Прејди на содржината

Кораб

Координати: 41°47′25″N 20°32′48″E / 41.79028° СГШ; 20.54667° ИГД / 41.79028; 20.54667
Од Википедија — слободната енциклопедија
Кораб
Поглед на планината Кораб
Највисока точка
Надм. вис.2764 м [1]
Истакнатост2169 м [1]
Заведена каконајвисок во земјата, ултра
Координати41°47′25″N 20°32′48″E / 41.79028° СГШ; 20.54667° ИГД / 41.79028; 20.54667
Географија
Кораб is located in Македонија
Кораб
Кораб

Местоположба на планината на македонско-албанската граница
Кораб на карта

Карта

МестоМакедонија Македонија
 Албанија
Матичен венецКораб

Корабпланина во Западна Македонија, на границата со Албанија.[2] На неа се наоѓа највисоката точка (врв) во Р Македонија — Голем Кораб, со висина од 2.764 метри надморска височина. Кораб е планинска верига која се протега на правец југ-север.

Традиционалното меѓународно искачување на Голем Кораб се одржува во почетокот на септември секоја година по повод 8 септември денот на независноста на Македонија.

Поради уникатните природни одлики делот на планината кој влегува во границите на Македонија, во 1952 година е признаен како дел од националниот парк „Маврово“.

Се издига во  северниот дел  на Корабскиот  планински масив, на  потегот  од врвот Шерупа (2,092 м) на север, до високопланинскиот превој Дешат (1,959 м) на југ, со должина од 26 км[3]. Правецот на протегање е меридијански од север кон југ[3]. Планинското било е јасно изразено по целата должина,  во  северниот  дел  е  благо  заоблено,  а  во  средишниот  и  јужниот  е  доста  остро  и  послабо расчленето[3].  Над  планинското  било  се  издигаат  повеќе  врвови  чија  височина  е  над  2,000 м,  а  на 39 поедини  места  и  над  2,500 м[3].  Највисок  врв  е  врвот  Голем  Кораб  (2,753 м),  кој  иако  припаѓа  на територијата на Националниот Парк Маврово, ‐ Република Македонија, сепак не припаѓа кон сливот на  Реката  Радика,  туку  на  сливот  на  реката Прој  Радомирс во  соседна  Албанија. Планината  Кораб  се  одликува  со  разновидни  релјефни  форми.  Под  планинското  било  се  наоѓаат изворните челенки на повеќе притоки на реката Радика, која се јавува како важна одводна артерија во Националниот Парк Маврово, меѓу кои позначајни се: реката Штировица, реката Рибница, Длабока Река, поголем дел од изворната челенка на Жировничка Река и други[3]. Во фосилизираните циркови се наоѓаат  поголем  број  на  извори,  а  во  поедини  се  среќаваат  и  постојани,  периодични  и  повремени природни постглацијални езера. По највисоките точки на планинското било минува западниот дел од водоразделната линија на реката Радика и сите нејзини десни притоки. Од планината Кораб на Националниот Парк Маврово му припаѓа источната планинска страна, која се одликува  со  прилично  голем  наклон  на  теренот,  особено  во  средишниот  и  јужниот  дел,  додека  во северниот дел тој е нешто поблаг[3]. Најголеми наклони на теренот се јавуваат под високите планински врвови и по страните на длабоките речни долини[3]. Планинската страна на Кораб која му припаѓа на Националниот  Парк  Маврово  е  силно  издисецирана  со  површинските  водотеци,  кои  претежно  се предиспонирани  со  раседни  структури,  или  пак  претставуваат  фосилизирани  ерозивни  глацијани земјишни облици (циркови или валови)[3].   

Во описот на релјефот и орографијата на Македонија, во книгата Материјали по изучувањето на Македонија од 1896 година, македонскиот револуционер Ѓорче Петров за Кораб запишал дека во јужниот крај на првиот дел на Шар и на југозапад од градот Гостивар се издига забестиот и карпест врв Кораб при што тука веригата завртува на југозапад под имињата Кораб, Дешат и Крчин и завршува над Дебар[4]. Првиот масив на почетокот на веригата е тризабиот врв Кораб, од којшто и првиот дел се нарекува со истото име[4]. Под неговата југоисточнa стрмнa падина е длабоката долина на реката Радика, а северозападната падина се спушта до долината на Дрим во Долни Дебар[4]. И двете падини во пониските делови се шумовити, а во повисоките – голи и карпести[4]. Врвовите Крчин и Кораб се едни од највисоките во целата Шарска верига, при што месните луѓе ме уверуваа дека Кораб е многу повисок од врвовите Шар и Љуботен, но тоа не се дознало од патописците, затоа што никој не се искачил на него. Всушност, тие два врвови се недостапни, едно затоа што населението во околината е диво и ги прави недостапни, друго затоа што нивните карпести падини особено во горниот дел се така стрмни, што се непристапни за човека[4]. За највисоки ги претставува и легендата, со која местното население го толкува настанокот на имињата Крчин и Кораб – таму дедо Ное со својот кораб се чукнал од карпите или „крцнал“ како што кажуваат на дебарскиот говор, од што и планината се нарекла Крчин[4]. Истата легенда други ја прикажуваат за Кораб[4].

Поглед на највисоките врвови Голем Кораб (десно), Малокорапска Стена (Мала Корапска Врата) (средина) и Мал Кораб (лево)

По Голем Кораб, планината Кораб има повеќе врвови преку 2000 метри надморска височина. Меѓу врвовите кои се доста непроодни најзначајни се:

Поглед на Кораб

При изработката на дигиталната географска карта на Република Македонија од страна на јапонски експерти е утврдено дека Голем Кораб е повисок, па според премерувањата тој е повисок за 88 метри, но тоа сѐ уште не е официјално потврдено. Овие врвови се случајно раздвоени преку тектонски движења кои прават форми на блокови што завршуваат со долината на реката Радика. Овие блокови под дејство на ледничката ерозија имаат направено дупки кои достигнуваат и до 500 м длабочина. Најмаркантен пример за таков вид на ерозија претставува горниот тек на Длабока Река каде е формиран и истоимениот познат кањон со речиси вертикални страни и остри ивици меѓу кои се наоѓаат голем број водопади, посебно од страната на Кобилино Поле.

Поглед на Кораб од албанска страна

На Кораб има и неколку висорамнини меѓу кои се истакнуваат Кобилино Поле на македонската и Радомирско Поле на албанската страна.

Иако релативно тешко прооден, на масивот на Кораб постојат неколку превои (во близина на истоимените врвови) кои се користат од страна на месното население и планинарите. Најпознати се:

Необично забележливи се алпските предели на Кабаш, Рибничка Скала, Мал Кораб, Радомирски Врв и неколку други тешко проодни врвови. Во највисокиот дел, над 2.000 м, климата е алпска и вклучува елементи од алпската флора. Според мислењето на голем број научници, Кораб е најубавиот планински релјеф во Македонија и пошироко.

Општа одлика за масивот на Кораб е богатството на површински водотеци - реки и потоци кои по напуштањето на планинското подрачје се влеваат во Радика и Црн Дрим. Тие имаат брзи текови, наизменично низ кањони и долини, често формирајќи брзаци и водопади. Најголеми и најпознати реки се:

Рибничка Река носи најголемо количество вода од падините на Кораб и по пренасочувањето на горниот тек на Радика за потребите на мавровскиот хидросистем, нејзините води најмногу придонесуваат за одржување на реката Радика во нејзиниот среден и долен тек. Извира на околу 2.300 м надморска височина помеѓу Дерза и Цигански Премин.

Највисок изворишен дел, кој достига и до 2.500 м надморска височина има Длабока Река. Воедно нејзиниот тек заедно со Габровска Река и другите помали притоки е и најатрактивен бидејќи формира три кањони и многубројни брзаци и водопади.

Водопади

[уреди | уреди извор]
Корапскиот водопад на Длабока Река

Корапскиот водопад на Длабока Река или водопадот на Длабока Река е највисок водопад во Македонија, а воедно и на Балканот со висина од над 130 метри (136 метри, ако се смета и висината на слапот во подножјето). Се јавува на вертикална карпа која е продолжение на стрмната источна страна на врвот Мал Кораб. Формиран е како последица на истекувањето на огромниот ледник кој го продлабочил горното корито на Длабока Река, пресекувајќи ја карпата на неговиот пат.

Водопадот јасно може да се види од далечина само во пролетните месеци и во почетокот на летото додека се топи снегот, кога количеството на вода е поголемо. Зимно време е комплетно замрзнат, а во доцните летни месеци и почетокот на есента останува да се полни со водата од неколкуте мали извори кои се наоѓаат веднаш под врвот Мал Кораб и во близина на Мало Корапско Езеро - количина на вода која поради големата вертикала можа да се забележи само од непосредна близина, но не и од далеку при што изгледа како да е пресушен. Поради непристапниот терен и краткиот временски интервал во којшто може да се посети, многу малку луѓе имаат можност да го видат во својот полн сјај. Најдобар период за посета е месецот јуни кога снегот нема да претставува голема пречка за да се стигне до водопадот, а и поради топењето на преостанатиот снег количеството на вода е релативно големо.

Во горниот тек на Длабока Река се сретнуваат и повеќе пониски водопади од нејзината лева страна, кои се формираат од нејзините притоки што извираат од Кобилино Поле. Но иако помалку забележителни од големиот водопад, тие имаат поголема количина на вода и се посебно привлечни кога ќе се погледнат од реонот на врвовите Кабаш и Рибничка Скала, при што се добива впечаток како цело Кобилино Поле да се „цеди“ во Длабока Река.

Скриен во горниот кањон на Длабока Река, на најтесниот дел помеѓу сртовите на Рибничка Скала (од десната страна) и Шило и Пирк (од левата страна) се наоѓа уште еден импресивен водопад до кој е особено тешко да се стигне поради непристапниот терен во самиот кањон, неретко попречен од паднати лавини. Меѓутоа овој водопад ги надминува сите во сливот на Длабока Река според количеството на вода и како резултат на тоа при падот формира „воден лонец“ со голема длабочина.

Водопади се сретнуваат и на останатите реки и потоци на падините на Кораб, посебно во горните текови на Рибничка Река и Циганска Река, како и во подножјето на врвот Црн Камен (Врбјани), каде се забележуваат двата повремени водопади на Обесенавода, во непосредна близина на регионалниот пат Маврови Анови - Дебар.

На македонска територија Кораб има 8 постојани и десетина повремени леднички езера, додека нешто помал број има на албанската страна. Попознати од нив се:

Најпознато е секако Големо Корапско Езеро, кое се наоѓа на 2.500 м надморска височина веднаш под самиот врв Голем Кораб, поради фактот што претставува највисоко ледничко езеро, како и највисока водена површина во Македонија воопшто.

По површина убедливо најголемо е Грамското Езеро на албанската страна. На таа страна езерата се многу поголеми отколку на македонската, но тие езера лежат и на помала надморска височина во однос на оние на македонската страна.

Најголема концентрација на овие остатоци од некогашното ледено доба има на триаголникот помеѓу Шуплив Камен, Бабин Камен и Високо Брдо, како и на Кобилино Поле, од кои истекуваат притоките на Рибничка Река и Длабока Река.

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. 1,0 1,1 http://peaklist.org/WWlists/ultras/EuroCoreP1500m.html
  2. Евгений Динчев, Петър Атанасов, Високите планини на Република Македония, Пътеводител, София, 1998
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 Светозар Петковски, Драган Василевски, Владо Матевски, Claudio Orlandini и 28 други автори (2011). „Студија за ревалоризација на заштитено подрачје Маврово“ (PDF). Министерство за животна средина и просторно планирање. Посетено на 8.13.2019. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate= (help)CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 8 и 34-35. ISBN 978-608-245-113-8.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]