Прејди на содржината

Стар Дојран

Координати: 41°11′00″N 22°43′00″E / 41.18333° СГШ; 22.71667° ИГД / 41.18333; 22.71667
Од Википедија — слободната енциклопедија
За други значења на поимот Дојран, видете на појаснителната страница
Стар Дојран

Воздушен поглед на селото Стар Дојран

Стар Дојран во рамките на Македонија
Стар Дојран
Местоположба на Стар Дојран во Македонија
Стар Дојран на карта

Карта

Координати 41°11′00″N 22°43′00″E / 41.18333° СГШ; 22.71667° ИГД / 41.18333; 22.71667
Регион  Југоисточен
Општина  Дојран
Население 413 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1487
Повик. бр. 034
Шифра на КО 06028
Надм. вис. 160 м
Стар Дојран на општинската карта

Атарот на Стар Дојран во рамките на општината

Стар Дојран — село и административно седиште на Општина Дојран, на брегот на Дојранското Езеро.

Иако по своите карактеристики Стар Дојран наликува на гратче,[2] сепак официјално не е прогласено за град.[3] Тоа било гратче до Првата светска војна, но било разурнато за време на војната.[2]

Стар Дојран е едно од најпознатите туристички одредишта во Македонија, поради неговата местоположба на Дојранското Езеро и прекрасната средоземна клима.

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Воздушен поглед Сретеново и Стар Дојран, кои денес се буквално споени едно со друго

Селото се наоѓа во јужниот дел на територијата на Општина Дојран и селото претставува нејзин административен центар. Тоа е сместено на западниот брег на Дојранското Езеро и нејзиниот атар се допира со државната гранична линија со Грција.[2] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 160 метри.[2] Се наоѓа на три километри јужно од поголемата населба Нов Дојран, а оддалечен е и неколку километри од грчката граница.

Низ селото поминува регионалниот пат 1105, кој води кон граничниот премин „Дојран“ кон Грција.

Иако самото село е одредено како рамничарско, за неговиот поширок атар може да се каже дека е претежно ридски. На западниот брег од езерото се наоѓа височината Калатепе со надморска височина од 691 метар. На северозападниот дел благо се издигнува Асанлиско Поле, кое преку с. Николиќ се прелева во плодна котлина. На северозапад над Асанлиско Поле се издигнува ридот Боска со надморска височина од 720 метри, на исток се падините на Круша Планина, кои многу благо се спуштаат кон езерото при што се создаваат мошне плодни површини. Најнискиот брег е на југ, кај населбата Кара-Дојран во соседна Грција.

Историја

[уреди | уреди извор]

Античка историја

[уреди | уреди извор]

Во V век п.н.е. долината на Празијас (сегашното Дојранско Езеро) ја населувале Пајонци. Тие живееле „на“ Езерото во дрвени колиби заградени со трска и поставени на скели кои се потпирале на долги дрвени колци. Со копното ги поврзувале единствено корабите со кои управувале многу вешто заради што најчесто и обидите на освојувачите (Персијците) биле безуспешни. Се женеле по многупати, а се занимавале со лов, риболов, земјоделство и сточарство. Биле многу добри пливачи и нуркачи. Секој од нив во својата колиба имал отвор кон езерото (на дното на колибниот под) преку кој ловеле риба во изобилство и со неа ги хране дури и коњите и говедата. Регионот околу езерото Празијас во тој период територијално припаѓал на Македонската држава чиј крал бил Аминта I, па на неговиот син Александар I по него, па Пердика II (454 - 413 година п.н.е.), па Архелај I (418 - 399 година п.н.е.). Во првиот и вториот век п.н.е. за времето на Филип II и Александар III Македонски и во периодот кога Римјаните почнале да навлегуваат на Балканот (II век п.н.е.) на западниот брег на Празијас (денес, месност Топлец) на површина од триесетина хектари веќе бил распространет антички град — тврдина со најстарото познато име Тауријан. Во 395 година при делењето на Римското Царство на Западно и Источно чиј центар бил Визит (Цариград), Тауријан станал дел од Источното Римско Царство односно Византија.

Среден век

[уреди | уреди извор]
Саат-кулата во Стар Дојран

Потоа доаѓа времето кога на Балканот се населуваат Словените. На почетокот на деветтиот век Тауријан важел за град кој благодарение на местопожбата и развојот зазема значајно место во поглед на историските, културните и економските случувања. Иако нема пишани и документирани податоци кои прецизно ќе го одликуваат Тауријан во овој век сепак, најверојатна е претпоставката дека токму во некоја од годините на IX век заради епидемија на колера и последиците од неа градот е поместен малку подолу - на југ. Новиот град добива ново име Полин.

И новиот град покрај езерото ги прифаќа навиките на веќе стариот Тауријан. Основни животни радости остануваат да бидат: добриот риболов, успешниот лов, родната градина и здравиот пород на стоката. Сепак наоѓајки се на крстопатот каде што се судирале интересите на Византијците и Бугарите, каде што се ширела или стеснувала македонската држава на Самоил (период од 969 до 1018 година) и од каде поминале освојувачките војски на српските кралеви (Милутин 1282 година и Душан 1331 - 1355 година) Полин морал да се соочува и со не така пријатните нешта на тогашноста. Неговите жители освен војните морале да ги плаќаат и разните даноци кон Византиската држава. Во периодот на 1026 и од 1037 до 1039 година жителите на Полин се соочиле и со земјотреси, суши, поплави и со епидемии што следуваат по нив.

Османлиско Царство

[уреди | уреди извор]

Живеејки во времето на сето тоа, тие во својот Полин покрај езерото ги „дочекале“ и сосема новите и најдолготрајни гости - господари, Турците - Османлии. Турците го дале третото име на градот - Дојран.

Во втората половина на XV век Дојран бил нахија - центар на неколку селски општини. Речиси во истиот период (1519 година) или 148 години по доаѓањето на Tурците во Дојран, некои документи велат дека во него живееле 232 семејства. Од нив само три биле муслимански, а сите останати 229 семејства биле христијански.

Помасовно колонизирање на Дојран со турско население се случува во првата половина на XVII век. Тогаш во околината на Дојран настанале и селата во кои и денес живее исклучиво турско население: Ѓопчели, Чаушли, Севендекли, Дедели, Куртамзали, Органџали и други кои денес се раселени. Заради блискоста и влијанието на актуелните општествени и политички процеси, Дојран бил град со амфитеатрален изглед од два дела: долен - каде што живеело месното население и горен во кој се лоцирало турското население.

Улица во Дојран во почетокот на XX век

Градот бил изграден во стилот на цариградската и солунската архитектура. Имал калдрмисани улици, чиста вода за пиење каптирана од изворите над градот и спроведена до повеќе градски чешми преку канали со керамички цевки, градска бања - амам кој и служел на сите жители, мажи и жени, христијани и муслимани, три цркви и три џамии, неколку училишта (повеќе основни и една гимназија) и една заедничка саат-кула.

На Дојран во тоа време припаѓале и околу 79 села при што имало околу 30.000 жители, од кои над 18.000 Турци, повеќе од 9.500 Македонци, околу 160 Евреи и 1.000 Роми.

Современа историја

[уреди | уреди извор]
Дојран во 1913 година

Градот бил разурнат за време на Првата светска војна. Истовремено, разурнатиот град бил и поплавен од езерото. Соочувајки со суровата реалност на својот Дојран, кој не нудел буквално никакви услови за живот во него, шеесетина рибарски семејства во 1919/20 година својот копнеж за враќање на старото огниште го дотрошуваат во близина на темелите на стариот Тауријан. Тие на 4 километри од разрушениот Дојран создаваат нова населба која ја нарекуваат Нов Дојран. Но, како и претходните „господари“ Турците така и Кралството СХС на овие простори населува 29 семејства српско население, при што е создадена населбата Сретеново. Со тек на времето почнуваат да се враќаат семејства и во стариот град Дојран. Тогашната власт од свои причини управно-административниот живот го лоцирала во разурнатиот град. Така постепено отпочнало паралелно пулсирање на животот во Нов и во Стар Дојран.

Вкупно 3 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[4]

Во Втората светска војна, Дојран повторно бил цел на желбите на соседите за конечно да биде ослободен на 5 ноември 1944 година. Тоа значело квалитативно нов почеток и подеднаков и впечатлив напредок за двата Дојрана. Покрај Дојранското Езеро денеска на македонска страна постојат четири населби: Нов Дојран, Стар Дојран, Николиќ и Сретеново во кој живеат околу 4.000 жители.

Населението некаде во средината на 1950-те години почнува да се занимава и со туризам. Во негова функција денес покрај дојранскиот брег постојат бројни хотели и одморалишта, казина и над 600 викендички.

Стопанство

[уреди | уреди извор]
Туристичко-информативен центар во Стар Дојран

Атарот на селото зафаќа простор од 9,2 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 490 хектари, на пасиштата отпаѓаат 381 хектар, додека на обработливите површини 21 хектар.[2]

Селото, во основа, има туристичко-рекреативна функција, со бројни викенд-куќи. Во него има бројни угостителски објекти, а во минатото имала земјоделска задруга.[2]

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948190—    
1953105−44.7%
1961107+1.9%
1971260+143.0%
1981270+3.8%
ГодинаНас.±%
1991352+30.4%
1994328−6.8%
2002363+10.7%
2021413+13.8%

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, градот имал 250 Македонци, 200 Грци и 25 до 50 други жители.[5]

Стар Дојран во 1961 година имал 107 жители, од кои 77 биле Македонци, а 21 жител Србин, додека во 1994 година бројот се зголемил на 328 жители, од кои 232 биле Македонци, 47 Турци, 33 Срби и 11 жители Албанци.[2]

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото имало 363 жители, од кои 255 Македонци, 6 Албанци, 57 Турци, 9 Роми, 1 Влав, 32 Срби и 3 останати.[6]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 413 жители, од кои 288 Македонци, 4 Албанци, 56 Турци, 11 Роми, 3 Власи, 18 Срби, 3 останати и 30 лица без податоци.[7]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 190 105 107 260 270 352 328 363 413
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[8]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[9]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]

Општествени установи

[уреди | уреди извор]

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Дојран, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било седиште на некогашната Општина Стар Дојран.

Во периодот 1955-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Гевгелија.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Дојран, во која покрај селото Стар Дојран се наоѓале селата Ѓопчели, Николиќ, Нов Дојран, Сретеново, Фурка, Црничани и Чаушли. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Нов Дојран, во која влегувале селата Ѓопчели, Николиќ, Стар Дојран, Сретеново, Фурка, Чаушли и Црничани.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 0385 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште. Во ова избирачко место е опфатено и селото Сретеново.[12]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 603 гласачи.[13] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 598 гласачи.[14]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Археолошки наоѓалишта
Цркви[16]
Манастири
Споменици[2]
Градби

Личности

[уреди | уреди извор]
Родени во или по потекло од Стар Дојран

Галерија

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 283.
  3. „Државен завод за статистика“. www.stat.gov.mk. Посетено на 2024-04-24.
  4. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  5. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  6. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 1 мај 2024.
  7. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  8. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  9. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  10. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  11. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  12. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  13. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 6 ноември 2019.
  14. „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 1 мај 2024.
  15. Дојран годинава со обновена црква "Св. Илија", догодина и со наколна населба. Архивирано од изворникот на 2016-08-05. Посетено на 2017-01-10.
  16. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]