Ризик
Ризик (англиски: risk) претставува можност за промена на нето-паричните приливи на претпријатието поради определени економски, технолошки и други настани (промена на пазарните каматни стапки, девизните курсеви, цените на акциите, грешки во компјутерските системи, човечки грешки, измами итн.).
Зборот „ризик“ доаѓа од францускиот збор risque и од италијанскиот збор risco, кои пак произлегуваат од латинските зборови re и secare. Оттука, првобитно зборот „ризик“ означувал „отсекува“ и се однесувал на отсечените парчиња од карпи кои претставувале опасност за морнарите.[1]
Ризикот како економска категорија
[уреди | уреди извор]Во финансиската теорија, ризикот се дефинира како девијација или отстапување од очекуваните резултати кои настанале како резултат на варијации на финансиските променливи. Ризикот е изложеност на неизвесност или неизвесност од идните исходи. На тој начин, ризикот е составен од две компоненти: неизвесност и изложеност на неизвесност.[2] Постојат многу различни дефиниции за ризикот, но она што е заедничко за сите нив се неизвесноста и можните загуби во услови на неизвесност.[3] Во економската наука, поголемо внимание на ризикот како економска категорија се посветува во последните триесетина години од 19 век под дејство на следниве фактори:
- процесот на интеграција на меѓународните пазари на стоки и услуги, капитал и работна сила и нивна сè поголема регионализација;
- појавата и развојот на мултинанационалните компании, кои влијаат врз големите трансфери на капитал и директни инвестиции од земја во земја;
- појавата и развојот на големите мултинационални банки кои се во можност да ги следат движењата на капиталот и директните инвестиции од страна на мултинационалните компании;
- зголемувањето на улогата на специјализираните банки за финансирање, рефинансирање и осигурување од комерцијални и некомерцијални ризици и за т.н. ризичен капитал;
- воведувањето промени во банкарското работење што се огледуваат во новините во организацијата и технологијата и нови видови банкарски работи.
Според една дефиниција, ризикот претставува промена или девијација од стандардниот нето - прилив на парични средства во една фирма. Притоа, стремежот на фирмата е да ја зголеми вредноста на сопствениот капитал преку овозможување максимална добивка за своите акционери, во согласност со степенот на преземениот ризик.[4] Според Одлуката за управување со ризиците на НБРМ, ризикот претставува веројатност одредена активност или настан да има директно негативно влијание врз добивката или врз сопствените средства, или да предизвика тешкотии во остварувањето на целите на банките.[5] Според меѓународниот стандард ISO 31000, ризикот претставува ефект од неизвесноста во остварувањето на целите. Според ревидираната дефиниција на COSO, ризикот претставува можност дека ќе се појават настани кои влијаат на остварувањето на деловните цели и на стратегијата.[6] Ризиците во работењето се појавуваат како последица на бројни фактори, меѓу кои најважни се оние на деловното окружување, промените во каматните стапки, промените на девизниот курс, иноваторскиот и техничкиот прогрес, прогресот на електрониката и др.
Видови ризици
[уреди | уреди извор]Фирмите се изложени на повеќе видови ризици. На пример, трговските друштва се изложени на три вида ризици:[7]
- деловни ризици (business risks) - ризиците што фирмата доброволно ги презема во работењето (на пазарот на производите на кој дејствува), а произлегуваат од технолошките промени, маркетингот, дизајнот на производот итн.
- стратегиски ризици (strategic risks) - оние што произлегуваат од фундаменталните промени во економијата и во политичкиот амбиент (промена на политичкиот систем, национализација итн.)
- Финансиски ризици (financial risks) - можните загуби на финансиските пазари.
Во групата на финансиски ризици влегуваат: пазарен ризии, кредитен ризик, ликвидносен ризик, оперативен ризик и правен ризик.[8]
Во продолжение, во работењето на банките се прави разлика помеѓу следниве најважни видови ризици:
- кредитен ризик;
- ликвидносен ризик;
- пазарен ризик;
- оперативен ризик;
- ризик од несолвентност;
- ризик од концентрација..
Кредитен ризик
[уреди | уреди извор]Кредитниот ризик (credit risk) ја претставува веројатноста дека должникот нема навреме да ги извршува своите обврски, т.е. да ги отплаќа основниот долг и каматата според договорените услови. Сите средства на банката, вклучувајќи ги и вонбилансните ставки, помалку или повеќе, се изложени на кредитниот ризик, но тој е најмногу поврзан со кредитите. Затоа, уште пред одобрувањето на кредитот, банката прави продлабочена анализа со цел да ја утврди способноста на кредитобарателот за навремено враќање на кредитот. Сепак, ниту најдобрата кредитна анализа не може да го отстрани кредитниот ризик, бидејќи по одобрувањето на кредитот можат да настанат некои промени кај должникот или во окружувањето, што ќе можат да се одразат врз неговата способност за извршување на неговите обврски кон банката. На пример, економијата може да ја зафати остра рецесија, што ќе предизвика намалување на приходите на претпријатието и, оттука, тоа не ќе може навреме да го отплаќа земениот кредит. Или, поради разни причини, човек може да остане без работа и поради тоа да не може да го врати потрошувачкиот кредит.[9]
Ликвидносен ризик
[уреди | уреди извор]Ликвидносниот ризик (liquidity risk) се дефинира како ризикот од тоа фирмата да не може да обезбеди доволно парични средства за измирување на своите краткорочни обврски во моментот на нивното достасување, или потребните средства да ги обезбеди со многу повисоки трошоци. На пример, банката се соочува со овој ризик ако не е способна да обезбеди парични средства за да излезе во пресрет на депонентите коишто сакаат да си ги повлечат своите депозити, како и да ја задоволи побарувачката на кредити од страна на кредитноспособните клиенти. Своите потреби од ликвидност, фирмата може да ги задоволи така што ќе држи одреден износ парични средства во вид на готови пари или пари на својата сметка. Сепак, имајќи предвид дека парите носат многу мал принос или, пак, воопшто не носат никаков принос, фирмите настојуваат да ги сведат паричните средства на што помало ниво. Тоа значи дека, гледано на подолг рок, фирмите ја обезбедуваат ликвидноста на други начини: да држат резерва за ликвидност (претежно, кусорочни хартии од вредност што можат многу брзо и со мала загуба во цената да се продадат на пазарот). Средствата што ги поседуваат овие одлики се нарекуваат ликвидни средства. Според тоа, ако фирмата поседува поголем износ ликвидни средства, таа е изложена на помал ликвидносен ризик. Во продолжение, фирмата може да ја обезбеди својата ликвидност и на тој начин, што ќе позајми парични средства, тогаш кога ќе има потреба за тоа. На пример, фирмата може да земе кредит од друга банка. Значи, ако фирмата има на располагање поголем износ туѓи, позајмени извори на средства (по вообичаената пазарна цена), таа се одликува со повисока ликвидност, односно со помал ризик од неликвидност.[10]
Врз основа на сето тоа, ризикот од неликвидност може да се оценува преку повеќе показатели, како што се:[11]
- Односот меѓу паричните средства и вкупните средства.
- Односот меѓу ликвидните средства и вкупните средства.
- Односот меѓу депозитите по видување и орочените депозити на банката.
Пазарен ризик
[уреди | уреди извор]Пазарниот ризик (market risk) ја покажува веројатноста за промена на добивката и пазарната вредност на капиталот на банката, предизвикана од промената на пазарните цени. Во основа, пазарниот ризик се јавува во три видови:
- каматен ризик,
- ценовен ризик и
- девизен ризик.
Каматниот ризик (interest rate risk) ја покажува веројатноста за промена на нето-каматните приходи на фирмата поради промена на пазарните каматни стапки. Со други зборови, каматниот ризик покажува колку приходите и расходите на фирмата реагираат на промените на пазарните каматни стапки. Притоа, во зависност од структурата и одликите на средствата и обврските на фирмата, промената на каматните стапки може да ги зголеми или да ги намали приходите и расходите на фирмата. Во таа смисла, сите средства и обврски на фирмата можат да се групираат во две групи: каматноосетливи и каматнонеосетливи. Каматноосетливи средства и обврски се оние чии приходи и расходи се менуваат под влијание на промените на пазарните каматни стапки. Ако промените на каматните стапки не се одразуваат врз приходите на средствата, т.е. расходите на обврските, тогаш станува збор за каматнонеосетливи средства и обврски. Според тоа, изложеноста на банката на каматниот ризик може да се мери преку показатели од типот на:[12]
- Разликата меѓу износот на каматноосетливите средства и каматноосетливите обврски.
- Односот меѓу износот на каматноосетливите средства и каматноосетливите обврски.
Ценовниот ризик (price risk) го покажува влијанието на промените на каматните стапки врз пазарната вредност на средствата на фирмата. Имено, промената на пазарните каматни стапки предизвикува промена на пазарните цени на финансиските инструменти што носат постојан принос. Оттука, при пораст на пазарните каматни стапки, пазарната вредност на средствата што ги држи фирмата (обврзници, деривати итн.) ќе се намали и тоа ќе предизвика намалување на пазарната вредност на капиталот на фирмата. Освен тоа, поради намалувањето на пазарната вредност на финансиските инструменти, фирмата ќе се соочи со остварена или неостварена капитална загуба, што ќе ја намали нејзината добивка.[12]
Валутниот или девизен ризик (currency risk, foreign exchange risk) ги одразува ефектите од промената на девизните курсеви врз добивката на фирмата, како и врз вредноста на нејзините средства и обврски. Се разбира, фирмата е изложена на овој ризик само ако има средства, обврски и вонбилансни ставки изразени во некоја странска валута. На пример, ако банката одобрила кредит во американски долари, тогаш промената на курсот на доларот ќе предизвика промена на вредноста на кредитот (искажана во денари). Така, доколку по одобрувањето на кредитот вредноста на доларот се намали, тогаш, при наплатата на кредитот, банката ќе добие помала вредност во денари во споредба со денарската вредност на кредитот во моментот на неговото одобрување.[13]
Оперативен ризик
[уреди | уреди извор]Оперативниот ризик (operational risk) ја претставува веројатноста фирмата да претрпи штета поради несоодветни внатрешни политики и процеси и вработени, како и надворешни настани. На пример, доколку во фирмата не постојат соодветни процедури за работа, нема јасна поделба на задачите и обврските или не функционира внатрешната контрола, може да се случи некој од вработените да направи ненамерна грешка со сериозни последици за фирмата. Уште повеќе, доколку фирмата нема делотворен систем на внатрешна контрола, постои опасност некој од вработените свесно да ги пречекори своите овластувања и да изврши криминални активности.[13]
Во меѓународни размери, типичен случај за тоа како еден банкарски службеник, користејќи го отсуството на внатрешни системи на контрола, може да предизвика огромна штета е пропаста на британската банка „Барингс“ (Barings). Во почетокот на 1990-тите, Ник Лисон, вработен во сингапурската филијала на „Барингс“, една од најстарите британски банки, започнал да шпекулира со деривати, при што операцијата била неуспешна, т.е. банката претрпела загуба. Со намера да ја покрие загубата, тој продолжил да купува деривати, но загубата само се зголемувала. Во меѓувреме, заради слабиот систем на контрола, раководството на банката воопшто не било свесно за загубите, така што штетата станала видлива дури кога Ник Лисон избегал од Сингапур. Кога на крајот била извршена ревизија на неговото работење, било утврдено дека тој успеал да направи загуба од неверојатни 1,5 милијарди долари! Се разбира, тогаш било премногу доцна за да се направи нешто, бидејќи загубите го поткопале капиталот на банката, која станала несолвентна и пропаднала.[14][15]
Истата приказна се повторила и во случајот на големата француска банка „Сосиете женерал“ во почетокот на 2008 година. Жером Кервиел, вработен во банката како трговец со деривати, уште во 2005 година направил една неовластена трансакција (спекулација со акции) од која остварил заработка од 500 илјади евра. Охрабрен од успехот, тој продолжил да спекулира, мислејќи дека постојано може да остварува заработка. Познавајќи го компјутерскиот систем на банката, Кервиел прикажувал лажни зделки со кои ги прикривал своите спекулативни трансакции. Потоа, влегуваќи во компјутерскиот систем под различни имиња, тој ги поништувал лажните трансакции и на нивно место вметнувал нови. Исто така, тој ја фалсификувал електронската пошта што ја добивал од клиентите, прикажувајќи дека со нив склучувал зделки. Во јули 2007 година му се насмевнала среќата и тој остварил добивка од 500 милиони долари, без да дознаат претпоставените за тоа. Тоа го поттикнало и понатаму неовластено да тргува со деривати и на крајот од 2007 година остварил добивка од 1,4 милијарди евра, но свесен дека немал дозвола за склучените трансакции, тој се исплашил од последиците и кај претпоставените пријавил добивка од само 55 милиони евра. Меѓутоа, опиен од успехот, во почетокот на 2008 година, Жером Кервиел отишол до крајни граници, склучувајќи трансакции во вредност од неверојатни 50 милијарди евра, што било повеќе од капиталот на банката!
Измамата била откриена на 18 јануари 2008 година, кога контролорите на банката откриле дека една зделка со фјучерси, во вредност од 30 милијарди евра, ги надминува пропишаните ограничувања за тргување, а истовремено, таа била премногу голема во однос на страната со која била склучена (една германска брокерска куќа). Кога бил прашан за трансакцијата, Кервиел рекол дека направил грешка, т.е. дека другата страна на трансакцијата е „Дојче банк“, но кога банката била контактирана, таа одговорила дека воопшто не склучила таква зделка! Тогаш, започнала внатрешната истрага, со која почнало да се отплеткува клопчето, т.е. притиснат од контролорите, Кервиел ги признал сè. Најпрвин, банката го криела скандалот од јавноста, велејќи дека се работи за мала грешка во компјутерскиот систем, но подоцна во истрагата се вклучило и обвинителството. Вкупната загуба на банката изнесувала 4,9 милијарди евра, што претставува најголема загуба од тој вид во историјата на банкарството.[15][16]
Понатаму, оперативниот ризик се состои и во опасноста фирмата да претрпи загуба заради технички проблеми, како што се: прекин во снабдувањето со струја, софтверски грешки, проблеми во компјутерските системи итн. Така, илустративен е примерот на „Бенк од Њујорк“ (Bank of New York), која на 20 ноември 1985 година се соочила со огромен шок, увидувајќи дека има негативно салдо на нејзината сметка кај централната банка во износ од неверојатни 23,6 милијарди долари! Тоа било предизвикано од компјутерска грешка којашто не ги примала уплатите од другите банки поврзани со трансферот на државни хартии од вредност. Поради оваа грешка, банката била принудена да земе кредит од централната банка и, се разбира, да плати камата.[13]
Оперативниот ризик, иако многу тешко се мери, има посебно значење имајќи ги предвид сè посложените организациски структури на банките, кои вклучуваат голем број служби, филијали, експозитури, шалтери, како и нивната сè поголема зависност од информациските и телекомуникациските технологии. На пример, во поново време, голем дел од активностите на банките се извршуваат преку интернет и тоа ги изложува банките на постојан притисок за обезбедување на потребната безбедност на трансакциите. Исто така, банките сè повеќе користат софтвер, информациски и телекомуникациски услуги од надворешни претпријатија, што ја наметнува потребата од воспоставување соодветни системи на управување со оперативниот ризик. На пример, ако банката користи софтвер обезбеден од различни добавувачи, лесно може да се случи новите решенија да не се соодветни на старите и, на тој начин, да се јават пречки во работењето на банката.[17][18][19]
Ризик од несолвентност
[уреди | уреди извор]Ризикот од несолвентност (solvency risk) ја претставува веројатноста нето-вредноста на фирмата да се сведе на нула или да стане негативна и поради тоа да пропадне фирмата. Притоа, една фирма е технички несолвентна ако пазарната вредност на нејзините средства е помала од вредноста од нејзините обврски. Тогаш, средствата на фирмата не се доволни да ги покријат нејзините обврски, со што пазарната вредност на капиталот (нето-вредноста на фирмата) станува негативна. Ризикот од пропаѓање на фирмата е најтесно поврзан со вредноста на нејзиниот капитал. Оттука, ако фирмата располага со поголем капитал, таа се соочува со помал ризик од несолвентност. Тоа произлегува оттаму што капиталот служи за покривање на загубите во работењето, така што колку е поголем капиталот на фирмата, толку повеќе загуби може да поднесе таа пред да стане несолвентна. Според тоа, ризикот од пропаѓање на фирмата е во тесна врска со нејзината задолженост, односно со односот меѓу сопствените и туѓите, позајмени извори на средства.[17]
Ризикот од несолвентност не е посебен вид ризик, туку претставува синтеза на сите ризици со кои се соочува фирмата или банката. Така, ако банката е изложена на премногу голем кредитен ризик (на пример, претрпела големи загуби на кредитите), ако е неликвидна (не може да ги извршува своите обврски), ако презела висок пазарен ризик (се намалила вредноста на нејзиното инвестициско портфолио или опаднале нето-каматните приходи) и ако не може да го контролира оперативниот ризик (нема контрола врз трошоците), сето тоа на крајот ќе се преслика во ризикот од несолвентност, т.е. ќе предизвика пропаѓање на банката. Според тоа, колку повеќе ризици презема банката во своето работење, толку повеќе се соочува со ризикот од несолвентност.[17]
Ризикот од несолвентност се мери преку показатели како што се:[20]
- Односот меѓу капиталот и вкупните средства.
- Односот меѓу капиталот и ризичните средства.
- Односот меѓу цената на акциите на банката и добивката по акција.
- Разликата меѓу каматните стапки што ги плаќа фирмата на издадените хартии од вредност и каматните стапки на државните хартии од вредност со иста рочност.
Првите два показатела укажуваат на значењето на капиталот како заштита од ризикот од несолвентност, така што колку се повисоки нивните вредности, толку е помал овој ризик. Последните два показатела ја нагласуваат улогата на пазарот како показател на ризикот од несолвентност. Имено, доколку фирмата презема преголеми ризици во своето работење, пазарните учесници ќе го согледаат тоа и, оттука, пазарната цена на акциите на фирмата ќе опаѓа. Исто така, како одраз на повисокиот ризик од несолвентност, фирмата ќе мора да плаќа повисока премија за ризикот на нејзините обврски, т.е. каматните стапки на хартиите од вредност што таа ги издала ќе бидат повисоки во споредба со оние на другите фирми.[20]
Ризик од концентрација
[уреди | уреди извор]Овој ризик не се однесува на поединечен кредит, туку на целото портфолио на финансиски средства. Ризикот од концентрација постои ако инвеститорот или финансиската институција има голема изложеност на кредитен ризик кон еден поединечен должник (или група меѓусебно поврзани должници), кон една географска област, кон еден стопански сектор, итн. Ризикот од концентрација се намалува преку диверзификација на ризикот според географски области, стопански сектори, демографски и социјални групи, итн.[21]
Управување со ризиците
[уреди | уреди извор]Првиот чекор во управувањето со ризиците е расчленување на секој финансиски инструмент на неговите „градежни блокови“ (building blocks). На пример, конвертибилната обврзница може да се расчлени на нејзината акциска компонента и на обврзничката компонента. На ова ниво, сите финансиски инструменти се распределуваат по одделни категории на ризик. Вториот чекор се состои во собирање (агрегирање) на сите финансиски инструменти што го сочинуваат портфолиото во секоја категорија на ризик. Во третиот чекор се утврдува ризикот на портфолиото како комбинација на одделните изложености на ризикот и заедничките одлики на факторите на ризик.[22]
Управување со ризиците во банкарството
[уреди | уреди извор]Според регулативата на НБРМ, банката е должна да воспостави систем за управување со сите ризици на кои е изложена и кој треба да биде соодветен на природата, големината и сложеноста на финансиските активности коишто ги врши банката.[23] Процесот на утврдување, мерење, следење и контрола на ризиците е познат како управување т.е. раководење со ризиците (risk management). Управувањето со ризиците претставува дел од деловната политика на банката, а согласно со тоа, управувањето со ризикот може да се дефинира како банкарска функција на осигурување од ризик. Тоа би значело збир на активности за идентификација на изложеноста на ризик за сите категории на средства, со проценка на потенцијалните загуби, процес на ризик кој опфаќа мерење и анализа на загубите во минатото како би се процениле променливите кои ќе дејствуваат во иднина, контрола на ризикот во смисла на смалување или елиминирање на ризикот на загуба со примена на сите видови на осигурувања, финансирање на ризикот и обезбедување на резерви, вклучувајќи и осигурување и на крај развој на административната техника и користење на стручни знаења.
Генерално, целта на управувањето со ризиците во банкарското работење е оптимализација на односот меѓу ризикот и приносот. Односот меѓу ризикот и приносот може да биде двостран. Банката може да биде офанзивна, односно агресивна во своите активности и да одбере портфолио што е поризично, но што ќе носи поголем принос. Ако, пак, банката одбере дефанзивен пристап во управувањето со ризиците во своето работење, тогаш таа ќе одбере портфолио на средства и на обврски што е помалку ризично и носи помал принос. Според тоа, централниот проблем на којшто банките треба да обрнат внимание при управувањето со ризиците е урамнотежувањето помеѓу ризикот и приносот. Управувањето со ризиците во банкарството има две основни цели:[24]
- да се избегне несолвентноста на банката;
- да се максимализира стапката на принос на капитал.
Управувањето со ризиците опфаќа неколку фази:
- идентификација на ризикот;
- мерење на ризикот;
- контрола на ризикот;
- следење на ризикот;
- осигурување од ризикот;
- отстранување на ризикот.
Идентификација на ризикот
[уреди | уреди извор]Оваа фаза се однесува на откривање на постојните ризици и на тие што од разни причини би можеле да се појават во иднина. Таа треба да покаже за каков вид на ризик се работи, дали е тоа ризик што се појавува во внатрешното работење на банката или е надворешен, со какви показатели се искажува и како се рефлектира на работењето на банката, кои мерки треба да се преземат за ограничување на неговото дејствување, каква е улогата на државните органи во постапката на управување со ризиците итн. Идентификацијата на ризикот е тесно поврзана со постапката за нивна оценка. Оценката за ризикот вклучува најразлични количински и квалитативни размислувања. Оценката на ризикот има и надворешен карактер. Тоа подразбира постојано следење на пазарот на потребите од финансиски средства, кој опфаќа неколку димензии за оценка.
Мерењето на ризикот
[уреди | уреди извор]Мерењето на ризиците е најсложената фаза од процесот на управување со ризиците. Без нивно квантитативно споредување не е можно контролирање на ризиците, ниту пак поставување ограничувања за нивната големина. Како мера на ризиците на банкарското работење вообичаено се јавува "вредноста изложена на ризик" (VaR, Value At Risk), која ја претставува максималната загуба што може да се појави во определен временски хоризонт, при дадено ниво на толеранција. Под ниво на толеранција се подразбира веројатноста дека загубите ќе ја пробијат математичката проектирана граница. Прагот на толеранција го одредува самата банка, но понекогаш тоа ниво го одредуваат и регулаторните органи. Со помош на квантитативното одредување на VaR, банките го определуваат адекватното ниво на економскиот капитал, односно капиталот под ризик (CaR, Capital At Risk). CaR е мера на потенцијалните загуби на целокупното портфолио на банката, односно тоа е капиталот на банката што е потребен за покривање на евентуалните загуби при исто ниво на толеранција. При дадено ниво на толеранција, CaR е еднаков на вредноста на потенцијалните загуби. Со примена на овие мерки, банката може приближно да ги утврди големините на ризиците и со така утврдените големини да ги вкалкулира ризиците во конечната номинална каматна стапка по која ќе ги нуди кредитите.
Квантитативните показатели на ризикот може да се групираат во три групи:[25]
- осетливост (sensitivity) - ги покажува промените на некоја целна големина (доход, профит, каматна маржа итн.) при единечна промена на некој поединечен пазарен параметар (каматна стапка, девизен курс, цена на акција итн.).
- променливост (volatility) - ги покажува варијациите (дисперзијата) на некоја случајна големина околу нејзината очекувана вредност
- надолни мерки на ризикот - ги мерат само последиците од неповолните движења на некој пазарен пареметар (на пример, Вредноста изложена на ризик).
Контрола на ризикот
[уреди | уреди извор]Контролата на ризикот е многу важна фаза во која се применуваат најновите супервизорски стандарди. Контролата се применува со цел да не се случат некои непредвидливи негативни последици кои ноже да ја доведат банката во ситуација на несолвентност и неликвидност. Ризикот од неадекватна контрола се зголемува со големата комплексност на финансиските пазари, која ја отежнува можноста во рамките на постојните сметководствени стандарди да се согледаат сите аспекти на ризиците. Во зависност од видот на ризикот, степенот на неговата изразеност и промените во условите на работењето на банките, може да се определат различни мерки и активности за негово отстранување, намалување или пак прифаќање. Ако штетата од конкретниот ризик е помала од користа што може да се добие од него, банката најверојатно и ќе го прифати ризикот.
Следење на ризикот
[уреди | уреди извор]Банката е должна кога ќе го регистрира конкретниот ризик, постојано да го следи и во зависност од неговата појавна манифестација, да преземе мерки за негово ставање под контрола. За таа цел, банката периодично изготвува информативни и што попрецизни извештаи за следење на ризикот и врз нивна основа, презема соодветни заштитни мерки против ризикот.
Осигурување од ризикот
[уреди | уреди извор]Осигурувањето од ризикот претставува комбинација на мерки кои се во функција на обезбедување од појава на ризичен настан кој може да се случи во редовното работење на банката. Комбинацијата на мерките е определена од видот на ризикот и од начинот на внатрешната организација на банката. Треба да се разграничат два вида на осигурување од ризик. Првиот е материјален вид на осигурување, а другиот е нематеријален вид на осигурување од ризик. Материјалниот вид на осигурување содржи комбинација на мерки со кои се врши материјално обезбедување на враќање на материјалните средства, а нематеријалниот вид на осигурување се однесува на организацискиот аспект на проток на информации, наредби и на следење на работењето на банката и на нејзините коминтенти. Осигурувањето од комерцијалните ризици има голема улога во кредитирањето на пазарните економии. Секоја современа банка располага со сопствен модел за осигурување од комерцијалните ризици. Осигурувањето од некомерцијални ризици во банкарското работење е предмет на работа на специјализирани финансиски институции. Така, во рамките на меѓународното движење на капиталот и дејствувањето на меѓународните финансиски институции, главно место за осигурување од некомерцијални кредити зазема Меѓународната агенција за гарантирање на инвестициите (MIGA).
Отстранување на ризикот
[уреди | уреди извор]Отстранувањето на ризикот е последната фаза од управување со ризиците во банкарското работење. Целта што се сака да се постигне со оваа фаза е како да се минимизира секоја евентуална можност за појава на несакан ризичен настан, за да не се загрози материјално - финансиското работење на банката. Минимизирањето на ризикот има и уште една цел - како да постапи раководството на банката кога ризикот ќе се појави, односно дали да се преземат мерки за негово отстранување или ќе се прифати ризикот во краток рок за да се добијат финансиски погодности во подолг рок.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Philippe Jorion, Value at Risk: The New Benchmark for Controlling Market Risk. New York et al.: McGraw-Hill, 1997, стр. 66.
- ↑ Cvetanović, S. (2008), Banking, Dalhousie University - Electronic Text Centre, France, стр. 7-11.
- ↑ Cvetinovic. M. (2008), Upravljanje rizicima u finansiskom poslovanje, Beograd.
- ↑ Shelagh Heffernan, Modern Banking, John Wiley & Sons, 2009, стр. 113.
- ↑ „Одлука за управување со ризиците“, Службен весник на РМ, бр. 31/2008.
- ↑ Михајло Борозанов, „Како да се имплементира современ метод на корпоративно управување со ризиците?“, Економија и бизнис, година 19, број 227, мај 2017, стр. 58.
- ↑ Philippe Jorion, Value at Risk: The New Benchmark for Controlling Market Risk. New York et al.: McGraw-Hill, 1997, стр. 3-4.
- ↑ Philippe Jorion, Value at Risk: The New Benchmark for Controlling Market Risk. New York et al.: McGraw-Hill, 1997, стр. 14.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 63.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 64-65.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 65.
- ↑ 12,0 12,1 Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 66.
- ↑ 13,0 13,1 13,2 Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 67.
- ↑ Shelagh Heffernan, Modern Banking, John Wiley & Sons, Chichester, UK, 2005, стр. 376-389.
- ↑ 15,0 15,1 Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 68.
- ↑ Martin Arnold, Peter Thal Larsen, Peggy Hollinger, John O’Doherty, Richard Milne, “How Kerviel exposed lax controls at Société Générale”, Financial Times, 7 February 2008.
- ↑ 17,0 17,1 17,2 Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 69.
- ↑ Operational Risk Management, Basle Committee on Banking Supervision, Basle, September 1998.
- ↑ Sound Practices for the Management and Supervision of Operational Risk, Basel Committee on Banking Supervision, Bank for International Settlements, Basel, Feb¬ruary 2003.
- ↑ 20,0 20,1 Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 70.
- ↑ Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 137.
- ↑ Philippe Jorion, Value at Risk: The New Benchmark for Controlling Market Risk. New York et al.: McGraw-Hill, 1997, стр. 103.
- ↑ "Одлука за управување со ризиците", Службен весник на РМ, бр. 31/2008.
- ↑ Љупчо Трпески, Банкарство & Банкарско работење, Скенпоинт, 2009, стр. 358.
- ↑ Joël Bessis, Risk Management in Banking (second edition). Chichetser, UK: John Wiley and Sons, 2002, стр. 77.
|