Борис Пастернак
Борис Пастернак | |
---|---|
Борис Пастернак, околу 1908 г. | |
Роден/а | Борис Леонидович Пастернак 10 February [ст. ст. 29 January] 1890 Москва, Руско Царство |
Починат/а | 30 мај 1960 Переделкино, СССР | (возр. 70)
Занимање | поет, писател |
Државјанство | Руско Царство (1890–1917) Советска Русија (1917–1922) СССР (1922–1960) |
Значајни дела | Мојата сестра, живот, Второто раѓање, Доктор Живаго |
Значајни награди | Нобелова награда за литература (1958) |
Борис Леонидович Пастернак (10 февруари 1890, Москва - 30 мај 1960, Переделкино, Русија), е руски поет и белетрист од еврејско потекло, добитник на Нобеловата награда за литература во 1958 година за инзвонредните дострели во современата лирска поезија и на полето на великата руска епска традиција. Тој бил принуден да се откаже од наградата иако првобитно ја прифати; потоа стана жртва на политичка кампања во која романот „Доктор Живаго“ му беше забранет во СССР. Син е на уметникот Леонид Пастернак и на пијанистката Роза Кауфман.[1]
Животопис
Борис Пастернак бил роден во Москва на 10 февруари 1890 година, во богато еврејско семејство.[2] Татко му бил постимпресионистички сликар, Леонид Пастернак, професор на Московското училиште за сликање, скулптура и архитектура. Неговата мајка, Роза Кауфман, била концертен пијанист, ќерка на индустријалец од Одеса. Пастернак имал помал брат, Алекс, и сестри Лидија и Жозефин. Семејството тврдело дека по таткова линија водат потекло од Исак Абрабанел, познат Сефарди Евреин од Португалија.[3] Родителите на Пастернак се дружеле со Лав Толстој.[4] Таткото на Пастернак добил телеграма за смртта на Толстој во Астапово, и веднаш заминал таму заедно со Борис, каде направил и цртеж на Толстој на смртната постела.[5] Чести посетители на домот на Пастернак биле и Сергеј Рахманинов, Александар Скрјабин, Лев Шестов, Рајнер Марија Рилке. Пастернак на почеток сакал да биде музичар,[6] и за кратко учел Московскиот конзерваториум, а во 1910 година заминал во Германија, каде учел филозофија на Универзитет Марбург.
Почеток и дела
Во 1912 година во Марбург, Германија, Пастернак се зближува со футуристите од групата „Центрифуга“ - објавува книга стихови „Еден близнак во облаците“ (1914). Поезијата му се одликува со висока поетска култура. Започнува со филозофска лирика под влијанието на симболизмот - „Второ раѓање“ (1932), во која го отфрлува револуционерното насилство. Во историскореволуционерните епски поеми го егзалтира револуционерното себеодречување - „Деветстотини и петтата година“ (1927), „Поручникот Шмит“ (1927). На тоа револуционерно себеодречување во своите автобиографски раскази тој ја противставува својата поетска душевност, жедна за живот во сегашноста и непријателска на насилството - „Воздушни патишта“ (1924) „Спекторски“ (1931). Навечер како аполитичен, се зафаќал со преоди - преведувал творби од Вилијам Шекспир, Јохан Волфганг Гете, Пол Верлен и др.[1] Со тематиката од Втората светска војна се збирките стихови „Со раните возови“ (1943) и „Земско пространство“ (1945), како и романот „Доктор Живаго“ (1957) - за трагичните колизии на револуцијата и на граѓанската војна.[1]
Ида Визоцкаја
Пастернак се вљубил во Ида Визоцка, девојка од богато московско еврејско семејство, која ја подучувал за последната нејзина школска година. Се сретнале во Марбург во текот на летото 1912 година, кога таткото на Борис, Леонид, цртал нејзин портрет.[7] Борис Пастернак ја запросил Ида, но на нејзиното семејство не му се допаднало тоа што бил сиромашен и немал перспектива, па ја убедиле да го одбие. За својата љубов кон неа и одбивањето, Пастернак ја напишал поемата „Марбург“ (1917):[7]
Животот во Русија
За време на Првата светска војна, Пастернак работел во хемиска фабрика во Всеволодово-Вилве, блиску до Перм, каде без сомнение се здобил со материјал за романот кој подоцна ќе го напише, Доктор Живаго. За разлика од неговото семејство и голем број негови пријатели, Пастернак не сакал да ја напушти Русија по Октомвриската револуција.
Кон крајот на 1920-те години, се допишувал со Рилке и Марина Цветаева.[8]
Во 1922 година, Борис Пастернак се оженил со Евгенија Луре, студентка на институтот за уметност, а наредната година се родил нивниот син, Евгениј. Во 1927 година, пријателите на Пастернак, Владимир Мајаковски и Николај Асеев јавно се залагале за целосно потчинување на уметноста за потребите на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз.[9] Во писмо до сестра му Жозефин, Пастернак напишал дека ќе ги прекине контактите со овие двајца пријатели. Во 1932 година, Борис Пастернак се вљубил во Зинаида Нојхаус, сопруга на рускиот пијанист Хајнрих Нојхаус. И двајцата се развеле од своите партнери, и две години подоцна се венчале.
Во април 1934 година Осип Манделштам му ја прочитал на Пастернак својата песна „Епиграм за Сталин“. Откако ја чул, Пастернак рекол: „Не сум го чул ова, ти не ми го прочита, затоа што, знаеш, многу чудни и страшни работи се случуваат сега: ги собираат луѓето. Се плашам дека ѕидовите имаат уши, или овие клупи на булеварот можеби можат да чујат. Затоа, јас ништо не чув.“[10] Ноќта на 14 мај 1934 година, Манделштам бил уапсен во неговиот дом. Откако дознал за ова, Пастернак отишол во канцелариите на Известија и го молел Николај Бухарин да интервенира за Манделштам. Брзо по средбата со Бухарин, телефонот во станот на Пастернак заѕвонил и гласот од другата страна рекол: „Другарот Сталин сака да зборува со тебе.“[10] Сталин го прашал: „Кажи ми што се зборува во литературните кругови за апсењето на Манделштам?“ Пастернак негирал дека постои било каква дискусија за тоа, и додал дека веќе не постои литературен круг во Советска Русија. Потоа Сталин го прашал што мисли лично за Манделштам, на што Пастернак одговорил дека тој и Манделштам имаат сосема различна филозофија за поезијата. На крајот Сталин рекол: „Гледам дека не си способен да се заземеш за другар.“[10]
Втората светска војна
Кога авионите на Луфтвафе ја бомбардирале Москва, Пастернак се пријавил да служи како пожарникар.[11] Во 1943 година добил дозвола да ги посети војниците на фронтот, каде им читал поезија и разговарал со повредените војници.[11] На крајот од војната, во 1945 година, заедно со соработниците на нацистите во советските концентрациони логори биле затворени и многу други: емигрантите кои се вратиле поради ветена амнестија, Евреи од антифашистичкиот комитет, припадници на други организации, како и илјадници припадници на етнички групи, сите биле однесени на Сибир.[12] За ова искуство, Пастернак подоцна изјавил: „Да знаевме каков хорор нè чека по војната, немаше да жалиме ако паднеше Сталин заедно со Хитлер.“[13]
Олга Ивинска
Во октомври 1946 година, Пастернак се вљубил во Олга Ивинска, 34 годишна самохрана мајка, вработена во весникот Нови мир. Иако не ја напуштил втората сопруга, Пастернак бил во оваа вонбрачна врска до крајот на својот живот. Сопругата на Пастернак била многу лута поради неверството на Борис, и еден ден заминала да ја најде Олга, која во моментот била многу болна и била на пат за болница. По враќањето на Огла од болница, Борис ја посетил Олга и ја продолжил својата врска со неа како ништо да не се случило.[14]
Вечерта на 6 октомври 1949 година, Ивинска била уапсена од страна на КГБ, и била однесена во затворот Лубјанка. Ивинска била испрашувана за Пастернак, и иако ништо не признала, сепак била задржана десет години. Во тој период, Пастернак интензивно работел на вториот дел од романот „Доктор Живаго“.[15]
Доктор Живаго
Иако содржи делови који се напишани во 1910 и 1920 година од 20 век, Доктор Живаго не бил завршен сè до 1956 година, кога Борис Пастернак го дал на увид на весникот Нови мир. Весникот одбил да го објави поради Пастернаковите политички ставови кои не биле коректни во очите на Советскиот Сојуз. Имено, авторот на овој роман, како и самиот главен лик, Доктор Живаго, повеќе се грижел за благосостојбата на поединецот, наместо за благосостојбата на општеството, поради што советските цензори ова дело го прогласиле за анти-марксистично, затоа што во делото постојат имплицинтни критики и повикувања на затворските кампови. Во 1957 година, италијанскиот издавач Џанџакомо Фелтрин го копирал ракописот на романот од СССР, па истовремено го објавил во две изданија, прво на руски, а потоа и на италијански јазик во својата издавачка куќа Фелтринели во Милано, Италија. Следната година бил објавен и на англиски јазик, а после тоа и на уште осумнаесет различини јазици. За објавувањето на овој роман на толку многу јазици и толку многу изданиjа, одговорен бил и фактот дека на Борис Пастернак му била доделена Нобеловата награда за литература во 1958 година.
Романот Доктор Живаго во Советскиот Сојуз конечно бил објавен во 1988 година, и тоа на страниците на весникот „Нови мир“,[16] иако веќе постоело издание од овој роман.
Последни години и смрт
Според Ивинска, Пастернак продолжил да пишува и да преведува секој ден, дури и по контроверзите поврзани со Доктор Живаго. Во летото 1959 година, Пастернак почнал да пишува трлогија со наслов Слепата убавица,[17] но пред да го заврши првиот дел, се разболел од рак на бели дробови.
Борис Пастернак починал на 30 мај 1960 година во својата куќа во Переделкино. Во Литературна Газета,се појавил мал напис за неговата смрт, а рачно напишани ливчиња со датум и место за неговиот закоп биле делени во московската подземна железница.[18] Илјадници почитувачи на неговото дело дошле на закопот во Переделкино.[19] Пред насобраните луѓе, некој со длабок глас ја рецитирал забранетата поема на Пастернак, „Хамлет“.[20] Напишани молитви биле псотавени во ковчегот, ѕвоната од црквата заѕвониле, и на крајот бил спуштен ковчегот во гробот. Гробот на Пастернак станал еден вид храм за членовите на советското дисидентско движење.[21]
По неговата смрт
По смрртта на Пастернак, Олга Ивинска била по вторпат уапсена заедно со нејзината ќерка, обвинета дека била врската на Борис Пастернак со странските издавачи на „Доктор Живаго“. Сите писма на Пастернак до Ивинска, како и многу други ракописи и документи, биле запленети од КГБ. По една година, во 1962 година, ќерката на Олга била пуштена, а во 1964 година била ослободена и Олга.[22] Во 1978 година, нејзините мемоари биле тајно изнесени во странство и печатени како книга во Париз, а истата година излегол од печат и англискиот превод на мемоарите под наслов: Заробени во времето: Моите години со Пастернак.
Во декември 1989 година, Евгениј Боризович Пастернак, синот на Борис Пастернак, отпатувал во Стокхолм за да го земе Нобеловиот медал на татко му.[23]
Во 2009 година, излегла од печат книгата на Иван Толстој во која тврдел дека британската и американската разузнавачка служба биле вклучени во тоа на Борис Пастернак да му се додели Нобеловата награда. Кога Евгениј пастернак бил прашан за ова, тој одговорил дека татко му потполно бил несвесен за активностите на разузанавачките служби. Евгениј исто така изјавил дека Нобеловата награда за татко му значела само тешка тага и малтретирање во Советскиот Сојуз. Самиот Борис Пастернак, во песната „Нобеловата награда“ од 1959 година, вели: „Пропаднав, како ѕверот што го гонат... Зад мене е шумот на онаа хајка / А за мене никаде нем премин... Патот е пресечен насекаде / Сеедно ми е сега мене... Јас го натерва светот да плаче / Над убавината на земјата моја... Но и така, близу до гробот / Јас верувам дека ќе има / Едно време кога злобата / Духот на добрината ќе ја победи.“[24]
Од 2003 година, романот Доктор Живаго влегол во школскиот систем како лектира за единаесетто одделение.[25]
- Малата планета (3508 Pasternak) откриена од советскиот астроном Људмила Георгиевна Карачкина во 1980 година е наречена по него.[26]
- Руско-американската пејачка Регина Спектор рецитира стих од поемата на Пастернак „Црна пролет“ од 1912 година, во песна од својт албум Почнувам да се надевам.
- Руско-холандскиот композитор Фред Момотенко напишал придружна композиција за „Вечерно бдеење“ на Сергеј Рахманинов опус 37, врз основа на истоимената песна од Доктор Живаго.
- Првиот филм „Доктор Ѓиваго“ бил снимен во 1965 година, во режија на Дејвид Лин. Филмот бил хит низ светот, но забранет во Русија.
- Во 2002 година била снимена ТВ серијата „Доктор Живаго“.
- Руската филмска верзија од 2006 година се смета за поверна на романот од филмот на Дејвид Лин од 1965 година.
Наводи
- ↑ 1,0 1,1 1,2 Превод на литературни дела од автори кои добиле Нобелова награда, НИД „Микена“, Битола, 2009
- ↑ „Boris Leonidovich Pasternak Biography“. Jewishvirtuallibrary.org. Посетено на 24 January 2014.
- ↑ Boris Pasternak: A Literary Biography, By Christopher Barnes, page 2
- ↑ Pasternak (1959) p 25
- ↑ Ivinskaya (1978), p xvi.
- ↑ Pasternak (1967)
- ↑ 7,0 7,1 Ivinskaya (1978) p 395.
- ↑ Bayley, John (5 December 1985). „Big Three“. The New York Review of Books. 32. Посетено на 28 September 2007.
- ↑ Boris Pasternak: Family Correspondence, 1921–1960, p 78.
- ↑ 10,0 10,1 10,2 Ivinskaya (1978) pp 61–63
- ↑ 11,0 11,1 Ivinskaya (1978) pp 72–73.
- ↑ Ivinskaya (1978) p 75.
- ↑ Ivinskaya (1978) p 80.
- ↑ Ivinskaya (1978), p 23.
- ↑ Ivinskaya 1978, p. 86
- ↑ Contents Архивирано на 9 октомври 2006 г. of Novy Mir magazines Предлошка:Ru icon
- ↑ "The Paris Review" interviews Boris Pasternak.
- ↑ Ivinskaya (1978), pp 323.
- ↑ Ivinskaya (1978), pp 326–327.
- ↑ Ivinskaya (1978), p 331.
- ↑ Ivinskaya (1978), pp 332.
- ↑ „OBITUARY: Olga Ivinskaya“. The Independent. UK. 13 September 1995. Посетено на 27 October 2010.
- ↑ "Boris Pasternak: The Nobel Prize. Son's memoirs". (Pravda, 18 December 2003)
- ↑ Антологија руске лирике – X-XXI век. Књига II: Прва четвртина – средина XX века (авангарда и социјалистички реализам). Београд: Paidea, 2007, стр. 90-91.
- ↑ «Не читал, но осуждаю!»: 5 фактов о романе «Доктор Живаго» 18:17 23/10/2013, Елена Меньшенина
- ↑ Schmadel, Lutz D. (2003). Dictionary of Minor Planet Names (5th. изд.). New York: Springer Verlag. стр. 294. ISBN 3-540-00238-3.
|