Прејди на содржината

Беи д фиш (музичка група)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Беи д Фиш (Bei the Fish)
ПотеклоСкопје, Република Македонија
Жанровиелектропоп
Период на активност2001-2014
Членови
Ненад Ѓорѓиевски
Огнен Анастасовски
Валентина Миновска
Љупчо Ангелов

БЕИ Д ФИШ (Bei the Fish)[1] Скопје. На почетокот од новиот милениум, во поновата македонска музичка историја израснал електро-поп составот Bei The Fish. Основното трио, во 2001 година, го создале Огнен Анастасовски-Окац (екс Бензона), Ненад Ѓорѓиевски-Тонкин (екс Бензона) и Валентина Миновска. Во првите неколку години, слично како и во Бензона, основниот инструмент на Окац бил басот и пеењето, како гитарист се појавил Љупчо Ангелов-Љупа (екс Blla Blla Blla…), Тонкин преку својот компјутер и Валентина како повремен вокал.

Историја

[уреди | уреди извор]

Бендот го снимил првиот демо-материјал со име Listen, кој за кратко време се раширил низ Скопје и македонската сцена. Првата потврда за неговиот квалитет, за жал, дошла надвор од границите на Македонија, а радиото „Канал 103“ и издавачката куќа „PMG Recordings“ биле првите вистински промотери на бендот, со кој останале до крајот на неговото постоење. Првиот концертен настап Bei The Fish го има на 19.4.2003 на „Не убивајте ја стотројка“, на Школката во Градскиот парк, со Анкица на флејта. Истата година, песната што Канал 103 максимално ја испромовира, The end, била прогласена за сингл на годината на регионалната радиомрежа „CrossRadio“, а тоа се случило и некоја година подоцна, со синглот Bare naked. Кон крајот на 2004 година, на 30 ноември, бендот првпат настапил надвор од Македонија, на фестивалот „Balkan Black Box“ во Берлин, Германија, каде што Окац заминал сам, но под името Bei The Fish. Неколку дена по овој концерт, на 9 декември имал настап и во МКЦ, во рамките на оф-програмата на фестивалот „Таксират“. Веќе на почетокот од следната година, музиката на бендот била снимена и на еден носач на звук. „PMG Recordings“ го вклучил синглот ,,To all angels" на годишната компилација Зависка Листа.МК – Нов Бран, респектабилната топ-листа на Канал 103.

Првото официјално издание на бендот со Љупа во поставата и со Ненад Неделков (Неле К.) како вокал на ,,Machine like you", било објавено на почетокот од 2006 годна, како цеде-сингл со име ,,What Are You Fighting For?" Изданието претставува еден вид страничен проект потпишан од Al The Pal Vs Bei The Fish. Материјалот концертно бил испромовиран на 23 јуни во МКЦ, на роденденската прослава на Канал 103 наречена „15 години напред“. Тука некаде завршува и првата, истражувачка фаза на бендот.

Влегувајќи повторно во студио, Bei The Fish се враќа на базичната тричлена формација, и притоа ги заменува сите конвенционални инструменти со компјутерски машини. Материјалот што го снимиле овојпат во студиото E Go East“, ќе го објави под насловот Look Up, на почетокот од 2007 година за истоимената издавачка куќа. Бендот подоцна се проширил со тапанар во живо, Влатко (Верка), но само за краток период. Порталот за култура „plagij.at“ на своите годишни избори го прогласил овој албум за албум на годината чија промоција бендот ја одржал на 7.2.2007 во клубот “Сектор”. По неколку дена, емисијата на Канал 103Ако никој не свири“ им го овозможила на останатите членови на бендот првиот радио-бродкастинг во живо. Издавачката куќа „E Go East“ во тој период почнала со организирање дводневен фестивал под името „Green Orange“, чие прво издание се одржало 21 – 22 февруари 2008 година во клубот „Castro“, а каде што настапиле и Bei The Fish.

По завршувањето на фестивалот, Неле се повлекол од соработката со Bei The Fish, а како нов менаџер на бендот бил ангажиран Васил Ѓуровски. Со концертот одржан на 30.3.2008 во киното „Фросина“, бендот ја отворил својата прва десетдневната интернационална турнеја. На крајот од фебруари 2009 година, „PMG Recordings“ го објавил саундтрекот од театарската претстава на Васил Христов-Вуси, Marat/Sade, кој бил потпишан од Bei The Fish, иако во основата се работи за музика изработена од Окац. Оваа практика на потпишување на целиот бенд, Окац. ја повторил уште еднаш во следната година. Во тој период почнала и долгогодишната соработка со режисерката Нела Витошевиќ. Во мај 2009 година, новооснованата издавачка куќа „Circle Records“ на Васил Ѓуровски, во соработка со постојаниот издавач „PMG Recordings“, го пуштила во продажба синглот Livin’ In A Box.

По само еден месец, кога Livin’ in a box веќе ги зафатил своите позиции на топлистите во регионот, истите партнери го објавиле и долгоочекуваниот нов албум наречен Time To Make Things Right. Со промовирањето на албумот, во летниот клуб „Хавана“, како нов член на бендот, на електронски тапани, настапил Владимир Настевски-Цевка (екс Кипарис). Соработката со него траела сè до самиот крај на групата. Некаде во периодот на издавањето на Time To Make Things Right, за бендот сериозно се заинтересирала и регионалната Ем-ти-ви (MTV Adria). Сè почести станале претставувањата на бендот низ разни емисии на музичкиот ТВ-канал, а следувале и покани за настапи во живо на нејзината програма. На домашен терен, Канал 103 и понатаму безрезервно го поддржувал секој чекор на групата. Интересно е тоа што кон крајот на 2009 година, Окац бил ангажиран од еден домашен мобилен оператор за да изработи нови аранжмани на популарната „Jingle Bells“. Песната во студио ја отпеал Тоше Проевски, а била отсвирена односно испрограмира од Окац, со мала помош од дувачката секција на Суперхикс, Александар Спасовски-Жути на труба и Ивица Ивановски-Папак на тромбон.

Бендот бил поканет да учествува на второто издание на „PMG Festival“, настап што се одржал во летниот клуб Хавана. Настапот бил во рамките на она што го нуди во тој период, но вниманието на бендот било свртено повеќе кон случувањата на регионалната Ем-ти-ви. Спотот за темата True story во режија на Ѓорги Унковски, во периодот фебруари – март 2010 година, цели три седмици заседнал на првото место на „Домаќинка“, официјалната топ-листа за регионални бендови. Моменталната актуелност на бендот му овозможила настап во специјализираната емисија нaречена „MTV Express Show“, на 19.5.2010, каде што се претставил со три изведби во акустична варијанта. Настапот што се пренесувал во живо му ја зголемил уште повеќе популарноста во регионот, па во јуни следувала и поканата да учествува на фестивалот „Refract“ во Белград, како најава на гостувањето на еден од најдобрите модерни бендови во светски рамки од тој период, „The Whitest Boy Alive“. И домашните промотери „Авалон“ не ја изигнорирале неговата популарност. Меѓу останатите бендови од регионот, Bei The Fish бил домашниот претставник на фестивалот „Скопје гори“, кој таа година, на 16 јули на Скопското кале, како хедлајнери ги имал „Massive Attack“. Двата големи настапа во краток период ја засениле кратката регионална турнеја („Hot Road Tour“, 30.7. – 7.8.), која всушност била еден мал одмор пред уште побурните настани што следуваат. Bei The Fish бил одбран како еден од 30-те регионални изведувачи од Македонија, тие и Kiril – што се натпреварувале за наградата ,,Најдобар регионален изведувач" на доделувањето на Европските музички награди на Ем-ти-ви на 7 номври 2010 година во Мадрид.

Пред крајот на годината, во октомври, сосема ненајавено и без помпа, на јавноста и била понудена уште една театарска музика изработена од Окац, а потпишана како Bei The Fish, музиката за Брод За Кукли во режија на Нела Витошевиќ. На концертен план, крајот на календарската година што им овозможила возлет во врвот на возбудливата регионална музичка понуда, го прославиле со локалните фанови на 1 декември во клубот „Collosseum“, повторно како дел од оф-програмата на фестивалот Таксират, а во рамки на настанот наречен „Светлина на правата - позитивен концерт“. На 9.12.2010 настапуваат во живо на популарниот ТВ-канал „MTV Adria“, изведувајќи ја When he was young во емисијата што ја води српскиот глумец Сергеј Трифуновиќ. Првата половина на новата, 2011 година била проследена со неколку помали концерти во Словенија, „Let It Snow Tour“, и со учеството на фестивалот „Scream” во Скопје, на 18 февруари во Метрополис арена. Сепак, најголемо внимание во овој период привлекла една соработка на новата песна Ideal woman на Окац со Каролина Гочева. Имено, Окац првично сакал песната да ја отпее актерката Ирена Ристиќ, но на инсистирање на менаџментот, поканата и била упатена на македонската поп-звезда Каролина Гочева. Песната како фри-даунлоуд сингл била пуштена на 14 февруари, а највечатлива била заедничката изведба на Окац и Каролина на 6 јуни на доделувањето на престижните „MTV Music Awards“ во Белград. Паралелно со случувањата околу бендот, кои во најголем дел се оставени да ги води неговиот менаџмент, Окац веќе неколку месеци интензивно работел на еден пообемен музички проект, мјузиклот „Just An Idea!?“.Од него, само првиот дел бил објавен како фри-даунлоад и како физичко це-де со мал промотивен тираж. Дел од материјалите од овој албум концертно биле изведени пред скопката публика на 14 мај, во МКЦ, на роденденската прослава по повод 20-годишнината на Канал 103. По една недела од овој настан, албумот Just An Idea!? официјално бил промовиран во клубот „La Kana“. Од предвидените соработки, само таа со Каролина била реализирана, а тие со Бранислав Николов од Фолтин и британскиот хипхоп артист “Ola Dioss” останале за некои подобри времиња.

Сепак со „Ola Dioss“ биле реализирани неколку заеднички концерти, на 15 април во Приштина и на 29 април на фестивалот,,Trenchtown“ во Суботица. Дванаесетдневната турнејата „Sea, Sex, Sun Summer Tour“, од 9 јуни до 27 август, била релаксирачка за бендот. Исклучок бил еден од најглавните настани во неговата кариера, концертот на 18 јуни на тврдината Калемегдан во Белград, како загревање пред „Moby“ односно пред – сега веќе легендарниот – последен настап на Ејми Вајнхаус (Amy Winehouse). Турнејата ја завршиле со уште едно влегување во студио, на 31 август, за снимање на уште една соработка – со Ида Престер („Lollobrigida“) – на преработката на темата на Bernays Propaganda, Без превод. Песната била вкулучена на албумот од 2012 година наречен Pilule на загрепската група „Lollobrigida“. Паралелно со снимањето, во етер била пуштена и една постара тема на бендот, It’s over, како ремикс изработена од македонскиот електронски артист Game Over, а ставен на неговиот албум Life Cycle. Таа, 2011 година била годината во која Bei The Fish отсвириле најмногу концерти, 44 низ цела Европа. Најдолга била 19-дневната промотивна турнеја „Just An Idea!?“, која ја одработиле во периодот 19 октомври – 20 ноември 2011 година.

Врвот во својата и не толку кратка кариера, Bei The Fish го имале на 16.3.2012, во клубот „Principal Theatre“ во Солун, како единствено загревање за белгискиот легендарен состав „Deus“. Тоа е групата од која Окац и Тонкин, пред 17 години, најдлабоко се инспирирале започнувајќи ги своите музички авантури. По овој концерт – остварување на младешкиот сон – полека станало забележливо опаѓањето на интересот да се продолжи со работа.

Приказната на Bei The Fish и понатаму била водена максимално професионално, со концерти и фестивалски настапи, па и со нови материјали, но интересот за бендот полека почнал да спласнува. По враќањето од Солун, прв обид да се внесе некакво освежување во креативниот процес бил промовирањето на првата песна од опусот на Bei The Fish отпеана на македонски јазик. Заебана љубов претставувала дел од саундтракот за филмскиот проект „Skopje Remixed“. Како вистински штитеник на „PMG Recordings“, бендот учествувал и на третото издание на фестивалот „PMG Recordings“, во клубот Сектор на 30 јуни 2011 година. Својата општествена одговорност и ангажман ги искажал на Меѓународниот ден на правото, на 15 септември, кога настапил на Школка во Градскиот парк во Скопје, во рамките на настанот организиран од МОФ (Македонски образовен форум), а наречен „ДЕМОнстрирај ДЕМОкратија (Учиме право, слушаме Bei The Fish)“. Концертната сезона ја завршиле помалку невообичаено (или сосема својствено за Bei The Fish), во обидот да пронајде нов израз што го извадил од репетитивните изведби на старите материјали. На 24 ноември, бендот настапил на отворањето на филмскиот фестивал „Cinedays“ во МКЦ, каде што ненајавено извел извонредна трибјут-вечер за Оливер Мандиќ. Преработките не се нешто невообичаено за Окац, кој низ годините работа со Bei The Fish направил многубројни кавери на светски но и на македонски класици, од кои дел слободно живеат во јавноста, а дел се сè уште некаде во фиоките на Окац, целосно заборавени. Во потрагата по тој нов израз, неочекувано, во кафе-барот „Излет“, Bei The Fish го промовираат новиот албум, At The End Of The Sand. На ова издание бендот е многу повеќе социјално ангажиран, па за љубовта пеат од еден поинаков дискурс, сосема поразличен од нивните претходни изданија, каде што љубовта најчесто се сведувала на емотивни односи меѓу партнери.

Во тој момент, остатокот од бендот бил веројатно сè уште несвесен дека тоа е крај на нивната дискографската кариера. Инаку прекрасната насловна фотографија е на Darkkind Syk, а комплетниот дизајн на омотот е дело на визулениот уметник Ѓорѓе Чупиќ. Тоа е пријателот со кого Окац во векот што е изминат, ја почнал музичката приказна наречена Бензона, а во векот што е на почеток, ја затворил приказната со Bei The Fish. За симболично затворање на кругот може да се смета и стапувањето во брачна врска на Ѓорѓе со Валентина Миновска. Тоа што следувало во следната, 2013 година било само бизнис одработување на веќе договореното. На концертната промоција на албумот, во денсинг-салата во МКЦ на 15 февруари, членовите на бендот се појавиле во едно поинакво светло. Симболично биле облечени во бело, со црвени ленти со смајли на рацете и со војнички чизми на нозете. Задоцнет ангажман на бендот или можеби сатирична најава за она што како поединци ќе го работат во иднина?

Збогувањето со верната публика на „PMG Recordings“ се случило на четвртото издание на фестивалот на издвачката куќа, на 18 октомври во МКЦ, што било и претпоследното појавување на сцена на бендот. На крајот од годината, Тонкин прв го најавил својот иден ангажман. На 27 декември, под името Mammoth & Yashem, издавачката куќа „Шарла“ го објавила неговиот деби албум Музика За Неснимен Краткометражен Филм

Официјалниот крај Bei The Fish медиумски го објавиле некаде кон крајот на месец февруари во следната година, најавувајќи го веќе договорениот концерт во „City Hall Center“ на 12.4.2014 како последен концерт во кариерата.   

Дискографија

[уреди | уреди извор]
Наслов Носач на звук Издавачка куќа Година
Bare Naked CD E Go East Records 2006
Livin’ In A Box CD PMG Recordings 2009
Time To Make Things Right CD Circle Production 2009
O.S.T. - Marat/Sade CD PMG Recordings 2009
O.S.T. - Брод За Кукли CD PMG Recordings 2010
O.S.T. - Just An Idea !? (atto primo) CD PMG Recordings 2011
At The End Of The Sand CD PMG Recordings 2012

Компилации

[уреди | уреди извор]
Наслов Носач на звук Издавачка куќа Година
V.A. - Зависна Листа.МК / Baby, is it really our story? CD Темплум 2004
V.A. - Зависна Листа.МК – Нов Бран / To all angels CD PMG Recordings 2005
V.A. - Нов Бран.Два / Bare naked CD PMG Recordings 2006
V.A. – Bastion Works & Rew>>works / Colors CD AG Records 2007
V.A. - Нов Бран V3.0 / Can i really help CD PMG Recordings 2007
V.A. - Време Е Да Пораснам / Corday-Dupperett CD PMG Recordings 2008
V.A. - Ако Никој Не Свири… Во Живо На Стотројка / Welcome CD Stotrojka 2008
V.A. - Ова Не Е Диско / Livin’ in a box CD PMG Recordings 2009
  1. Филиповски, Тошо (2018). Македонска рок енциклопедија. Скопје: Корпус Деликти Рекордс. стр. 58, 59, 60, 61. ISBN ISBN 978-608-66200-0-4. Проверете ја вредноста |isbn=: invalid character (help).