Прејди на содржината

Буденброкови

Од Википедија — слободната енциклопедија
Верзијата за печатење повеќе не е поддржана и може да дава грешки. Подновете си ги бележнците во прелстувачит и користете ја можноста за печатење од самиот прелистувач.
Првото издание на „Буденброкови“ (два тома)

Буденброкови (германски: Buddenbrooks) — роман на германскиот писател Томас Ман од 1901 година.

Содржина

Осврт кон романот

„Буденброкови“ е роман за пропаѓањето на едно старо граѓанско семејство. Инаку, самиот Ман за романот изјавил дека е „здодевна, граѓанска творба, но станува збор за пропаѓањето – токму во тоа е она литерарното...“ [1] Веднаш по неговото објавување, германската и европската публика се препознала себеси во романот, така што делото му донело голема слава на Ман.[2] Во романот се претставени неколку генерации на семејството Буденброк, а во нивната метаморфоза се одразува подемот и падот на нивната класа. Притоа, дедовците се одликуваат со животна сила и творечка волја, татковците ја поседуваат пуританската строгост на протестантскиот граѓански морал, но веќе третата генерација сето тоа го упропастува: Томас Буденброк, еден вид граѓански Хамлет, се бори со привиденијата од минатото; неговиот брат Кристијан бара авантури по светот, трошејќи се себеси и своето наследство; соочен со распадот на стариот морал, во душата на Томас Буденброк се огледа внатрешен отпор и, наспроти својот очај, на пропаста ѝ го спротивставува своето беспрекорно однесување на самодисциплиниран граѓанин; затоа, не е случајно тоа што Томас Ман во рацете на Томас Буденброк ја става книгата „Светот како волја и претстава“ на Шопенхауер. Сепак, внатрешната цела на композицијата на оваа семејна хроника е синот на Томас Буденброк, Хано, кој е нежен, чувствителен човек, надеж на сите оние кои сѐ уште се надеваат, а чија физичка смрт го симболизира гаснењето на семејството. Во „Буденброкови“ се случуваат многу нешта, а начинот на којшто се случуваат звучи сродно и познато: тука се присутни мотивите на францускиот општествен роман, Балзаковото ткиво на генеалогијата и деловните цифри, артизмот на браќата Гонкур и на Флобер, психологизмот на Толстој и на Достоевски, како и тишината и меланхолијата на скандинавскиот роман. Објаснувајќи го значењето на романот, Ман напишал: „Личните семејни искуства јас ги стилизирав во роман, додуша со чувството дека во тоа има нешто литерарно, т.е. духовно, оопштоважечко, но без вистинските вести за тоа дека раскажувајќи за гаснењето на една граѓанска куќа, раскажувава за гаснењето и крајот на еден далеку поголем културен и социјално-историски прелом.[3]

Наводи

  1. О. Бихаљи-Мерин, „Натурализам и грађански дух“, во. Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. VII.
  2. Miloš Đorđević, „Novele Tomasa Mana“, во: Tomas Man, Tonio Kreger - Smrt u Veneciji. Beograd: Rad, 1963, стр. 135.
  3. О. Бихаљи-Мерин, „Натурализам и грађански дух“, во. Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. X-XII.