Срби
Србите се јужнословенски народ чии татковини се Србија и Босна и Херцеговина. Покрај Србија и Босна и Херцеговина, големи српски малцинства има и во Црна Гора и Хрватска, додека помали, но сепак значајни српски заедници има и во Македонија и Словенија (од поранешните југословенски републики), како и во Романија и Унгарија (особено во нивните делови од Банат). Надвор од Балканот, во дијаспората, значајни српски заедници има во: Германија, Австрија, Швајцарија, САД и Канада.
|
Србите го говорат српскиот јазик, сроден на хрватскиот и босанскиот и една од стандардизираните норми на српскохрватскиот јазик. Најголем дел од Србите се православни христијани и тие припаѓаат на Српската православна црква.
Потекло и етногенеза
уредиМодерниот српски народ е од словенско потекло, сроден со останатите словенски народи и говори словенски јазик. Според прифатената историја, Србите на Балканот се доселиле во почетокот на 7. век, поточно околу 626. година за време на владеењето на византискиот цар Ираклиј. Територијата од којашто дошле се нарекува Бела Србија или Бојка и се претпоставува дека се наоѓала во полапските краишта, денес позната како Лужица. Поткрепа за е токму името на словенскиот народ кој денес ги населува тие предели - Лужички Срби. Некои теории претполагаат дека тие се „роднини“ на балканските Срби, односно оној дел од жителите на Бела Србија кој не се иселил на југ.[се бара извор]
Други теории претпочитаат дека Србите се народ од иранско потекло кој живеел во пределите на северен Кавказ. Овие теории се засноваат на делата на историчарот Такит и на Плиниј Постариот. Исто така, во 2. век Птоломеј во својата Географија го поврзува поимот Срби (Serboi) со племиња кои живеат во долниот тек на Волга и северен Кавказ.[се бара извор]
Името Срби, како име за словенско племе на Балканот е првпат забележено во 822. година. Со населувањето на Словените на Балканот може со голема сигурност и точност да се реконструира историјата на српскиот народ.[се бара извор]
Популација
уредиВкупниот број на Србите во светот изнесува околу 7,5 милиони. Најголем дел од нив живеат во Република Србија - околу 6 милиони, каде сочинуваат 83% од населението. Србите се и еден од трите конститутивни народи во Босна и Херцеговина каде сочинуваат 30% од вкупното население или околу 1 милион. Бројни српски малцинства има во земјите на поранешна Југославија: Хрватска - 186,633 (2011), Црна Гора - 178,110 (2011), Словенија - 38,964 (2002), Македонија - 35.939 (2002). Од останатите соседни земји, позначајно српско малцинство има Романија - 18,076 (2011), додека големи српски заедници има и во: Германија, Велика Британија, Франција, Швајцарија, САД, Канада, Австралија итн.[се бара извор]
Градови кои имаат најголема српска популација се: Белград (1,500,000), Нови Сад (околу 270,000), Ниш (240,000), Крагуевац (170,000), Бања Лука (165,000), сите во рамките на поранешна Југославија. Надвор од нив, се смета дека најголема српска популација има во Виена, Чикаго и Торонто.[се бара извор]
Култура
уредиСрпскиот народ се одликува со богато и разновидно културно наследство. Културата и традицијата може да варираат според географски параметри. Оваа разновидност се манифестира на многу полиња: музиката, облекувањето, говорот и сл. Како и да е, ова нема пресудно влијание врз колективната свест на Србите. Така на пример Србите од Централна Србија (срп. ужа Србија - потесна Србија, Србија во потесна смисла) со векови биле под ориентално влијание (Византија, Отоманска Турција), Србите во Хрватска и Војводина биле под силно унгарско или австриско влијание, додека Србите од јадранското крајбрежје т.е. Далмација и неговата непосредна околина - под венецијаско. Современата српска култура е мешавина на традиционалната и модерната западна, но со некои изразени „традиционалистичко-модернистички“ црти (на пример турбо-фолк музиката и сл.).[се бара извор]
Јазик
уредиСрбите говорат на српски јазик, норма на српскохрватскиот. Српскиот јазик е службен јазик на територијата на Република Србија и во Црна Гора и еден од трите службени јазици на Босна и Херцеговина. [се бара извор]
Генеалошки, српскиот јазик припаѓа на фамилијата словенски јазици и поточно се класифицира како западнојужнословенски јазик, заедно со словенечкиот, хрватскиот и босанскиот јазик. Во периодот на постоењето на Југославија (1918-1991), последите три јазика биле заеднички именувани како српскохрватски (или хрватскосрпски) јазик. Иако своевремено поголем дел од говорителите го сметале овој јазик за свој мајчин (вклучително и Србите), денес дури и се негира постоењето на оваа јазична заедница. Современата лингвистика смета дека овие јазици се всушност различни стандардизации на ист дијасистем - централниот западнојужнословенски.[се бара извор]
Современиот српски јазик настанува како континуант на српската редакција на црковнословенскиот јазик. Зборовниот фонд е доминантно словенски по потекло, но постојат и голем број на заемки - особено турски (претежно во народниот говор), германски (особено во техничката терминологија) и унгарски (особено во Војводина) и во помала мера француски.[се бара извор]
Карактеристично за српскиот јазик е тоа што има два официјални изговори и се пишува со две рамноправни писма. Така екавскиот и јекавскиот изговор се сметаат за рамноправни во книжевниот јазик како литературни изговори (за разлика од икавскиот кој не го ужива ова); од друга страна за пишување рамноправно се користат кирилицата и латиницата. Кирилицата била единствено писмо на јазикот (во Србија) до 1945., но во „српскохрватскиот период“ латиницата добива рамноправен статус. Додека во Србија статусот на писмата е повеќе или помалку изедначен, во Република Српска (како српски ентитет во БиХ) кирилицата е единствено писмо, додека во Црна Гора латиницата има предност, особено во поново време [се бара извор].
Најважна личност за кодифицирањето на современиот српски јазик е Вук Стефановиќ Караџиќ (1787.-1864.) кој е познат како реформатор на српската азбука и правопис и пропагатор за замена на славеносрпскиот јазик (локална норма на србизирана верзија на црковнословенскиот во руска редакција) со народен српски јазик како службен јазик на Кнежевството Србија и Србите воопшто. За таа цел, покрај реформите на писмото, Вук (како што е општо познат меѓу српските јазичари, па и народот) извршил кодификација на народниот јазик врз основа на лозничко-валевските дијалекти и јекавскиот изговор. Дополнително го издал и првиот Речник на српскиот јазик во 1818 (Српски ријечник), како и превод на најголем дел од Светото Писмо.[се бара извор]
Меѓу познатите личности кои го учеле српскиот јазик спаѓаат и Јохан Волфганг фон Гете и Џ. Р. Р. Толкин.[се бара извор]
Религија
уредиМнозинството Срби се христијани од православна вероисповед. Нивна помесна црква е Српската православна црква. Постојат мали заедници на неправославни Срби, претежно католици или протестанти, како и муслимани. Припадниците на римокатоличката конфесија се главно во регионите кои низ историјата биле под Австроунгарска власт, а оние на исламската во регионите под власта на Отоманското Царство. Последново особено важи за Босна и Санџак.
Српската православна црква како автокефална е воспоставена во 1219. година со ранг на архиепископија со центар во Охрид, а за прв архиепископ бил поставен свети Сава Српски. Во 1345. царот Душан ја воздига во ранг на патријаршија.
Обичаи
уредиВо српската култура е длабоко вкоренет култот кон потесното, па и поширокото семејство. Според традиционалното воспитување, семејството се наоѓа над сѐ. Важноста и поврзаноста кон семејството може да се илустрира со големиот фонд на зборови кои ги содржи српскиот јазик, а се однесуваат на роднинските врски.
Србите, првенствено православните, се традиционално религиозни и нивниот пристап кон религијата е доста сериозен, особено кај (сега веќе) постарите генерации. Широко распространета кај нив е крсната слава, кој се смета за пагански словенски обичај, обред во кој се чествува светецот-заштитник на семејството. Иако се смета за изворно српски обичај, крсната слава (или само слава) се сретнува и кај Македонците (особено во северните и североисточните краишта на Македонија), кај Црногорците, кај дел од Бугарите, па дури и кај дел од католичките Хрвати. Славењето на славата е строго систематизирано и малку комплицирано и за него важат следниве „правила“:
- Славата е наследна и се пренесува од татко на син, освен ако семејството нема машки наследник, кога најстарата ќерка ја наследува славата;
- Секое семејство има само една слава и таа не се менува сѐ додека има кој да ја наследи;
- Ново семејство може да започне со славење на нова слава. Изборот може да е намерен (благодарност кон некој светец и сл.) или пак случаен;
- Жената по правило ја слави славата на мажот. Ако таа е воедно и наследник на славата на нејзиниот татко, тогаш тој ден се одбележува свечено, но не „на големо“ како и вистинската семејна слава;
- Ако светецот во чија чест се слави славата има повеќе денови во негова чест (на пример св. Никола или св. Јован), тогаш само еден од овие денови е слава, додека другиот (другите) се нарекуваат мала слава или преслава. Само славата се одбележува богато, додека преславата поскромно, но сепак се одбележува итн.
Главно обележје на славата се: кољиво (варена и зашеќерена пченица), славски колач (погача) и славската свеќа која гори сѐ додека во куќата има гости. Славата се слави три дена: денот пред славата - заслуг, денот на славата - слава и денот по славата - патерица. Покрај семејната, постојат итн. селски слави односно слави кои ги слават селата, градовите па дури и некои фели (професии) во чест на својот заштитник. Така на пример Белград како своја слава ја слави Спасение Христово - Спасовден.
Прославата на Божиќ (Божић) е многу слична на онаа кај македонскиот народ. Вечерта пред Божиќ, последната вечер од постот е Бадник (Бадњак или Бадње вече) кој се одбележува во семејна атмосфера со посна вечера и кршење на бадничко лепче со паричка (кравајче). Кому падне паричката - нему среќа цела година. Симбол на Бадникот е дабовото гранче. Утрото на Божиќ се посетуваат најблиските, обично не подалечни роднини од најтесното семејство. Божиќниот ручек е богат и (по правило) мрсен. Децата не добиваат подароци за Божиќ, туку (речиси по правило) за Нова Година.
Останати особено важни и за Србите специфични празници се: Православната нова година (14. Јануари) и Видовден (28. Јуни). Прославувањето на Православната нова година е комерцијализирано во последно време (под името Српска нова година), иако одбележувањето на почетокот на новата година датира од многу поодмна. Видовден пак се чествува заради Косовската битка (која се одиграла токму на овој ден) во спомен на српските витези паднати во борбата против Османлиите во 1389.
Стереотипи за Србите
уредиОпштосрпска одлика според многумина е инаетот. Иако ова е повеќе или помалку себалканска особина, се смета дека кај Србите доживува своевидна кулминација. Оваа особина честопати им носела и среќа, но била и кобна во многу области низ текот на историјата, од спорт па сѐ до бојното поле.
Друга особина која им се припишува на Србите е неслогата. Како кобен пример на неслога се наведува предавството на Вук Бранковиќ за време на Косовската битка (за кое податоци можат да се најдат во голем број народни епски песни, но кое фактички не е забележено од историската наука[се бара извор]). И кај самите Срби има шеговити поговорки од типот: Два Србина, три забави или Чувај Боже од сложни Срби. Дури и мотото на српскиот народ посочува на ова: Само слогата ги спасува Србите.
Самите Срби, а особено нивните најблиски соседни народи, ги сметаат Србите за јадачи. Навистина, Србите се прочуени по богатите гозби (особено на слави и празници) на кои се конзумира огромно количество (тешка) храна. На ваквите гозби, речиси ексклузивно, се принесува месо приготвено на различни начини. Особено ценето е свинското месо. Покрај месото, неминовно е присутен уште еден српски деликатес - кајмак (скоруп). Претераното јадење, а и последиците од него се опеани дури и во неколку шегобијни песни: Ѓорѓе Балашевиќ во неговата Ал' се некад добро јело (Ах, како добро се јадеше некогаш) и фолк-поп групата Рокери с Мораву во песната Чорбаст пасуљ волем (Сакам чорбест грав)
На локално ниво постојат повеќе стереотипи меѓу самите Срби. Така на пример Војвоѓаните, кои ги нарекуваат Лале (едн. Лала), се сметаат за индиферентни и флегматични (особено заради бавниот и развлечен говор), Шумадијците се сметаат за злонамерни, Јужносрбијанците, а особено Пироќаните се сметаат за скржави (циције), Црногорците за мрзеливи (лењчине или лијењчине), додека Босанците се сметаат за наивни и невино глупави (неотесане). Овие локални нијанси се користат особено во секојдневните шеги, анегдоти и вицови.
Симболи
уредиНајпрепознатлив симбол на Србите и српството е српското знаме кое претставува правоаголно поле хоризонтално поделено на три еднакви дела, од озгора надолу обоени: црвено, сино, бело. Ова знаме денес лежи во основата на знамињата на Република Србија и Република Српска (како ентитет во рамките на БиХ), а порано и во знамињата на Црна Гора и Република Српска Крајина.
Друг симбол на Србите е симболот т.н. српски крст кој всушност претставува грчки крст во чии агли се наоѓаат четири кирилични букви С кои се свртени на надвор. Честопати буквите С се претставуваат како оцила, репрезентација со која помалку наликуваат на буква. Овој симбол е всушност стар византиски симбол на династијата Палеолози. Четирите букви С (или оцилата) го претставуваат српското мото: Само Слога Србина Спасава. Поставен на штит, српскиот крст низ вековите бил симбол и грб на српската држава. Како толкување на четирите С може да се сретне и фразата: Свети Сава - Српска Слава.
Во однос на облеката, најпрепознатливи и највпечатливи делови од српската народна носија се опиниците (опанци) и националната капа - шајкача. Иако се сметаат за (се)српски, сепак вреди да се напомене дека тие всушност најчесто (па дури и денес) може да се сретнат во Шумадија и Централна Србија, но не се во толкава мера присутни кај останатите Срби. Своевремено шајкачата била капа на Српската Војска, а всушност е оригинално дизајнирана за потребите на австроунгарската војска.
Познати Срби
уредиЕдни од најпознатите Срби се:
- научници: Никола Тесла, Михаило Петровиќ-Алас, Милева Мариќ, Огњеслав Костовиќ, Јован Цвииќ, Јосиф Панчиќ, Миодраг Костовиќ, Србољуб Живановиќ, Павле Савиќ, Јован Жујовиќ, Михајло Пупин, Милутин Миланковиќ
- теологи: Јован Рајиќ, Николај Велимировиќ, Никодим Милаш, Јустин Поповиќ, Владета Јеротиќ, Радослав Грујиќ, Атанасије Јевтиќ, Игнатије Мидиќ, Дионисије Новаковиќ,
- светители: Свети Јован Владимир, Свети Сава, Свети Василије - Острошки, Свети Теодор Комоговиснски
- композитори: Стеван Мокрањац, Стеван Христиќ, Петар Коњовиќ, Станислав Бинички, Исидор Бајиќ, Јосиф Маринковиќ, Милоје Милојевиќ, Корнелије Станковиќ
- музичари: Предраг Гојковиќ - Цуне, Предраг Живковиќ (Тозовац), Тома Здравковиќ, Лепа Лукиќ, Станиша Стошиќ, Горан Бреговиќ, Здравко Чолиќ, Бора Ѓоргевиќ, Снежана Савиќ, Ѓорѓе Балашевиќ, Миодраг Маринковиќ - Макс, Момчило Бајагиќ-Бајага, Жељко Јоксимовиќ, Светлана Ражнатовиќ-Цеца, Марија Шерифовиќ, Никола Влатков,
- писатели: Иво Андриќ, Милош Црњански, Стеван Сремац, Бранислав Нушиќ, Борисав Станковиќ, Десанка Максимовиќ, Лаза Костиќ, Петар Петровиќ - Његош, Јован Јовановиќ - Змај, Борислав Пекиќ, Јован Дучиќ, Милорад Павиќ, Исидора Секулиќ, Алекса Шантиќ, Радое Домановиќ, Бранко Ќопиќ, Меша Селимовиќ, Јован Стерија Поповиќ, Петар Кочиќ, Данило Киш
- актери: Миодраг Петровиќ - Чкаља, Мија Алексиќ (Цуле), Павле Вујисиќ, Велимир Бата Живоиновиќ, Ружица Сокиќ, Драган Николиќ, Бора Тодоровиќ, Оливера Марковиќ, Мира Бањац, Аница Добра, Раде Шербеџија, Никола Којо, Драган Бјелогрлиќ, Зоран Радмиловиќ, Мики Манојловиќ, Богдан Диклиќ, Сергеј Трифуновиќ
- режисери: Душан Макевеев, Славко Воркапиќ, Емир Кустурица, Душан Ковачевиќ, Лазар Ристовски, Горан Паскаљевиќ, Слободан Шијан, Срѓан Драгојевиќ, Петар Богдановиќ, Срдан Голубовиќ
- сликари: Стева Тодоровиќ, Паја Јовановиќ, Урош Кнежевиќ, Надежда Петровиќ, Марко Мурат, Урош Предиќ, Сава Шумановиќ, Петар Лубарда, Милиќ од Мачве
- вајари: Петар Убавкиќ, Ѓорѓе Јовановиќ, Симеон Роксандиќ, Сретен Стојановиќ, Ристо Стијовик, Војин Бакиќ, Јевгениј Вучетиќ
- стрип автори: Бранислав Керац, Здравко Зупан, Градимир Смуѓа, Рајко Милошевиќ - Гера, Зоран Туциќ, Зоран Јањетов, Дарко Перовиќ, Александар Зограф, Петар Меселџија, Марко Ѓурѓевиќ, Алекса Гајиќ, Добросав "Боб" Живковиќ
- спортисти: Момчило Тапавица (први Словен со медал на Олимпијада), Александар Ѓорѓевиќ, Дејан Бодирога, Владе Дивац, Предраг Стојаковиќ, Драган Стојковиќ, Немања Видиќ, Бранислав Ивановиќ, Немања Матиќ, Дарко Станиќ, Андреа Лекиќ, Јелена Јанковиќ, Ана Ивановиќ, Новак Ѓоковиќ, Јанко Типсаревиќ, Јасна Шекариќ, Милорад Чавиќ, Милица Мандиќ
Историја
уредиСрбите се доселиле на Балканот во почетокот на 7. век, поточно околу 626. н.е. за време на владеењето на византискиот цар Ираклиј (610-640) и оттогаш може со сигурност да се говори за нивната историја. На Балканот дошле од нивната претпоставена прататковина наречена Бела Србија (или Бојка) чија местоположба не е точно утврдена, иако се претпоставува дека се наоѓала во полапските краеви на денешна Германија. Од каде Србите се доселиле во Бела Србија, како ни за остатокот од Словените, не може со сигурност да се говори. Токму ова остава простор за секакви шпекулации и параисториски тврдења. Како и да е, современите Срби се вбројуваат во групата на јужнословенски народи. Терминот „Срби“ како име за словенско племе на Балканот за првпат се споменува во 822. година.
Според белешките на византискиот цар Константин VII Профирогенит (913-959), Србите се населиле на Балканот во 7. век на пространа територија кој ги вклучувала областите: Рашка (Рас), Дукља (подоцна – Зета), Босна, Травунија, Захумје и Паганија. Но, сѐ до средината на 9. век нема речиси никакви други податоци за нив. Тогаш, предводени од Властимир (околу 805-862) како многубожечки народ се креваат на востание против христијанска Византија и стекнуваат независност. Набрзо се наоѓаат во војна против Бугарија и на двапати успеваат да победат. Но во 924. н.е. бугарскиот цар Симеон Велики ги зазема сите српски земји. По Симеоновата смрт Србија се возобновува, но центарот на државата е поместен кон Зета. Во 1077. Зета станува кралство на чело со кралот Михајло (1050-1081). Но веќе во 12. век приматот меѓу српските земји го презема Рашка. Во 1162. Тихомир Завидовиќ станува ’’Велики Жупан’’ на Рашка и таа станува византиски вазал. Но настануваат династички борби и во 1166. престолот го зема братот на Тихомир, Стефан Немања. Во одлучна битка кај местото Пантина, близу Вучитрн на Косово, рашката војска на чело со Стефан Немања ја разбила војската на Тихомир (кого го помагала Византија) со што Немања станува законски владетел (Велики Жупан) на Рашка. Владее сè до 1196. кога власта му ја предава на второродениот син Стефан Немањиќ, бидејќи првородениот Растко Немањиќ е замонашен и е можеби попознат според неговото монашко име – Сава. Стефан Немањиќ успева да ја зацврсти својата власт водејќи успешни војни против Византија, Бугарија и Латинското Царство. На 4 јануари 1217. година Стефан Немањиќ е крунисан за крал на Рашка од страна на папата Хонориј III. Како прв крал на Рашка е наречен Стефан Првовенчани (Стефан Првоовенчениот - венец алудира на круна), а историјата токму него го смета за прв српски крал. Интересно е да се напомене дека српските кралеви биле крунисувани како крал на Србите, бидајќи Србија како државно-правна творба не постоела. Две години подоцна, во 1219. брат му, Сава (Растко, подоцна Свети Сава I Српски), успева да издејствува од Никејскиот Патријарх автокефалност на српската црква.
Српската држава постепено јакне и е во постојани војни со соседите, пред сè Византија и Бугарија. Постепениот раст и развој (како територијален, така и економски) доживува кулминација во 1346. кога на 16 април, кралот Стефан Душан (1308-1355) во Скопје се прогласува за „Цар на Србите и Ромејците“. Душановата Србија зафаќала голема територија: од Рашка на север, потоа Зета, па преку Косово и Македонија, па сѐ до Епир и Тесалија на југ. За време на неговото владеење го издал и познатиот Душанов законик – првиот правен акт на средновековна Србија. Пред своето крунисување, во 1346. ја подига српската црква од ранг на архиепископија во ранг на патријаршија (притоа придодавајќи ѝ големи територии кои биле под јурисдикција на Цариградската патријаршија), но истовремено ја допушта автокефалноста на Охридската архиепископија и ја проширува нејзината јурисдикција. По неговата смрт Србија почнува да слабее, па локалните благородници (иако верни и лојални на централната власт) всушност стануваат автократи на своите територии. Од сите најважни да се споменат се: кнезот Лазар Хребелјановиќ, автократ на рашките области и браќата Мрњавчевиќ: Волкашин (Вукашин) и Јован Углеша (Угљеша). Последните двајца биле владетели на Прилеп и Сер со околината, соодветно и се покажале како големи заштитници на македонското словенско население од тие области. Околу тоа време, османлиската опасност на Балканот станува преголема (иако била присутна уште во времето на царот Душан и тој против нив водел неуспешни походи), па браќата Мрњавчевиќ решаваат, на своја рака, да извршат поход против Турците-Османлии и да се ослободат од нивното присутство. Во Битката кај местото Черномен, на реката Марица (попозната како Маричка битка), во 1371., нивните војски ќе доживеат катастрофален пораз, така отворајќи им го патот на Османлиите кон остатокот од Балкнот.
Судбината на српските земји била запечатена на Видовден 1389. година (15 јуни по јулијанскиот, 28 јуни по грегоријанскиот календар) кога српските војски предводени од кнезот Лазар претрпеле тежок пораз во Косовската битка од Турците-Османлии. По оваа битка Турците полека освојуваат делови од српските земји, сѐ до падот на Смедерево во 1459. што се смета за крај на турското освојување на српските земји. Турските освојувања предизвикале многу Срби од освоените или загрозените краишта да ги напуштат своите домови и да се иселат. Така голем број Срби се населиле во Војводина, Босна, Славонија, Лика, Кордун и др.
Сѐ до почетокот на 19. век најголемиот дел од српските земји биле под власт на Отоманското Царство. Со востанијата од 1804. (Првото српско востание) и од 1815. (Второто српско востание) Србија успеала да извојува автономен статус за себе во рамките на Империјата под името Кнежевство Србија. Меѓународното признавање на Србија како држава се случило на Берлинскиот конгрес во 1878. По овој Конгрес, кнежевството станува кралство со кое владее династијата Обреновиќ, сѐ до 1903. кога со преврат на власт доаѓа династијата Караѓорѓевиќ. Србија значајно ја проширува својата првобитна територија, најпрво вклучувајќи ги деловите на денешна јужна Србија (Ниш, Лесковац, Врање) непосредно по Берлинскиот конгрес, а во 1912.-1913. во периодот на Балканските војни и територијата на денешна Македонија (без Струмица со околината), Косово и Метохија и Санџак.
Важен период во српската историја е периодот на Првата светска војна. Војната всушност и започнува како локален конфликт помеѓу Србија и Австроунгарија заради убиството на престолонаследникот на австроунгарсиот престол, принцот Франц Фердинанд од страна на српскиот студент Гаврило Принцип во Сараево на 28 јуни 1914. Србија и покрај почетните успеси (победите во Церската и Колубарската битка), не успева да издржи под притисокот и откако во 1915. година Бугарија ѝ објавува војна, српската војска се повлекува на југ низ Албанија сѐ до островот Крф. Здружените српско-француско-британски сили успеваат да го стабилизираат фронтот северно од Солун - линија која во историјата ќе биде позната како Солунски фронт. Со пробивањето на фронтот кон крајот на 1918. и завршувањето на војната, Србија станала дел од новоформираното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците, а српскиот крал - крал на Србите, Хрватите и Словенците. Од овој момент историјата на Србите е врзана за историјата на останатите народи од југословенската заедница.
Во Втората светска војна српскиот народ застанува на страната на Сојузниците. Постојат две движења на отпорот во окупирана Србија: четници - остатоци од разбиената југословенска армија верни на Владата во Лондон (но подоцна обвинети за соработка со окупационите сили) и партизани - од кои повеќето се работници и селани, предводени од КПЈ на чело со Тито. По војната власта во Југославија минува во рацете на КПЈ и Југославија е поделена на шест републики, меѓу кои е и Србија во чиј состав влегуваат автономните покраини: САП Војводина и САП Косово и Метохија. Со распадот на социјалистичка Југославија во 1991.-1992., Србија (заедно со Црна Гора) влегува во составот Сојузна Република Југославија - СРЈ. Во 1990. српскиот народ престанува да биде сметан за конститутивен во Хрватска, додека во 1995. Република Српска е призната како српски ентитет во рамките на Босна и Херцеговина. За време на Југословенските војни (1991-1995) повеќе од половина милион Срби од Хрватска и Босна и Херцеговина се раселени како резултат на воените дејства. Во 1998.-1999. по немирите на Косово, НАТО, без согласност на Советот за безбедност при ООН, врши 78-дневно бомбардирање на СРЈ и како резултат на тоа српската војска е приморана да се повлече од Косово, а оваа територија станува протекторат на Обединетите нации. На 5 октомври 2001. после масовни демонстрации доаѓа до смена на власта во Србија кога режимот на претседателот Слободан Милошевиќ е срушен, а на власт доаѓа Демократската опозиција на Србија. Во 2003. СРЈ го менува името во државна заедница на Србија и Црна Гора и практично преминува од федерација во конфедерација. Во мај 2006. на референдум Црна Гора прогласува независност, со што формално и Србија станува незавизна, за првпат по крајот на Првата светска војна.
Србите како тема во уметноста и во популарната култура
уредиСрбите се јавува како тема во уметноста и во популарната култура, како:
- „Што е најлошо на светот, или Пијан Србин и гладен Турчин“ (Шта је најгоре на свијету, или Пијан Србин и гладан Турчин) - српска народна приказна.[1]
- „Српска девојка“ (Српска дјевојка) - српска народна песна.[2]
- „Патриотски разговор со Србите“ (Patriotski razgovor sa Srbima) - песна на српската поетеса Десанка Максимовиќ.[3]
Во делото „Богатството на царот Радован“, српскиот поет Јован Дучиќ вели дека Србите се љумобоморни само кога се непросветени,[4] додека Србинките им се даваат само на оној кој ќе ги измами.[5] Меѓутоа, за Србинката, тој вели дека е поинаква од сите жени: кога е од најчист тип, таа му е сестра на мажот.[6] Исто така, тој влеи дека Србинот е повеќе изразен тип како пријател, отколку како непријател при што тој го смета за непријател дури и човекот кој живее на другиот крај на светот, само ако не го дели неговото мислење.[7]
Сродни народи на Србите
уредиГалерија
уредиПоврзано
уредиИзвори
уреди- ↑ Вук Караџић, Српске народне приповијетке. Београд: Лагуна и Вукова задужбина, 2017, стр. 412.
- ↑ Народне лирске песме. Београд: Просвета, 1963, стр. 33-34.
- ↑ Desanka Maksimović, Izabrane pesme (peto dopunjeno izdanje). Beograd: BIGZ, 1985, стр. 221.
- ↑ Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 111.
- ↑ Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 149.
- ↑ Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 157.
- ↑ Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 194.