Црногорскиот јазик (црногорски: Crnogorski jezik) е јужнословенски јазик и една од стандардните норми на српскохрватскиот јазик. Јазикот е службен во Црна Гора. Црногорскиот се заснова на ијекавското-штокавско наречје. Неговото стандардизирање всушност започнува во 2005 година. Во времето на СФРЈ за службен јазик во Црна Гора бил сметан српско-хрватскиот јазик. Со распадот на СФРЈ, а со тоа и на српско-хрватскиот јазик како официјален, во новосоздадените држави како официјални се воведуваат јазиците наречени според нацијата, па така како службениот јазик бил наречен „српски јазик од ијекавското наречје“.
Во јануари 2008 година, владата на Црна Гора составила Одбор за стандардизирање на црногорскиот јазик, чиј главна цел била стандардизација на јазикот според меѓународните норми. Понатамошните документи, после верификацијата, станале дел од образовната програма на црногорското образование.
Првиот црногорски стандард бил официјално предложен во јули 2009 година. Покрај веќе стандардизираната форма на српскохрватскиот, со новиот предлог се опфаќале две нови букви, односно се предложиле буквите ‹ś› и ‹ź› како замена за диграфите ‹sj› и ‹zj›. Одборот првично предложил два предлога, но владата не ги прифатила, но сепак бил прифатен третиот предлог на Одборот. На 21 јуни2010 година Советот за општо образование ја прифатил првата граматика на црногорскиот јазик.
Црногорската азбука е двописен систем, односно официјално двете писма и латиницата и кирилицата уживаат еднаков статус, но латиницата доста повеќе се користи. Азбуката била усвоена на 9 јуни2009 година од министерот за образование на Црна Гора Сретен Шкулетиќ[1]. Оваа азбука ги заменила српскохрватската латиница и кирилица.