Прејди на содржината

Роза Луксембург

Од Википедија — слободната енциклопедија
Роза Луксембург
Роза Луксембург
Луксембург со Клара Цеткин, 1910

Роза Луксембург (германски: Rosa Luxemburg, полски: Róża Luksemburg; 5 март 187115 јануари 1919) — познат марксистички деец, теоретичар и политичар. Била една од главните теоретичари на Социјалдемократската партија на Германија и една од водечките личности на левото крило на социјалдемократијата во меѓународни рамки. Голем противник на Првата светска војна и на политиката на германската социјалдемократија, Роза Луксембург заедно со Карл Либкнехт го основа „Спартаковиот сојуз“. Поради своите антивоени ставови била затворена од страна на германската влада. По избувнувањето на Ноемвриската револуција во Германија во ноември 1918 е ослободена од затвор и се зафати со обединување на левоориентираните социјалдемократски групи во Комунистичката партија на Германија. По неуспешните демонстрации од јануари 1919, Роза Луксембург заедно со Карл Либкнехт е заробена од десничарскиот Слободен корпус и набрзо е убиена.

Родена е во Замошќ, Полска како Розалија Луксембург.[1][2] Потекнува од еврејско демејство и е најмала од петте деца. Во 1889 на 18 години, нејзината револуционерна агитација ја принудува да се пресели во Цирих, Швајцарија за да избегне затвор. Во Цирих таа продолжува со својата револуционерна активност, истовремено студирајќи политичка економија и право. Се стекнува со докторат во 1898. Таму таа се запознава со многу руски социјалдемократи, меѓу кои и водечките членови на партијата: Георги Плеханов и Павел Акселорд. Не помина долго време додека Луксембург ги нагласи остро теоретски разлики со Руската партија, првенствено околу прашањето на независноста на Полска: Луксембург веруваше дека самоопределувањето го ослабува меѓународното социјалистичко движење и само и’ помага на буржоазијата да го зајакне своето владеење врз новите независни нации. По ова прашање Луксембург не се согласуваше ниту со Руската ниту со Полската социјалистичка партија, кои веруваа во правата на руските малцинства на самоопределување. Не согласувајќи се со нив, Луксембург помогна во создавањето на Полската социјалдемократска партија.

Во текот на ова време Луксембург го среќава својот животен сопатник Лео Јогишес, кој во тоа време ја предводи Полската социјалистичка партија. Додека Луксембург е гласноговорник и теоретичар, Јогишес ја дополнуваше како организатор на партијата. Тие развија интензивни лични и политички врски до крајот на нивните животи.

Луксембург во 1898 отпатува од Цирих за Берлин и таму се приклучи на Социјалдемократската работничка партија на Германија. Брзо по вклучувањето во партијата, започна нејзината најжива револуционерна агитација и почнаа да се појавуваат нејзините најважни дела. Изразувајќи ги главните теми на дебатата во германската социјалдемократија во тоа време, таа во 1900 ја напиша „Реформа или револуција", насочена против ревизијата на марксистичката теорија од страна на Едуард Бернштајн.

Додека Луксембург ја поддржуваше реформистичката активност (во смисла на класна борба), целта на овие реформи била да се изврши револуција. Таа нагласуваше дека бескрајните реформи трајно би го поддржувале владеењето на буржоазијата, долго време по можноста преку пролетерска револуција да се почне да гради социјалистичко општество. Во оваа смисла, Луксембург заедно со Карл Кауцки помогна во спречувањето на влијанието на ревизионизмот во Германската социјалдемократска партија.

Со револуцијата од 1905 во Русија, Луксембург го пренасочи своето внимание кон социјалистичкото движење во Руската Империја. Таа застана зад ставот дека рускиот пролетаријат ќе ја предводи социјалистичка револуција; наспроти ставот на меншевиците и есерите (социјалистите-револуционери) и поддржувајќи ја Болшевичката партија. Луксембург отиде во Варшава во помош на руското револуционерно зајакнување и е притворена поради нејзините активности.

Во 1906 таа почна силно да ја брани теоријата за „масовниот штрајк" како најважното револуционерно оружје на пролетаријатот. Овој нејзин стремеж наиде на остра реакција во редовите на Германската социјалдемократска партија, во прв ред од страна на Август Бебел и Карл Кауцки.

Пред Првата светска војна, во 1913 година ја напиша „Акумулацијата на капиталот“, дело во кое се објаснува движењето на капитализмот во насока на империјализам. Со почетоците на Првата светска војна таа верно застана против социјал-шовинистичкото гледиште на германската социјалдемократија, која ја поддржуваше германската агресија и припојувањето на други земји. Заедно со Карл Либкнехт, Луксембург ја напушта Социјалдемократската партија и ја формира Групата Интернационала, која подоцна се преименува во Спартаков Сојуз и кој, наспроти верноста кон националната власт на официјалната социјалдемократија, агитираше германските војници да го свртат оружјето против својата влада и да ја соборат.

За оваа револуционерна агитација, Луксембург и Либкнехт беа уапсени и затворени. Во затвор Луксембург прележува поголем дел од Првата светска војна: од февруари 1915 до февруари 1916 и од јули 1916 до ноември 1918 година. Додека е во затвор, таа ја пишува својата брошура „Кризата на социјалдемократијата“ (позната и како „Јуниус брошура“) која стана теоретска основа на Спартаковиот Сојуз. Во затвор го дочекува и избувнувањето на Руската револуција и иако го оценува позитивно доаѓањето на власт на болшевиците, има неколку клучни забелешки кон нивното владеење, вклучувајќи ја нивната недемократичност, потпишувањето на Брест-литовскиот мировен договор со Германија и друго. Во септември 1918, сè уште во затвор, го пишува своето најпознато дело, „Кон Руската револуција“, изнесувајќи ги во него своите забелешки кон руските болшевици. Сепак, откако по падот на монархијата во Германија во ноември 1918 е ослободена од затвор, решава да не го објавува ова свое дело, а тоа ќе биде објавено кон крајот на 1921 година од страна на Пол Леви, тогашниот водач на Комунистичката партија на Германија.

По излегувањето од затвор, Луксембург веднаш започнува со револуционерна агитација, разобличувајќи го опортунизмот на владејачките социјалдемократи. Не можејќи да најдат заеднички јазик со раководството на Независната социјалдемократската партија на Германија, во декември таа и Либкнехт ја основаат Германска комунистичка партија.

На 15 јануари 1919 Луксембург заедно со Карл Либкнехт и Вилхелм Пик, предводници на Германската комунистичка партија, беа уапсени и испитувани во хотелот Алдон во Берлин. Иако не е познато што точно се случило, освен крајната казна, според еден опис, им било кажано дека ќе бидат преместени; германските војници ги придружувале Луксембург и Либкнехт надвор од зградата, онесвестувајќи ги кога излегувале. Пик успеал да побегне, додека онесвестените тела на Луксембург и Либкнехт биле нечујно однесени со германски воен џип. Потоа биле стрелани и фрлени во реката.

Творештво

[уреди | уреди извор]

Најзначајни дела на Роза Луксембург се:

  • Социјална реформа или револуција“ (1900),
  • Организациони прашања на руската социјалдемократија“ (1904),
  • Акумулацијата на капиталот“ (1913),
  • Кризата на социјалдемократијата“ (1915),
  • Кон Руската револуција“ (1918) и др.
  1. „Glossary of People: L“. Marxists.org. Посетено на 27 јануари 2021.
  2. „Matrikeledition“. Matrikel.uzh.ch. Архивирано од изворникот на 2020-02-06. Посетено на 27 јануари 2021.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]