Прејди на содржината

Диего Гарсија

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Координати: 7°18′48″S 72°24′40″E / 7.31333° ЈГШ; 72.41111° ИГД / -7.31333; 72.41111
Од Википедија — слободната енциклопедија
Преработка од 01:15, 23 септември 2024; направена од Bjankuloski06 (разговор | придонеси) (Дополнителна литература: Исправено заглавие, replaced: = За понатамошно читање = → = Дополнителна литература =)
(разл) ← Претходна преработка | Последна преработка (разл) | Следна преработка → (разл)
Диего Гарсија
Воздушна снимка на Диего Гарсија
Географија
Координати7°18′48″S 72°24′40″E / 7.31333° ЈГШ; 72.41111° ИГД / -7.31333; 72.41111
АрхипелагЧагос
Соседни водни површиниИндиски Океан
Површина30 км2
Држава
Најголема населбаЕклипс Поинт Таун
Демографија
Население4,239[1]
Дополнителни податоци
Часовен појас
Прогласено:4 јули 2001
Број1077[2]


Диего Гарсија (англиски: Diego Garcia) — атол кој се наоѓа малку појужно од екваторот, сместен во средиштето на Индискиот Океан, а е најголемиот од 60-те мали острови кои го чинат архипелагот Чагос. Тој бил француска колонија во 1790-тите години, но по Наполеоновите војни потпаднал под британска власт. Под британска власт бил една од „Зависностите“ (англ. Dependencies) на британската колонија Маврициус, сè додека не бил одвоен од Маврициус за да биде приклучен кон новосоздадената Британската Индоокеанска Територија (БИОТ) во 1965 година.

Помеѓу 1968 и 1973 година, населението на островот било насилно протерано од Обединетото Кралство и САД, за да се изгради американска воена база на островот. Голем број жители на островот биле депортирани на Маврициус и на Сејшелите, по што САД изградиле голема поморска и воена база, која оттогаш е во континуирана операција.[3] До август 2018 година, Диего Гарсија е единствениот населен остров на BIOT; населението е составено од воен персонал и помошни изведувачи. Тој претставува една од двете критични американски бази бомбардери во подрачјето на Азија–Тихоокеанија, заедно со воздухопловната база Андерсен (англ. Andersen Air Force Base), која се наоѓа на островот Гуам во Тихиот Океан.[4]

Атолот се наоѓа 3.535 км источно од брегот на Танзанија, 1.796 км југозападно од јужниот дел на Индија (градот Канијакумари) и 4.723 км северозападно од западниот брег на Австралија (кај Кејп Рејнџ националниот парк, Западна Австралија). Диего Гарсија лежи на најјужниот дел од морскиот гребен Чагос-Лакадив, кој претставува огромен подводен планински венец,[5] чии врвови се составени од корални гребени, атоли и острови како што се Лакадиви, Малдиви и архипелагот Чагос. Месното време е UTC+06:00 во текот на целата година (нема летно сметање на времето).

На 23 јуни 2017 година, Генералното собрание на ООН гласало за упатување на територијалниот спор меѓу Маврициус и Велика Британија до Меѓународниот суд на правдата со цел да се разјасни правниот статус на островите на архипелагот Чагос во Индискиот Океан. Предлогот беше одобрен со мнозинство гласови, со 94 гласа за и 15 против.[6][7]

Во септември 2018 година, Меѓународниот суд на правдата во Хаг ги разгледувал аргументите на случајот во врска со тоа дали Британија го прекршила суверенитетот на Маврициус кога ги зазела островите за свои цели.

Сателитска снимка на островот Диего Гарсија

Историја

[уреди | уреди извор]

Историја на островот пред неговото откривање од Европејците

[уреди | уреди извор]
Кокосова плантажа, Ист Поинт (поранешно главно населено место)

Според усното предание на населението од Јужните Малдиви, во минатото имало случаи на трговци и рибари кои случајно завршувале на некој од островите од Чагос, откако биле загубени на море. Меѓутоа, различните атоли на Чагос немаат поединечни имиња во усното предание на жителите на Малдивите.[8]

Ништо не е познато за историјата на островот Диего Гарсија пред неговото откритие од страна на Европејците. Постојат различни шпекулации дека островот веројатно бил посетуван од австронезиски народи околу 700-тата година, или дека можеби бил посетуван од Арапите, кои во 900-тата година стигнале до Лакадивите и Малдивите, но ниедна од овие теории не е докажана.

Откривање од Европејците

[уреди | уреди извор]

Се смета дека првиот Европеец кој го открил островот бил португалскиот навигатор, истражувач и дипломат Педру ди Машкаренаш за време на неговото патување во 1512 — 1513 година. Тој го именувал островот Дом Гарсија, во чест на неговиот покровител, Дом Гарсија де Нороња.[9][10][11] Островот повторно бил откриен од страна на друга португалска експедиција, во 1544 година, предводена од шпанскиот истражувач Диего Гарсија де Могер,[12] кој островот го именувал по себе.

Чагосанец, фотографиран во 1969 г.

Картата на Себастијан Кабот (Антверпен, 1544 година) покажува голем број острови на југ, кои може да претставуваат Маскаренските острови. Првата карта која идентификува и именува група на острови под името „Лос Чагос“ (Los Chagos), кои точно се поклопуваат со постоечките острови, е онаа на Пјер Деселије (Дјеп мапите од 1550 година), иако островот Диего Гарсија не е именуван. Остров наречен „Дон Гарсија“ се појавува во атласот Theatrum Orbis Terrarum на Абрахам Ортелиј (Антверпен, 1570 година), заедно со името „Дос Компањос“ (Dos Compagnos), малку на север. Герард Меркатор го именувал островот како „Дон Гарсија“ во својата светска мапа Nova et Aucta Orbis Terrae Descriptio ad Usum Navigatium Emendate (Дисбург, 1569 година).

Првата карта која го именува островот според неговото денешно име, Диего Гарсија, е Светската карта (англ. World Map) на англискиот математичар и картограф Едвард Рајт (Лондон, 1599 година). Во светската карта Nova Totius Terrarum Orbis Geographica, на холандскиот картограф Хенрик Хондиус II (Антверпен, 1630 година), повторно се употребува името кое го дал Едвард Рајт, кое оттогаш се користело во сите светски карти до ден-денес.

Населување на островот

[уреди | уреди извор]

Диего Гарсија и останатите островите од Чагос биле ненаселени сѐ до крајот на 18 век. Во 1778 година, францускиот гувернер на Маврициус му го доделил островот Диего Гарсија на Господин Дупју де ла Феј, а постојат докази за привремени посети од страна на Французите, кои собирале кокоси и риболовеле.[13] Неколку Французи кои живееле во „десетина колиби“ го напуштиле островот кога Британската источноиндиска компанија (EIC, од англ. East India Company) се обидела да основа населба на островот во април 1786 година. Во октомври 1786 година, британската колонија пропаднала.[13] По заминувањето на Британците, француската колонија Маврициус почнала да испраќа луѓе заболени од лепра на Диего Гарсија, а во 1793 година, Французите основале кокосова плантажа со употреба на робови како работна сила. Тие, исто така, произведувале и извезувале јажиња направени од кокосови влакна и морски краставици, кои се сметале за деликатес во повеќе источноазиски земји.[13]

Диего Гарсија станал колонија на Обединетото Кралство по Наполеоновите војни, како дел од Парискиот мировен договор (1814 година), а од 1814 до 1965 година островот бил под администрацијата на Маврициус.[13] Главните плантажи биле сместени на Ист Поинт, главната населба на источниот раб на атолот; на Мини Мини, кој се наоѓа 4,5 километри северно од Ист Поинт, и на Поинт Мариан, на западниот раб на атолот. Сите се наоѓаат на страната на лагуната на атолскиот раб. Работниците живееле на овие локации, но и во селата расфрлани по островот.

Од 1881 до 1888 година, Диего Гарсија бил станица за гориво (јаглен) за паробродовите кои пловеле преку Индискиот Океан.[14]

Во 1882 година, француското претпријатие Société Huilière de Diego et de Peros, со седиште во Маврициус, ги консолидирало сите плантажи во Чагос под своја контрола.[14]

Островот во 20 век

[уреди | уреди извор]
Барахојот Морис на Диего Гарсија

Во 1914 година, островот бил посетен од страна на германската лесна крстарица SMS Emden во текот на првите месеци од Првата светска војна.[15]

Во 1942 година, Британците на островот ја отвориле базата „Диего Гарсија“ на Кралското воено воздухопловство (RAF, од анг. Royal Air Force) и формирале хидроавионска единица на плантажата Ист Поинт, со воен персонал и опрема на ескадрилите бр. 205 и бр. 240, префрлени од стационарот во Цејлон. Во текот на Втората светска војна, воените авиони Каталина (Consolidated PBY Catalina) и Сандерленд (Short S.25 Sunderland) летале во потрага по јапонски и германски подморници. Во Канон Поинт,[16] биле инсталирани два шест-инчни поморски топови од одредот на кралските маринци (RM, Corps of Royal Marines). Во февруари 1942 година, имало мисија со цел да се заштити малата база на Кралската морнарица и Кралската воена воздухопловна база сместени на островот од можен јапонски напад. По завршувањето на војната, базата била затворена на 30 април 1946 година.[13]

Во почетокот на 1960-тите години, Велика Британија го повлекла своето воено присуство од Индискиот Океан, но тоа не го вклучувало воениот аеродром RAF Gan на север од Диего Гарсија, на Малдивите, кој останал отворен до 1976 година. Тие се согласиле да им дозволат на САД да воспостават поморска комуникациска база на еден од островите. Соединетите Држави побарале ненаселен остров кој ѝ припаѓал на Велика Британија за да се избегнат политичките потешкотии со новите независни држави. На крај, Велика Британија и САД се согласиле дека островот Диего Гарсија е најпогодната локација.[17]

Купување на островот од страна на Обединетото Кралство

[уреди | уреди извор]
Неасфалтиран пат во источната забранета зона на Диего Гарсија

За да се постигне стратегијата за заемна одбрана на Обединетото Кралство и САД, во ноември 1965 година, Велика Британија го купила архипелагот Чагос од тогашната самоуправна колонија Маврициус за 3 милиони фунти, за да ја создаде Британската Индоокеанска Територија (БИОТ). Намерата била да се затворат плантажите за да се создаде ненаселена британска територија од која САД ќе можат да ги спроведуваат своите воени активности во регионот.[17]

Во април 1966 година, британската влада го купила целиот имот на компанијата Chagos Agalega во BIOT за 600.000 фунти и го раководела како државно претпријатие, додека го чекала финансирањето од Соединетите Држави за предложените објекти.[13] Сепак, плантажите, и во претходната приватна сопственост и под државна управа, се покажале како непрофитабилни поради воведувањето на нови масла и мазива на меѓународниот пазар и отворањето на нови и поголеми кокосови плантажи во Југоисточна Азија и на Филипините.

На 30 декември 1966 година, САД и Велика Британија склучиле договор, според кој на САД им се дозволува да го користат BIOT за одбранбени цели за период од 50 години (до декември 2016 година), со продолжеток од 20 години (до 2036 година), доколку ниту една од договорените страни не даде известување за прекин на договорот две години однапред (декември 2014-декември 2016 година). Велика Британија го има правото да одлучи под какви дополнителни услови би се продолжил договорот.[18] Не било направено парично плаќање од САД на Обединетото Кралство како дел од овој договор или било кој од неговите последователни амандмани. Наместо тоа, Обединетото Кралство добило попуст од 14 милиони американски долари од САД за купувањето на балистички ракетен систем Поларис ракети (UGM-27 Polaris), според еден декласифициран додаток на договорот од 1966 година.[17]

Пристигнување на морнарицата на САД на островот

[уреди | уреди извор]

За САД, островот Диего Гарсија претставувал важна територија за поставување на воена база. Според Стјуарт Барбер, цивил кој работел за морнарицата на САД во Пентагон, Диего Гарсија бил сместен доволно далеку од потенцијални закани, имал малубројно месно население и бил остров кој не бил посакуван од други земји поради недостатокот на економски интереси. Барбер бил одговорен за дизајнирањето на концептот на стратегиски остров, според кој Диего Гарсија и другите стекнати мали острови би играле клучна улога во одржувањето на американската доминација во светот.

Британскиот колонијален гувернер Сер Брус Грејтбеч

Една од клучните предности на островот Диего Гарсија била неговата ретка населеност. Ненаселен сè до доцниот 18 век, Диего Гарсија немал домородно население. Единствените жители биле европски надгледници кои управувале со плантажите на кокос и наемни работници, главно од африканско, индиско и малезиско потекло, познати како Чагосанци (англ. Chagossians, Îlois или Chagos Islanders), кои живееле и работеле на овие плантажи веќе неколку генерации. Пред основањето на воената база, владата на САД била информирана од британската влада (во чија сопственост бил островот) дека Диего Гарсија брои само неколку стотици жители. Овој податок се покажал како неточен, бидејќи популацијата броела над 1000 лица.[19]

Независно од бројноста на населението, Чагосанци морале да бидат протерани од островот пред изградбата на воената база. Во 1968 година, биле спроведени првите тактики за редуцирање на населението на Диего Гарсија. На пример, лицата кои го напуштале островот, било за одмор или од здравствени причини, не добивале дозвола да се вратат назад, а оние кои не го напуштале островот имале ограничен пристап на храна и медицински материјали. Тактиката била спроведувана со надеж дека лицата кои останале на островот ќе почнат да заминуваат „доброволно“.[20]

Во март 1971 година, американските поморски конструкциски баталјони (анг. United States Naval Construction Battalions, попознати како Seabees), пристигнале на Диего Гарсија за да започнат со изградба на комуникациската станица и аеродромот.[21] За да се задоволат условите на договорот помеѓу Велика Британија и САД за ненаселен остров, плантажата на Диего Гарсија била затворена во октомври истата година.[17] Работниците на плантажите и нивните семејства биле преселени на плантажите на атолите Перос Банос и Саломон на северозапад. Тогаш веќе независната влада на Маврициус одбила да ги прифати островјаните без паричен надомест, па во 1974 година Велика Британија платила дополнителни 650.000 фунти на владата на Маврициус за да ги прифатат островјаните.[17] Преостанатите островјани на Диего Гарсија, помеѓу 1971 и 1973 година, биле принудно качени на товарни бродови кои биле упатени кон Маврициус и Сејшелите.

До 1973 година, изградбата на станицата за поморски комуникации (NAVCOMMSTA) била завршена.[13] Во раните 1970-ти години, голем број на политички збиднувања во светот, како што се падот на Сајгон, победата на Црвените Кмери во Камбоџа, затворањето на воениот аеродром Пешавар во Пакистан и Кагнев базата во Еритреја, инцидентот од Мајагез, зголеменото советско поморско присуство во Аден (Јемен) и советската воздухопловна база во Бербера, Сомалија, ги натерале САД да побараат, а Велика Британија да одобри, дозвола за изградба на воено пристаниште и проширен аеродром на Диего Гарсија, додека Seabees двојно го зголемиле бројот на работниците кои ги граделе овие објекти.[13]

Фотографија од 1982 г. прикажува неасфалтиран пат направен од кршени и мелени корали

По падот на иранскиот шах и иранската заложничка криза (1979-1980 година), во Западот завладеал страв за сигурноста на протокот на нафта од Персискиот Залив преку Ормускиот Проток, па затоа САД добиле дозвола за проширување на воените објекти на Диего Гарсија во вредност од 400 милиони долари.[13]

Заштитено морско подрачје Чагос

[уреди | уреди извор]

На 1 април 2010 година, водите околу Чагос биле прогласени за Заштитено морско подрачје Чагос (англ. Chagos Marine Protected Area). Сепак, државата Маврициус се спротивставила на оваа одлука, наведувајќи дека одлуката е спротивна на законските права на Маврициус, па затоа на 18 март 2015 година, Постојаниот арбитражен суд (PCA) пресудил дека Заштитено морско подрачје Чагос е нелегално според Женевските конвенции за морско право (UNCLOS - United Nations Convention on the Law of the Sea), бидејќи Маврициус имала правно обврзувачки права за риболов во водите околу Чагос , до евентуално враќање на Чагос , а и кон зачувување на минерали или нафта откриени во или во близина на Чагос пред неговото враќање.[22]

Население

[уреди | уреди извор]

Пред неговото откритие од шпанскиот истражувач Диего Гарсија де Могер, островот Диего Гарсија немал постојано население. Тој останал ненаселен сè додека не бил претворен во француска колонија во 1793, кога за првпат биле изградени постојани населби на островот.

Француски населби

[уреди | уреди извор]

Повеќето жители на Диего Гарсија во периодот од 1793-1971 година биле работници на плантажи, но тука исто така биле вклучени Франко-Маврициските менаџери, Индо-Маврициските администратори, наемни работници од Маврициус и Сејшелите, а во доцниот 19 век, имало и кинески и сомалиски работници.

Од сите овие работници се развила посебна креолска култура наречена Îlois, што на француски јазик значи „островјани“. Îlois населението, кои од крајот на 1990-тите години станале познати како Чагосанци (англ. Chagossians, Îlois или Chagos Islanders), главно потекнуваат од робови кои помеѓу 1793 и 1810 година биле донесени од Мадагаскар, и од малезиски робови купени на пазарот за робови на островот Ниас (сместен близу северозападното крајбрежје на Суматра), во периодот околу 1820 година, сè додека не бил донесен Законот за укинување на ропството од 1833 година.[23]

Во текот на нивната регистрирана историја, плантажите на Чагос имале население кое броело околу 1.000 лица, од кои околу две третини живееле на островот Диего Гарсија. Популацијата на сите острови од Чагос достигнала најголема бројка во 1953 година, кога изнесувала 1.142 жители.[19]

Во текот на колонијалниот период, стопанството на островот се состоело од кокосни плантажи за производство на копра и/или кокосово масло, сè до затворањето на плантажите и релокацијата на жителите во октомври 1971 година. За краток период во 1880-тите години, островот служел како станица за гориво (јаглен) за паробродови кои од Суецкиот Канал пловеле преку Индискиот Океан до Австралија.[13]

Протерување на населението до 1971 година

[уреди | уреди извор]

Сите жители на островот Диего Гарсија биле присилно преселени на други острови во Чагос , Маврициус или Сејшелите до 1971 година, за да се задоволат барањата на договорот потпишан помеѓу Обединетото Кралство и САД во 1966 година за изградбата на воена база.[24] Не постои консензус за тоа колку од евакуираните лица ги исполнувале критериумите за да бидат Îlois по националност, но владите на Велика Британија и Маврициус се согласиле, во 1972 година, дека на 426 семејства,[25] со вкупно 1151 лица, требале да им се исплатат надоместоци поради прогонството од островот. Вкупниот број на луѓе сертифицирани како Îlois од страна на Одбор на траст фондовите на владата на Маврициус во 1982 година изнесувал 1.579 лица.[26]

Петнаесет години по последното протерување, Чагосанци добиле мал надомест од британската влада, во висина од 6.000 долари по лице, додека некои од нив не добиле никаков надомест. До 2016 година, британското протерување на населението од островот останува во отворена судска постапка.[27][28] Денес, Чагосанци остануваат осиромашени и живеат како „маргинализирани“ туѓинци на островите Маврициус и Сејшелите.

По 1971 година

[уреди | уреди извор]

Помеѓу 1971 и 2001 година, единствените жители на островот Диего Гарсија биле британски и американски воени лица и цивилни службеници. Исто така имало наемни работници од Филипините и Маврициус, вклучувајќи и некои Îlois.[29] За време на борбените операции од атолот против Авганистан (2001-2006 година) и Ирак (2003-2006 година), голем број сојузнички војници биле засновани на островот, вклучувајќи војници од Австралија, Јапонија и Република Кореја.[30] Според Дејвид Вин, „Денес, во кое било време, на островот живеат 3.000 до 5.000 американски војници и помошен цивилен персонал“.[31] Денешните жителите не зависат од островот и околните води за опстанок. Иако е дозволен рекреативен риболов, сета друга храна се увезува преку море или воздух.[32]

Во 2004 година, литературата за регрутирање на Морнарицата на САД го опишувала островот Диего Гарсија како една од најдобро чуваните тајни во светот, со одлични рекреативни објекти, природни убавини и извонредни услови за живеење.[33]

Политика

[уреди | уреди извор]
Детална мапа на Диего Гарсија

Диего Гарсија е единствениот населен остров во Британската Индоокеанска Територија (БИОТ). Владата на BIOT се состои од комесар (англ. Commissioner for the British Indian Ocean Territory) назначен од кралицата. На комесарот му помага администратор и мал персонал, чие седиште е во Лондон, а престојува во Канцеларијата за надворешни работи и Комонвелт (FCO, од англ. Foreign and Commonwealth Office).

Воена администрација

[уреди | уреди извор]

Велика Британија ја претставува територијата на меѓународно ниво. Месна власт не постои,[34] а претставник на администрацијата е офицерот командант на Британските сили на Диего Гарсија, „Британскиот претставник“. Законите и прописите ги прогласува комесарот, а се спроведуваат во BIOT од страна на Британскиот претставник.

Од голема важност за администрацијата на BIOT е односот со воените сили на САД кои престојуваат на островот Диего Гарсија. Годишен состанок, наречен „The Pol-Mil Talks“ (разговор за политичко-воени прашања), се одржува во Канцеларијата за надворешни работи и комонвелт, во Лондон, за решавање на релевантните прашања. Резолуциите се формализираат со „Размена на белешки“ (Exchange of Notes), или, од 2001 година, „Размена на писма“ (Exchange of Letters).

Ниту САД ниту Велика Британија не го признаваат островот Диего Гарсија како предмет на Договорот од Пелиндаба (1996 година), во кој се наведува дека BIOT е опфатен со договорот.[35][36][37] Во јавноста не е познато дали некогаш било складирало јадрено оружје на островот.[38] Ноам Чомски и Питер Сенд тврдат дека САД и Велика Британија ја блокираат целосната имплементација на овој договор.[39][40]

Транснационални политички прашања

[уреди | уреди извор]

Постојат две транснационални политички прашања за Диего Гарсија и BIOT, преку британската влада.

  • Прво, островската нација Маврициус полага право на Архипелагот Чагос (кој има заедничка граница со BIOT), вклучувајќи го и островот Диего Гарсија. Подружно прашање е противењето на Маврициус на изјавата на владата на Велика Британија од 1 април 2010 година, дека BIOT е заштитено морско подрачје, каде риболовот и екстрактивните индустрии (вклучително истражувањата за нафта и гас) се забранети.[41]
  • Второ, прашањето за компензација и репатријација (враќање во татковината) на поранешните жители, прогонети од 1973 година, останува во отворена судска постапка и е доставен до Европскиот суд за човекови права од страна на група поранешни жители.

Наводи за присуство на затвор

[уреди | уреди извор]

Во 2015 година, поранешниот шеф на кабинетот на американскиот државен секретар Колин Пауел, Лоренс Вилкерсон, тврдел дека островот Диего Гарсија бил користен од Централната разузнавачка агенција (анг. Central Intelligence Agency, скратено CIA) за „злобни активности“. Тој тврдел дека дознал од тројца американски разузнавачки извори дека Диего Гарсија бил користен како „транзитна локација каде луѓето биле привремено сместени, да речеме, и испрашувани од време на време“ и, „Она што го слушнав беше повеќе од типот дека го користеле како транзитна локација кога другите места биле полни или ги сметале за премногу опасни или несигурни или недостапни во моментот“.[42][43]

Во јуни 2004 година, државниот секретар за надворешни работи на Обединетото Кралство, Џек Стро, изјавил дека властите во САД постојано го уверувале дека ниту еден затвореник не поминал низ Диего Гарсија.[44]

Во 2005 година се појавиле гласини дека Диего Гарсија бил една од тајните локации на CIA.[45] Во октомври 2007 година, Комитетот за надворешни работи на британскиот парламент објавил дека ќе започне истрага за тврдењата за затвор на Диего Гарсија, за кои тврдел дека двапати биле потврдени со коментарите на пензионираниот генерал на армијата на САД, Бери МекКефри.[46] На 31 јули 2008 година, неименуван поранешен функционер во Белата куќа тврдел дека САД имале затворено и испрашувано најмалку еден осомничен на островот Диего Гарсија во текот на 2002 година, а можеби и во 2003 година.[47]

Манфред Новак, еден од петте специјални известувачи на Обединетите нации за тортура, тврди дека постојат цврсти докази кои ги поддржуваат наводите за користење на островот Диего Гарсија како затвор.[46] Организацијата за човекови права Reprieve тврди дека бродови на Соединетите Американски Држави кои се наоѓале надвор од територијалните води на Диего Гарсија, биле користени за затворање и мачење на притвореници.[48]

Природни одлики

[уреди | уреди извор]

Сите растенија, диви животни и водни видови на островот се заштитени до некој степен. Покрај тоа, поголемиот дел од лагунските води се заштитени под ознаката на Рамсарско место, а голем дел од островот се природни резервати.

Во 2004 година, Велика Британија аплицирала за доделување на заштитен статус Рамсарско место на лагуната и другите води на Диего Гарсија, што било одобрено.[49]

Географија

[уреди | уреди извор]
Мапа на Диего Гарсија

Диего Гарсија е најголемата копнена маса во Архипелагот Чагос (која ги вклучува Перос Бањос, Саломонските Острови, Три Браќа, Егмонт Острови и Големиот Чагосов Брег), како атол од околу 174 км2, од кои 27.19 км2 е копно.[50] Континуираниот дел од атолскиот раб се протега 64 км од едниот до другиот крај, опфаќајќи лагуна долга 21 км и широка 11 км, со отвор од 6 км отвор на север. Во делот на отворот се наоѓаат три мали острови.

Островот ја има најголемата континуирана копнена површина од сите атоли во светот. Атолскиот раб варира во ширина од неколку стотина метри до 2,4 километри. Типично за коралните атоли, тој има максимална височина на некои дини од океанската страна на работ од 9 метри над морското ниво. Атолскиот раб речиси затвора лагуна долга околу 19 километри и широка околу 8 километри. Атолот создава речиси целосен копнен раб околу лагуната, што опфаќа околу 90% од нејзиниот периметар, со еден отвор на север.[50]

Вкупната површина на атолот е околу 170 км2. Површината на лагуната изнесува околу 120 км2, со длабочина до околу 25 метри. Вкупната копнена површина (со исклучок на периферните гребени) — околу 30 км2.

Во лагуната, бројни корални глави претставуваат опасност за навигација. Во јужната половина на лагуната постојат бројни солени езера наречени барахои. Овие мали лагуни надвор од главната лагуна се полнат со морска вода во тек на плима, а се сушат во тек на осека. Научни експедиции во 1996 и 2006 година ја опишале лагуната и околните води на Диего Гарсија, заедно со остатокот од Архипелагот Чагос, како „исклучително незагадени“ и „беспрекорно чисти“.[51]

На Диего Гарсија често се јавуваат земјотреси предизвикани од движењата на тектонските плочи долж Карлсберговиот Појас, кој се наоѓа веднаш на запад од островот. На 30 ноември 1983 година бил измерен земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала, кој траел 72 секунди, а резултирал со мала штета. Друг земјотрес, со јачина од 4,6 степени според Рихтеровата скала, бил измерен на 2 декември 2002 година.[11]

Во декември 2004 година, земјотресот и цунамито во Индискиот Океан, во близина на Индонезија, предизвикале мала ерозија на брегот на Бартон Поинт (североисточна точка на атолот Диего Гарсија).

Океанографија

[уреди | уреди извор]

Островот Диего Гарсија лежи во рамките на влијанието на Јужноекваторијалната струја, во текот на целата година. Површинските струи на Индискиот Океан, исто така, имаат монсунски режим поврзан со Азискиот монсунски ветер. Температурата на морската површина е во опсег од 27-29 °C, во текот на целата година.

Еклипс Поинт

Годишните врнежи од дожд во просек изнесуваат 2603,5 mm, со наинтензивни врнежи од септември до април. Јануари е највлажниот месец, со просечна месечна преципитација од 353 mm, а август е најсувиот месец, со просечна месечна преципитација од 106,5 mm.

Главниот фактор кој ја контролира климата на островот е температурата на околната морска површина, која главно е константна во текот на годината, со просечен дневен максимум од 30 °C во март и април и 29 °C во периодот од јули до септември. Диурналната варијација е приближно 3-4 °C, така што најниската ноќна температура е 27 °C. Влажноста на воздухот е висока во текот на целата година.

Од декември до март, дуваат западни ветрови со брзина од околу 11 км/ч. Во текот на април и мај, ветровите се слаби и променливи, а дуваат во источен или југоисточен правец. Од јуни до септември се чувствува влијанието на југоисточните пасати, со брзина од 18,5 – 27,8 км/ч. Во текот на октомври и ноември, ветровите повторно стануваат слаби и променливи.

Ризикот од тропски циклони на островот Диего Гарсија е минимален, поради неговата близина до екваторот. Само неколкупати во историјата на островот биле забележани појаки бури, како во 1901 година, на 16 септември 1944 година,[52] во септември 1990 година и на 22 јули 2007 година.

Климатски податоци за Диего Гарсија (1951–2005 г.)
Месец Јан Фев Мар Апр Мај Јун Јул Авг Сеп Окт Ное Дек Год.
Рекордно висока темп. °C (°F) 34.4

(93.9)
37.2

(99)
36.1

(97)
35.0

(95)
36.1

(97)
35.0

(95)
32.2

(90)
32.2

(90)
33.3

(91.9)
34.4

(93.9)
35.0

(95)
37.2

(99)
37.2

(99)
Просечна висока темп. °C (°F) 29.8

(85.6)
30.3

(86.5)
30.9

(87.6)
30.9

(87.6)
30.2

(86.4)
29.4

(84.9)
28.7

(83.7)
28.7

(83.7)
29.0

(84.2)
29.4

(84.9)
29.8

(85.6)
30.1

(86.2)
29.7

(85.5)
Просечна дневна темп. °C (°F) 27.1

(80.8)
27.4

(81.3)
27.6

(81.7)
27.8

(82)
27.5

(81.5)
26.8

(80.2)
26.3

(79.3)
26.1

(79)
26.4

(79.5)
26.7

(80.1)
27.0

(80.6)
27.2

(81)
27.0

(80.6)
Просечна ниска темп. °C (°F) 24.7

(76.5)
25.0

(77)
25.4

(77.7)
25.7

(78.3)
25.4

(77.7)
24.7

(76.5)
24.2

(75.6)
24.1

(75.4)
24.2

(75.6)
24.3

(75.7)
24.7

(76.5)
24.8

(76.6)
24.8

(76.6)
Рекорно ниска темп. °C (°F) 20.0

(68)
20.0

(68)
17.8

(64)
21.1

(70)
17.8

(64)
17.8

(64)
17.2

(63)
20.0

(68)
21.1

(70)
16.1

(61)
21.7

(71.1)
18.3

(64.9)
16.1

(61)
Просечна преципитација mm (инчи) 340

(13.39)
279

(10.98)
213

(8.39)
194

(7.64)
167

(6.57)
147

(5.79)
144

(5.67)
145

(5.71)
244

(9.61)
281

(11.06)
221

(8.7)
273

(10.75)
2,648

(104.25)
Просечна преципит. ден (≥ 0.3 mm) 22 19 18 17 15 15 17 16 16 20 19 20 212
Просечна релативна влажност (%) 80 79 78 77 79 79 79 79 80 79 79 78 79
Извор #1: Deutscher Wetterdienst[53]
Извор #2: Meteo Climat (record highs and lows)[54]
Слатководно мочуриште на Диего Гарсија

Првите ботанички истражувања на островот биле направени од страна на Хјум во 1883 година, кога плантажите на кокос веќе постоеле еден цел век. Последователни истражувања и собирања на растителни примероци биле направени во 1885, 1905, 1939 и 1967 година.[55] Поради ова, многу малку е познато за флората на островот пред тој да биде населен од човекот.

Истражувањето од 1967 година, објавено од Смитсоновиот институт (на англиски: Smithsonian Institution), се користи како најавторитативна основа за поновите истражувања. Овие истражувања покажуваат дека растителноста на островот мошне брзо се менува. На пример, Џ.М.В. Топ собирал годишно податоци во периодот од 1993 до 2003 година и открил дека, во просек, секоја година на островот пристигнуваат три нови видови на растенија.[56] Топп и Мартин Хамилтон, од Кралските ботанички градини во Кју, го составиле најновиот список на растителноста на островот во 2009 година.[57]

Густа кокосова шума на Диего Гарсија

Во 1967 година, Штодарт опишал дека литоралниот појас на Диего Гарсија е населен со грмушката Scaevola taccada (Goodeniaceae), додека во внатрешноста доминира кокосовото дрво (Cocos nucifera, Arecaceae).

Во 1997 година, морнарицата на САД спровела истражување за растителност на островот Диего Гарсија, кое идентификувало околу 280 видови на копнени васкуларни растенија.[58] Ниту еден од растителните видови не се покажал како ендемски за островот. Друго истражување, од 2005 година, идентификувало само 36 домородни растителни видови, односно видови кои не ги донел човекот. Моментално не постои ниту еден загрозен растителен вид на копното на Диего Гарсија.

Шума доминирана од дрвото Hernandia на Диего Гарсија

Од 36-те домородни васкуларни растенија на Диего Гарсија, 12 се дрвја, пет се грмушки, седум се дикотиледони зелјести билки, три се треви, четири се ползавици и пет се папрати.

Дванаесетте дрвенести домородни видови се: Barringtonia asiatica (Lecythidaceae), Calophyllum inophyllum (Calophyllaceae), Cocos nucifera (Arecaceae), Cordia subcordata (Boraginaceae), Guettarda speciosa (Rubiaceae), Intsia bijuga (Fabaceae), Hernandia sonora (Hernandiaceae), Morinda citrifolia (Rubiaceae), Neisosperma oppositifolium (Apocynaceae), Pisonia grandis (Nyctaginaceae), Terminalia catappa (Combretaceae) и Heliotropium foertherianum (Boraginaceae). Уште три видови на дрва се чести, кои може да се домородни, но, поеднакво е можно да биле донесени од луѓето: Casuarina equisetifolia (Casuarinaceae), Hibiscus tiliaceus (Malvaceae) и Pipturus argenteus (Urticaceae).

Петте домородни грмушести растенија се: Caesalpinia bonduc (Fabaceae), Pemphis acidula (Lythraceae), Premna serratifolia (Lamiaceae), Scaevola taccada (Goodeniaceae) и Suriana maritima (Surianaceae).

Исто така, 134 растителни видови се класифицирани како „натурализирани туѓински видови“, кои биле или ненамерно или намерно воведени од човекот, како културни или украсни растенија.

Видот на рак Birgus latro е заштитен на островот Диего Гарсија
Phaethon rubricauda

Сите копнени и водни животински организми на Диего Гарсија се заштитени, со исклучок на одредени риби, стаорците и мачките; против прекршителите се наметнуваат големи казни.

Од раковите најраспространети се видовите Cardisoma carnifex (Gecarcinidae) и Birgus latro (Coenobitidae).

На островот Диего Гарсија нема домородни видови на цицачи.[50] Освен стаорците (Rattus rattus), сите други „диви“ видови на цицачи се потомци на домашни животни. За време на периодот на кокосовите плантажи, Диего Гарсија бил дом на големи стада на сицилијански магариња (Equus asinus), десетици коњи (Equus caballus), стотици кучиња (Canis familiaris) и домашни мачки (Felis catus). Во 1971 година, комесарот на BIOT наредил истребување на сите скитнички кучиња по заминувањето на последните плантажни работници, а програмата продолжила сè до 1975 година, кога последното скитничко куче било забележано и застрелано. Бројот на магариња, кој во 1972 година изнесувал над 400 единки, во 2005 година бил намален на само 20 единки. Последниот коњ на островот бил забележан во 1995 година.[50]

Домородни видови на птици

[уреди | уреди извор]

Вкупниот број на видови на птици на Архипелагот Чагос, вклучувајќи го и Диего Гарсија, изнесува 91 видови, од кои 16 видови имаат големи популации. Иако на островот нема ендемски видови на птици, постојат меѓународно значајни заедници на морски птици. На Диего Гарсија постојат големи гнездечки заедници на Anous stolidus (Laridae), Onychoprion anaethetus (Laridae), Anous tenuirostris (Laridae), Sula sula (Sulidae) и Fregata ariel (Fregatidae).

Други гнездечки домородни птици се: Phaethon rubricauda (Phaethontidae), Ardenna pacifica (Procellariidae), Puffinus lherminieri (Procellariidae), Sterna sumatrana (Laridae), Gygis alba (Laridae), Butorides striata (Ardeidae) и Amaurornis phoenicurus (Rallidae).[59]

Копнени влекачи и слатководни водоземци

[уреди | уреди извор]

Сите видови на змии, гуштери и жаби на островот се смета дека биле донесени од човекот.[50] Меѓу нив се видовите: гуштерот Hemidactylus frenatus (Gekkonidae), гуштерот Lepidodactylus lugubris (Gekkonidae), гуштерот Calotes versicolor (Agamidae), змијата Indotyphlops braminus (Typhlopidae) и краставата жабата Rhinella marina (Bufonidae).

Морски желки

[уреди | уреди извор]

На островот се гнездат два вида на морски желки, Eretmochelys imbricate (Cheloniidae) и зелената морска желка Chelonia mydas (Cheloniidae).[50]

Воени активности на САД на островот

[уреди | уреди извор]
Rockwell B-1 Lancer на Диего Гарсија, во ноември 2001 г., за време на бомбардирањето на Авганистан.
Полетување на B-2 Спирит, тежок бомбардер од стелт технологија, Боинг Б-52 стратешки бомбардери на пистата на Диего Гарсија.

За време на Студената војна, по британското повлекување источно од Суец, САД сакале да формираат воена база во Индискиот Океан за да се спротивстават на советското влијание во регионот и да ги заштитат морските патишта за транспорт на нафта од Блискиот Исток. Соединетите Американски Држави го сметале атолот за „Малта на Индискиот Океан“, еквидистантен од сите точки.[60] Вредноста на островот била докажана повеќепати, со тоа што островот бил вброен во групата на т.н. „unsinkable aircraft carrier“ за САД, во текот на Иранската револуција, Ирачката инвазија на Кувајт, Операцијата Пустинска лисица, Операцијата Постојана слобода и Операцијата Ирачка слобода. Денес, атолот продолжува да игра клучна стратешка улога за САД во Индискиот Океан.[61][62]

Воените објекти на Соединетите Американски Држави на Диего Гарсија неформално биле познати како Camp Justice (Камп Правда),[63][64][65] а во јули 2006 година, биле преименувани во Camp Thunder Cove.[66]

Воените активности на САД на островот Диего Гарсија во минатото предизвикувале несогласувања помеѓу Индија и САД. Различни политички партии во Индија постојано повикувале на уништување на воената база, бидејќи тие сметале дека присуство на САД на Диего Гарсија претставувало пречка за мирот во Индискиот Океан.[67] Во последните години, односите меѓу Индија и САД драматично се имаат подобрено и Диего Гарсија бил место на неколку поморски вежби меѓу САД и индиската морнарица, во периодот 2001 - 2004 година.

Објект за поморска поддршка Диего Гарсија

[уреди | уреди извор]

Објектот за поморска поддршка Диего Гарсија (англ. Naval Support Facility Diego Garcia) обезбедува услуги за операциите на базата (BOS, од англ. Base Operation Services) за заповедништвата сместени на островот.[68][69]

Воени единици на Американското воено воздухопловство сместени на Диего Гарсија

[уреди | уреди извор]

Пред-позиционирани бродови на САД

[уреди | уреди извор]

На атолот се наоѓаат пред-позиционираните Ескадрила Два бродови на Соединетите Американски Држави. Овие бродови носат опрема и потрошен материјал за поддршка на големи вооружени сили со тенкови, оклопни превозни средства, муниција, гориво, резервни делови, па дури и мобилна болница. Оваа опрема била користена за време на Заливската војна, кога ескадрилата транспортирала опрема во Саудиска Арабија.

Составот на бродови на MPSRON TWO е динамичен. Во август 2010 година тој се состоел од следните бродови:

  • MV Capt Steven L. Bennett (T-AK-4296)
  • USNS SGT William R. Button (T-AK-3012)
  • MV SSG Edward A. Carter, Jr. (T-AK-4544)
  • MV Maj. Bernard F. Fisher (T-AK-4396)
  • USNS Lawrence H. Gianella (T-AOT-1125)
  • USNS SGT Matej Kocak (T-AK-3005)
  • USNS 1st LT Baldomero Lopez (T-AK-3010)
  • MV LTC John U. D. Page
  • USNS GySgt Fred W. Stockham (T-AK-3017)

Пет од овие бродови носат резерви за маринскиот корпус на САД, доволен за поддршка на Морска воздухопловна работна група за 30 дена: USNS Button, USNS Kocak, USNS Lopez, USNS Stockham и USNS Fisher.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Country Profile: British Indian Ocean Territory (British Overseas Territory)“. Fco.gov.uk. 2012-04-12. Архивирано од изворникот на 2012-06-20. Посетено на 2012-06-21.
  2. „Diego Garcia“. Ramsar Sites Information Service. Посетено на 25 April 2018.
  3. Bengali, Shashank. „A half-century after being uprooted for a remote U.S. naval base, these islanders are still fighting to return“. latimes.com. Посетено на 2018-12-07.
  4. „Andersen AFB“. www.globalsecurity.org. Посетено на 2018-12-06.
  5. „Terrestrial Ecoregions -- Maldives-Lakshadweep-Chagos Archipelago tropical moist forests (IM0125)“. web.archive.org. 2010-03-08. Архивирано од изворникот на 2010-03-08. Посетено на 2018-12-06.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  6. Sengupta, Somini (2017-06-22). „U.N. Asks International Court to Weigh In on Britain-Mauritius Dispute“. The New York Times (англиски). ISSN 0362-4331. Посетено на 2018-12-06.
  7. „UK defeated in UN vote on Chagos Islands“. BBC News (англиски). 2017-06-22. Посетено на 2018-12-06.
  8. Romero-Frias, Xavier (1999). The Maldive Islanders: A Study of the Popular Culture of an Ancient Ocean Kingdom. Barcelona: Nova Ethnographia Indica. ISBN 8472548015.
  9. „PORTUGAL MARÍTIMO“. jmbd1945.blogspot.com (португалски). Посетено на 2018-12-06.
  10. „The Diego Garcia Test Question“. www.zianet.com. Посетено на 2018-12-06.
  11. 11,0 11,1 „History of Diego Garcia Atoll, Indian Ocean“. www.zianet.com. Посетено на 2018-12-06.
  12. Porchat, Edith (1993). Informações históricas sobre São Paulo no século de sua fundação (португалски). Editora Iluminuras Ltda. ISBN 9788585219758.
  13. 13,00 13,01 13,02 13,03 13,04 13,05 13,06 13,07 13,08 13,09 Edis, Richard (2004). Peak of Limuria: The Story of Diego Garcia and the Chagos Archipelago. Friends of the Chagos. ISBN 1901607046.
  14. 14,0 14,1 D R Stoddart (1971). SETTLEMENT AND DEVELOPMENT OF DIEGO-GARCIA (англиски).
  15. Mücke, Hellmuth von (1917). The "Emden," (англиски). Ritter.
  16. subiepowa, Cannon Point, Diego Garcia, Посетено на 2018-12-06
  17. 17,0 17,1 17,2 17,3 17,4 Sand, Peter H. (2009). United States and Britain in Diego Garcia – the Future of a Controversial Base. New York: Palgrave Macmillan. ISBN 978-0-230-61709-4.
  18. „House of Commons - The use of Diego Garcia by the United States - Foreign Affairs Committee“. publications.parliament.uk. Посетено на 2018-12-06.
  19. 19,0 19,1 African Research Group. „BIOT: HEALTH & MORTALITY IN THE CHAGOS ISLANDS“ (PDF).
  20. Vine, David (2 January 2007). „Island Of Injustice“. washingtonpost.com.
  21. „1971 War Stories from Diego Garcia, BIOT“. www.zianet.com. Посетено на 2018-12-06.
  22. Jones, Owen Bowcott Legal affairs correspondent Sam (2015-03-19). „UN ruling raises hope of return for exiled Chagos islanders“. The Guardian (англиски). ISSN 0261-3077. Посетено на 2018-12-06.
  23. Taylor, Donald. „Slavery in the Chagos Archipelago“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2012-01-19.
  24. „England and Wales High Court of Justice, Queens Bench Division Appendix, Paragraph 396“. Hmcourts-service.gov.uk. Архивирано од изворникот на 2010-06-04.
  25. „England and Wales High Court of Justice, Queens Bench Division Appendix, Paragraph 417“. Hmcourts-service.gov.uk. Архивирано од изворникот на 2010-06-04.
  26. „Chagos Islanders v. Attorney General“. www.uniset.ca. Посетено на 2018-12-06.
  27. „European Union - EEAS (European External Action Service) | EU Relations with British Indian Ocean Territory“. web.archive.org. 2010-12-25. Архивирано од изворникот на 2010-12-25. Посетено на 2018-12-06.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  28. Bowcott, Owen (2010-09-27). „Chagos Islands exiles amazed by speed of Foreign Office's opposition to seabed claim by Maldives“. The Guardian (англиски). ISSN 0261-3077. Посетено на 2018-12-06.
  29. „Chagossians Sue The USA“. web.archive.org. 2012-09-24. Архивирано од изворникот на 2012-09-24. Посетено на 2018-12-06.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  30. „Air Force looking into salvaging parts of B-1B bomber that crashed off“. www.globalsecurity.org. Посетено на 2018-12-06.
  31. Vine, David (2009). Island of Shame: The Secret History of the U.S. Military Base on Diego Garcia. Princeton University Press. ISBN 0691138699.
  32. Sheppard, Charles; Spalding, Mark. „Chagos Conservation Management Plan“ (PDF). http://www.zianet.com. Надворешна врска во |work= (help)
  33. „DIEGO GARCIA - Early Day Motions“. edm.parliament.uk. Архивирано од изворникот на 2019-08-04. Посетено на 2018-12-06.
  34. „South Asia :: British Indian Ocean Territory — The World Factbook - Central Intelligence Agency“. www.cia.gov. Архивирано од изворникот на 2017-11-29. Посетено на 2018-12-06.
  35. „Fact Sheets | Arms Control Association“. www.armscontrol.org. Архивирано од изворникот на 2018-10-21. Посетено на 2018-12-06.
  36. Sand, Peter H. (2009-01-01). „Diego Garcia: British–American Legal Black Hole in the Indian Ocean?“. Journal of Environmental Law (англиски). 21 (1): 113–137. doi:10.1093/jel/eqn034. ISSN 0952-8873.
  37. Scott; и др. „A brief guide to the Pelindaba Treaty“ (PDF).
  38. Noel Stott. „The Treaty of Pelindaba: towards the full implementation of the African NWFZ Treaty“ (PDF). Disarmament Forum: 20–21.
  39. „Denied Entry: Israel Blocks Noam Chomsky from Entering West Bank to Deliver Speech“. Democracy Now! (англиски). Посетено на 2018-12-06.
  40. „African Nuclear-Weapon-Free Zone in Force: What Next for Diego Garcia? | ASIL“. www.asil.org (англиски). Посетено на 2018-12-06.
  41. „Afrique Avenir“. www.afriqueavenir.org. Посетено на 2018-12-06.
  42. Cobain, Ian (2015-01-30). „CIA interrogated suspects on Diego Garcia, says Colin Powell aide“. The Guardian (англиски). ISSN 0261-3077. Посетено на 2018-12-06.
  43. Association, Press (2015-01-30). „Terror suspects were interrogated on Diego Garcia, US official admits“ (англиски). ISSN 0307-1235. Посетено на 2018-12-06.
  44. „House of Commons Hansard Written Answers for 21 Jun 2004 (pt 13)“. publications.parliament.uk. Посетено на 2018-12-06.
  45. „Island paradise or torture chamber?“. www.globalsecurity.org. Посетено на 2018-12-06.
  46. 46,0 46,1 Cobain, Ian; Norton-Taylor, Richard (2007-10-19). „Claims of secret CIA jail for terror suspects on British island to be investigated“. The Guardian (англиски). ISSN 0261-3077. Посетено на 2018-12-06.
  47. Zagorin, Adam (2008-07-31). „Source: US Used UK Isle for Interrogations“. Time (англиски). ISSN 0040-781X. Посетено на 2018-12-06.
  48. Doward, Jamie (2008-03-02). „British island 'used by US for rendition'. The Guardian (англиски). ISSN 0261-3077. Посетено на 2018-12-06.
  49. „Information Sheet on Ramsar Wetlands (RIS)“ (PDF).
  50. 50,0 50,1 50,2 50,3 50,4 50,5 „Natural Resources Management Plans for Diego Garcia“. www.zianet.com. Посетено на 2018-12-06.
  51. „Chagos Conservation Trust“. web.archive.org. 2009-06-16. Архивирано од изворникот на 2009-06-16. Посетено на 2018-12-06.
  52. „Diego Garcia - The PBY Catalina“. www.zianet.com. Посетено на 2018-12-06.
  53. "Klimatafel von Diego Garcia, Chagos-Archipel / Indischer Ozean / Großbritannien" (PDF). Baseline climate means (1961–1990) from stations all over the world (in German). Deutscher Wetterdienst. Retrieved 18 October 2016.
  54. "Station Diego Garcia" (in French). Meteo Climat. Retrieved 5 November 2017.
  55. Hemsley, W. Botting (1886-10-01). „Report on the Vegetation of Diego Garcia“. Botanical Journal of the Linnean Society (англиски). 22 (146): 332–340. doi:10.1111/j.1095-8339.1886.tb00651.x. ISSN 0024-4074.
  56. Topp, J. M. W. (1988). „An annotated check list of the flora of Diego Garcia, British Indian Ocean Territory“. Atoll research bulletin (USA) (англиски). ISSN 0077-5630. Архивирано од изворникот на 2021-01-23. Посетено на 2018-12-07.
  57. „Animals and Plants Unique to the British Indian Ocean Territory“. lntreasures.com. Посетено на 2018-12-06.
  58. Sheppard, Charles R.C.; Seaward, M.R.D. (1999). Ecology of the Chagos Archipelago (Linnean Society Occasional Publications). ISBN 1841030031.
  59. „Working together for birds and people“. www.webcitation.org. Архивирано од изворникот на 2021-11-05. Посетено на 2018-12-07.
  60. Lord, Carnes; Erickson, Andew (2014-05-15). Rebalancing the Force: Basing and Forward Presence in the Asia-Pacific (англиски). Naval Institute Press. ISBN 9781612514642.
  61. Ladwig, Walter C III. „A Neo-Nixon Doctrine for the Indian Ocean: Helping States Help Themselves“. www.tandfonline.com. doi:10.1080/09700161.2012.670533. Посетено на 2018-12-07.
  62. „An Ocean Too Far: Offshore Balancing in the Indian Ocean“. www.tandfonline.com. doi:10.1080/14799855.2011.652025. Посетено на 2018-12-07.
  63. Garcia, This story was written by Journalist 2nd Class Jeffrey Fretland, Naval Media Center Detachment, Diego. „Liberty Hall One Step Closer to a Cool Summer“. www.navy.mil (англиски). Архивирано од изворникот на 2017-08-10. Посетено на 2018-12-07.
  64. Affairs, This story was written by Journalist 1st Class Jeremy L. Wood, Navy Support Facility Diego Garcia Public. „Comedian Visits Troops on Remote Isle“. www.navy.mil (англиски). Архивирано од изворникот на 2017-08-10. Посетено на 2018-12-07.
  65. „U.S. Navy Support Facility, Diego Garcia (NAVSUPPFACDG)“. web.archive.org. 2007-10-10. Архивирано од изворникот на 2007-10-10. Посетено на 2018-12-07.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  66. 'Camp Justice' Becomes 'Thunder Cove'. www.webcitation.org. Архивирано од изворникот на 2014-01-05. Посетено на 2018-12-07.
  67. „access to indian military bases“. web.archive.org. 2007-03-14. Архивирано од изворникот на 2007-03-14. Посетено на 2018-12-07.
  68. „Naval Support Facility Diego Garcia“. Naval Technology (англиски). Посетено на 2018-12-07.
  69. „Navy Support Facility Diego Garcia Base Guide“. Military.com (англиски). Посетено на 2018-12-07.

Литература

[уреди | уреди извор]

Дополнителна литература

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Статијата „Диего Гарсија“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).