Прејди на содржината

Совршен свет (филм од 1993)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Совршен свет (англиски: A Perfect World) е американски филм од 1993 година, во режија на Клинт Иствуд.

Главни улоги

[уреди | уреди извор]
  • Кевин Костнер - Затвореникот Роберт Хејнс - „Буч“
  • Клинт Иствуд - Ренџерот Ред Гарнет
  • Лора Дерн - Криминологот Сали Гербер
  • Т.Ј. Лоутер - Момчето Филип Пери - „Баз“
  • Кит Сарабајка - Затвореникот Тери Пју

Содржина

[уреди | уреди извор]

Двајца затвореници, Роберт Хејнс (го игра Костнер) и Тери Пју (го игра Сарабајка) успеваат да избегаат од затворот во еден мал град во Тексас. Во обидот да украдат автомобил со кој ќе избегаат надвор од државата, тие упаѓаат во една куќа во која живее жена со три малолетни деца. Притоа, затворениците го грабнуваат осумгодишното момче Филип (го игра Лоутер). Полицијата организира потера по криминалците, која ја води искусниот ренџер Гарнет (го игра Иствуд), кој своевремено го убедил судијата да го осуди малолетниот Хејнс на затворска казна од четири години за банална кражба на автомобил.
Хејнс одраснал во јавна куќа и уште на возраст од 12 години извршил убиство, обидувајќи се да ја одбрани мајка си од еден насилник. Тој не го познава својот татко, кој одамна го напуштил и за него знае само дека се наоѓа некаде во Алјаска (Хејнс кај себе чува разгледница од Алјаска која му ја испратил татко му). Тој е многу интелигентен и има добар карактер, така што од самиот почеток не може да го поднесе својот сопатник Тери. Од друга страна, Тери е типичен закоравен криминалец - насилник, без никакви обзири кон луѓето. Па така, бегајќи од полицијата, „Буч“ го убива Тери, зашто тој му се заканува на грабнатото момченце.
На тој начин, „Буч“ и Филип го продолжуваат патувањето заедно и притоа се зближуваат, зашто и Филип не го познава својот татко. Патем, „Буч“ дознава дека Филип расте во семејство што ѝ припаѓа на верската секта „Јеховини сведоци“, така што нему никогаш не му биле дозволени некои вообичаени работи, како што се: да биде маскиран на празникот „Халоувин“, да оди во луна-парк итн. Поради тоа, „Буч“ му кажува на Филип да направи список на своите неисполнети желби.
Планот на „Буч“ е да избега во Алјаска и да го посети својот татко, но сите патишта се блокирани, така што тој мора да вози по споредни патишта меѓу фармите. Една вечер, тие запираат во некоја нива со пченка, каде ги открива Црнецот кој ја обработува нивата и кој ги кани во својата куќа. Таму, сите се добро расположени, но во еден миг, Црнецот го тепа своето внуче поради банална работа, „Буч“ е многу чувствителен во однос на насилството кон децата, па затоа го врзува Црнецот и му го вперува пиштолот. Кога домаќините започнуваат да се молат, „Буч“ им ги залепува устите со самолеплива лента, а тоа го искористува момчето „Баз“, кое го зема револверот и го ранува „Буч“ во стомакот, потоа го фрла револверот во бунарот и побегнува. „Буч“ тргнува по него и го стигнува на една ливада, каде легнува под едно дрво, немоќен да продолжи понатаму.
Во меѓувреме, тука доаѓа полицијата, а со хеликоптер пристигнува и мајката на Филип. Детето сфаќа дека полицијата ќе го убие „Буч“ и не сака да се раздели од него. „Буч“ ја повикува мајката на „Баз“ да вети дека ќе му ги дозволи на детето сите работи кои му биле забранети. Додека ренџерот Гарнет разговара со „Буч“, тој ја вади разгледницата со намера да му ја даде на „Баз“, а еден полицаец на ФБИ помислува дека „Буч“ посегнува по револверот и затоа го убива со снајперот. „Буч“ паѓа смрно погоден на тревата, а Гарнет и криминологот Сали се бесни поради непромислениот потег на снајперистот. Поради тоа, кога се враќаат кај полициските автомобили, Гарнет и Сали го удираат снајперистот. Гарнет е разочаран, а Сали го утешува, велејќи му дека се обидел да направи сè што е во неговата моќ.[1] [2]

  1. „Совршен свет“, Антена, број 874, 27.3.2015, стр. 15.
  2. IMDb, A Perfect World (1993) (пристапено на 29.3.3015)