Тодор Џунов
Тодор Џунов | ||
Роден | 11 октомври 1931 Ваташа, Кралство Југославија | |
---|---|---|
Починал | 1 јануари 2014 (возраст: 82) Скопје, Македонија | |
Народност | Македонец | |
Занимање | правник, универзитетски професор, судија |
Тодор Џунов (11 октомври 1931 во Ваташа — 1 јануари 2014 во Скопје) — македонски правник, универзитетски професор, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и претседател на Уставниот суд на Македонија.[1]
Животопис
[уреди | уреди извор]Џунов е роден во кавадаречкото село Ваташа во 1931 година, каде што завршил основно училиште. Средно училиште завршил во Битола во 1948 година.[2]
Завршил Новинарско-дипломатска висока школа во Белград, каде што учел во периодот 1950-1952. Во 1954 година дипломирал на Правниот факултет во Скопје. Магистрирал на Универзитетот „Мак Гил“ во Монтреал во 1961 година, а на Правниот факултет во Скопје докторирал во 1963 година на темата „Меѓународно-правно регулирање на ползувањето на реките и езерата од заеднички интерес вон од пловидбата“.[2]
Бил избран за асистент по предметот Меѓународно јавно право на Правниот факултет во Скопје во 1956 година, додека за доцент по предметот Меѓународно приватно право во 1964 година. Станал вонреден професор во 1969 година, а во 1974 година се стекнал со звањето редовен професор.
Бил член на Сојузот на комунистичката младина на Југославија од 1945 година и член на Сојузот на комунистите на Македонија од 1948 година.
Бил декан на Правниот факултет во Скопје во еден мандат (1981-1983) и ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во еден мандат (1985-1988).[3]
Во 1994 година станал судија, а во 2000 година претседател на Уставниот суд на Македонија, чиј мандат му престанал во 2003 година.
Бил член или шеф на делегации во меѓувладини тела за водостопански прашања, за меѓународна научна и технолошка соработка со Грција, САД, Велика Британија, за сукцесија на поранешна СФРЈ, на балкански и европски ректорски конференции, на конференции на УНЕСКО, ОН и др., бил арбитер на надворешно-трговска арбитража како и арбитер на Судот за мирење и арбитража на ОБСЕ.
Автор е на повеќе од стотина научни и стручни трудови, меѓу кои позначајни се: универзитетски учебник по Меѓународно приватно право[4] (четири изданија); „Меѓународно регулирање на користењето на водите“ 1979 (научен труд со наградата „11 Октомври“, 1980), Надворешна политика на СФРЈ и неврзувањето, 1989; Збирка закони од МПП (две изданија, 1984, 1987) и други.[5]
Носител е на Републичката награда за научен труд „11 Октомври“ 1980, Орден за труд и за заслуги за народ, Златна плакета и статуа „Јустинијан“ на Правниот факултет; Плакета на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, универзитетите на поранешна СФРЈ, Софискиот универзитет, Универзитетот „Мартин Лутер“ Хале-Витенберг, Германија.[6]
Починал во Скопје на 1 јануари 2014 година.[6][7]
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Џундева“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 1642. Text "series " ignored (help)
- ↑ 2,0 2,1 Камчевски, Петре (2012). Ваташа. Кавадарци: Музеј-Галерија Кавадарци. стр. 438. ISBN 978-608-4621-04-1.
- ↑ „уким“. www.ukim.edu.mk. Архивирано од изворникот на 2023-01-14. Посетено на 2024-07-12.
- ↑ „Меѓународно приватно право“. biblioteka.msu.edu.mk (англиски). 1988. Посетено на 2024-07-12.
- ↑ „Ректори на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје “. Архивирано од изворникот на 2020-05-14. Посетено на 2014-01-02.
- ↑ 6,0 6,1 Admin (2014-01-02). „Почина проф. д-р Тодор Џунов, поранешен ректор на Скопскиот универзитет и професор по меѓународно право“. Академик. Посетено на 2024-07-12.
- ↑ „Почина проф. д-р Тодор Џунов, поранешен ректор на Скопскиот универзитет“. Архивирано од изворникот на 2014-01-04. Посетено на 2014-01-02.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Судија д-р Тодор Џунов Архивирано на 5 март 2016 г. - Уставен Суд на Македонија
|
|
|