Нобелова награда за литература
Нобелова награда за литература | |
---|---|
Мрежно место | https://www.nobelprize.org/prizes/literature/ |
Нобелова награда за литература (шведски: Nobelpriset i litteratur) — награда која се доделува секоја година, почнувајќи од 1901 на автор од некоја земја, кој, според зборовите на Алфред Нобел од неговиот тестамент, го има напишано „најзначајното дело со идеалистички тенденции“ (во оригинал на шведски: den som inom litteraturen har producerat det utmärktaste i idealisk riktning).[1][2] „Делото“ во овој случај се однесува на авторовиот опус, иако понекогаш се цитираат и поединечни дела. Шведската академија одлучува кој, доколку и воопшто има некој, ќе ја прими наградата во соодветната година, а неговото име го објавува во почетокот на октомври.[3]
Изборот на Нобел да го вметне зборот „идеалистичко“ или „идеално“ (во македонски превод) како основен критериум при одбирањето на лауреатите е причина за многу контроверзии и несогласувања. (шведскиот збор idealisk може да се преведе и како „идеалистички“ и како „идеален“.[2]) Во почетокот на дваесеттиот век, Одборот за доделување на наградата се осврнува кон првото значење на зборот, и ова е единствената причина што автори од типот на Лав Толстој и Хенрик Ибзен не ја добиле Нобеловата награда. Сепак, во последно време, зборот е сфатен во многу послободното значење, па Нобеловата награда за литература се доделува и на писатели чии дела се од големо значење, но и на такви кои се залагаат за почитување на човековите права; вторава причина, за некои луѓе, е причина да се додаде и политичка конотација на наградите.[2][4]
„Крунскиот момент во текот на церемонијата по повод доделувањето на наградата во Стокхолм е кога лауреатот истапува за да ја прими наградата од Неговото Височество - Кралот на Шведска. ... Пред очите на целиот свет, Нобеловиот лауреат прима три нешта: диплома, медал и документ кој го потврдува износот на наградата“.[1]
Во последниве години, Шведската академија е на удар на многу критичари. Некои сметаат дека многу светски познати автори не само што не ја добиле, туку и не биле номинирани за наградата, а според други, дел од лауреатите воопшто и не ја заслужуваат. Многу контроверзности се испреплетени и околу политичката димензија на процесот за номинирање и изборот на последните лауреати.[4]
Процедура на номинирање
[уреди | уреди извор]Секоја година, Шведската академија испраќа барања за номинации за Нобеловата награда за литература. Членовите на академијата, членови на литературни академии и друштва, професори по јазик и литература, поранешни Нобелови лауреати, како и претседатели на друштва на писатели - сите тие имаат право да номинираат свој кандидат. Сепак, не е дозволено некој да се номинира себеси.[5]
Илјадници барања се пуштаат секоја година, но одвај педесетина номинации се вратени. Овие предлози, академијата ги прима до 1 февруари, по што Одборот почнува да ги разгледува. До април, академијата го стеснува кругот на дваесетина кандидати, а до почетокот на летото, остануваат петмина. Останатите месеци се разгледуваат делата на можните добитници. Во октомври, членовите на академијата гласаат и оној кандидат што ќе добие повеќе од половина од гласовите, е идниот лауреат. Во основа, процесот е ист како и при доделувањето на останатите награди.[6] Номинациите и предлозите, во принцип, се чуваат во тајност педесет години, но некои од нив, ги откриваат (или тврдат дека ги знаат) медиумите.[7]
Вредноста на наградата варира, но денес изнесува точно 10 милиони шведски круни.[8] Добитникот на наградата добива и златен медал и диплома, како и покана да одржи говор во текот на „Неделата на Нобел“ во Стокхолм. Церемонијата на доделувањето и банкетот се одржуваат на 10 декември.[9]
Заборавени автори и контроверзии
[уреди | уреди извор]Нобеловата награда за литература има долга историја на контроверзии. Така, од 1901 до 1912 година, комитетот го дефинира барањето на Нобел во неговиот тестамент како желба да се награди делото што зрачи со „длабок и цврст идеализам“, поради што Лав Толстој, Хенрик Ибзен, Емил Зола и Марк Твен никогаш нема да се закитат со признанието.[10] Во текот на Првата светска војна и непосредно по нејзиниот завршеток, комитетот негува политика на неутралност, доделувајќи им награди на писатели од земји што не учествувале во војната.[10]
Се смета дека лошо изработениот (иако добро продаван) превод на В. Х. Одн на книгата Vägmärken („Обележја“) на лауреатот за мир од 1961 година Даг Хамарскјелд, придружен од неколку реченици на Одн за време на едно негово предавање во Скандинавија, според кои Хамарскјелд бил хомосексуалец (исто како и поетот), му ги одзеле шансите на Одн за добивање на наградата.[11]
Добитникот на наградата за 1970 година, Александар Солженицин, не присуствува на нејзиното доделување од страв дека СССР би го спречила неговото враќање (неговите дела таму циркулираат илегално, во облик на самиздати). Откако шведската влада одбива да го почести Солженицин со јавна церемонија во московската амбасада, рускиот писател ја одбива наградата, коментирајќи дека условите поставени од Швеѓаните (кои претпочитале посуптилна атмосфера) се „навреда за самата Нобелова награда“. Солженицин не ја прифаќа ниту наградата, ниту паричниот фонд, сè до 10 декември 1974 година, односно дури откако е протеран од Советскиот Сојуз.[12]
Во 1974 година, Греам Грин, Владимир Набоков и Сол Белоу се номинирани, но не и наградени, на сметка на заедничките лауреати Ејвинд Џонсон и Хари Мартинсон, и двајцата и самите членови на одборот. Белоу ќе ја добие Нобеловата награда во 1976; ниту Грин, ниту Набоков нема да бидат наградени до крајот на нивните животи.[13]
Хорхе Луис Борхес бил исто така неколкупати номиниран за Нобеловата награда, но според Борхесовиот биограф Едвин Вилијамсон, академијата не му ја доделила нему само поради неговата политичка дејност која, како што пишува во предговорот на Борхес: Живот, е комплексна од повеќе аспекти.[14] Шведската авторка за деца Астрид Линдгрен е исто така заборавена, според некои критичари поради тоа што академијата не покажува доволно почит кон литературата за деца.[15]
Наградата за Дарио Фо во 1997 година на почетокот се смета за „доста несериозна“ од некои критичари, зашто на Фо, пред сѐ, се гледа како на глумец и изведувач, и поради тоа што самиот тој е претходно цензуриран од Римокатоличката црква.[16] Салман Ружди и Артур Милер често се меѓу фаворитите за добивање на наградата, но Нобеловиот одбор, нивните дела ги дефинира како „премногу предвидливи, премногу популарни“.[17]
Академијата е исто така критикувана поради тоа што одбива да го поддржи Салман Ружди во 1989 година, кога ајатолахот Хомеини издава фатва во која наредува убиство на писателот; двајца членови на академијата, се откажуваат од членството, по нејзиното одбивање да го поддржи Ружди.[18][19]
Изборот на добитникот за 2004, Елфриде Јелинек, наидува на протест од страна на еден виден член на академијата, Кнут Алунд, кој активно не учествува во нејзината работа од 1996; Алунд се откажува од членството, велејќи дека избирањето на Јелинек предизвикува „непоправлива штета“ за угледот на наградата.[18][19]
Конечниот избор на блискиот пријател на Ружди, Харолд Пинтер, за наградата во 2005 година, е одолговлечено за неколку дена, веројатно токму поради отказот на Алунд, но ова предизвикува нови контроверзии околу „политичката димензија“ на наградата на Шведската академија.[4] Проблемот со „политичката исправност“ продолжува и во наредните две години, поради доделувањето на наградата на Орхан Памук и Дорис Лесинг.[20]
Уште неколку големи писатели кои биле номинирани но (за многумина незаслужено) не ја добиле Нобеловата награда се кријат во имињата на Бертолт Брехт, Антон Чехов, Олдус Хаксли, Џејмс Џојс, Роберт Фрост, Марсел Пруст, Ана Ахматова, Марина Цветаева и Вирџинија Вулф.
Список на досегашни лауреати
[уреди | уреди извор]Табелата ги прикажува имињата на добитниците, како и јазикот на кои истите пишувале (што значи истиот се однесува на јазикот на кој се напишани нивните дела). (Извор: Нобеловата фондација.)
* Години во кои има повеќе од еден лауреат.
Најнаградени јазици
[уреди | уреди извор]Пишан јазик |
Лауреати |
---|---|
англиски | 29 |
француски | 16 |
германски | 14 |
шпански | 11 |
италијански | 6 |
шведски | 7 |
руски | 6 |
полски | 5 |
дански | 3 |
норвешки | 3 |
грчки | 2 |
јапонски | 2 |
хебрејски | 2 |
кинески | 2 |
арапски | 1 |
бенгалски | 1 |
чешки | 1 |
фински | 1 |
унгарски | 1 |
исландски | 1 |
окситански | 1 |
португалски | 1 |
српскохрватски | 1 |
турски | 1 |
Земји со најмногу лауреати
[уреди | уреди извор]Лауреатите со двојно државјанство се избројани за секоја држава по еднаш. На пример: Т. С. Елиот се смета и за Американец и уште еднаш за Британец. Писателите во егзил се сметаат според нивната родна земја. Под Германија се подразбираат сите различни фази на нејзиниот развиток, вклучувајќи ги и двете Германии создадени по Втората светска војна.
Земја | Лауреати |
---|---|
Франција | 14 |
Обединето Кралство | 11 |
САД | 11 |
Германија | 10 |
Италија | 6 |
Шведска | 8 |
СССР | 5 |
Шпанија | 5 |
Полска | 5 |
Ирска | 4 |
Данска | 3 |
Норвешка | 3 |
Чиле | 2 |
Грција | 2 |
Индија | 2 |
Јапонија | 2 |
ЈАР | 2 |
Швајцарија | 2 |
НР Кина | 2 |
Австрија | 2 |
Австралија | 1 |
Белгија | 1 |
Канада | 1 |
Колумбија | 1 |
Чешка | 1 |
Египет | 1 |
Финска | 1 |
Гватемала | 1 |
Унгарија | 1 |
Исланд | 1 |
Израел | 1 |
Мексико | 1 |
Нигерија | 1 |
Португалија | 1 |
Света Луција | 1 |
Тринидад и Тобаго | 1 |
Турција | 1 |
СФР Југославија | 1 |
Перу | 1 |
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 „Нобеловата награда за литература“. nobelprize.org.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 Џон Сатерленд (13 октомври 2007). „Мастило и плунка“. Guardian Unlimited Books (англиски). The Guardian. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help) - ↑ „Нобеловата награда за литература“. Шведска академија. Архивирано од изворникот на 2008-02-01. Посетено на 2008-01-31.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 Нил Смит (13 октомври 2007). „Политичка заднина на наградата за Пинтер?“ (англиски). BBC News. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help) - ↑ „Номинации за Нобеловата награда за литература“. nobelprize.org.
- ↑ „Номинации и избирање на добитниците на Нобеловата награда за литература“. nobelprize.org. Архивирано од изворникот на 2007-10-11. Посетено на 2008-01-31.
- ↑ Списоци со номинантите често се наоѓаат во дневните публикации.
- ↑ „Вредноста на Нобеловата награда“. nobelprize.org.
- ↑ „Церемонии по повод доделувањето на Нобеловата награда“. nobelprize.org.
- ↑ 10,0 10,1 Кјел Еспмарк (3 декември 1999). „Нобелова награда за литература“. Nobelprize.org. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help) - ↑ Харолд Орланс, „Егоистичен превод: Зошто В. Х. Одн погрешно ги протолкува 'Обележја' при преведувањето на англиски?“, Heldref Publications, 2000.
- ↑ Стиг Фредриксон, „Како му помогнав на Александар Солженицин да го прошверцува неговиот говор за Нобел од СССР Архивирано на 9 јануари 2010 г.“, nobelprize.org, 22 февруари 2006.
- ↑ „Повик кон Нобел: 100 години контроверзии“. The Independent (англиски). 14 октомври 2005. Архивирано од изворникот на 2007-12-24. Посетено на 2008-01-31. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help) - ↑ Колм Тојбин. „Не ме напуштај“. London Review of Books. Архивирано од изворникот на 2009-04-18.
- ↑ „Пипи Долгиот Чорап предизвика хаос на балетот“. The Local (англиски). 13 мај 2005. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help) - ↑ Џули Керол,„ 'Папата и Вештерката' предизвика протести кај католиците“ Архивирано на 14 февруари 2009 г., Католички дух, 27 февруари 2007.
- ↑ „Нобел го одби лево-ориентираниот шегаџија“, The Times, 10 октомври 1997.
- ↑ 18,0 18,1 „Нобелови судии отстапија во знак на протест“. BBC News Online. BBC. 11 октомври 2005. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help) - ↑ 19,0 19,1 Associated Press, „Кој ја заслужува Нобеловата награда? Судиите не се согласни“ Архивирано на 27 ноември 2005 г., MSNBC 11 октомври 2005.
- ↑ Дан Келум, „Лесинговиот опус на политичка литература: Архивирано на 4 јуни 2011 г. The Nation: скептиците велат дека ова е нелитерарна победа, но академијата ја гледа нејзината визионерска моќ“, CBS News, од The Nation (колумна), 14 октомври 2007.
- ↑ 21,0 21,1 Херман Хесе (1946). „Херман Хесе: Нобеловата награда за литература во 1946“. nobelprize.org. Архивирано од изворникот на 2007-07-06. Посетено на 2008-01-31.
Во 1923, се откажав од германското и земав швајцарско државјанство.
- ↑ 22,0 22,1
„Т.С. Елиот: Нобеловата награда во 1948: Биографија“. nobelprize.org. 1948.
Томас Стернс Елиот (1888-1965) е роден во Сент Луис, Мисури... Во 1927, Елит станува британски државјанин и истовремено се приклучува на Англиканската црква.
- ↑ 23,0 23,1
„Биографија на Нели Закс“. Art Directory GmbH.
Германската писателка и поетеса Нели Закс, чие родено име е Леони Закс, е родена во еврејско семејство на 10 декември 1891 во Берлин-Шенеберг. ... Поради страв од нацизмот, Нели и нејзината мајка емигрираат во Шведска во 1940. ... Во 1950 умира мајка ѝ на Нели. Две години подоцна, Закс се здобива со шведско државјанство.
- ↑ „Нели Закс“. Encyclopædia Britannica. Архивирано од изворникот на 2007-12-19. Посетено на 2008-01-31.
Во 1940... бега во Шведска со помош на романописецот Селма Лагерлеф, со која се допишува и која посредува кај шведското кралско семејство во нејзино име.
- ↑ Мајкл Џ. Бандлер (7 април 2005). „Авторот Сол Белоу умре на 89: Нобеловиот лауреат го сметаа за еден од најголемите романописци на 20 век“. U.S. Department of State. Архивирано од изворникот на 2007-10-12. Посетено на 2008-01-31. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help) - ↑ Елинор и Роберт Слејтер, "Сол Белоу: Добитник на Нобелова награда за литература", Големи Евреи, Jonathan David Company, 1996, 41: "Белоу стана натурализиран американец во 1941."
- ↑ 27,0 27,1 „Исак Башевис Сингер: Биографија“. Harry Ransom Humanities Research Center на Универзитетот во Тексас. Архивирано од изворникот на 2007-12-31. Посетено на 2008-01-31.
- ↑ „Чеслав Милош“. Encyclopædia Britannica.
- ↑ „Чеслав Милош“. Калифорниски Универзитет. Архивирано од изворникот на 2008-02-16. Посетено на 2008-01-31.
- ↑ „Елијас Канети: Нобелова награда за литература во 1981: Curriculum Vitae“. nobelprize.org. Архивирано од изворникот на 2007-10-11. Посетено на 2008-01-31.
Роден е на 25 јули 1905 година, во Русе, Бугарија. Во 1952 година прима британско државјанство.
- ↑ 31,0 31,1
„Јосиф Бродски 1940–1996“. eNotes.
Често нарекуван најдобриот поет на својата генерација, Бродски е роден и израстен во Советскиот Сојуз, а американски државјанин станува во 1977 година.
- ↑ „Шејмус Хини: Нобеловата награда за литература во 1995: Биографија“. nobelprize.org. 1995.
- ↑ „Шејмус Хини: Преживеа сѐ“.
- ↑ „Гао Сјингѓен: Нобеловата награда за литература во 2000: Биографија“. nobelprize.org. 2000.
- ↑ 35,0 35,1 „Гао Сјингѓен 1940-“. eNotes.[мртва врска]
- ↑ „В. С. Најпол 1932-“. eNotes.
- ↑ „Џ. М. Куци станува австралиски државјанин“ Архивирано на 1 октомври 2007 г., Mail & Guardian, 6 март 2006.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Сите добитници на Нобелова награда за литература Архивирано на 13 ноември 2002 г. – официјална страница на Нобеловата фондација(англиски)
- Церемонии по повод доделувањето на Нобеловата награда – Официјална страница на Нобеловата фондација со хиперврски (англиски)
- Медалот за Нобелова награда за литература – Официјална страница на Нобеловата фондација(англиски)
Нобелова награда |
Економија | Физика | Хемија | Физиологија или медицина | Мир | Литература |
|
Статијата „Нобелова награда за литература“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |
|