Фетален алкохолен синдром
Ве молиме, обрнете внимание на ова важно предупредување во врска со темите од областа на медицината (здравјето). |
Фетален алкохолен синдром | |
---|---|
Лицеви одлики на дете со ФАС | |
Специјалност | Медицинска генетика, Неврологија |
Феталниот алкохолен синдром (ФАС) е состојба предизвикана од консумирање на алкохол за време на бременоста. Проблемите кои се предизвикани од овој синдром вклучуваат физички деформитети, ментална ретардација, потешкотии во учењето, проблеми со видот и потешкотии во однесувањето на детето. Овие состојби варираат од дете до дете, но дефектите кои се резултат на феталниот алкохолен синдром се неповратни.Не постои количина на алкохол која безбедно може да се консумира за време на бременост. Ако се пие алкохол за време на бременост, шансите за бебето да страда од оваа состојба се големи.
Симптоми
[уреди | уреди извор]Феталниот алкохолен синдром не претставува единечен дефект, туку тој е збир на повеќе вродени аномалии кои настануваат поради пренаталната експозиција на алкохол. Тој спаѓа во група на честите предизвикувачи на ментална ретардација кај децата. Степенот на ментална ретардација варира, со тоа што кај некои деца е поизразена. Знаци на Фетален алкохолен синдром се:
- специфична конфигурација на лицето ( мали очи, тенка горна усна, краток, нагоре свиткан нос, и губење на длабнатината која се наоѓа меѓу носот и горната усна )
- деформитети на зглобовите, екстремитетите и прстите
- забавен физички развој
- проблеми со видот и слухот
- мал обем на главата и микроцефалија
- ослабена координација
- ментална ретардација и задоцнет развој
- нарушувања во учењето
- абнормално однесување (брзо губење на внимание, хиперактивност, импулсивност, нервоза и вознемиреност)
- срцеви мани
Причини
[уреди | уреди извор]Кога бремената жена консумира алкохол, тој влегува во нејзиниот крвоток и преку плацентата навлегува во фетусот. Бидејќи фетусот го метаболизира алкохолот многу побавно од возрасната единка, нивоата на алкохол во него се многу повисоки отколку во крвотокот на мајката. Алкохолот ја спречува нормалната распределба на кислород и хранливи материи во ткивата и органите на бебето, вклучувајќи го неговиот мозок, каде последиците се најсериозни. Мора да се напомене дека, во првиот триместар на бременоста (органогенезата), плодот е најосетлив, а бидејќи многу од жените кои забремениле, на почетокот не се свесни за нивната благосостојба, и тие продолжуваат да консумираат алкохол.
Превенција
[уреди | уреди извор]Единствената превенција на оваа состојба е апстиненција од алкохолните пијалаци за време на целата бременост, особено во првите три месеци од бременоста.