
  • вршат одредени работи за сметка на државата
  • го организираат платниот промет и се појавуваат како пресметковен центар за безготовинскиот платен промет
  • извршуваат други специфични банкарски работи, кои им ги доверува државата.[20]

Централните банки се разликуваат од земја до земја, во поглед на горенаведените функции и нивната содржина. Тоа зависи од различниот степен на стопанската развиеност, разликите во општественото уредување, различниот степен на развиеност на финансиската структура, разликите во банкарскиот систем, разликите што се јавуваат во областа на законодавството и сл.[21]

Депозитни или комерцијални банки

[уреди | уреди извор]

Депозитните или комерцијалните банки заземаат најголемо место во структурата на банкарскиот систем на една земја. Тие се занимаваат со мобилизирање на депозитите од оние правни и физички лица кои имаат слободни парични средства и нив ги пласираат во краткорочни кредити на оние правни и физички лица кои имаат потреба.[22]
Името депозитни банки го добиле од фактот што една од основните функции на овие банки е прибирање депозити. Додека комерцијалните банки името го добиле уште со нивното настанување. Нивната првобитна функција била чување на парите на трговците во своите трезори. Подоцна кога забележале дека еден дел од овие пари постојано се наоѓа неподигнати во нивните трезори, тие почнале да им ги позајмуваат на трговците на краток рок. Бидејќи на почетокот овие банки се занимавале исклучително со кредитирање на трговијата, тие го добиле името комерцијални банки. Тоа име го задржале и денес, иако во најголем дел се универзални во нивното работење.[22]
Комерцијалните банки играат многу важна улога во економскиот живот на секоја земја. Тие се јавуваат како главни глумци на пазарот на пари и пазарот на капитал и во обезбедувањето на понудата и во обезбедувањето на побарувачката на парични средства. Значењето на овие банки за една земја добива уште поголема специфична тежина со оглед на фактот што тие одобруваат краткорочни кредити од краткорочни извори и со тоа создаваат нова парична маса. На овој начин тие директно влијаат на ликвидноста на една економија. Поради фактот што во структурата на кредитниот потенцијал доминираат краткорочни депозити, банките мораат строго да го почитуваат принципот на ликвидност, како и да држат резервни парични средства.[23]

Универзални банки

[уреди | уреди извор]

Тоа се оние банки кои се занимаваат со сите видови банкарски работи. Денес, во светот преовладуваат ваквите банки. Преориентацијата во банкарството, од специјализирани кон универзални се наметна како резултат на современите односи во движењата на индустрискиот капитал во светот и, воопшто, со развојот на светското стопанство. Имено, современото општество, кое оправдано се нарекува кредитно стопанство затоа што парите и кредитите станаа составен дел на севкупната репродукција, има потреба од таков тип банка која ќе дава комплетни банкарски услуги, односно која ќе биде универзална во своето работење.[24]

Инвестициони банки

[уреди | уреди извор]

Инвестициона банка е онаа чија главна дејност е работењето со хартии од вредност, како што е откупот на хартии од вредност кои ги емитираат корпорациите и други субјекти и нивна препродажба на секундарниот пазар на хартии од вредност. Тие, исто така, се јавуваат и во улога на брокери и дилери на пазарот на капитал.[25]

Фунциите на инвестиционите банки се:

  • советодавна функција - при советување на својот корпоративен или државен клиент, една инвестициона банка најпрвин му помага на клиентот, правејќи оценка на неговите потреби за финансиски средства. Тогаш, банката вообичаено го запознава клиентот со трошоците и придобивките од различните можности за мобилизирање на средства.[26]
  • административна функција - кога еднаш финансиската стратегија ќе биде усвоена, банката може да ја врши и административната функција. Оваа улога вклучува голем број детаљи поврзани со новата емисија, како и расчистувањето на даночните и регулаторните прашања за сметка на фирмата која издава хартии од вредност. Исто така банката може да помага во комплетирањето на правните документи нужни за пријавување кај Комисијата за хартии од вредност.[27]
  • осигурување на емисиите - оваа функција настанува тогаш кога банката се согласува да донесе една емисија на пазарот за сметка на нејзиниот клиент. Кога инвестиционата банка му гарантира фиксна цена на емитентот во замена за неговите хартии од вредност, се вели дека таа ја потпишува (осигурува) понудата за хартии од вредност.[28]
  • дистрибутивна функција - дистрибутивната функција го вклучува пласманот на новоиздадените хартии од вредност. Оваа функција ја претставува суштинската вредност на потпишувачката функција за корпоративниот клиент, бидејќи таа ги става хартиите од вредност на фирмата во рацете на конечните инвеститори.[29]

Деловни банки

[уреди | уреди извор]

Деловните банки се производ на развиениот капитализам. Тие располагаат со голем сопствен капитал и обично се наоѓаат во метрополите на капиталистичките земји. Тие доаѓаат до средства преку здружување на капиталот од разни индустриски концерни и картели. Кај овие банки до израз доаѓа поврзаноста на интересите на финансискиот и индустрискиот пазар. По правило, овие банки немаат филијали. Ваквите банки се главни носители на финансирањето на големите индустриски корпорации со кои се развиваат тесни деловни врски. Исто така, тие даваат и советнички услуги за разни инвестициски проекти, за донесување на најоптимални инвестициски одлуки. Деловните банки се многу активни и на меѓународниот пазар на капитал.[30]

Специјализирани или грански банки

[уреди | уреди извор]

Од името на овие банки може да се заклучи дека тие одобруваат кредити на одделни гранки или области во стопанството. Во светот, овие банки се познати особено кога е во прашање финансирањето на земјоделството, индустријата, надворешната трговија, прометот и сл. Нивно главно својство е тоа што кај нив се постигнува висока специјализација во работењето, поголема хармонизација на членовите на банката (тие се од иста гранка или област) и се надминува теритoријалната затвореност во движењето на банкарските средства.[23]

Развојни банки

[уреди | уреди извор]

Во развојот на банкарството посебно место имаат банките за долгорочно кредитирање на стопанскиот развој. Потребата за проширена репродукција и осигурување на средствата за нејзино финансирање се наметна со особена сила, особено со почитувањето на капиталистичкиот начин на производство, од кога и дејствуваат специјализираните банки, односно развојните банки. Развојните банки може да се сретнат и под други имиња, како инвестициони, индустриски, финансиски, хипотекарни и сл. Развојните банки одобруваат долгорочни кредити од акумулираните штедни депозити, кои се орочени во банката за подолг рок. Со одобрувањето на долгорочни кредити врз основа на орочените депозити не се создава нова парична маса, туку само се врши прераспределба на веќе создадената акумулација. Развојните банки покрај домашната акумулација често користат и странска акумулација, како извор на финансирање на одделни развојни програми. Овие банки се особено карактеристични за земјите во развој, каде што најчесто се основаат со поддршка на државата.[31]

Регионални банки

[уреди | уреди извор]

Од самото име може да се заклучи дека се работи за банки кои работат на одреден регион, односно територија. Постојат регионални банки кои прибираат депозити и доделуваат кредити на субјекти од одреден регион во рамки на една земја и во рамки на одреден регион кој се протега во повеќе земји. Овие последниве се нарекуваат Меѓународни регионални банки. Најпознати вакви банки се: Европската инвестициона банка, Африканската банка, Азискaта банка за развој итн.[32]

Моно-банки

[уреди | уреди извор]

Доколку во една земја постои само една банка, велиме дека во таа земја има монобанкарски систем. Во оваа банка се споени сите банкарски функции. Ваквата банка, во исто време е и централна банка и деловна банка, затоа што таа емитува пари, им дава краткорочни и долгорочни кредити на стопанството и на населението и го врши внатрешниот и меѓународниот платен промет.[32]
Монобанкарскиот систем се појавува повеќе како исклучок во современото банкарство. Обично, овој систем го применуваат неразвиените и малите земји, а тој беше карактеристичен за земјите во транзиција.[32]

Мултинационални банки

[уреди | уреди извор]

Индустриската револуција и примената на најсовремената техника и технологија во процесот на производство бараат, од своја страна, висока концентрација на банкарски капитал и развиена соработка во банкарското работење. Класичните коресподентски односи помеѓу банките од одлени земји станаа претесни и несоодветни на современите барања за концентрација на капиталот во меѓународната размена. За да одговорат на новите барања, банките го концентрираат капиталот преку формирање на банкaрски конзорциуми и мултинационални банки. Банкарските конзорциуми се формираат за финансирање на одредени проекти, а мултинационалните банки за извршување на сите форми на банкарско работење. Мултинационалните банки имаат широка филијална мрежа речиси низ целиот свет.[33]

Современи трендови во развојот на банките

[уреди | уреди извор]

Дерегулација

[уреди | уреди извор]

Традиционално, државата, преку бројни закони и други правни прописи, го регулира работењето на банките. Тоа е мотивирано од желбата да се заштитат паричните средства на јавноста, како и од грижата за зачувување на стабилноста на банкарскиот систем. Меѓутоа, во настојувањето да го заштитат јавниот интерес, регулаторните органи западнале во друга крајност, поставувајќи бројни ограничувања во работењето на банките. Оттука, од крајот на 1970-тите, присутен е глобален тренд на дерегулација (deregulation), при што овој поим означува процес на отстранување на постојните правни прописи со кои се ограничува работењето на банките. Во прв ред, процесот на дерегулација подразбира отстранување на прописите со кои се ограничуваат услугите што можат да ги нудат банките. Со тоа, на банките им се овозможува да извршуваат некои небанкарски активности, ко претходно им биле забранети, од типот на брокерските услуги и инвестициското банкарство.[34][35]

Конкуренција

[уреди | уреди извор]

Еден од најзначајните трендови во современото банкарство е конкуренцијата што банките ја трпат од небанкарските финансиски посредници, како и од нефинансиските организации. Притоа, конкурентите немилосрдно навлегуваат на пазарите на кои традиционално доминирале банките. На пример, во 1970-тите, инвестициските банки започнале да нудат финансиски инструменти кои се многу слични на банкарските депозити, како што се: инвестициски фондови на пазарот на пари (money market mutual funds), сметки за управување со парите (cash management accounts) итн. Исто така, како сериозна конкуренција на орочените депозити во банките се наметнуваат рентите (annuities) што ги продаваат осигурителните друштва. На пазарот на кредити, како сериозни конкуренти на банките се јавуваат друштвата за финансирање (finance companies), а освен тоа, големите претпријатија можат да позајмуваат директно на финансиските пазари.[36][37] Како последица на зголемената конкуренција од страна на небанкарските финансиски посредници, во земјите со развиена финансиска структура се забележува тренд на намалување на релативното значење на банките во финансискиот систем. На пример, во САД, учеството на банките во вкупните средства на финансиските институции опаднало од 40% во 1960 година на само 18% во 2007 година.[38].

Консолидација

[уреди | уреди извор]

Еден од најважните трендови во банкарството во последните неколку децении е процесот на консолидација на банкарскиот сектор, кој означува окрупнување на банките. Консолидацијата се одвива на два основни начина:

  • преку спојување (merger) на банките (или спојување на банка со небанкарска институција), кои формираат ново правно лице и;
  • преземање (acquisition), каде што една банка купува мнозински пакет акции во други банки или небанкарски институции, кои продолжуваат да постојат како посебни првни лица.

Како последица на консолидацијата на банките, во секоја земја постои тренд на намалување на бројот на банките. На пример, меѓу 1984 и 2007 година, бројот на банките во САД опаднал од 14 482 на 7 282. Овој тренд е присутен и во ЕУ, каде за само неколку години (2001-2006), бројот на кредитните институции се намалил од 9 747 на 8 609, при што се забележани речиси 600 спојувања и преземања на кредитни институции.[39]

Глобализација

[уреди | уреди извор]

Поимот глобализација (globalization) означува поврзување на одделните национални пазари во единствен меѓународен пазар. Глобализацијата во банкарството се изразува низ повеќе форми: На пример, банките од една земја стануваат сопственици на банките во странство; домашните претпријатија сè повеќе се задолжуваат во странски банки, т.е. земаат кредити, изразени во странска валута; преку интернет, луѓето од една земја можат слободно да вршат плаќања во други земји; големите претпријатија издаваат хартии од вредност на меѓународниот пазар на капитал; банките отвораат филијали и други организациски единици во странство итн.[40]

Финансиски новини

[уреди | уреди извор]

Еден од најзначајните фактори во развојот на банките се финансиските новини (financial innovation). Овој израз го означува менувањето на постојните и создавањето нови финансиски инструменти, трансакции, организациски форми, пазари и институции. Од своја страна, финансиските новини се поттикнати од повеќе фактори, како што се: зголемената конкуренција, процесите на регулација и дерегулација, и технолошкиот прогрес.
Некои финансиски новини се прилично стари, зашто се јавиле уште во 1960-тите години. На пример, во 1962 година, во желбата да им конкурира на државните записи, „Ситибенк“ ги вовела преносливите потврди за депозит (negotiable CDs). Една година подоцна, европските банки започнале да нудат депозити изразени во долари и така го создале евродоларскиот пазар. Во 1970 година, една американска државна агенција извршила секјуритизација (securitisation) на станбените хипотекарни кредити. Во 1972 година, во американската држава Масачусетс, банките понудиле нов производ – каматоносни чековни сметки, познати како "договорни налози за повлекување пари". Во 1981 година, меѓународните банки започнале да аранжираат каматни свопови, а тогаш се појавиле и записите со променливи каматни стапки (floating-rate notes, FRNs). Во 1982 година, американските банки почнале да нудат депозитни сметки на пазарот на пари, како реакција на брзиот подем на инвестициските фондови на пазарот на пари. Во средината на 1980-тите, секјуритизацијата се проширила и на автомобилските кредити, кредитните картички и комерцијалните кредити. Во 1993 година се појавиле кредитните картички со фотографија, а идната година и дебитните картички со претплата (prepaid debit cards), додека во 1996 година започнала примената на интернет-банкарството. Конечно, во 1997 година, банките започнале поинтензивно да ги користат кредитните деривати, кои за првпат се појавиле уште во 1990 година.[41]

Технолошки фактори

[уреди | уреди извор]

Брзиот развој на информациската и комуникациската технологија се јавува како еден од најсилните фактори во работењето на банките. Традиционалните банкарски работи, кои со векови подразбирале личен контакт меѓу банкарските службеници и клиентите, денес се извршуваат со помош на информациската технологија. Така, речиси во секоја продавница постојат продажни терминали (point-of-sale terminals, POS), кои овозможуваат купување со кредитни и дебитни картички; на прометните места банките поставуваат банкомати (automated teller machines, ATMs), преку кои луѓето подигаат готови пари; луѓето и фирмите од своите домови и канцеларии, со помош на компјутер или мобилен телефон, можат да ја проверат состојбата на сметките и да вршат разни плаќања итн. Појавата на интернетот доведе до појава на интернет-банките, кои се невидливи банки, бидејќи немаат деловни згради, филијали, експозитури и шалтери и речиси немаат вработени.[42]

Институционална основа на банките во Македонија

[уреди | уреди извор]

Во Македонија, според Законот за банките, за да се основа банка е потребен почетен капитал во износ од 310.000.000 денари, којшто мора да биде само во паричен облик и да биде уплатен во целост. Дозволата за основање и работа на банките ја издава гувернерот на НБРМ. Банката стекнува својство на правно лице со уписот во трговскиот регистар што се води кај Централниот регистар. Кон пријавата за упис во трговскиот регистар се поднесуваат:[43]

  • Статутот на банката,
  • Решение за издавање дозвола за основање и работење на банката,
  • Доказ дека се уплатени паричните средства на име почетен капитал на привремена сметка кај носителот на платниот промет, односно доказ дека странското лице ги уплатило девизните средства на посебна сметка кај НБРМ,
  • Други документи согласно со прописите за упис во Регистарот.

Банката како тема во уметноста и во популарната култура

[уреди | уреди извор]
  1. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 21.
  2. Закон за банките, „Службен весник на Република Македонија“ бр. 67/2007.
  3. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 22-23.
  4. Kent Matthews and John Thompson, The Economics of Banking. John Wiley and Sons, Chichester, 2005, стр. 33.
  5. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 24-25.
  6. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 3-9.
  7. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 34.
  8. Ѓорѓи Гоцков, Интегрирани макроекономски сметки и случајот на Македонија. Скопје: Еднотера, 2013, стр. 145-149.
  9. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 35-36.
  10. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 4-5.
  11. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 36-37.
  12. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 8.
  13. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 37-38.
  14. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 6-7.
  15. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 8-9.
  16. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 38-39.
  17. Закон за банките, Службен весник на Република Македонија, бр.67/07, 1 јуни 2007, стр. 5-6.
  18. Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скопје:Скенпоинт, 2009, стр. 30.
  19. Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скопје: Скенпоинт , 2009, стр. 31.
  20. Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скопје: Скенпоинт, 2009, стр. 31-32.
  21. Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скопје: Скенпоинт, 2009, стр. 32.
  22. 22,0 22,1 Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скопје: Скенпоинт, 2009, стр. 34.
  23. 23,0 23,1 Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скопје: Скенпоинт, 2009, стр. 35.
  24. Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скопје: Скенпоинт, 2009, стр. 35-36.
  25. Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скопје: Скенпоинт, 2009, стр. 36.
  26. Михаил Петковски, „Финансиски пазари и институции”, Скопје: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Економски факултет, 2002, стр. 356.
  27. Михаил Петковски, “Финансиски пазари и институции”,Скопје: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Економски факултет, 2002, стр. 356.
  28. Михаил Петковски, „Финансиски пазари и институции”, Скопје: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Економски факултет, 2002, стр. 357.
  29. Михаил Петковски, „Финансиски пазари и институции”, Скопје: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Економски факултет, 2002, стр. 358.
  30. Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скопје: Скенпоинт, 2009, стр. 36-37.
  31. Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скопје: Скенпоинт, 2009, стр. 37.
  32. 32,0 32,1 32,2 Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скопје: Скенпоинт, 2009, стр. 38.
  33. Љупчо Трпески, „Банкарство и банкарско работење”, Скопје: Скенпоинт, 2009, стр. 38-39.
  34. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 27.
  35. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 20.
  36. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 27-28.
  37. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 21.
  38. Flow of Funds Accounts of the United States – Flows and Outstandings Fourth Quarter 2007, Washington D.C.: Board of Governors of the Federal Reserve System, March 2008.
  39. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 28-31.
  40. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 31-32.
  41. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 32-33.
  42. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 33.
  43. Закон за банките, Службен весник на Република Македонија, бр. 67/2007.
  44. Хорхе Луис Борхес, Сеќавањето на Шекспир. Скопје: Бегемот, 2016.
  45. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 31-32.
  46. The Pop Group – For How Much Longer Do We Tolerate Mass Murder? (пристапено на 2.3.2024)