Омер-паша Латас (роман)
Автор | Иво Андриќ |
---|---|
Земја | Босна и Херцеговина |
Јазик | српскохрватски |
Жанр | роман, историска хроника |
Издадена | 1977 |
Медиум | печатено издание |
Страници | 311 |
Омер-паша Латас — роман на босанскиот, хрватскиот и српскиот писател Иво Андриќ, објавен во 1977 година. Го опишува ликот и делото на Омер-паша Латас, за време на неговиот престој во Босна, додека ги задушувал буните на беговите против султанот.
За делото
[уреди | уреди извор]Романот „Омер-паша Латас“ е многу важен за разбирање на целокупната поетика на Андриќ. Во неговиот центар е ликот на Омер-паша Латас - лички Србин, Миќа Латас од Јања Гора, запаметен во историјата како надмен владетел кој влевал страв, чие дело влијаело не само на општествените и историските околности во Босна, туку и на судбината на сите други ликови во романот, па читателот стекнува впечаток дека сè што живее е определено од постоењето на пашата.
Романот не се сосредоточува толку на хронологијата на настаните за задушување на буната, туку на ликот на Омер-паша и луѓето околу него (неговите офицери, сопругата, сликарот што го сликал, канцеларискиот и помошниот персонал, итн.). Овој роман во книжевноста е оквалификуван како „албум на личности“, со нивното минато и одлики, својствен за книжевното дело на Андриќ.
Освен луѓето од опкружувањето на Омер-паша и самиот Омер-паша, во овој роман Андриќ го опишува начинот на живеење во Босна во тоа време, во Сараево и Травник, како и политичката ситуација во земјата. Симптоматично е тоа што приказните на сите херои се засновани на истиот столб - губењето на идентитетот, а Иво Андриќ успеал на страниците на овој роман да ја прикаже сета трагедија на рушење на оние кои ја загубиле сопствената срж.
Романот е објавен постхумно, во 1977 година, врз основа на записите на Андриќ кои датираат дваесетина години пред тоа, во 1950-тите, и се смета за недовршено дело.[1] Од првобитната намера да стане хроника на Сараево, станал роман за една личност.
Ракописот на овој роман останал во наследството на Иво Андриќ, но писателот не го прецизирал редоследот на поглавјата, па затоа уредниците од посебните раскази, раководејќи се со хронолошкото начело кога станува збор за историскиот слој на материјалот и внатрешната логика на психолошкиот развој на ликовите, составиле прозна целина. Ова дело не е завршено како роман, туку е комплетно и заокружено како романописна идеја за град кој, како Травник, е сцена за човечка драма. Во еден од трагичните моменти од историјата на Сараево, градот му послужил на Андриќ како симболичен украс на кој ќе се развива албум на човечките судбини.
Во еден дел на вака реконструираниот роман, се следи доаѓањето на Омер-паша во Сараево, неговата работа за пренесување на центарот на моќ од Травник во Сараево и за средување на ситуацијата во земјата. Во вториот дел е претставен неговиот интимен живот, а третиот е за конзулот Атанацковиќ, кој во новата престолнина дошол во летото 1850 година.
Приказната за Омер-паша, неговото семејство, пријателите и непријателите, се чита како далечен патиниран албум на голем сликар, на кој се прикажани човечките односи и животот во далечното време.[2]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ IvoAndric.org.yu Архивирано на 30 ноември 2007. Архивски примерок на Семрежниот архив (англиски) , "Omer-paša Latas"
- ↑ „Omerpaša Latas“. makart.rs. 5 август 2017. Посетено на 2020-12-30.