Крушево

град во Општина Крушево

Крушево (влашки: Crushuva)[1]град во западниот дел на Република Македонија, во пазувите на Бушева Планина. Тој е градот на некогашната Крушевска Република. Над градот се наоѓа познатиот споменик Македониум. Со 1.220 метри надморска височина, Крушево претставува единствениот планински град во Македонија и највисокиот град на Балканот. Градот Крушево претставува административно седиште на истоимената општина.

Крушево
Град
Панорама на Крушево
Знаме на КрушевоГрб на Крушево
Крушево is located in Македонија
Крушево
Крушево
Местоположба на Крушево во Македонија
Координати: 41°22′N 21°14′E / 41.367° СГШ; 21.233° ИГД / 41.367; 21.233
ДржаваРепублика Македонија
РегионПелагониски Регион
ОпштинаОпштина Крушево
Управа
 • ГрадоначалникТоме Христоски (СДСМ)
Надм. вис.&100000000000013500000001.350 м
Население (2021)
 • Вкупно4,104
Час. појасUTC+1
 • Лето (ЛСВ)UTC+2 (UTC)
Повик. бр.+389 048
Рег. таб.KS
Мреж. местоwww.krusevo.gov.mk

Историја

 
Крушево во 1903 година.

Крушево првпат се спомнува во историските извори од 1467 година, како мезра т.е. село во состав на имотот на Хусеин бег. Во Слепчанскиот кодик што калуѓерите го воделе од 1544 г., се споменува името Крушево коешто се однесува на сегашнава населба. За време на турското владеење, Крушево било мало словеногласно село, а на крајот од XVIII век истото припаѓало на Ќерим бег од Охрид, на кого населението на Крушево му плаќало данок сè до 1847 година.

Крушево, како развиена и организирана градска населба била создадена во крајот на XVIII век и почетокот на XIX век. За создавањето на Крушево како градска населба, значајно е доселувањето на Власите од Москополе и неговата околина од 1769 до 1788 година и го основале Влашкото Маало. Во почетокот на XIX век во периодот од 1812 до 1821 година се доселила втора група Власи, но сега не од Москополе, туку од планината Грамошта. Тие основале ново маало наречено Струнга. По занимање главно биле сточари и го развиле сточарството. Во исто време од јужна Албанија во Крушево дошле и група православни Албанци кои лево и десно од Крушевска Река го основале Арнаутското Маало. Истовремено од околните села се доселиле и голем број Македонци сточари од мијачките села: Галичник, Лазарополе, Тресонче, Гари и др. кои го основале Мијачкото Маало.[2]

Власите, познати како успешни неимари, трговци, кираџии, занаетчии и печалбари, добро ја организирале својата работа во новата населба, а доселените Мијаци од реканскиот крај, надалеку познати и успешни градители, резбари, зографи и иконописци се вклопиле во процесот на економски и културен развој на населбата.

Крушево во XIX век

Економскиот подем влијаел позитивно и на урбаната заедница, така што во првата половина на XIX век, Крушево добива карактер на градска заедница. До 1845 година, Крушево било чифлик со кој раководеле наследниците на беговите Керим и Рустем од Битола, но истата година неколку богати и угледни крушевчани, собрале околу илјада турски лири и го откупиле чифликот. Според документот за оваа купопродажба, во градот било забрането да се населуваат муслимански семејства.[3]

Поради слабата безбедност пред крајот на османлиското владеење, христијанското население од околните села, во текот на XIX век континуирано се доселувало во Крушево, зголемувајќи го и на тој начин бројот на населението во веќе формираниот град. Во 1858 година, Крушево веќе имало 1.400 куќи, десет анови, десет ковачници на бакар, калај и железо, како и осум работилници за обработка на лој и месо. Според Австриецот Хан, Крушево за овој период имало специфична физиономија со тринаесет цркви, како во градот, така и во блиската околина. Сè до 1870-тите години, без разлика на етничката припадност на населението, сите крушевчани биле православни христијани, кои на црковен план ѝ припаѓале на Цариградската Патријаршија. Меѓутоа, создавањето на Бугарската Егзархија во 1870 година ја нарушило црковната унитарност во градот. Дел од македонското население во Крушево постепено започнал да ја прифаќа Егзархијата, да богослужи и да се школува во бугарските црковно–просветни институции. Дополнителен удар на прогрчката Патријаршија ѝ бил зададен во 1876 година, кога Стерју Чона го отворил првото романско училиште во Крушево. Тогаш извесен број од влашкото население во градот се оттргнал од патријаршиската средина и формирал посебна општина.[4]

Грчкото патријаршиско училиште.
Бугарското егзархиско училиште.
Романското училиште.
Училиштата во Крушево во XIX век

Кон крајот на 19 век, Крушево било прочуено со кујунџиските, казанџиските и кожарските производи. Покрај ова, во градот било развиено кираџиството. Имало воспоставени каравански врски со Прилеп, Битола, Охрид, Солун и со други градови од Македонија, што придонело за интензивен развој на трговијата и занаетчиството. Крушевски трговци можеле да се сретнат во: Будимпешта, Виена, Лајпциг, Атина, Константинопол, Смирна, Александрија, Адис Абеба и други градови низ целиот свет. Подоцна Крушевчани оделе по трговија дури и во Соединетите Држави и Канада, тргувале и со азиските земји Индија и Персија (Иран). Со ова градот станал познат скоро во целиот свет.[5] Како занаетчиско и трговско средиште градот многу бргу се развивал и веќе во 1883 година во него живееле околу 12.000 жители.

Илинденско востание

 
Разгледница од Крушево од 1920-те години.

За време на Илинденското востание, градот Крушево е ослободен на 2 август 1903 година и тука е формирана Крушевската Република. Била избрана привремена влада од шест члена и народно собрание со 60 делегати. Републиката постоела до 13 август. Утрото на 12 август градот бил нападнат од 15 000 турски аскер предводен од Бахтијар-паша. Значајни битки за одбрана на Републиката се воделе на Мечкин Камен и кај Слива. По задушувањето на Илинденското востание, Крушево било запалено, а голем дел од населението од градот и околните села се иселило.

Балканските и Првата светска војна

 
Крушево во 1918, Фриц Лах

Со договорот од Букурешт, градот потпаднал под српска власт. Србија сепак немала доволно време да ја зацврсти својата власт во Крушево, бидејќи во 1914 година започнала Првата светска војна. На 14 октомври 1915 година, Бугарија ѝ објавила војна на Србија, а, до крајот на ноември, српскиот дел од Македонија, вклучително и Крушево, веќе бил во бугарски раце. Новите бугарски власти во четири наврати извршиле интернација на крушевските Власи, и тоа: на крајот на 1915 година, есента 1916, на 13 јули 1917 и непосредно пред Илинден 1918 година. Во овој период вкупно биле интернирани над 200 крушевчани.[4] Причините за интернирањето на крушевските Власи биле разновидни. Дел биле политички и биле органски поврзани со вклучувањето на Романија и Грција во Првата светска војна. Дел биле резултат на нерасчистени имотни, соседски и семејни односи. Дел од причините се должеле на класичен опортунизам, при што некои крушевчани блиски до новата власт се обиделе да им се одмаздат на своите сограѓани со кои што имале нерасчистени сметки.[4]

Втора светска војна

Крушевчани активно зеле учество и во Народноослободителната борба на македонскиот народ. На 16 април 1942 година[6] во месноста Грујова Нива на планината Осој во близина на Крушево формиран е крушевскиот народноослободителен партизански одред „Питу Гули“. Одредот извршил повеќе напади и тоа на бугарската општина во Прибилци (на 6 август), на рудникот Цер-Небојша, кај селата Кочишта, Растовица, Журче, Дивјаци и др. По нападите биле одржувани и политички собири. Градот бил ослободен на 8 септември 1944 година.

Географија

 
Поглед на Бушева Планина и Крушево

Местоположба

Крушево лежи на западниот планински раб на Пелагониската Котлина, односно во рамките на Пелагонискиот Регион, во изворишниот плиток долински дел на Крушевска Река. Оваа река го дели градот на два дела: поголем на левата и помал на десната страна. Куќите во градот се поставени амфитеатрално. Поради специфичната морфопластика, Крушево се смета за типично планинско гратче, кое има просечна надморска височина од 1350[7] метри, па затоа се смета за највисокото гратче на Балканскиот Полуостров. Оддалечено е 25 километри североисточно од Демир Хисар, 32 километри западно од Прилеп и 52,5 километри северозападно од Битола.

Маала

 
Ѓупско Маало.
Маала во Крушево
  1. Чаршија
  2. Влашко Маало
  3. Струнга
  4. Арнаут Маало
  5. Горно Маало
  6. Мијачко Маало
  7. Ѓупско Маало
 

Во градот Крушево денес постојат 12 маала: Влашко (југ), Таше, Струнга (исток), Буша, Арбинеш (запад), Коку, Мијачко Маало (северозапад), Горно Маало (север), Крстот, Матак, Череш и Ѓупско Маало (југоисток). Во средиштата на маалата биле создавани и маалски средишта, мали крстосници со фурна и чешма, а во две такви средишта билее изградени и цркви.

Клима

Температура

 
Споменикот „Илинден“.

Просечната годишна температура во Крушево изнесува 8,4°С, просечната јануарска температура изнесува -1,3°С, февруарската е - 0,5°С март 2,6°С април 7,1°С мај 12°С јуни 15,6°С во јули 17,9°С август исто 17,9°С септември 14,6 октомври 8,3°С ноември 4,7°С и декември 0,4°С. Температурните инверзии, кои се честа појава во зимските месеци во ова подрачје, се една од причините за релативно високите температури во оваа сезона во Крушево и даваат посебно климатско обележје на ова место од температурен аспект. Инверзиите влијаат во голема мера на зголемување и на средните месечни температури во зимските месеци кои се во однос на Пелагонија пониски, но не толку колку би требало да бидат во однос на разликата во надморската височина. Годишната температурна амплитуда изнесува 19,2°С. Во Крушево есента е значително потопла од пролетта. Просечната есенска температура изнесува 9,5°С, а пролетната 7,2°С. Септември е за 2,6°С потопол од мај, октомври за 2,2 од април и ноември за 2,1°С од март. Меѓумесечната температурна разлика на пролетните и есенските месеци не е битно изразена и преодот од зимата кон летото и од летото кон зимата не е нагол, така што и пролетта и есента се издвојуваат како преодни годишни сезони. Средногодишната минимална температура во Крушево изнесува 4,9°С, а максимална 12,1°С.

Просечно годишно во Крушево се јавуваат 178 мразни дена. Просечниот датум на есенскиот мраз е 25 октомври а најраниот есенски мраз е забележан на 22 септември. Просечниот датум на пролетниот мраз е 21 април, а најдоцниот пролетен мраз е забележан на 13 мај.[8]

Врнежи

 
Крушевското Езеро.

Врнежите во Крушево се доста нерамномерно распоредени преку годината и ова подрачје спаѓа под средоземниот плувиометриски режим. Повеќето паѓаат во ладниот дел од годината, со максимум во ноември и зимските месеци, а минимум во летните месеци. Секундарниот максимум на врнежите е во мај, што води кон заклучок дека во ова подрачје во одредена мера се нарушува искажаниот плувиометриски режим. Просечната годишна сума на врнежите изнесува 798,6 мм, со максимум во ноември 97,6 мм, а минимум во август 39,3 мм. По сезони, најврнежлива е есента, 225,2 мм, потоа, пролетта 218,1 мм, зимата 213 мм и летото 142,3 мм.

Апсолутно максималната дневна количина на врнежите изнесува 139 мм, забележано на 19 ноември 1979 година. Од вкупниот просечен годишен број на врнежливи денови (124), 85% се врнежливи денови со дневна количина рамна или поголема од 1,0 мм, 42% со количина рамна или поголема од 5,0 мм, 20% со дневна количина рамна или поголема од 10,0 мми 7% со дневна количина рамна или поголема од 20,0 мм. Врнежите во Крушево се од дожд но во значителна мера и од снег. Снегот се јавува од септември заклучно со мај. Максималната височина на снежниот покривач изнесува 135 см забележана на 6 февруари 1954 година. Просечната годишна сума на сончевото зрачење изнесува 2109 часови, со максимум во јули 295 часови а минимум во декември, 99 часови. Просечната годишна релативна влажност изнесува 73% со максимум во декември 80% и минимум во јули 63%.[8]

Ветрови

Подрачјето на Крушево е доста ветровито. Од вкупниот број на измерени случаи претворени во промили, 739‰ се со ветрови од разни правци, а 261‰ е тивко без ветер т.е. со тишини. Со најголема зачестеност е западниот ветер со честина од 151‰, средна брзина на ветерот од 2м/сек и максимална јачина од 9 бофори. Втор по честина е североисточниот ветер со честина од 98‰, кој најчесто дува во доцната пролет и во летните месеци а со голема зачестеност е во зимските и есенските месеци. Средната годишна брзина му изнесува 3,3м/сек, а максималната јачина во Бофори до 10. Југозападниот ветер е со голема зачестеност од ноември до февруари и во април, а со нешто смалена зачестеност е во летните месеци. Годишната честината му е 89‰ средната годишна брзина му е 3,2 а максималната 10 бофори. Источниот ветар дува со честина од 75‰ средна брзина од 1,6 м/с и максимална јачина до 9 бофори. Северниот ветер дува со голема зачестеност преку целата година од 108‰. Нешто смалена зачестеност има само во април, мај и јуни а најчесто дува во јануари, март и јули. Средната годишна брзина му изнесува 2,6 а максималната јачина 10 бофори. Југоисточниот дува со честина од 58‰, средна брзина од 2 м/с. и максимална јачина до 8 бофори. Јужниот дува најчесто во ноември и декември, а со нешто смалена зачестеност се јавува преку целата година. Честината му е 64‰, средната годишна брзина му изнесува 2,4 а максималната достигнува до 10 бофори. Северозападниот ветар е со честина од 33‰ со средна годишна брзина од 3 м/с и со максимална јачина до 10 бофори.[8]

Културата на Крушево

Крушевските градители, зографи и резбари стануваат познати имиња и во други краишта на Македонија, како и во соседните земји. Меѓу најстарите сакрални објекти, што биле изградени во Крушево, се смета црквата „Свети Никола“ (1832), опожарена за време на Илинденското востание од 1903 година. Оваа главна црква е позната по прочуениот иконостас, работен од тајфата на Петре Филиповски - Гарката, родум од село Гари и неговиот помошник и зет Димитар Станишев, роден во Крушево. Двајцата резбари работат заедно скоро три децении.

По смртта на Петре Филиповски - Гарката во Крушево (1854), Димитар Станишев создава своја тајфа, работејќи во Македонија, Бугарија и Србија. Умира на шеесетгодишна возраст (1866) во Крушево, а неговото дело го продолжува неговиот брат Антон Станишев.

Во непосредна околина на Крушево, на месноста Трстеник е подигната манастирската црква “Свети Спас”. Според една зачувана плоча, тоа станало за време на игуменот Глигорије во 1836 година. Во самиот град се подигнати четири цркви. Тие се дело на домашни мајстори со прилично големи димензии. Црквата “Успение на света Богородица”, во Мијачката Маала, е од 1867 година, како и црквата “Света Троица”.

 
Музејот на НОВ.

Во центарот на градот Крушево, во 1904/1905 година, е обновена од основа старата црква “Свети Никола” (1832 г.), но во значително помали димензии. Само многу мал дел од опожарената црква “Свети Никола” денеска има во Музејот на Илинденското востание и Крушевската Република и е зачуван цифеблатот (бројникот) на тогашната црква, чии камбани, како што се сеќаваа старите крушевчани, при опожарувањето и паѓањето се чуле, наводно до Прилеп. А во 1904 година во дворот на романското училиште, била подигната црквата „Св. Јован Крстител“, позната како Влашка црква.

И зографството било во подем во тие години. Според изборни податоци, зачувани пред сè на иконите во црквите, се спомнуваат имињата на повеќемина зографи, дојденци, или на оние од Крушево. Меѓу нив имаме истакнати личности со реноме на извонредни мајстори, чие сликарско дело оставиле трајни уметнички белези во средината каде што создавале. Таков пример се две зографски семејства - Зиси и Атанасови. Посебно Михаил и неговите синови Димитри и Никола (Лаќа).

 
Црквата „Св. Никола“, од која е означен почетокот на Илинденското востание

Зографот Димитрие на едно место хроничарот забележал “..искусен во својот занает што во турска земја не може да биде друг…”.

Во областа на копаничарството, фрескосликарството и на традиционалното градителство, со специфичната крушевска куќа, има плејада поединци и дваесетина тајфи што крстареле и твореле не само на овие простори, но и подалеку по Балканот. Од архитектурата Крушево особено го трогнало познатиот француски архитект Ле Корбизје.

Радува податокот дека во оваа област како да се наѕираат и следбеници на истакнатите културни дејци од овој крај. Покрај неколкуте музеи, споменици, спомен-одбележја од подалечното минато, посебно од Илинденскиот период и навака, како: Музејот на Илинденското востание и Крушевската Република (отворен 1953 година), Галеријата на основоположникот на современата македонска ликовна уметност, крушевчанецот Никола Мартиноски (1968 г.); Споменикот на националноослободителната борба и Илинденското востание (1974 г.), Споменикот на Мечкин Камен на авторот Димо Тодоровски (1983 година), Музејот на НОВ (1989 година), Музејот „Леарница“ (свечено отворен на 2 август 2003 година). Покрај овие, тука може да се вбројат: Споменикот на Никола Карев, на Питу Гули, Бистата на Веле Марков, Споменикот на боиштето на Слива.

Ликовното и копаничарското дело го продолжуваат сликарите аматери: Перо Начески (професор во пензија), кој ги слика старите куќи од 19 век, кои забот на времето постепено ги подјадува, даровитите природни убавини, што го опкружуваат Крушево, се наоѓаат на платната на сликарот аматер-примариус д-р Матеја Хаџи (Хаѕи) Лега (сега во пензија), чие творештво е инспирирано од неговото Крушево, како и од мотивите на струшкото крајбрежје, а копаничарот Ѓоре Ќискоски кој чекори по даровитоста на Петре Филипович- Гарката, моментално работи на ликот на поглаварот на Македонската православна црква- Неговото блаженство Г.Г. Михаил, кому наскоро ќе му биде предаден овој копаничарски портрет на скопската митрополија. Во исто време добар творец е и Велко Петковски-Шулц. Сите овие, а има интерес и кај помладите, ќе ги надополнуваат и збогатуваат културните содржини на Крушево, а во скорешна иднина, па и сега може да се потврди дека овој град, бележит град по многу нешта и специфичности, го носи името Град Музеј.

Архитектура

Посебно обележје на Крушева е староградската архитектура. Притоа, крушевската куќа е симбиоза на влашката (епирската) и мијачката (галичката) архитектура. Еден од ретките описи на крушевската архитектура е даден во спомените на Никола Киров - Мајски, кој ги споменува познатите куќи на Ничотовци и на поп Костадин Стариот. Според неговиот опис, куќата на Ничотовци била изградена на три ката, изработена од делкани гранитни плочи донесени од Прилеп, а имала дури 60 простории. Таа се одликувала со високи дивани, еркерни балкони, а вратите, таваните, масандрите и долапите биле направени од буково и од ореово дрво. На најдолниот кат се чувала зимницата, а во дворот имало мермерна чешма. За нејзината градба биле потрошени дури 1.000 златни турски лири, што во тоа време било голема сума пари. Во поново време, во Крушево се истакнувале куќите на Нешковци (позната како „Куќата на пашите“), Фундовци, Таховци итн., но голем дел од нив биле уништени при задушувањето на Илинденското востание. Куќата на Нешковци, соѕидана со врела вар, е препознатлива по високите тавани (3,7 метри) и бројните прозорци (дури 24 на предната страна).[9]

Население

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Крушево живееле 9.350 жители, од кои 4.950 Македонци, 4.000 Власи и 400 Албанци христијани.[10]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, градот имал 1.950 Македонци и 1.550 Власи, односно 3.500 жители.[11]

Според пописот во 1994 година во Крушево живееле 5.507 жители. Според пописот од 2002 година било забележано намалување на македонското население од 4.554 на 4.273, а зголемување на влашкото од 891 на 1.020.

Етнички групи

Според пописот на населението од 2002 година, во градот имало 5.330 жители и спаѓал во групата на мали градови.[12] Етнички гледано, населението е составено од:[13]

Етнички групи[13]
Македонци
  
80,17 %
Власи
  
19,14 %
Срби
  
0,49 %
други
  
0,21 %
народ вкупен број % од вкупното население
Македонци 4.273 80,17
Власи 1.020 19,14
Срби 26 0,49
други 11 0,21
Јазик

Во градот се зборуваат следниве јазици[13]:

Јазици[13]
македонски
  
85,59 %
влашки
  
13,96 %
српски
  
0,32 %
други
  
0,13 %
јазик вкупен број % од вкупното население
македонски 4.562 85,59
влашки 744 13,96
српски 17 0,32
други 7 0,13
Вероисповед

Во Крушево се застапени следните религиски групи[13]:

Религија[13]
Православие
  
98,97 %
други
  
0,98 %
Католицизам
  
0,04 %
Ислам
  
0,02 %
религија вкупен број % од вкупното население
Православни 5.275 98,97
Муслимани 1 0,02
Католици 2 0,04
други 52 0,98

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во градот Крушево:

Население во минатото
ГодинаНас.±%
19483.570—    
19533.846+7.7%
19614.099+6.6%
19714.477+9.2%
19815.211+16.4%
ГодинаНас.±%
19915.449+4.6%
19945.507+1.1%
20025.330−3.2%
20214.104−23.0%
Години Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци Ост. б.п. Вкупно
1913[14] 7.941
1921[14] 3.831
1931[14] 3.595
1948 3.570
1953 2.771 2 7 27 1.001 15 23 3.846
1961 3.012 1 4 23 1.059 4.099
1971 3.518 1 0 23 28 907 4.477
1981 4.301 5 8 48 793 23 33 5.211
1991 4.594 0 0 32 789 21 13 5.449
1994 4.554 2 0 27 891 23 10 5.507
2002 4.273 0 0 0 1.020 26 0 11 5.330
2021 3.053 9 0 0 866 10 1 19 146 4.104

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2002), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Музеи

Образование

Во градот постојат едно основно и едно средно училиште.

Администрација и политика

Во општината, покрај македонскиот, службени се и влашкиот јазик (согласно новата одлука на Советот на Град Крушево од 30.05.2006 година) и албанскиот јазик.

Избирачки места

Во градот постојат избирачките места бр. 1187, 1187/1, 1188, 1189, 1190, 1191 и 1192 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште, општинска зграда и пензионерски дом.[15]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 4.139 гласачи.[16]

Познати личности од Крушево

Збратимени градови

Галерија

Наводи

  1. Kahl, Thede (1999). Ethnizität und räumliche Verbreitung der Aromunen in Südosteuropa. Universität Münster: Institut für Geographie der Westfälischen Wilhelms. стр. 147. ISBN 3-9803935-7-7. "Crușuva"
  2. Стојмилов, А., (2005), Социоекономска географија на Република Македонија, ПМФ, Скопје
  3. Македонските градови во турско време, Зоран Сенев, Киро Герасимов, Кочани. 2004, стр.47
  4. 4,0 4,1 4,2 Минов, Н. (2017). „Зошто и како беа интернирани крушевските Власи за време на Првата светска војна?“, In Mihailova, J., Nikolova M. (eds.), 100 di anj di proclamarea a Printsipatlui armãnescu Pindu shi 100 di anj di deportarea a Armãnjlor. Skopje: Здружение Интегра Нау, 127-141.
  5. Македонските градови во турско време, Зоран Сенев, Киро Герасимов, Кочани. 2004, стр.48
  6. NOB Makedonije (српски). Скопје: Народна задруга. 1964. стр. 62.
  7. Општи податоци за Крушево. Архивирано од изворникот на 2009-07-31. Посетено на 2009-07-30.
  8. 8,0 8,1 8,2 Друштво за еколошки консалтинг (2008). Студија за оцена на влијанието врз животната средина за поставување на ветерници во Крушево. Скопје: Деконс-ЕМА.
  9. Александар Матески, „Традиционална крушевска куќа“, Економија и бизнис, година 19, број 227, мај 2017, стр. 106-107.
  10. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр.240.
  11. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  12. Стојмилов, Александар; Апостоловска - Тошевска, Билјана (2016). Социоекономска географија на Република Македонија (PDF) (II доп.. изд.). Скопје: Природно-математички факултет. стр. 91. ISBN 9989-668-50-7.
  13. 13,0 13,1 13,2 13,3 13,4 13,5 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 28 мај 2016.
  14. 14,0 14,1 14,2 Демографските карактеристики во Вардарска Македонија меѓу двете светски војни (анализа на југословенските пописи од 1921 и 1931 година), Борче Илиевски, 2007
  15. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  17. Весник на Општина Крушево (PDF). Општина Крушево. 2011. стр. 20. Архивирано од изворникот (PDF) на 2012-03-03. Посетено на 2012-09-04.

Дополнителна книжевност

Надворешни врски