Статистичка механика
Статистичката механика е еден од столбовите на современата физика. Оваа наука ги проучува на најосновно ниво сите физички системи со многу степени на слобода. Нејзиниот пристап е заснован на статистички методи, теорија на веројатноста и законите на микроскопската физика.[1]
Со неа може да се објасни термодинамичкото однесување на големи системи. Оваа гранка на статистичката механика која се занимава и ја надополнува класичната термодинамика е позната како статистичка термодинамика или рамнотежна статистичка механика.
Статистичката механика опишува како макроскопските величини (на пр. температурата и притисокот) произлегуваат од микроскопските параметри кои флуктуираат околу одреден просек. Таа ги поврзува термодинамичките величини (на пр. топлински капацитет) со микроскопското однесување. Класичната термодинамика, пак, единствено ги мери и табулира тие величини.[2]
Освен системи кои се во рамнотежа, статистичката механика ги проучува и тие кои се надвор од оваа состојба, преку својата гранка нерамнотежна статистичка механика (или уште позната како статистичка динамика). Статистичката динамика микроскопски ја моделира брзината на неповратните процеси, која е водена од нерамнотежа во некоја величина. Примери за такви процеси се хемиските реакции или текот на честички и топлина. Флуктационо-дисипативната теорема е основата која ја добиваме при примена на нерамнотежната статистичка механика при проучување на најпростите нерамнотежни ситуации со постојан проток во систем со многу честички.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Tolman, Richard C. (1938). The Principles of Statistical Mechanics. Dover Publications. ISBN 9780486638966.
- ↑ Gibbs, Josiah Willard (1902). Elementary Principles in Statistical Mechanics. Њујорк, САД: Charles Scribner's Sons.