Прејди на содржината

Грчка пропаганда во Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Грчката пропаганда е разгранет систем за ширење на грчкото национално чувство, култура, јазик, идеја и влијание меѓу населението во Македонија. Оваа пропаганда е една од најстарата која делувала во Македонија, нејзиниот пробив започнува со укинувањето на Охридската архиепископија, а особено се засилува по појавата на Македонското прашање.

Корените на оваа пропагандата се наоѓаат во Цариградската патријаршија која е една од најстарите цркви во Европа. Нејзината егзистенција уште во самиот почеток била тесно поврзана со грчката култура и јазик, а по уништувањето на Византија со текот на времето оваа црква ќе стане исклучиво грчка и како таква ќе настапува воопшто против словенската култура, писменост и азбука.

Нејзиното влијание особено станало силно по укинувањето на една од постарите словенски цркви на Балканот, Охридската архиепископија. По укинувањето на оваа словенска црква сите нејзини епархии влегле во рамките на Цариградската патријаршија, со што највисоките служби ги зазеле Грци, а Словените постепено биле отстранувани од сите повисоки дејности.

Митрополите и епископите како грчки воспитаници започнале во постојните црковни училишта да го отстрануваат словенскиот јазик кој го заменувале со грчки, а истовремено се започнало со отстранување и на црковно-словенскиот јазик од богослужбите во самите цркви со што литургијата била водена на грчки јазик.

Тие започнале да ги попречуваат и гонат иницијаторите за воведување на црковно-словеснкиот јазик по црквите и училиштата.

Разгранување

[уреди | уреди извор]
Црквата св. Ѓорѓија седиште на Патријаршијата во Цариград
Странски пропаганди во Македонија
Поделба на Македонија по Букурешкиот договор.

Во првата половина на 19 век во Македонија низ сите поголеми градови постоеле училишта во кој наставата била изведувана на грчки јазик, а предавањата биле на повисоко ниво бидејќи грчката интелигенција бил поразвиена и постоела постара училишна традиција, континуитетот на словенската училишна традиција бил прекинат со укинувањето на Охридската архиепископија, не во целост меѓутоа оваа традиција била ослабена бидејќи не постоел центар кој би се грижел за словенската култура и јазик.

Во 1806 и во 1819 година цариградскиот патријарх Григориј V им наредил на грчките митрополити да го шират грчкиот јазик во Македонија, бидејќи под нивната компетенција спаѓала и грижата за просветата. В

о средината на 19 век влијанието на грчката пропаганда преку Цариградската патријаршија се чувствувала на целата територија на Македонија секаде каде што постоеле црковно-училишни институции. Самата состојба во Отоманското Царство создавала услови за ширење на грчката национална свест особено во јужните македонски епархии. Во рамките на империјата единствен правен заштитник на целото христијанско население била самата Патријаршија. Официјалните турски власти во своите статистички податоци во периодот пред создавањето на Бугарската егзархија, во своите нуфузи (еден вид на матични книги), целокупното христијанско население го третирале како рум-милет, односно грци. Според Јован Цвииќ:

во Турција верата е идентификувана со народноста и само оние народи што имаат своја црква, можат и официјално да се нарекуваат со своето народно име [1]

Од друга страна влијанието на Патријаршијата било засилено со раселувањето на Куцовласите (Цинацарите) од Пиндос и Мосхополе по јужните македонски градови. Овој влашки елемент кој и самиот бил подложен на елинизација станал носител на грчката национална пропаганда меѓу населението и затоа процесот на погрчување бил посилен во јужниот дел на Македонија. Грчкото влијание било силно во градовите додека пак во селата низ Македонија не можело да се одржи поради немање на вистинско грчко население. Најсилниот и најефикасен адут на грчката пропаганда при елинизацијата на населението:

средновековното владеење на Византиското Царство со македонската територија, во која наводно живееле Грци. Поддржувајќи ги тие традиции, грчката национална пропаганда од тоа црпела докази дека македонскиот народ е составен дел од грчкиот народ кој под притисок на Словените го примил словенскиот говор, но по својот етнички состав останал грчки [2]

Ваквото толкување имало силно влијани меѓу чорбаџискиот слој особено во јужномакедонските градови, меѓутоа кај поголемиот дел од населението во Македонија немале успех поради развиеното словенско чувство. Но таквото истапување на грчката пропаганда имала влијание врз развојот на македонската национална мисла, а посебно по однос на:

сопственото именување како посебен народ [2]

Населението во Македонија за да се одбрани од погрчувањето продолжило и понатаму себеси да го употребува усвоеното од Турците име христијани или раја со што и понатаму останувал безимен. Односно населението не се идентификувало според својата националност туку според својата вера, и тоа на културолошка словенска основа.

Сеќавањата за минатото потполно исчезнале и кај селаните останале само нејасни преданија за дамнешната слобода која тие ја уживале. Во едно зафрлено село во близината на Охрид, во кое нема ни учител ни свештеник, а неговите жители не знаат ниту да пишуваат ниту да читаат, говорев со неколку дечиња за да дознаат колку тие знаат за минатото. Ги однесов кај едно осамено и необично закосено ритче на чиј врв се наоѓа урнатините на бугарскиот цар, тие се наоѓаат над езерото и долината. Кој го изградил ова? Ги запрашав. Одговорот беше впечатлив: Слободните луѓе. А кој биле тие? Нашите дедовци. Да ама дали тие биле Срби, Бугари, Грци или Турци? Не, не биле Турци, тие биле христијани. И тоа беше изгледа сè што тие го знаеја [3]

Спред Славко Димески:

Ваквиот однос кон сопственото име бил резултат на несогледувањето на последиците и бегањето од толкувањето на грчката пропаганда за Македонија и Македонците... таа збрка околу името е една од причините за забавувањето на националниот развој на македонскиот народ. Тоа било и причина незакрепнатото македонско граѓанство, кое требало да го носи тој развој да се најде во таква ситуација и во такви услови, тешко и во кривулици да се движи напред [2]

Ослабување на позициите

[уреди | уреди извор]

Во средината на 19 век во Македонија и Бугарија започнало силно антипатријаршистичко движење. Ова движење првенствено било насочено против процесот на погрчување, а населението во Македонија и Бугарија заеднички врз словенска основа настапиле против Цариградската патријаршија притоа се барала смена на грчките митрополити и епископи, нивно заменување со домашни лица кој го познавале јазикот на населението, исто така било поставено и прашањето за обнова на Охридската архиепископија.

Како резултат на овие борби, на 28 февруари 1870 година со посебен султанов ферман била создадена посебна бугарска црка под името Бугарска егзархија, поради спротивставувањето на Патријаршијата, јурисдикција на бугарската црква била ограничена само на епархиите во Бугарија. со исклучок на велешката епархија во Македонија. Меѓутоа според членот 10 од истиот ферман било дозволено доколку населението во рамките на една епархија во Македонија одлучи со 2/3 мнозинство да се приклучи кон Егзархијата истото тоа да се уважи. На тој начин во 1874 година под јурисдикција на бугарската црква потпаднале Скопската и Охридската епархија. Создавањето на Бугарската егзархија, двете цркви во Македонија започнале борба за контрола на црквите и училиштата, но во овој судир биле поткопани позициите на Патријаршијата која со себе го носела погрчувањето:

Бегајќи од тоа, Македонците налетале на егзархиска стапица, која била поставена врз словенска основа, но со тенденција да ги бугаризира[4]

Борба за Македонија 1870-1912 година

[уреди | уреди извор]

Антисловенскиот карактер на грчката пропаганда

[уреди | уреди извор]

Треба да се потенцира дека грчката пропаганда во Македонија имала изразен антисловенски карактер, односно оваа пропаганда сакала да ја уништи словенската култура и писменост во Македонија. За антисловенскиот карактер на оваа пропаганда дополнителна светлина фрла и писмото од 26 август 1881 година испратено од проигуменот Дионисиј до Стефан Верковиќ во кое се истакнува:

...фанариотските владици настојуваат по секој начин да погубат и уништат сè што е словенско [5]

Дополнително Дионисиј истакнува дека грчките свештеници пред властите го денуницирале секој побуден Македонец. На овој начин грчката пропаганда успеала да го стави под своја контрола селото Горно Броди притоа биле уапсени 40 души, 15 души биле заточени по затворите во Солун и Сер, а спасот во кнежевството Бугарија и Источна Румелија го побарале 250 души.

Потоа во селото биле донесени грчки свештеници и учители и се започнало со погрчувањето на тамошното македонско население. Во двете цркви повеќе не можела да се слушне молитвата Господиј помилуј, а кога еден селанец се осмелил во некоја од црквите да каже Оче наш тој бил казнет со 280 гроша и еден месец затвор. Антисловенскиот карактер на грчката пропаганда се гледа во тоа што во Горно Броди и во тамошните цркви на иконите на Св. Кирил и Методиј им биле ископани очите.

Антисловенскиот карактер го потврдува и бугарскиот трговски агент во еден свој извештај од 1900 година во којшто истакнува дека грчката пропаганда не била насочена против бугарската народност [6] туку против словенската писменост и азбука.

Антисловенската кампања го зафатила и единствениот словенски параклис во Сер, словенското население повеќе не можело да се помоли со зборовите Миром Господи помолим сја и Господиј помилуј.

Вмешување на грчката држава

[уреди | уреди извор]
Географска карта на Мегали идејата - Голема Грција - Елефтериос Венизелос, творецот на Мегали идејата

Патријаршијата за да ја засили својата позиција во Македонија започнала да се служи најразлични средства. Таа започнала да го заплашува населението, да фрла анатеми и да го денунуцира населението пред турските власти како бунтовници, притоа властите биле поткупувани, а тоа резултирало со затворање на населението.

Бидејќи овие средства не помогнале, во 1871 година во Сер бил формиран еден силогос за ширење на грчката писменост во оваа област. Силогосот собирал сиромашни деца од селата и беспалтно ги издржувал во грчките училишта во Сер.

По Руско-турската војна раководењето со пропагандата го презеле грчките конзули во Македонија. Глава задача на грчката пропаганда во овој период било:

докажувањето дека Македонија била стара грчка земја и како таква требало да се вклучи во границите на грчката држава [7]

Оттука биле преземени разни дејствија. Уште во 1876 година грчката пропаганда организирала издавање на етнографски карти во Лондон и Париз, од овие карти се гледало дека грчките претензии оделе на север сè до Ќустендил и Качаник.

Пет години подоцна врз основа на податоците од грчкото учено друштво во Атина, германскиот картограф Киперт во Берлин во 1881 година направил карта од која се гледа дека грчките претензии биле споуштени по на југ до Кичево и Велес.

Грчката пропаганда исто така почнала да издава и статистички податоци за бројот и составот на населението во Македонија, во овие статистики намерно бил зголемуван бројот на Грците со цел да се докаже дека тие биле доминантно население во Македонија.

Грчка просветна пропаганда

[уреди | уреди извор]

Грчката пропаганда почнала да отвора разни училишта и културно-просветни организации во Македонија. Преку нив се собирале приврзаници и се ширела националната грчка свест, особено меѓу Власите, кои своите деца ги испраќале исклучиво во грчките училишта.

За финансирање на овие институции се ангажирало самото грчко министерство за надворешни работи преку своите конзули во Солун, Битола, Скопје и Сер, биле давани големи парични средства за функционирањето на просветната пропаганда. Друштвото за ширење на грчката писменост со седиште во Сер до 1879 година добило 189 000 драхми [8], а оваа сума во 1885 година се искачила на 536 000 драхми. Финансиските средства за ова друштво во 1896 година изнесувале 1.000.000 драхми.

Како што се зголемувале средствата така се зголемувал и бројот на грчките училишта во Македонија со текот на годините. Ако грчката пропаганда во 1877 година имала 256 училишта и 10 968 ученици веќе во 1886 година имала 836 грчки училишта. На тој начин во 1896 година во Македонија егзистирале 970 грчки училишта со 53 633 ученика [9].

Спред еден англиски податок кој се повикува на весникот Селаника газет во 1885 година во Солун имало 11 грчки училишта во нив работеле 39 учители и 29 учителки а наставата ја посетувале 1060 ученика и 1230 ученички [10].

Според истиот податок во Серскиот санџак имало 166 грчки училишта со 168 учители и 33 учителки, а училиштата ги посетувале 5 333 ученика и 949 ученички [11] .

Во Драмскиот санџак и во тамошните кази имало 99 училиште со 91 учител и 31 учителка, а овие училишта биле посетувани од 4861 ученик и 1387 ученички.

Во Битола била отворена полна машка и женска гимназија, една богословија (1884 година) и неколку основни училишта, особено забавишта.

Покрај училишта грчката пропаганда располагала и со неколку културно-просветни друштва како што биле: Друштвото на пријателите на просветата, гимнастичко, музичко, добротворно, театрално и др. Исто така била отворена и една печатница во која подоцна се печател, на грчки јазик, неделниот весник Фос.

Репресивниот карактер на грчката пропаганда

[уреди | уреди извор]

И покрај сите обиди кој грчката пропаганда ги презела за зацврстување на своите позиции во Македонија таа не успеала да го спречи преминувањето на Македонците под јурисдикција на Егзархијата, и затоа грчката пропаганда почнала да се користи и со методи од репресивен карактер.

Грчките чети на Катархјас и Каракас во 1880 година испратиле заканувачко писмо до жителите на селото Ѓавато од нив побарале или да го затворат словенското училиште или да се иселаат во Бугарија, во спротивно тие истакнале дека ќе дојдат грчки чети во селото и нема да остават ниту живо куче [12]. Слични закани имало и до останатите македонски села.

Грчката пропаганда се користела и со рушвети и обвиненија кај турските власти.

Во 1880 година во Струмица повторно било отворено егзархиското училиште, но грчкиот владика веднаш ги обвинил родителите на учениците дека се бунтовници и биле уапсени 15 души.

Во 1888 година во селата Муртино и Моноспитово тамошното македонско население дошло во судир со локалните Турци, и веднаш овој судир бил искористен од страна на Грчкиот струмички владика да побара остранување на егзархиските учители и нивана замена со грчки.

Во селото Босилово сите жители преминале под духова јурисдикција на Егзархијата со исклучок на свештеникот и неговото семејство но грчката пропаганда успеала да издејствува преку рушвет црквата да остане на Патријаршијата [13].

Вооружената грчка пропаганда

[уреди | уреди извор]
Македонска револуционерна
организација (МРО)
Печат на Македонскиот комитет
Андартска чета во Мариово

Вооружената грчка пропаганда до 1903 година во Македонија била со послаб интензитет, а една од поголемите акции пред Илинденското востание е Андартската провокација од летото 1896 година кога поголема група на андарти навлегле во Солунскиот и на дел од Битолскиот вилает, овие грчки чети биле испратени од Етники Етерија.

По Илинденско востание организатор на првите грчки чети во Македонија бил Германос Каравангелис – грчкиот митрополит во Костур.

Во Атина бил формиран таканаречениот Македонски комитет кој требало да раководи со организирањето и препраќањето четите во Македонија. Андартските чети добиле задача да по секоја цена и со сите средства да бидат уништени комитетите на Македонската револуционерна организација по селата, а на нивно место да бидат создадени грчки комитети преку кој ќе се држи грчкиот патриотизам.

Андартите вршеле и одмазда врз населението кое уште одамна се откажало од Цариградската патријаршија или пак зошто учествувало во редовите на Македонската револуционерна организација.

Според некој податоци во пролета 1905 година во Битолскиот вилает дејствувале околу 800-1000 андарти, а од почетокот на акциите па сè до пролета 1905 година грчко-турската граница ја минале 2 800 андарти од кој голем дел од нив биле со потекло од Крит.

Сето тоа придонел да се отвори нов фронт против Македонската револуционерна организација која била принудена на север да се бори против Српското четничко движење, а на југ со андартите.

  1. Јован Цвијић, Проматрања о етнографији македонских Словена II доп. изд. Београд, Геза Кон, 1906
  2. 2,0 2,1 2,2 Славко Димевски, За развојот на македонската национална мисла до создавањето на ТМОРО, Култура - Скопје, 1980
  3. Доживувањата на Х. К. Бреилсфорд, Во Македонија не се поистоветуваат со својата нација (1905)
  4. Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Скопје, Институт за историја - Филозофски факултет, 2003.
  5. В. Георгиев - С. Трифонов, Историја на бугарите... документи... т.1, 45.
  6. Станува збор за Македонци... во сите свој извештаи бугарските пропагандисти населението во Македонија го именуваат како Бугарско... Ванчо Ѓорѓиев, Смрт или Слобода....
  7. Историја на Македонскиот народ, книга втора, издава НИП Нова Македонија - заедница за издавачка дејност: книги, периодика и публицистка - Скопје, Скопје, 1969
  8. Р. Поплазаров, Грчката политика спрема Македонија..., 90.
  9. Р. Поплазаров, Грчката политика спрема Македонија..., 22.
  10. Британски дипломатски документи... т.1, 229
  11. Британски дипломатски документи... т.1, 229 - 230
  12. Р. поплазаров, Грчаката спрема Македонија..., 21
  13. Политиката на турското правителство..., 47 - 48

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]