Хомункулус (филм)
„Хомункулус“ — филм во шест дела на режисерот Ото Риперт (Otto Rippert) од 1916 година. Филмот е приближно заснован врз истоимениот еп на Роберт Хамерлинг од 1888 година. Главните улоги ги играат: Олаф Фенс (Olaf Fønss), Ернст Лудвиг (Ernst Ludwig), Алберт Паул (Albert Paul), Лоре Рикерт (Lore Rückert) Лиа Боре (Lia Borré) и Фридрих Кине (Friedrich Kühne).[1]
Синопсис
[уреди | уреди извор]Прв дел
[уреди | уреди извор]Во лабораторијата, професорот Хансен (го игра Паул) и неговиот помошник Роден (го игра Кине) создаваат човек кого го нарекуваат Хомункулус (Homunculus), што на латински значи „Мал човек“ . Додека професорот Хансен е отсутен, бебето го краде професорот Ортман (го игра Лудвиг), кој на неговото место подметнува болно бебе, кое набргу умира. Бебето израснува во човек со извонредни умствени способности и со цврст карактер. Меѓутоа, Рохард Ортман (го игра Фенс), кој дотогаш верува дека му е син на професорот Ортман, ја дознава вистината за своето создавање и тоа му предизвикува шок. Тој станува отпадник од општеството, гладен за љубов, но насекаде го бие глас дека нема душа, па луѓето го избегнуваат. Поради сознанието дека нема чувства, Хомункулус е обземен од омраза и стремеж за уништување. Ќерката на професорот Хансен, Маргарете (ја игра Рикерт) е вљубена во него, а Хомункулус е причина за нејзината смрт. Неговиот подем започнува кога со помош на хипноза успева да излечи еден тешко болен човек и набргу целата земја е под негова власт. Воден од омразата, тој ги поттикнува луѓето на бунт, а потоа сурово го задушува. Тој сака да предизвика војна која би го уништила човештвото, но на крајот погинува од удар на гром.