Прејди на содржината

Интернет

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Семрежје)
Делумна претстава на интернетот со неговите јазли

Интернет (англиски: Internet) или семрежје — јавно достапен систем на меѓусебно поврзани сметачки мрежи од целиот свет, кои пренесуваат податоци во форма на пакети со користење на стандардното множество протоколи означено како TCP/IP. Се состои од голем број мали и големи, домашни, деловни владини и невладини мрежи, коишто заедно пренесуваат различни информации и услуги, како електронска пошта, директен разговор, како и меѓусебно поврзани мрежни места (websites) и други документи од Мрежата (Светска мрежаWorld Wide Web, WWW).

Наспроти општоприфатеното користење, поимите интернет и мрежа (web) не се синоними: интернет е збирка на меѓусебно поврзани сметачки мрежи, поврзани со бакарни жици, оптичковлакнени кабли, безжични врски и слично, додека мрежата е збирка на меѓусебно поврзани документи со користење хиперврски и адреси (Uniform Resource Locator / URL ), до коишто може да се пристапи со користење на интернетот. Покрај мрежата, интернетот обезбедува и многу други служби, како е-пошта, споделување на податотеки итн...

Историја

[уреди | уреди извор]

Корените на интернетот се во ARPANET, американскa одбранбена мрежа создадена во 1969 година. Првата TCP/IP мрежа е направена на 1 јануари 1983 така што овој датум е земен за создавањето на интернетот. Во тоа време интернет можеле да го употребуваат универзитетите, војската и некои други државни организации во САД и бил наречен NSF (National Science Fondation = Национална научна фондација). Интернетот добил комерцијална употреба дури во 90-тите години.

Во август 1991 година од CERN (европска организација за јадрени проучувања) го претстави проектот World Wide Web, а две години подоцна се претставени и HTTP-протоколот и HTML-кодот. Било создадено првото мрежно место на CERN. А веќе во 1993 година беше создаден и првиот графички пребарувач Mosaic web browser 1.0. Во 1996 интернетот веќе станал популарен и започнал да се употребува за комерцијални и приватни потреби. Така што според последните статистики направени на 1 јануари 2006 год. интернет го користат една милјарда луѓе.

Интернет претставува множество од служби кои работат врз поврзаните сметачки мрежи низ целиот свет со што се овозможува брза размена на информациите односно податоците преку постоечките телефонски линии.

Англискиот поим „интернет“ е добиен како кратенка од INTERconnected NETwork — INTERNET што во превод би значело меѓуповрзанa мрежa. А во неа се вклучени милиони луѓе од светот.

Структура и организација на интернетот

[уреди | уреди извор]
Насочување на пакети по пат на разни степени (слоеви) на семрежни услужници.

Интернет како мрежа постои веќе триесетина години, меѓутоа со појавата на светската пајажина (WWW) интернет станува она што го знаеме денес.

Во почетокот на интернетот било комплицирано барањето на податоци, корисниците биле принудени рачно да ги испишуваат наредбите. Поголем број корисници не сакале или не ги знаеле наредбите.

Затоа во 1989 година Тим Бернерс-Ли од Европската лабораторија за јадрена физика во Швајцарија CERN, пишува предлог за изработка на единствен хипер текстуален програм за дистрибуција на податоците помеѓу луѓето, т.е. сѐ уште само на научниците бидејќи 1989 година сè уште немало голем број на домашни сметачи и имало многу мал број на корисници на интернетот.

Крајот на 1990 година почнал да се развива и самиот проект WWW. Започува со развој на првата програма за пристап на интернетот со едноставно име WWW. Овој програм работел со текстуално пребарување. Кон крајот на 1992 година, веќе постоеле педесетина опслужувачи за WWW. Набрзо е напишан и првиот прегледувач со графички приказ Viola, а напишана е и првата верзија на HTML (Hyper Text Marcup Language), толку поедноставна од денешната, но постоењето на хипер врски за поврзување на документите овозможува лесно пребарување и сосема доволна достапност на информациите.

Почетокот на 1993 година Marc Andreessen од NCSA (National Center for Supercomputing Applications) напишал и друг таков пребарувач, наречен Mosaic. Marc 1994 година основа фирма Netscape Communications и покрај Тим Бернерс се смета за најзначаен човек за развојот на WWW.

При крајот на 1994 година, проектот за развој на WWW го презема Конзорциумот W3 кој заеднички го основале CERN и MIT (Massachusetts Institute of Technology).

1994 година еволуира и HTML кој во верзијата 2.0 донесува поддршка за некои клучни новини како што се: формулари и обрасци. Истата година излегува и првата верзија на Netscape кој донесува една многу важна новост, прикажување на JPEG слики (другите прелистувачи биле ограничени само на GIF-ови).

1995 година Netscape излегува со верзијата 1.1 и воведува додатни новости, меѓутоа надвор од важечките стандарди за HTML јазик. Внесува свои тагови, како што се оние за позадини и таблици. Иако ова предизвика бројни расправи за исправноста на таквата постапка, Netscape-овите ознаки почнуваат да владеат на мрежата.

1995 година излегуваат и Windows 95 од фирмата Microsoft која тоа време не беше свесна за важноста на интернетот, па поради тоа, како додаток, исфрла слаба верзија на Internet Explorer прелистувач.

1996 година Netscape исфрла верзија по верзија, на што Microsoft одговара со Internet Explorer 2.0, кој најавува создавање на уште еден моќен прелистувач, јака конкуренција на популарниот Netscape.

После неуспешни стандардизации на HTML 3.0, W3 дига раце од HTML, за после излегување на Internet Explorer 3.0, кој е многу подобар од истобројната верзија на Netscape, да се врати на следењето на развојот на HTML стандардот, по што излегува HTML 3.2.

1997 година излегува четвртата верзија на HTML јазикот, а на пролет истата година, двете фирми исфрлаат свои пребарувачи со бројот 4.0.

1998 година под надзор на W3 конзорциумот, конечно излегува HTML 4.0 во три подверзии:

  • HTML 4.0 Strict – наменет за употреба на каскадни стилски страници (CSS);
  • HTML 4.0 Transitional – има презентациски можности и
  • HTML 4.0 Frameset – за употреба на рамки

19 декември 2000 година W3 конзорциумот официјално ги издава xHTML 1.0 стандардите.

Адреси на интернетот

[уреди | уреди извор]

Адресите се формирани слично како и поштенските адреси: име, презиме, улица, број итн. Знаеме дека кога патува некое писмо, прво се гледа државата, потоа местото, улицата, бројот и на крајот името на примачот. Слично е и во интернет. Секоја држава има своја единствена меѓународна адреса т.е кратенка наречена код. На пример кодот за Македонија е .mk за Грција .gr за Франција .fr, Велика Британија .uk итн. Кога патува некое писмо, откако ќе ја видиме државата потоа го бараме местото. Но бидејќи во секоја држава има многу различни места, адресите на интернетот не се земени по места туку по дејности, бидејќи дејностите , како што се образование, стопанство, управа итн. ги има во секоја држава. Овие дејности се наречени домени. Во интернет постојат 6 домени. Нивните имиња се кратенки од англиското име за дејноста и тоа:

А за улица се земени организациите и подорганизациите во дејноста. Така, во образованието во Македонија постојат повеќе организации и подорганизации како што се универзитетите и факултетите. На пример името на гимназијата „Јосип Броз-Тито“ на интернетот е јбт, а на некоја гимназија е ДСУ. Овие имиња всушност се имиња на поддомени. На пример некој студент на некој фалкултет си дал интернет име Гоце тогаш неговата адреса е goce@jbt.dsu.edu.mk. Знакот @ (мајмунче) означува припадност, што значи Гоце припаѓа на, односно е поддомен на jbt.dsu.edu.mk овој домен е под-домен на dsu.edu.mk, кој пак е под домен на доменот за образование edu.mk, а тој е поддомен на доменот mk кој е поддомен на интернетот.

Видови на поврзување на интернетот

[уреди | уреди извор]

Поврзувањето најчесто се врши преку посредник таканаречен семрежен услужник (provider). Тоа е фирма која обезбедува интернет така што корисникот го поврзува со другите услужник, од другите земји од светот. Услужникот располага со брз опслужувач и со специјална опрема, а за своите услуги наплаќа од корисниците. Корисниците е потребно да си купат IP-адреса односно корисничко име и лозинка со кои ќе можат да се поврзат на интернетот. Во македонија постојат разни услужици, меѓу кои МТ-нет, КејблТел, Уан, У-нет, Теле-кабел, Мол, Цкѕстар и многу други.

Постојат различни начини на поврзување на интернетот, и тоа:

Новости: Во 1996 година започна да се создава една нова мрежа наречена internet2 односно 200 универзитети формираа непрофитна организација (UCAID) The Unuversitis Corporation for Advanced Internet Development, и уште 20 најјаки ИТ компании во светот како: Microsoft, HP, IBM, Sun microsustem, Red Hat и многу други се поврзаа и направија супер брза мрежа наречена Аблине. Сите овие фирми, универзитети и други државни установи денес се поврзани со internet2™, односно со врска брза 10 ГБ/с, врска 150.000 пати побрза од денешната. Така на пример еден двд-филм од 4 ГБ може да се симне за 5 секунди. Корисници на оваа мрежа можат да бидат само организации членки на интернетот2 односно оние кои ќе придонесат за развој на оваа мрежа, а членство на физички лица не е дозволено. Партиципацијата чини 50.000 долари годишно.

Употреба на интернетот во светот

[уреди | уреди извор]
Интернет корисници на 100 жители
Извор: Меѓународна унија за телекомуникации.[1][2]

Според извештајот на Комисијата на Обединетите нации за широкопојасен интернет и на Меѓународната унија за телекомуникации, кон крајот на 2016 година 3,5 милијарди луѓе во светот користеле интернет, т.е. 47 % од светското население, што претставувало раст од 300 милиони корисници во споредба со 2015 година. Притоа, во 91 земја, над 50 % од населението користеле интернет. Компјутер кој е поврзан во мрежа се нарекува работна станица. Првите десет земји со најголем процент на користење интернет се наоѓале во Азија и во Средниот Исток, а на врвот се наоѓала Јужна Кореја, каде дури 98,8 % од домаќинствата биле приклучени на интернет. Потоа следувале Катар (96 %) и Обединетите Арапски Емирати (95 %). Исланд, пак, имал најголем процент на поединечни корисници на интернет (98,2 %), а по него следувале Луксембург (97,3 %) и Андора (97 %). Најниско користење интернет било забележано во Потсахарска Африка: во Чад, само 2,7 % од домаќинствата користеле интернет, во Сиера Леоне тој процент бил 2,5 %, во Нигерија 2,2 %, во Сомалија 1,8 %, а во Еритреја 1,1 %. Монако и Швајцарија се земјите со најмногу фиксни широкопојасни приклучоци (над 47 претплати на 100 жители), а најмногу активни мобилни широкопојасни приклучоци имало во Финска (144 на 100 жители), Сингапур (142) и Кувајт (139). Инаку, 48 % од светските мобилни широкопојасни приклучоци се наоѓале во подрачјето на Азија-Тихоокеанија (1,7 милијарди), 778 милиони приклучоци имало во Јужна и во Северна Америка, 483 милиони во Европа, 280 милиони во Африка, 185 милиони во арапските земји итн. И во поглед на фиксните широкопјасни приклучоци предничел азиско-тихоокеанскиот регион, со 432 милиони приклучоци (49 % од светските приклучоци), по што следувале Европа (199 милиони, Јужна и Северна Америка (188 милиони), арапските земји (19 милиони), а во Африка имало само 6,4 милиони приклучоци. Од светското население што не користело интернет, дури 55 % било концентрирано во шест земји, меѓу кои се Индија и Кина, а 75 % од светското население што не користело интернет било концентрирано во 20 земји.[3]

Табела бр. 1: Европски земји со најголем број корисници на интернет (30.11.2015)[4]

Земја Број на корисници (во милиони)
Русија 103,1
Германија 71,7
Обединетото Кралство 59,3
Франција 55,4
Турција 46,3
Италија 37,7
Шпанија 35,7
Полска 25,7
Украина 19,1
Холандија 16,1

Употреба на интернетот во Македонија

[уреди | уреди извор]

Според податоците на Заводот за статистика, во првото тримесечје на 2014 година, од вкупното население во Македонија на возраст меѓу 15 и 74 години, 68,1 % имале пристап до интернет од дома, во споредба со 60 % во 2012 година. Со тоа, Македонија била многу блиска до просекот во Европската Унија, кој во 2013 година изнесувал 75 %. Од корисниците на интернетот, дури 99,1 % имале широкопојасно поврзување (фиксно или мобилно). Набљудувано по одделни групи, интернет најмногу користеле студентите и учениците (96,3 %), а 55,2 % од корисниците на интернетот употребиле мобилен или паметен телефон за да пристапат до интернет надвор од дома или од работното место. Од вкупниот број корисници, 78,1 % се закачувале на мрежата секој ден, 16,9 % го правеле тоа барем еднаш неделно, а 5,1 % користеле интернет помалку од еднаш неделно. Во однос на намената, 79,8 % од корисниците на интернетот во Македонија го употребувале него за поврзување на друштвените мрежи, 67,8 % за телефонирање и видеоповици, 67,3 % за читање весници и списанија, а електронска пошта примале и испраќале 66,1 % од корисниците на интернетот. Интернет-банкарство користеле 12,5 % од интернет-корисниците, а само 3 — 5 % пишувале блогови на интернетот.[5]

Притоа, периодот од 2012 до 2014 година, бројот на корисниците на интернетот во Македонија кои извршиле купување на стоки и услуги преку интернет се движел меѓу 5,4 % и 15,2 %, што е далеку под просекот во Европската унија, каде во 2013 година, дури 60 % од корисниците на интернетот купувале on-line. Инаку, според статистичките податоци, преку интернет, Македонците најмногу купувале облека и спортска опрема (48,5 %), електронска опрема (9,9 %), резервации за туристички патувања (9,6 %), производи за домаќинството (6,9 %), резервации за хотелско сместување и одмор (6,7 %), лекови (5,6 %), софтвер (5,2 %), филм и музика (4,3 %) итн.[5]

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
  1. "Individuals using the Internet 2005 to 2014", Key ICT indicators for developed and developing countries and the world (totals and penetration rates), International Telecommunication Union (ITU). Retrieved 25 May 2015.
  2. "Internet users per 100 inhabitants 1997 to 2007", ICT Data and Statistics (IDS), International Telecommunication Union (ITU). Retrieved 25 May 2015.
  3. „Половина од популацијата е онлајн“, Дневник, година XX, број 6173, сабота, 24 септември 2016, стр. 22.
  4. [ http://www.internetworldstats.com/stats4.htm Архивирано на 24 јануари 2010 г. Internet World Stats (пристапено на 26.9.2016)]
  5. 5,0 5,1 „Интернет користат 70 отсто од домаќинствата“, Дневник, година XVIII, број 5614, вторник, 11 ноември 2014, стр. 8.