Антон Павлович Чехов
Антон Павлович Чехов | |
---|---|
1898, маслена слика од Осип Браз | |
Роден/а | 29 јануари 1860 Таганрог, Русија |
Починат/а | 15 јули 1904 Баденвајлер, Германија |
Псевдоним | Антоша Чехонте |
Занимање | раскажувач, романописец и драмски писател |
Националност | Русин |
Период | 1887-1904 |
Книжевно движење | реализам, натурализам |
Антон Павлович Чехов (Таганрог, Русија, 29 јануари (17 јануари по стар календар) 1860 - Баденвајлер, Германија, 15 јули 1904) — руски раскажувач, романописец и драмски писател, припадник на правецот натурализам. Најпознати негови дела се драмите „Галеб“, „Три сестри“, „Вујко Вања“ и „Вишновата градина“, како и збирките раскази „Човекот во футрола“, „Куќа на кат“ и „Селани“. Извршил големо влијание врз развојот на романот и драмската книжевност во светот. Во своите новели дава голем број одлики на руското секојдневие и цела галерија промашени, несреќни и несфатливи луѓе.
Животопис
[уреди | уреди извор]Антон Павлович Чехов роден е во градот Таганрог на 29 јануари 1860 година, а умрел 15 јули 1904 година, во Баденвејлер (Јужна Германија). Погребан е во Москва. Татко му се викал Павел Егорович Чехов (1825-1898), а мајка му била Евгенија Јаковлевна (родена Морозова) (1835 – 1919). Тој имал неколку браќа и сестри: Александар – писател и јазичар (1855 – 1913), Николај – сликар (1858 – 1889), Михаил – писател и правник (1868 – 1936), Иван – учител (познат московски педагог) (1861 – 1922) и Марија – сликарка (1863 – 1957). Сите деца на Чехови биле исклучително надарени, високообразовани луѓе.
Таткото Павел Егорович бил интересна личност. Со трговија се занимавал без особен интерес, а поголем дел од своето внимание го посветувал на црковните служби, пеењето и на општествените работи. Семејството било традиционално – патријархално: децата ги воспитувал во строгост, често применувајќи и телесни казни, безделничењето никому не му било дозволено. Покрај учењето во гимназијата, синовите на Павел Егорович понекогаш му помагале на татка си во работата, а навечер пееле во хорот. Таткото прекрасно свирел на виолина и пеел, Маша го придружувала на фортепијано, а заедно образувале целосна музичка семејна претстава.
Мајката – Евгенија Јаковлевна, прекрасна домаќинка, целосно го посветила животот на децата и на сопругот. Но, при тоа страсно го сакала театарот. Во раната младост таа го посетувала таганрогскиот приватен пансион на благородни девици, каде што ги изучувала танците и убавите манири. Евгенија Јаковлевна извршила огромно влијание врз формирањето на карактерот на своите деца, воспитувајќи ги на одговорност, почитување, сочувство и милосрдие кон послабите и угнетените, љубов кон природата и светот. Антон Павлович постојано нагласувал: „Талентот го наследивме од татко ми, а душата од мајка ми.“
Во 1876 година, семејството Чехо се преселило во Москва. Трговијата во Таганрог станала лоша, Павел Егорович пропаднал и бил принуден да бега од кредиторите. Во Москва, семејството Чехов долго, речиси три години, живеело во тешка сиромаштија. Но и покрај тоа, сите деца го продолжиле образованието, а Антон заработувајќи за живот со репетиторство, останал до завршувањето на гимназијата во Таганрог. Во Москва пристинал дури во 1879 година за да се запише на медицинскиот факултет на Московскиот универзитет, каде што ги слушал предавањата на прочуените професори Н. Склифовски, Г. Захарин и други.ref>http://www.laguna.rs/a858_autor_anton_cehov_laguna.html</ref>
Првите дела
[уреди | уреди извор]Во 1880 година, во број 10 од списанието „Стрекоза“ се појавуваат неговите први печатени текстови. Во тоа време започнува литературната дејност на Антон Павлович Чехов. Тој соработува со списанијата „Гледач“, „Будилник“ и други. Најчесто објавува кратки раскази, хуморески, сценки, потпишувајќи ги со псевдонимот – Антоша Чехонте. Во 1884 година од печат излегува првата книга со раскази од Чехов „Сказните на Мелпомена“.
По завршувањето на универзитетот, Чехов започнува да работи како општ лекар во Воскресенска (сега градот Истра), во болницата на познатиот лекар П. А. Архангелск. Се појавуваат расказите „Беглец“ и „ Хирургија “. Потоа Чехов работи во Звениград. Се појавуваат теми за расказите „Мртво тело“ и „Сирена“.
Со доаѓањето на пролетта 1885 година, семејството на Чехови пристига на селскиот имот Бабкино, недалеку од Воскресенска (Чеховска Истра), кај своите добри пријатели, и подолго остануваат таму. Тоа на најдобар начин се одразило врз творештвото на Антон Павлович. Прекрасна природа, разговори за музика, уметност, литература, дружење со сликарот Левитан. Чехов многу и плодотворно работи. По враќањето во Москва, во 1886 година, Чехов добива охрабрувачко писмо од писателот Д. В. Григорович, патува во Петербург, за да му изрази почит и признание. Во Петербург тој неочекувано добива понуда за работа од познатиот издавач А. С. Суворин во весникот „Ново време“. Од тој период потекнуваат збирките „Одбрани раскази“ (1886) и „Невини зборови“ (1887). Во почетокот на регуларната соработка со весникот Чехов се откажува од псевдонимот и почнува да се потпишува со полното име и презиме.
Во 1887 година, на сцена се поставува првата пиеса на Чехов „Иванов“. Најпрво таа била поставена во Москва, во театарот на Корш, многу популарен кај московската публика. Ф. А. Корш – страстен љубител на театарот, автор и преведувач на пиеси, добар претприемач, во 1882 година изградил театар за многу кратко време. За десетгодишната дејност на театарот, во којшто настапувале познатите В.Н. Давидов, Глама – Мештерскаја, Рипчинскаја, Мартинова, Кошева, Красовскаја, спектаклите ги виделе повеќе од 1.500.000 гледачи, а на репертоарот биле поставени повеќе од 500 пиеси. Главната заслуга на Корш се состоела во тоа што тој вовел утрински бесплатни претстави од класичниот репертоар, коишто масовно ги посетувала младината.
Првата пиеса
[уреди | уреди извор]На 19 ноември се одржала премиерата на пиесата од Чехов „Иванов“. Реакциите на публиката биле различни: некои громогласно аплаудирале, некои свиркале, некои скокале од своите места и тропале со нозете, а на галеријата едноставно започнала тепачка. Но во целост претставата имала успех, дури била и забележена. Чехов го забележале, драматургијата и идејата на пиесата се покажале како нови и интересни. Започнала официјалната драматуршка дејност на писателот. Но, во Петербург „Иванов“ одел со неколку исправки.
Во 1888 година семејството на Чехови се преселува во Лука, во близина на Сум, Харковска губернија, во вилата на земјопоседниците Линтвареви, за да ја поминат таму пролетта и летото. Чехов имал потреба од нови места и нови сижеа за своите дела, а кашлицата се почесто почнала да го мачи писателот.
Пресвртница
[уреди | уреди извор]Антон Павлович во вилата ги прима своите другари, писателите: Плешчеев, Баранцевич и книгоиздавачот Суворин. Меѓу Суворин и Чехов ќе започне дружење, кое ќе трае многу години. Чехови во Лука поминуваат уште едно лето, 1889 година, но тоа е помрачено од смртта на братот на писателот – Николај. Тој настан силно ќе го потресе Чехова, па тој наскоро по погребот, ќе отпатува од Лука, почнува да се подготвува за патување во странство, но ќе се задржи во Одеса. Овде Чехов се запознава со младата артистка Панова, заради којашто во наредниот период, веќе во Москва, него безуспешно се обидуваат да го сфатат.
По Одеса Чехов патува на Јалта, со него завладува депресија. На Јалта започнува пријателството со сестрите Шаврови. Со една од нив, Елена Михајловна, писателка, во наредниот период ќе се допишува, ветувајќи ѝ помош околу издавањето на нејзините дела и давајќи ѝ професионални совети. Враќајќи се во Москва, Чехов активно ќе се зафати со литературна работа. Од перото на Антон Павлович излегуваат „ Досадна приказна“ и пиесата „Леши“.
Пиесата „Леши“ била лошо изведена, па самиот Чехов ја симнал од репертоарот и по неколку години, откако ја преработил, ѝ дал нов наслов „Вујко Вања“.
Во домот на Садово – Кудринска се напишани исто така: повеста „Степа“, водвилјите „Мечка“ и „Лебедева песна“, и повеќе од сто раскази.
Во домот на Чехови постојано имало гости. Додека на вториот кат вриело од млади, звучело фортепијаното, течеле разговори, за тоа време на првиот кат, Чехов седел покрај масата и пишувал. Во тој дом Чехов се запознал со Л.С. Мизинова, „прекрасната Лика“, како што подоцна ја нарекол. Многу убава, весела, умна, Лика станала миленичка во семејството на Чехови. Во домот на Чехови доаѓале Петар Илич Чајковски, Григорович, познатите во тоа време артисти А.П. Ленски и В.Н. Давидов, издавачот Лејкин, писателот Н.С. Лесков.
Четвртата збирка раскази „Тмурни луѓе“ Чехов му ја посветил на Чајковски. Во 1888 година со решение на Академијата на науките, писателот добива половина од Пушкиновата награда за својата трета збирка раскази „Во самракот“. Не осврнувајќи се на сѐ поголемата популарност и огромните литературни успеси, Чехов незадоволен од себе, се стреми не кон слава, туку кон креативност.
Сибир и Сахалин
[уреди | уреди извор]Во 1890 година Чехов се упатува кон Сибир, за потоа да го посети островот Сахалин – место каде издржувале казна осуденици на тешка робија. Патувањата по сибирските реки и патишта писателот во сета полнота ги опишал во есеите „По Сибир“.
Патувачката работа завршила со пристигањето на Чехов на Сахалин. Тој направил попис на населението на островот, направил околу десет илјади статистички податоци. Било собрано огромно количество документарен материјал за работата, за животот на сахалинските робијаши и месните жители, за затворските началници и чиновничкиот апарат. Чехов го посетил затворот, потполно ја проучил техничката и санитарната состојба, се среќавал и разговарал со многу луѓе.
По враќањето од Сахалин, Чехов ги систематизирал своите записи и ја напишал книгата „Островот Сахалин“. Тоа дело предизвикало огромно бранување во Русија. На Сахалин му посветиле внимание официјалните лица. Министерството за правда и Главната затворска управа испратиле на Сахалин свои претставници. Сахалинскиот лекар Н.С.Лобас рекол: „Со лесната рака на Чехов Сахалин почнаа да го посетуваат како руски, така и странски иследници.“
Маршрутата на Сахалинското патешествие била следната: од Јарослављ по Волга до Казањ, потоа по Кама до Перма, оттаму по железничка линија до Тјумен, а потоа низ целиот Сибир на тарантас (вид руска запрежна кола) и по реките. На Сахалин Чехов поминал повеќе од три месеца, потоа низ Индискиот Океан, Суецки Канал, Средоземно и Црно Море. Ги посетил Јапонија, Хонгконг, Сингапур, Цејлон, Цариград, пристигајќи во пристаништето на Одеса, тој со воз се враќа во Москва.
По некое време се појавуваат есеистичките записи „Од Сибир“ и „Островот Сахалин“, а исто така и такви дела како што се „Гусев“, „Во прогонство“, „Расказ за непознатиот човек“, „Убиство“.
Животот во Москва после таквото патување на Чехов му изгледа досаден, па тој се упатува во Петербург, за да се сретне со Суворин. Тие решаваат заедно да патуваат во Западна Европа и ги посетуваат Виена, Болоња, Венеција, од којашто Чехов е восхитен, а исто така и од Фиренца, Рим, Неапол, каде што писателот се искачил на Везув. Од Ница Антон Павлович се упатил кон Монте Карло, каде на рулет губи 900 франци, потоа во Париз.
По враќањето Чехов оди во Алексин, каде што помладиот брат Михаил изнајмил вила на брегот на Ока. Но Чехови наскоро го менуваат местото, пристигајќи на селскиот имот Богимово, кој му припаѓал на локалниот земјопоседник Е.Д. Колосовски. Куќата на селскиот имот била велелепна, со огромни соби, прекрасна градина, со алеја од липи, со вештачки езера и рибници. Писателот бил восхитен. Секое утро тој станувал во четири часот, пиел кафе и седнувал да работи, не покрај маса за пишување, туку на прозорската даска. Тука ја напишал „Двобој“, ги систематизирал сахалинските забелешки. Чехов работел до единаесет часот, потоа одел во шумата по печурки или на риболов. Во еден часот семејството ручало, а во три Чехов повторно се зафаќал со работа до самата вечера. По вечерата често им доаѓал на гости еден од локалните сопственици на вила – зоологот Вагнер, подоцна станал познат професор. Со него започнувале дебата на тема дегенерација, за правото на посилниот итн., впрочем Вагнер се јавува како прототип на фон Корен во „Двобој“.
Мелихово
[уреди | уреди извор]Во 1891-1892 година дел од средна Русија и Поволожјето после сушата преживеале голем глад. Чехов организирал донации во прилог на гладните од Нижеградската и Воронешката губернија, а самиот двапати оди таму. Чехов е разочаран бидејќи за состојбата во селата нема објективни статии во весниците, дека дописниците ги знаат селата „само по Хлеб Успенски“. Во тоа време Чехов го пишува расказот „Жена“.
Во 1892 година Чехови купуваат имот во Мелихово. Дамнешната мечта да живее во село, да биде земјопоседник му се остварила. Имотот (фармата) се наоѓал во селото Мелихово во Московската губернија, бил во запуштена состојба. Во месец март семејството, кое се состоело од таткото, мајката, сестрата Марија и самиот Антон Павлович, пристигнало во Мелихово. Во прво време со нив живее и помладиот брат Михаил. Започнале работите околу реконструкцијата на куќата и околината. Чехов со огромен ентузијазам се зафатил со работа. Во домот на Чехови секој имал своја домаќинска улога: Павел Егорович, благообразен старец, некогаш строг и во некој степен деспотски воспитувач, сега во потполност му го признавал приматот на Антона. Во неговите задачи влегувала грижата за градината. Мајката, Евгенија Јаковлевна, го водела домаќинството, станувала порано а легнувала последна. Сестра му Марија се грижела за цветната градина, при тоа таа редовно патувала во Москва, бидејќи била учителка во гимназија. Михаил водел грижа за полското стопанство, тој дури се преместил на служба во Серпухов, за да биде поблизу до Мелихово. Павел Егорович започнува да води свој дневник- лаконски летопис за животот во Мелихово, одразувајќи ја состојбата на природата, домаќинството, посетите на многубројните гости, доаѓањето и заминувањето на роднините.
Мелиховскиот период не е само вдахновена литературна работа на Чехов и активна медицинска практика, туку е и колосална општествена дејност на писателот. За време на епидемијата на колера Чехов работи како земски лекар и опслужува 25 села. Отвора со свои средства медицински пункт во Мелихово, прима огромен број болни и ги снабдува со лекови. Во Мелихово и во неговата околина Чехов гради три училишта за селските деца, камбанарија и амбар за селаните. Учествува во поставувањето на автопатот на Лопасна, лобира за да почнат да застануваат брзите возови на лопасненската железничката станица и таму да се отвори пошта и телеграф. Освен тоа организира засадување на илјада вишнови стебла, пошумување на голините со ариш, брест, јавор, бор и даб.
Во Мелихово, на Чехов му доаѓа идеја да создаде народна библиотека во родното место Таганрог. Писателот за таа цел жртвува повеќе од две илјади томови сопствени книги, меѓу кои голем број уникатни изданија со автографи и музејска вредност, а исто така во библиотеката отворил и галерија со портрети на дејци од науката и уметноста. Во наредниот период Чехов постојано испраќа книги во библиотеката и тоа во големи количини.
И покрај тоа што патот бил тежок, (понекогаш од станицата морало да се пешачи по 12 врсти), кај Чехови постојано доаѓале гости. Често доаѓал сликарот Левитан, којшто црпел инспирации од скромните мелиховски пејзажи. На гости доаѓале многу писатели, артисти, музичари, луѓе од науката, постарите браќа со семејствата, роднини од Таганрог. Доаѓале глумиците: О.Л. Книппер, Т.Л. Шчепкина - Куперник, Д.М. Мусина – Пушкина. Често навраќале другарките на Марија Павловна, сликарките Хотјаинцева и Дроздова и секако Лика Мизинова.
Чехов не води живот на селски заточеник. Тој често патува за Москва и Петербург, каде што се среќава со писатели, сликари, артисти, посетува театри, концерти, оди во редакциите на списнијата и весниците, учествува на литературни читања, јубилеи, официјални ручеци итн. Појавата на Чехов предизвикува голем интерес во творечките кругови. Во 1895 година Чехов ја посетил Јасна Полјана, за да се запознае со Лав Толстој, којшто одамна го очекувал тоа. Подоцна Чехов и Толстој често се среќавале на Крим.
Во Мелихово, не осврнувајќи се на постојаниот круг гости, кои искрено речено, не секогаш биле посакувани и тактични, Чехов постојано пишува. Во 1894 година тој изградил мала селска куќа, за која самиот напишал во едно од своите писма: „Куќата (крилото), излезе мала, но корисна“. Првобитно пријатниот дом, опкружен со ситни грмушки, предвиден за гости, наскоро станал работен кабинет на писателот. Кога Чехов бил дома, над новоизграденото крило се веело знаме. Овде ја напишал „Чајка“.
Во 1896 година, на сцената на петербургскиот Александриски театар се одржала премиерата на пиесата, но спектаклот немал успех. Чехов многу тешко го преживеал неуспехот на претставата. Во 1898 година „Чајка“ била поставена на сцената на московскиот Уметнички театар и одела со непрекинат успех.
Во мелиховскиот период (1892 – 1898) се создадени: „Павилјон бр. 6“, „Човек во лушпа“, „Бабјо царство“, „Случај од праксата“, „Јонич“, „Гускино грозје“, напишан е големиот „селски циклус“ со текстови како што се „Селани“, „На лицитација“, „Нова дача (вила)“, „По службена должност“, повеста „Три години“, пиесите „Чајка“ и „Вујко Вања“. Имено во тие години од страна на Чехов се напишани повеќе од 1500 писма до различни адресати.
Јалта
[уреди | уреди извор]Во 1897 година кај Чехов нагло се засилил туберкулозниот процес, па тој е принуден да се лечи во болница. Здравјето, и без тоа слабо, му е нарушено од патувањето на Сахалин, а толку многу му се влошило, што докторите настојувале да го испратат на југ. Есента и зимата 1897/98 година писателот живее во Ница, потоа во Париз, каде се запознава со познатиот вајар М.М. Антокољски. Чехов го убедува Антокољски да направи споменик за Таганрог, на основачот на градот – Петар Први. Преговорите течат добро, Чехов организира бронзениот одлив на статуата од пристаништето во Марсеј да стигне во Таганрог.
Во мај 1898 година Чехов се враќа во татковината и оди во Мелихово. Овде тој живее до септември, додека не почнала есенската влажност, а потоа оди на Јалта. Таму тој се стекнува со земјиштен простор два километри од кејот во селото Аутка. Во октомври Чехов дознава за смртта на татка си. На сестра си ѝ пишува:
„ | Жалната вест, совршено неочекувана, ме растажи и длабоко ме потресе. Жал ми е за татко, жал ми е за сите вас... Ми се чини, дека после смртта на татко ни Мелихово веќе нема да биде живеалиште, токму со неговиот дневник прекина и течењето на мелиховскиот живот. | “ |
На Јалта Чехов започнува да гради куќа. Пари за градба се појавиле од продажбата на делата на познатиот издавач на книги – Маркс. Набрзо според проектот на архитектот Шаповалов била изградена прекрасна вила (Чеховска градина). Чехов со мерак се зафатил да го облагородува местото, засадил дрвја. Зимата 1899 година на Крим била екстремно сурова, со снег и морски бури. Писателот жалел за Москва, каде во тоа време со успех се прикаживале неговите драми и вриел творечкиот живот. Пролетта тој оди во Москва, а потоа во Мелихово. Но, на крајот на август повторно се враќа на Крим. Имотот во Мелихово е продаден, па Чехов со мајка си и сестра си се прибираат да живеат во Јалта.
Овде тој започнува активна општествена дејност: како месен жител го избираат за член на туторскиот совет на женската гимназија, подарува 500 рубљи за изградба на училиште во Мухолатка, лобира за изградбата на првата биолошка станица. На Јалта, иако и самиот е тешко болен од туберкулоза, работи во Туторството за пристигнатите болни. Во тоа време на Јалта пристигаат многу болни, речиси без пари, само затоа што наслушнале за Антон Павлович Чехов, којшто помага да се гради и значи може да лобира за жителство на луѓето од еврејска националност.
Кон крајот на 1890 и почетокот на 1891 година Чехов станува признат уметник, неговите дела предизвикуваат чести литературни полемики и како по правило општественополитички бранувања. Чехов ги поставува пред себеси и читателите прашањата на совеста и одговорноста за својот живот. Тој пишува: „Писателот не е пекар, не е козметичар, не е развеселувач; тој човек е ограничен пред сознанието на својот долг на честа и совеста“. Тоа е – животното и писателското кредо на Чехов. Во 1900 година Чехов го избираат за пристапен член на Петербургската Академија на Науките. Но, во 1902 Чехов ги напушта нејзините редови во знак на протест и несогласување со решението на Академијата за исклучување на Горки од политички причини и неподобност. По тој повод кај Чехов на Јалта пристига В.Г. Короленко, со кого го врзуваат стари другарски односи.
Последните години
[уреди | уреди извор]Пролетта 1900 година во Крим пристига на турнеја Московскиот Уметнички Театар. Чехов се упатува во Севастопол, каде специјално за него ја прикажуваат „Вујко Вања“. Подоцна театарот пристига на Јалта и во домот на Аутка почнуваат да се собираат интересни луѓе: Бунин, Горки и сета театарска дружина. Наскоро театарот се враќа во Москва. Но веќе во јули Олга Леонардовна Книппер, водечка глумица на МУТ, најдобрата толкувачка на улогите во чеховите драми, со која Чехов се запознал на пробите во 1898 година и во наредниот период активно се допишувале, повторно патува за Јалта на гости кај писателот. Тие заедно го поминуваат целиот јули и за тоа време се определува нивниот понатамошен заеднички живот.
Зимата 1900-1901 година Чехов се наоѓа во Ница на лечење, потоа оди за Италија, а во февруари се враќа на Јалта. На 25 мај 1901 година А.П. Чехов и О.Л. Книппер се венчале. Веднаш после свадбата Олга Леонардовна го води мажот во Уфимската губернија. Чехов веќе е многу слаб, но не осврнувајќи се на мачната болест, тој продолжува да пишува, да се среќава со луѓето, да им помага на сите, доколку било возможно. „Јас ја презирам мрзливоста, како што ги презирам слабоста и немоќта на духовните движења“ - рекол тој за самиот себе. Во овој период, напишана и поставена e драмата „Три сестри“ (1901 г.). Чехов главно живее на Јалта, есента и ветровитата сурова зима, коишто ги минува во лошо затоплениот дом, не му го враќаат здравјето на Антон Павлович.
Во ноември 1901 г. тој ѝ пишува на жена си:
- „Кај мене во кабинетот обично температурата е +12, многу ретко бидува +13. Каминот не го палам, затоа што од каминот ме болат очите. А на 12 степени е тешко да се работи“.
Сопружниците не се гледале и по неколку месеци, бидејќи Олга Леонардовна била зафатена во театарот, а Чехов бил принуден да биде во Јалта по препорака на лекарите. Раздвоеноста била мачна за обајцата. Чехов ѝ пишувал на жена си:
- „Ако ние во овој момент не сме заедно, за тоа не сум виновен јас, а не си ни ти, туку судбината, што во мене внесе бацил, а во тебе љубов кон уметноста“.
Воопшто, преписката меѓу Чехов и Книппер е едно потресно сведоштво за нивните односи: во нив има само нежност, љубов, почитување, грижа еден за друг, а понекогаш лошо сокриена болка од невозможноста да се биде заедно. Во нивните писма е одразена историјата на развитокот на Московскиот Уметнички Театар, каде што Чехов е главен автор, а Книппер толкувачка на главните улоги; интересна размена на мислења за литературата, за писателите, за глумците, воопшто за уметничкиот живот од тоа време. Херои во писмата се – Горки, Бунин, Толстој, Станиславски, Немирович – Данченко, Шаљапин, Комисаржевскаја, Мејерхолд и други познати личности. Понекогаш Чехов заминувал за Москва.
Во 1904 година се поставува уште една драма на Чехов – „Вишновата градина“. Книппер ја игра Раневска. Како и улогата на Маша во „Три сестри“, улогата на Раневска се јавува како врв во творечкиот опус на глумицата. „Вишновата градина“ е последно дело на големиот писател и драматург. Процесот на болеста (туберкулозата) се засилува толку многу што во мај 1904 година Чехов ја напушта Јалта, и заедно со жена си оди во Баденвејлер, позната бања на југот на Германија. Но за оздравување не можело да стане ни збор, овде Чехов само привремено ги залечил своите страдања.
На 15 јули, во два часот по полноќ, Чехов се почувствувал посебно лошо. На докторот што дошол на повик, тој му рекол: „Јас умирам“. Потоа побарал да му донесат шампањско, не брзајќи го испил бокалот, легнал на левата страна и набргу умрел.
Библиографија
[уреди | уреди извор]- 1880 - започнува литературната дејност на Чехов; Во списанието „Стрекоза“ (бр. 10 се појавуваат првите печатени текстови на Чехов под псевдонимот Антоша Чехонте. Објавува - кратки раскази, сценки,хуморески во списанијата „Гледач“, Будилник“ и др.
- 1884 - „Сказните за Мелпомена“ (раскази)
- 1886 - соработува со издавачот Суворин и објавува во весникот „Ново време“, со полно име и презиме
- 1886 - „Одбрани раскази“
- 1887 - „Невини зборови“ (раскази)
- 1887 - на сцена се поставува пиесата „Иванов“
- 1887 - „Во самракот“ (раскази) - за неа добива половина од Пушкиновата награда
- 1887 - „Тмурни луѓе“ (збирка раскази посветена на Петар Илич Чајковски)
- 1889 - ги напишал „Досадна приказна“ и пиесата „Леши“ (откако ја преработил и дал наслов „Вујко Вања“ од тој период се и повеста „Степа“, водвилјите „Мечка“ и „Лебедова песна“ и повеќе од сто раскази
- 1890 - „ По Сибир“ - есеи
- 1890 - „Островот Сахалин“ - есеи, „Гусев“, „Во прогонство“, „Расказ за непознатиот човек“, „Убиство“
- 1891-92 „Жена“ - расказ
- 1892-98 - Мелиховски период, напишани се делата:„Павилјон бр. 6“, „Човек во лушпа“, „Бабјо царство“, „Случај од праксата“, „Јонич“, „Гускино грозје“, големиот „селски циклус“ во кој спаѓаат „Селани“, „На лицитација“, „Нова дача“, „По службена должност“, повеста „Три години“, пиесите „Чајка“(1894) и „Вујко Вања“
- 1901 - „Три сестри“ - драма
- 1904 - „Вишновата градина“ - драма
Осврт кон творештвото
[уреди | уреди извор]Според Мирко Магарашевиќ, интересот за Чехов не се намалува до ден-денес поради три причини: прво, Чехов до детаљи го пзонава секојдневието со сите животни, минливи содржини; второ, неговите прозни и драмски дела се одликуваат со непресушна актуелност на психолошките сосотјби, прикажани со таква уметничка објективизација која е во траен дослух со универзалното искуство; трето, Чехов е актуелен бидејќи грижливо ја разработува загрозеноста на душевниот живот и тоа го прави со автентичен дијалог, час болно час комично, со убедлив монолог, постепено привлижувајќи се до она што може да се појави како расположение, потенцијална можност и сознание.[1]
Расказите на Чехов, кои се само исечоци од секојдневниот живот, секогаш оставаат впечаток на делумност и попатност. Она што е во нив смешно, често е и прекорно, но многу повеќе боли отколку што засмејува (на пример, „Кога некој е среќен“, „Дебелите и слабите“, „Кај жената на покојникот“). Она што е дијалошки споредно и само допрено, често е основно, повеќезначно и беспрекорно психолошки контрапунктирано. Една од тајните на неговата книжевна постапка се состои во тоа што она што другите би го сметале за идеална фабула, Чехов го допира само површно или свесно го заобиколува; од друга страна, она што другите би го прогласиле за споредно, Чехов невидливо го истакнува, на споредното му дава главен ток, а дејствието го ослободува од вообичаените привлечни мотиви. Кај него, драматичното се појавува како трагично или како судбинско дури од вториот или од третиот план на раскажувањето, но секогаш само од дадената атмосфера. Истовремено, во прв план преовладува она чеховското неодоливо комично кое е моќно банално.[2]
Една од најпрепознатливите особини на неговите дела е препознатливиот чеховски хумор, кој не постои само за да предизвика смеа кај читателот ниту пак е обична допадливост или карактеролошка комика. Неговиот хумор има многу посложена природа: тој ткае завеса од смешното зад која се кријат или ѕиркаат невнимателноста во човековото однесување, острите пресврти во ситуацијата, парадоксите кои треперат на границата на комиката и трагиката. Меѓутоа, чеховскиот хумор знае да биде и нешто друго: добродушно лице на многу функционална иронија. Кога се јавува во таквата латентна иронија, хуморот дејствува како непредвидливо сечило под маската на комика која се врти околу некои „принципиелни“ ставови и сфаќања. Тој мост меѓу иронијата и хуморот Чехов го прави секавично двонасочен (на пример, „Упатство на кандидатите за женидба“, „Неуспех“) при што тој од нив прави органска целина која на одредени појави им ја дава асоцијативно посакуваната насока и која може дури и да ја конкретизира неизвесноста во која се претпоставуваат злото или глупоста. Многу често, поради неговиот збунувачки и непредвидлив хумор, смешното може да му избега на читателот, зашто комичното, уште пред читателот да го сфати тоа, се претопува во еден вид гротеска или во некоја нијанса на трагика, т.е. првиот впечаток предизвикува смеа, но веќе во следниот миг се отвораат неколку емотивно-смисловни правци. Чехов од детаљот прави нијасна, од парадоксот на нијансите — комика, од комичното — карикирано, а од карикираното — неизвесно и најпосле, од неизвесноста — страв од претчувството на трагичното.[3]
Во еден есеј, Вирџинија Вулф забележува дека делата на Чехов се преполнети со зборот душа. Притоа, тој најчесто ги прикажува душевната тага и чувството на неразрешивост, но истовремено, тој го поттикнува и револтот против свирепата рамнодушност на оние кои немаат душа. Во неговите драми, но исто така и во бројни кратки раскази („Вештерка“, „Тага“, „Случај до лекарската пракса“, „Шега“, „Огледало“) се присутни ликовите кои или молкум го носат својот животен товар или сонуваат подобар живот или нивните души се во расчекор меѓу повремените желби и одвратната стварност. Во неговите раскази има многу примери во кои се искажува Чеховото мајсторство за воочување на драматичната затегнатост меѓу посакуваното и недостижното, т.е. „густината на трагичноста“. Со неодолива убедливост Чехов сведочи за живонтите можности кои се на дофат на раката и за лие исоплнување е потребен сам мал услов, но тоа никогаш не се случува. Сепак, Чехов верува дека човекот може да биде среќен, но само ако ги надмине тесноградоста и наследените предрасуди: „Возвишената сосотјба на духот, восхитот, екстазата, сето она што ги разликува пророците, поетите, мачениците за идеите, од обичните луѓе — сето тоа е спротивно на животинската страна на човекот, т.е., неговото физичко здравје.“[4]
Т. Л. Шчепкина пишува за Чехов: „За него ниедна животна појава не беше мала: сè беше достојно на вниманието. Низ малиот факт или појава тој гледаше длабоко... низ секоја мала појава кај Чехов гледаме голем исечок од животот.“ Чехов успеал уште повеќе од Мопасан да го канонизира краткиот расказ, особено затоа што не го истакнува веднаш дејствието на расказот, но не запаѓа ниту во другата крајност, т.е. во развлечениот заплет. Чехов незабележливо го постигнува она што неговите големи претходници, Гогољ, Тургенев и Толстој, го остваруваат со голем труд. Знаејќи ја тежината на својата задача, Чехов одолевал на искушението да каже сè, да ја заокружи избраната тема според принципите на заплетот и расплетот. Чехов оставил потресни сведоштва за маките на малиот човек, за животното сивило на провинцијата и за интелектуалната просечност на метрополата. Како што пишува тој: „Убав е овој живот, само едно во него не чини, а тоа сме ние. Колку малку праведност има во нас.“ Во тој поглед, во 1904 година, Иван Бунин го поставил познатото прашање: „Кој умееше како него да ја крие острата болка кои на човековиот ум му ја задава човечката глупост?“ За неговата големина пишува и Толстој во една белешка од 1904 година: „Чехов беше неспоредлив уметник, да, еден и неспоредлив. Уметник на животот... вредноста на неговото дело лежи во тоа што не му е разбирлив и близок на секој Рус, туку на секој човек, воопшто, а тоа е најважно... Чехов беше искрен, а тоа е голема предност...“[5]
Чеховата голема самострогост е причината на неговата творечка едноставност која е совршен сведок на самиот живот, но без да западне во сувопарност. Според една анегдота, некој познаник на Чехов се пожалил дека неговите оригинални ракописи треба да бидат спасени од самиот автор, зашто во натамошната работа тој го стеснува текот на расказот до таа мера, што еден ден неговите кратки раскази ќе бидат сведени на тоа дека „двајца млади се заљубиле, се венчале и станале несреќни.“ Кога му ја кажале оваа забелешка на Чехов, тој само благо се насмеал и одговорил: „Но, погледнете околу себе, тоа се случува токму така.“ Всушност, од оваа творечка едноставност произлегува вредноста на Чеховото творештво кое останува неспорно без оглед на промените на декорот на времето. Во таа смисла, Андреј Бели ја брани книжевната постапка на Чехов на следниов начин: „Дури и кога неговите јунаци би кажувале бесмислици, само да јадат, да спијат, да живеат меѓу своите четири ѕида и кога би скитале по тесните сиви патеки, сепак најинтимно би се чувствувало дека тие сиви патеки се патеките на вечниот живот и дека таму каде што се простираат вечните неиспитани простори нема никакви четири ѕида...“[6] Размислувајќи за неверојатниот квалитативен подем на Чехов од раните хуморески до она „нешто друго“, Томас Ман забележил дека „тоа нешто, иако сè уште весело и забавно, сега знаеше да биде и горко и тажно, разоткривајќи ги животот и општеството и страдањата, критикувајќи. Накратко, тоа беше литература... Тагата и револтот во неговата критика се родија од желбата за подобра стварност, за почист, поблагороден живот во кој што ќе има повеќе вистина и љубов.“[7]
Техниката на краткиот расказ на Чехов се заснова врз импликациите кои повеќесмислено израстуваат од детаљите на ситуацијата, од прецизно евоцираната сцена, дијалогот, од размислувањата на неговите ликови. Тие импликации често се незабележливи за површниот читател и оттаму произлегува старата заблуда дека во расказите и драмите на Чехов „ништо не се случува“. Меѓутоа, критичкиот однос на Чехов кон недостатоците на општествената средина и на човековата природа, како производ на дадената средина, откриваат длабоко разбирање за најразличните психилошки конфликти. Оттаму произлегува Чеховото совршено чувство за размерот и меѓусебниот ситуациски и психолошки однос меѓу смешното и трагичното, меѓу водвиљското и драмското. Чехов го пронаоѓа она што е незабележливо, но пресудно, во индивидуалните особини и со тоа го достигнува универзалното; осветлувајќи ги миговите на минливите расположенија, Чехов постигнува трајна надградба на конкретното искуство со неисцрпна психолошка аура, а многуслојната животна градба ја изразува стилски едноставно, но сепак несводливо на прости заклучоци и поуки. Неговиот модел на краткиот расказ „без почеток и без крај“ стекнал признание уште кога се појавил и го задржал до ден-денес.[8]
Влијанието на Чехов
[уреди | уреди извор]Влијанието на Чеховиот модел на краткиот расказ, неговите стилски особини и експерименталните можности за разработка лесно можат се забележат во кратките раскази на Кетрин Менсфилд, Шервуд Андерсон, па дури во „Даблинци“ на Џејмс Џојс или во техниката на едноставните дијалози и концентрирано портретирање на Ернест Хемингвеј.[9]
- Врз основа на мотивите од драмата на Чехов, „Три сестри“, во 1972 година, шведскиот режисер Ингмар Бергман го снимил филмот „Крикови и шепотења“.[10]
- Во 2009 година, македонскиот писател Ненад Јолдески го објавил расказот со наслов „Чехов и педалинката“.[11]
- Една песна на ирскиот поет Шејмас Хини носи наслов „Чехов на Сахалин“.[12]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Мирко Магарашевић, „Савршенство Чеховљеве кратке приче“, во: Антон Чехов, Изабране приче. Рад, Београд, 1980, стр. 5-6.
- ↑ Мирко Магарашевић, „Савршенство Чеховљеве кратке приче“, во: Антон Чехов, Изабране приче. Рад, Београд, 1980, стр. 6-7.
- ↑ Мирко Магарашевић, „Савршенство Чеховљеве кратке приче“, во: Антон Чехов, Изабране приче. Рад, Београд, 1980, стр. 7-10.
- ↑ Мирко Магарашевић, „Савршенство Чеховљеве кратке приче“, во: Антон Чехов, Изабране приче. Рад, Београд, 1980, стр. 10-13.
- ↑ Мирко Магарашевић, „Савршенство Чеховљеве кратке приче“, во: Антон Чехов, Изабране приче. Рад, Београд, 1980, стр. 13-17.
- ↑ Мирко Магарашевић, „Савршенство Чеховљеве кратке приче“, во: Антон Чехов, Изабране приче. Рад, Београд, 1980, стр. 21-22.
- ↑ Мирко Магарашевић, „Савршенство Чеховљеве кратке приче“, во: Антон Чехов, Изабране приче. Рад, Београд, 1980, стр. 24.
- ↑ Мирко Магарашевић, „Савршенство Чеховљеве кратке приче“, во: Антон Чехов, Изабране приче. Рад, Београд, 1980, стр. 22-23.
- ↑ Мирко Магарашевић, „Савршенство Чеховљеве кратке приче“, во: Антон Чехов, Изабране приче. Рад, Београд, 1980, стр. 23.
- ↑ HRT, Krici i šaputanja, švedski film (пристапено на 27.5.2023)
- ↑ Ненад Јолдески Wezdensky, Штамата на Енхалон (Мемоари), Темплум, Скопје, 2009.
- ↑ Шејмас Хини, Песме. Београд: Цицеро, Земун: Писмо, Нови Сад: Матица српска, 1993, стр. 81-82.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- „Дебелиот и танкиот“, на македонски јазик
- „Облог“, аудио-расказ на македонски јазик
|