Прејди на содржината

Ѕверови

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Carnivora)
Ѕверови
Период: доцен еоцен до денес
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Цицачи
Инфракласа: Вистински цицачи
Надред: Лауразиотерии
Ред: Ѕверови
Боудич, 1821
Семејства

Редот на ѕверови (латински: Carnivora − „месојади“) е еден од 20 реда на цицачи. Ова е една разновидна група на цицачи кои живеат во речиси секое станиште (и океаните) и брои над 260 видови. Поголем дел од ѕверовите се копнени животни, додека некои се водни (видрите живеат во слатководни басени, додека фоките и нивните сродници се морски форми).

И покрај името Carnivora, неколку видови не се исхрануваат само со месо. Така, мечките, шакалите и лисиците се сештојади, односно покрај месо, јадат и овошје. Земјениот волк од групата на хиени се храни исклучиво со термити, а џиновската панда живее речиси само од бамбусови стебла. Обединувачката одлика на ѕверовите е пар на ножицовидни заби во устата кои се користат за рассечување на месото. Овие заби се наречени карназијални заби. Меѓутоа, тие отсуствуваат кај џиновската панда и земјениот волк. Овие два вида се вклучени во овој ред бидејќи нивниот предок ги поседувал истите.

Еволуција

[уреди | уреди извор]

Поради недостигот од фосилни докази, како и нејаснотиите кои постојат околу постоечките, еволуцијата и систематиката на ѕверовите не е добро објаснета.

Во времето на изумирањето на диносаурусите (односно, пред околу 65 милиони години), цицачите биле малечки животни, налик на денешните ровчици. Исчезнувањето на диносаурусите довело до заземање на нивните дотогашни еколошки ниши од страна на цицачите. Тоа, пред сè, биле грабливци од групата на торбари, налик на денешните опосуми. Овие торбарски месојадни животни еволуирале во најразлични форми и големини и доминирале на континентите од јужната полутопка околу 30 милиони години.

За разлика од нив, плаценталните цицачи еволуирале на северната полутопка. Еден ваков цицач бил Cimolestes (кој личел на верверичка) и се хранел со инсекти. Важна негова одлика била зарамнувањето на забите, што довело до можност за рассекување на храната. По милиони години, овие заби станале приспособени за сечење на месо, со што настанале карназијалните острици. Оваа одлика била наследена од две различни групи на цицачи − една која се насочила кон развивање на црти на денешните ѕверови, а друга кон креодонтите. Од нив, вторите биле првите доминантни месојади. Фосилите кои укажуваат на присуство на првите ѕверовидни животни датираат од пред 55 до 35 милиони години. Некои од нив се со сабјести заби, но никои од нив не биле вистински ѕверови. Подоцните фосили покажуваат нагла промена - се појавуваат повеќе видови на ѕверови, а се помалку на креодонти.

Не е сосема јасно зошто се случила ваквата замена на креодонтите со ѕверовите. Се претпоставува дека во основата на ова стои положбата на карназијалните острици и климатските промени кои се случиле во тоа време. Така, карназијалните острици кај ѕверовите се сместени понапред во устата за разлика од тие кај креодонтите. Ова дозволува развиток на забите за мелење веднаш зад карназијалите, па така ѕверовите биле во можност да јадат не само месна храна, туку и растителна. Ова не било случај и со креодонтите, кои биле ограничени исклучиво на месна храна. Постојат докази дека за време на исчезнувањето на креодонтите настанале значителни климатски промени, проследени со заладување. Тоа веројатно довело до поголема изразеност на сезоналноста во текот на годината, при што пленот станал понедостапен, но плодовите и инсектите станале поабундантни.

Раните ѕверови, познати како миациди, биле мали и речиси незабележителни. Главната поделба на куче- и мачковидни ѕверови се случила пред околу 55 милиони години, а сите денешни семејства на ѕверови еволуирале пред околу 7 милиони години. Меѓу мачковидните ѕверови биле и сабјозабите мачки, кои биле доминантни карниворски претставници во периодот пред 26 до 2 милиони години. Со движењето на југ, ѕверовите ги потиснале торбарските грабливци (денес од нив се среќаваат само неколку потомци, како тасманскиот ѓавол и кволот во Австралија). Можеби најпознат е тасманскиот волк, кој е истребен пред околу 70 години од страна на ловците.

Морфологија

[уреди | уреди извор]

Ѕверовите имаат најразлични форми и големини. Се движат од 50 g тешката ласица (Mustela nivalis), па до 48 пати потешката (2 400 кг) јужна слоновска фока (Mirounga leonina). Повеќето видови се многу различни, така што лесно можат да се разликуваат различните семејства, иако овој ред има доста големо разнообразие.

Перконожните ѕверови (Pinnipedia) имаат заоблени тела со екстремитети изменети во перки. Копнените ѕверови се движат на два начина. Едни го користат целото стапало (плантиградни), додека други одат на нивните прсти (дигитиградни). Екстремитетите на еволутивно старите ѕверови подлегле на спојување на коските од стапалото, што веројатно обезбедило цврста основа за флексија (извиткување) на среднокарпалниот зглоб. Ова им дало флексибилност при искачувањето, борба со пленот итн. Друга одлика на скелетот е недоразвиената клучна коска (clavicula). Главната функција на добро развиената клучна коска кај приматите е прикачување на мускулите кои ја даваат потребната флексибилност за странично движење на екстремитетите. Ова не е потребно за напред-назад движењето на екстремитетите при долго трчање кај повеќето ѕверови. Со исклучок на хиените, ѕверовите поседуваат издолжена пенисна коска (os pennis) позната и како бакулум. Таа служи за продолжена копулација. Ова е веројатно многу важно кај видовите кај кои овулацијата е поттикната од копулацијата. Изменетите кожни жлезди сместени во аналниот регион секретираат супстанци кои служат за комуникација и размена на информации меѓу членовите на еден ист вид.

Систематика

[уреди | уреди извор]
Домашната мачка и куче се домашни припитомени ѕверови.

Филогенетско стебло

[уреди | уреди извор]
   Carnivora   
Feliformia

Nimravidae




Stenoplesictidae



Percrocutidae




Nandiniidae





Prionodontidae




Barbourofelidae



Felidae






Viverridae




Hyaenidae




Herpestidae



Eupleridae







   Caniformia   

Amphicyonidae



Canidae


   Arctoidea   
   

Hemicyonidae



Ursidae




Pinnipedia

Enaliarctidae



   

Phocidae



   

Otariidae



Odobenidae





   Musteloidea   
   

Ailuridae



   

Mephitidae



   

Procyonidae



Mustelidae