По ултиматумот на Централните сили објавен за време на средбата меѓу кралот Фердинанд I и Отокар Чернин, австроунгарскиот министер за надворешни работи, на 27 февруари (ст. ст. 14 февруари) на железничката станица во Ракачуни, кралот Фердинанд го свикал Крунскиот совер на 2 март (ст. ст. 17 февруари) во Јаш, романската престолнина во егзил. После долги и тешки дискусии, кои траеле 3 дена, и покрај силното спротивставување на кралицата Марија и генералот Константин Презан, Крунскиот совет решил да го прифати ултиматумот и да испрати претставници во Буфтеа да преговараат прелиминарен мировен договор. Прелиминарниот мировен договор бил склучен на 5 март 1918 година (ст. ст. 20 февруари), со кој Романија ги прифатила промените на границите во корист на Австроунгарија, да ја отстапи цела Добруџа, да демобилизира најмалку 8 дивизии, да ја напушти австроунгарската територија која сè уште ја поседувала и да им овозможи премин на трупите на Централните сили низ Западна Молдавија и Бесарабија кон Одеса.[2]
Александру Маргиломан, тогашниот премиер на Романија, го потпишал конечниот договор во палатата Котрочењ, Букурешт, на 7 мај 1918 година (ст. ст. 25 април) и истиот бил ратификуван од Комората на пратениците на 28 јуни и од Сенатот на Романија на 4 јули 1918 година.[3] Меѓутоа, кралот Фердинанд одбил да го потпише или објави.