Тонио Крегер
Тонио Крегер (германски: Tonio Kröger) - новела на германскиот писател Томас Ман, првобитно објавена во 1903 година како дел од збирката „Тристан“.
Содржина
[уреди | уреди извор]Тонио Крегер е момче на возраст од 14 години, кое живее во мал град на север од Германија. Тој е син на конзулот Крегер, угледен граѓанин и богат трговец кој потекнува од старо семејство. Сепак, Тонио е лош ученик и не покажува интерес за ништо, освен што сака да чита книги, а и самиот пишува стихови поради што сите му се потсмеваат, а татко му го критикува. Тонио многу сака да се дружи со својот соученик Ханс Ханзен, кој е син на богат трговец - одличен ученик, многу убаво момче кое спортува и кого сите го почитуваат и сакаат. Тонио е вљубен во Ханс, кој е неговиот идол. Сепак, две години подоцна, Тонио потполно го заборава Ханс и се вљубува во убавата девојка Ингеборга (Инга) Холм, но таа воопшто не му обрнува внимание. Во меѓувреме, татко му на Тонио умира, мајка му набргу се премажува за некој музичар и со него се иселува некаде на југ, а семејната куќа е продадена. Така, Тонио (кој дури и претходно не чувствувал никаква приврзеност кон родниот град) го напушта родното место и живее по големите градови, предаден на сетилниот живот во кој не наоѓа никакво задоволство. Истовремено, тој зпаочнува книжевна кариера и постигнува забележителен успех. Еден ден, во Минхен, ја посетува сликарката Лизавета Ивановна на која ѝ ги објаснува своите погледи кон уметноста. Есента, Тонио заминува на пат во Данска. Патем, тој застанува во родниот град, посетувајќи го првпат по 13 години. Таму, тој се сместува во хотелот, ја посетува родната куќа (претворена во народна библиотека) и утредента си заминува. Пред да го напушти хотелот, еден полицаец го испрашува, сомневајќи се дека тој е некој измамник кој штотуку избегал од Минхен. Кога пристигнува во Данска, Тонио најпрвин престојува неколку дена во Копенхаген, а потоа оди на брегот на Балтичкото Море, во Олсгард. Таму го поминува времето во прошетки по морскиот брег и во размислување, присетувајќи се на младоста и на родниот град. Една вечер, во хотелот ги среќава Ханс и Инга, како маж и жена, и во него повторно се будат спомените од детството. Сепак, тие не го препознаваат, а тој нема желба да им пристапи, знаејќи дека тие воопшто нема да имаат разбирање за него.[1]
Осврт кон делото
[уреди | уреди извор]„Тонио Крегер“ се смета за најважната новела на Ман од раниот период на неговото творештво. Таа е пример за стилската виртуозност на Ман, според кого токму музичкиот карактер на стилот го направиле ова дело популарно кај публиката. Во оваа новела, Ман за првпат свесно ја искористил музиката како средство за јазично изразување и ја применил техниката на „лајтмотив“, т.е. стилско повторување и варирање. Таквата постапка е применета и во романот „Буденброкови“, но на натуралистички начин, додека овде постапката се одликиува со „идејна прозрачност“, со што била ослободена од механичкото и добила музички карактер. Волшебната сугестивност на оваа новела потекнува од способноста на Ман архитектонската градба на дејството да ја поврзе со музиката на стилот.[2]
Централна тема во новелата е односот меѓу уметникот и животот. Притоа, за разлика од новелата „Тристан“, каде ваквиот антагонизам се разрешува на сатирично-комичен начин, овде решението е лирско-мрачно. Главниот јунак, Крегер е вистински уметник, но неговата уметничка природа го оддалечува од луѓето и го спречува да ужива во обичните нешта кон кои го влече неговиот човечки инстинкт. Духот го одделува уметникто од животот кој, наместо да живее, стои настрана и само набљудува. Тој не може да чувствува, тоа би го попречило во уметничката работа, зашто „чувството... секогаш е банално и неупотребливо, а уметнички се само надразнувањата... на нашиот уметнички нервен систем.“ Крегер знае дека „добрите дела настануваат само под притисокот на лошиот живот“ и „дека човек мора да умре за целосно да стане творец“. Трагедијата на Крегер се состои во тоа што својата уметничка професија ја сфаќа како проклетство, како несреќа, која е зголемена со тоа што тој не може да не го сака животот. Оттука произлегува неговиот сомнеж дека „уметноста е можеби предавство на животот“, но му останува утехата дека неговата љубов кон човекот и кон животот не е предавство на уметноста.[2]
Наводи
[уреди | уреди извор]
|