Риген (германски: Rügen) — поранешен округ во североисточниот дел на сојузната покраина Мекленбург-Западна Померанија, Германија. Округот Риген бил создаден во 1806 од шведската администрација на Шведска Померанија. Најпрвин бил именуван како Амт Берген, но од 1810 го носи името округ Берген. На 4 септември 2011, Риген бил припоен кон новосоздадениот округ Западна Померанија-Риген.
Округот се граничел целосно со Балтичкото Море. Најблиски окрузи биле Северна Западна Померанија и слободниот град Штралзунд. Округот ги покривал островите Риген и Хидензе и неколку помали острови како Уманц и Вилм. Така тој бил единствениот округ во Германија, кој се состоел само од острови.