Прејди на содржината

Светониј

Од Википедија — слободната енциклопедија
Светониј
Светониј претставен на илустрација од Нирнбершкиот летопис
Роден/аГај Светониј Транквил
~ 69 н.е.
Италија, Римско Царство
Починат/апо 122 н.е.
Занимањесекретар, историчар
Жанрбиографија
Предметисторија, биографија, говорништво
Книжевно движењесребрено доба на латинската книжевност

Гај Светониј Транквил (латински: Gaius Suetonius Tranquillus), најчесто само Светониј; ~ 69 – по 122 н.е.) — римски историчар од витешкиот (коњанички) сталеж кој работел во раниот период на Римското Царство.

Негово најважно дело е „Дванаесетте римски цареви“ (De Vita Caesarum) — збирка биографии на дванаесет последователни римски цареви, од Јулиј Цезар до Домицијан, каде, меѓу другото, Светониј дава прво писмено сведоштво за епилептичните напади на Јулиј Цезар. Во другите дела се занимавал со секојдневниот живот во Рим, политика, говорништво, животот на познатите писатели и др. Некои од нив се делумно зачувани, а највеќето се целосно изгубени.

Светониј е роден некаде во Италија,[1] околу 69 г. н.е., што е изведено неговиот исказ дека бил младич“ дваесет години по смртта на Нерон. Сигурно е дека е роден во семејство со умерен општествен углед, дека татко му бил трибун од витешки сталеж (tribunus angusticlavius) во XIII Легија и дека Светониј се образувал во училиштата во Рим каде цветала реториката.

Бил близок пријател со сенаторот и писмописец Плиниј Помладиот. Плиниј го опишува како „тивок и посветен на умствената работа и пишувањето.“ Му помогнал на Светониј да набави мал имот и ургирал кај царот Трајан да му додели имунитет, кој инаку им припаѓал на татковци со барем три деца (а Светониј немал ниедно).[2] Со помошта на Плиниј, Светониј се стекнал со симпатиите на царевите Трајан и Адријан. Можно е Светониј да служел во стручниот кадар на Плиниј додека овој бил пронокзул на Витинија и Понт (северна Мала Азија) од 110 до 112 г. Трајан го назначил за „секретар за образование и научна дејност“ и управник на Царските архиви. За време на Адријан, станал личен секретар на царот. Меѓутоа, во 119 г. го разрешил поради тоа што Светониј бил во љубовна врска со царицата Вибија Сабина.

Дванаесетте римски цареви

[уреди | уреди извор]
Страница од делото „Дванаесетте римски цареви“, издание од 1540 г.

Светониј е најзапаметен по делото „Дванаесетте римски цареви“ (De Vita Caesarum), кое е единственото зачувано негово дело, со исклучок на долуспоменатите делови од некои други книги. Книгата е веројатно напишана во времето на Адријан, и претставува збирка биографии на првите дванаесет владетели на Римското Царство: Јулиј Цезар (недостасуваат првите неколку глави), Октавијан Август, Тибериј, Калигула, Клавдиј, Нерон, Галба, Отон, Вителиј, Веспазијан, Тит и Домицијан. Посветена е на неговиот пријател Гај Септициј Клар, кој бил на функцијата префект на Преториканската гарда во 119 г.[3] Во делото се обработуваат животите на царевите според утврдена формула: опис на изгледот, предзнаци, семејната историја, мисли, и потоа историја на владеењето на секој цар.

Други дела

[уреди | уреди извор]

Делумно зачувани

[уреди | уреди извор]
  • „За знаменитите мажи“ (De Viris Illustribus (во книжевноста), во чиј состав влегуваат:
    • „За знаменитите граматичари“ (De Illustribus Grammaticis) (20 кратки биографии)
    • „За истакнатите говорници“ (De Claris Rhetoribus), зачувани се 5 од вкупно 16 кратки биографии)
    • „За поетите“ (De Poetis); (зачувана е биографијата на Вергилиј, и делови од биографиите на Теренциј, Хорациј и Лукан,)
    • „За историчарите“ (De historicis)
  • „За игрите кај Грците“ (Peri ton par' Hellesi paidion, напишана на грчки)
  • „За недоличните [грчки] изрази и навреди“ (Peri blasphemion, напишана на грчки)

Изгубени

[уреди | уреди извор]
  • „Животите на царските личности“
  • „За славните блудници“
  • „За римските обичаи“
  • „За римската година“
  • „За римските празници“
  • „За видовите и имињата на облеката“
  • „За општествените должности“
  • „За државничката дејност на Цицерон“
  • „За телесните недостатоци“
  • „Начини на мерење на времето“
  • „За природата“
  • „Граматички проблеми“
  • „За критичките знаци во книгите“

Македонски изданија на делата

[уреди | уреди извор]
  • Транквил, Гај Светониј (2013). Дванаесетте римски цезари. Виолета Костеска-Петреска (преведувач). Скопје: Ѓурѓа. ISBN 978-608-201-229-2.
  • Транквил, Гај Светониј (2001). Дванаесетте римски цареви. Весна Димовска-Јањатова и Војислав Саракински (преведувачи). Скопје: Култура. ISBN 9989-32-267-8.
  1. "Suetonius". Encyclopædia Britannica, 2012. посет. 18 јуни 2012 г
  2. Плиниј Помладиот, „Писма“ 10.95
  3. L.D.Reynolds, Texts and Transmissions: a survey of the Latin classics, Oxford, 1980. The dedication, in the lost preface, is recorded by a sixth-century source when the text was still complete.
  • Barry Baldwin, Suetonius: Biographer of the Caesars. Amsterdam: A. M. Hakkert, 1983.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]