Прејди на содржината

Втора виенска школа

Од Википедија — слободната енциклопедија
Примарна пермутација, ретроградна пермутација, инверзија и ретроградна-инверзија.

Втора виенска школа (германски: Zweite Wiener Schule или Neue Wiener Schule) — група композитори која се состоела од Арнолд Шенберг, неговите ученици и негови блиски соработници во Виена во почетокот на XX век, каде што спорадично работел и предавал, во периодот од 1903 до 1925 година. Нивната музика на почетокот наликувала на касно-романтистички стил карактеризиран со проширени тоналитети и подоцна, следејќи го Шенберговиот развој, со тотален хроматски експресионизам без тонски центар (често протолкуван како атоналност) и доведувајќи сè до Шенберговата серијална додекафонија.

Главни членови на школата, покрај Шенберг, се Албан Берг и Антон Веберн, кои се меѓу неговите први ученици по композиција. Обајцата се имале веќе докажано преку нивните дела во касно-романтистичкиот идиом, но добиваат нови насоки на творење преку Шенберговото учење. Останати ученици од оваа генерација се и Хајнрих Јаловец, Ервин Штајн и Егон Велец, и подоцна Едуард Стеуерман, Ханс Ајслер, Роберто Герхард, Норберт вон Ханенхајм, Рудолф Колиш, Пол А. Писк, Карл Ранк, Јозеф Руфер, Никос Скалкотас, Виктор Улман, и Винфрид Sилиг.[1] Од сите студенти, само Берг и Веберн, предводени од Шенберг и од неговиот тотален хроматизам, присвоен на нивен специфичен начин, ги имплементираат новите техники на компонирање. Шурата на Шенберг Александер Землински е понекогаш вклучуван како дел од Втората виенска школа, иако никогаш не бил ученик на Шенберг, а ниту ја напушта традиционалната тонска техника. Неколку студенти подоцна, како Sилиг, каталанецот Герхард, Ханенхајм, и гркот Скалкотас, се понекогаш поврзани со терминот, иако никој од нив (освен Герхард) не учел во Виена, туку биле дел од предавањата на Шенберг во Берлин. Иако биле студенти на Шенберг, композиторите како Џон Кејџ, Леон Кирхнер и Гералд Странг не се дел од оваа школа.

  1. Rudolf Stephan, "Wiener Schule", Die Musik in Geschichte und Gegenwart: allgemeine Enzyklopädie der Musik, second, revised edition, edited by Ludwig Finscher, 26 volumes in two parts, (Kassel, Basel, London, [etc.]: Bärenreiter-Verlag; Stuttgart and Weimar: J. B. Metzler, 1998): Part 1 (Sachteil), vol. 9 (Sy–Z): cols. 2034–45. ISBN 9783761811283 (Bärenreiter); ISBN 9783476410252 (Metzler). citation from cols. 2035–36.