Четакли
Четакли Μελισσοκομείο | |
---|---|
Поглед на селото | |
Координати: 40°52′N 24°10′E / 40.867° СГШ; 24.167° ИГД | |
Земја | Грција |
Област | Источна Македонија и Тракија |
Округ | Кавала |
Општина | Кушница |
Општ. единица | Пиери |
Надм. вис. | 160 м |
Население (2021)[1] | |
• Вкупно | 214 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Четакли или Чатакли (грчки: Μελισσοκομείο, Мелисокомио; до 1926 г. Τσιτακλή, Цитакли[2]) — село во Правишко, Егејска Македонија, денес во општината Кушница на Кавалскиот округ во областа Источна Македонија и Тракија, Грција. Населението брои 214 жители (2021).
Географија и местоположба
Селото е сместено во јужното подножје на планината Кушница, крај патот Смрдеш-Бахчеќој (ЕО2), околу 9 км југозападно од гратчето Правишта, на надморска височина од 160 м.[3]
Историја
Во Отоманското Царство
Во XIX век Четакли било турско село во Правишката каза на Драмскиот санџак.
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 г., во селото Четакли имало 320 жители Турци.[4]
Во Грција
За време на Првата балканска војна селото е окупирано од Бугарија, но по Втората балканска војна во 1913 г. е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор. Таа година селото броело 287 жители, кои поради војните во 1920 г. се намалиле на 220 лица.[3]
Во 1924 г. сите жители се иселени во Турција по сила на Лозанскиот договор. На нивно место се населиле 53 бегалски семејства (вкупно 238 бегалци), така што селото станало бегалска населба.[5] Во 1926 година, името на селото било променето во Мелисокомио (Μελισσοκομείο).[2]
Во 1941 г. селото е окупирано од бугарски единици, кои во него завеле 485 жители.[3]
Стопанство
Населението произведува главно тутун, а на површините на исушено мочуриште се одгледуваат пченка, пченица и други земјоделски производи.[3]
Население
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 397 | 456 | 447 | 327 | 324 | 289 | 365 | 284 | 214 |
- Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија
Самоуправа и политика
Во 1949 година, селото станало самостојна општина, чиј атар зафаќал површина од 7 квадратни километри.[3] Општината Четакли била приклучена во општината Пиери во 1997 година, која била укината во 2011 година и станала дел од поголемата општина Кушница.
Селото припаѓа на општинската единица Пиери со седиште во селото Моштијан, која припаѓа на поголемата општина Кушница, во округот Кавала. Воедно, селото е дел од општинскиот оддел Четакли, во кој влегува и селото Кулали.
Личности
Родени во Четакли
- Ахилеас Караѓозопулос (1955 – 2011) — грчки политичар од редовите на Нова Демократија
Наводи
- ↑ „Попис на населението од 2021 г. Трајно население“. Државен завод за статистика на Грција.
- ↑ 2,0 2,1 „Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας“. Πανδέκτης: Name Changes of Settlements in Greece. Посетено на 24 септември 2024.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. I дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 234–235.
- ↑ Кѫнчовъ, Василъ (1900). Македония. Етнография и статистика. София: Българското книжовно дружество. стр. 201. ISBN 954430424X.
- ↑ Κατάλογος των προσφυγικών συνοικισμών της Μακεδονίας σύμφωνα με τα στοιχεία της Επιτροπής Αποκαταστάσεως Προσφύγων (ΕΑΠ) έτος 1928, Архивирано од изворникот на 2012-06-30, Посетено на 2012-06-30
|