„Satellite“ е песна изведена од страна на германската пејачка Лена Мајер-Ландрут, напишана од страна на Американката Џули Фрост[1] (музика и текст) и Данецот Џон Гордон (музика). Песната беше избрана да ја претставува Германија на Евровизија 2010, која се одржа во Осло, Норвешка. Песната беше избрана преку телевоутинг за време на националниот натпревар за избирање песна за Евровизија која би ја претставувала Германија Unser Star für Oslo („Нашата ѕвезда за Осло“) на 12 март 2010. Следниот ден веќе песната можеше да биде дигитално преземана станувајќи германскиот најпродаван онлајн сингл на сите времиња. „Satellite“ дебитираше на првото место на германската сингл класификација и доби двојна платина.[2] На 29 мај 2010 победи на Евровизија 2010 со 246 бода.[3][4]