Лев бек, кој може да игра и по десната страна, подобен за позицијата страничен дефанзивец во одбрана од 4 или 3 играчи.[1][2] Покрај тоа, тој може да игра странично и како играч од средниот ред во 4-4-2 формација,[1][2][3] и, доколку е потребно, како централен играч од средниот ред.[1] Технички, тој покажува склоност кон офанзивната фаза на играта, во која се истакнува со асистенции што може да им ги пружи на соиграчите; брз и добар во прогресија, има добра промена на темпото, индивидуална техника и не се плаши да влегува во дуели.[1][2]
Роден во Џенова, Камбјазо израснал во младинскиот сектор на истоимениот клуб.[4] За сезоната 2017-2018, тој бил позајмен на Албисола, во Серија Д, за којa одиграл 21 натпревар и на крајот од првенството изборил промоција во Серија Ц.[5] Следната година бил испратен на позајмица во Савона, повторно во Серија Д. Во оваа прилика, тој го постигнал својот прв гол во кариерата, уште на своето првенствено деби за Савона, во победата со 4-1 на домашен терен над Боргаро. Сезоната ја завршил со 32 настапи и 2 гола.
На 2 август 2019 година, тој трета сезона по ред заминал на позајмица, овојпат во Алесандрија во Серија Ц.[6] Своето деби за клубот го имал на 25-ти истиот месец, во натпреварот со кој била отворена сезоната против Гоцано. Во дресот на Алесандрија во сезоната 2019-2020, која останала не завршена до крај поради пандемијата на КОВИД-19, собрал 17 настапи.
После четири години позајмици, тој се вратил во Џенова за сезоната 2021-2022 и го имал своето деби во Серија А на 21 август, на 21-годишна возраст, во натпреварот од првото коло на првенството во кое грифоните загубиле со 4-0 од Интер на стадионот Џузепе Меаца.[4] Играјќи редовно како стартер во Џенова уште од самиот почеток на сезоната[4] на 29-ти истиот месец тој го постигнал својот прв гол во елитната дивизија во Италија, во поразот на домашен терен со 2-1 од Наполи.[8] Првата сезона во Серија А во кариерата, ја завршил со 26 настапи и еден гол, оставајќи многу добар впечаток. Сепак и покрај позитивната сезона на личен план, истата за неговата екипа завршила разочарувачки со испаѓање во Серија Б.
Настапите понудени во неговата прва сезона во Серија А му го привлекле вниманието на Јувентус, кој го купил на 14 јули 2022 година за сума од 8,5 милиони евра плус бонуси;[9] во исто време, клубот од Торино за следната сезона го позајмил на Болоња,[10] каде брзо се наметнал во стартните единаесет[11] и придонесува за позитивнaтa сезона на Болоња која го завршила првенството во средината на табелата.[12]
Откако се вратил во Јувентус во летото 2023 година, тој го имал своето деби во црно-белиот дрес на 20 август, во победата со 0-3 на гостувањето кај Удинезе, забележувајќи асистенција за третиот гол кој го постигнал Адријан Рабио.[13] Својот прв гол за клубот од Торино го постигнал на 28 октомври истата година, проследувајќи ја топката во мрежата во последните секунди за победата со 1-0 на домашен терен против Верона;[14] потоа на 4 јануари 2024 година, го постигнал својот прв гол во Купот на Италија, во победата со 6-1 над Салернитана во осминафиналето.[15] Подоцна, со Јувентус го освоил Купот на Италија, по победата со 1-0 над Аталанта, за која тој асистирал за одлучувачкиот гол на Душан Влаховиќ.
На 30 август 2021 година, тој го добил својот прв повик во италијанската репрезентација под 21 година, од тренерот Паоло Николато,[8] но дебитирал неколку месеци подоцна, на 12 ноември, играјќи како стартер во натпреварот добиен со 2-0 во Даблин против Ирска, во квалификациите за Европското првенство 2023.[16] Откако Италија се квалификувала, Камбјазо бил повикан да ја претставува својата земја на споменатото првенство кое се одржало во Грузија и Романија.[17] За време на првенството забележал еден настап, заменувајќи го Раул Беланова во третиот натпревар од групната фаза, против Норвешка, кој aѕурините го загубиле со 1-0 и со тоа ја потпишале својата елиминација.[18]