Прејди на содржината

Ра

Од Википедија — слободната енциклопедија
Богот Ра

Ра, понекогаш именуван и како Ре — древен египетски бог на Сонцето. Сè до Петтата династија тој бил едно од главните божества во древната египетска религија, и примарно се идентификувал со пладневното сонце, а со другите божества ги претставувал другите позиции на сонцето. Ра се менувал многу со текот на времето и подоцна за него се говорело дека го претставува Сонцето во сите фази од денот.

Главниот центар на култот од Ра најпрво бил во Хелиопол (древниот Инуну) кој значи „Град на Сонцето“. Во подоцнежните египетски династички времиња, Ра бил помешан со богот Хор како Ре-Хоракту. Штом неговото обожување стекнало таква важност во египетскиот пантеон, за него се верувало дека управува со небото, земјата и подземјето. Тој бил поврзан со соколот т.е. симболот на другите сончеви божества кои ги заштитуваа фараоните во подоцнежните митови.

Потекло на поимот

[уреди | уреди извор]

Значењето на името Ра е неодредено, но главно се смета дека значи Сонце или дека е поврзано со „креативна сила“. Со самиот напредок на неговиот култ во египетскиот пантеон, Ра честопати го заменувал Атум како татко, дедо и прататко на боговите од Енеадата, па така стана творец на светот.

За Ра се сметало дека е татко на децата од Хатор, бидејќи тогаш божествата биле поврзувани со фараоните. Иако не е современо мислење, брилијантниот Е.А. Волис Баџ (1857-1934) тврди дека Ра е единствениот бог на египетскиот монотеизам, додека сите други богови се само негови аспекти, манифестации, фази или форми. Како потврда на ваквиот став (во Папирусот на Ани т.е. египетската Книга на мртвите) тој ја наведува химната на Ра (1370 п.н.е.) која била напишана за да се нагласи пантеистичката природа на Ра и со тоа да се спречи надоаѓачкиот политеизам. Во оваа химна неколку богови се опишани како битија кои стојат од негова десна страна, но сепак тие се само одредени форми на Ра. На пример:

„Поздрав до тебе, о, Ра, ти си издигната Сила, кој влегуваш во престојувалиштата на Аменти, погледни (твоето) тело е Атум“.
Поздрав до тебе, о, Ра, ти си издигната Сила, кој влегуваш во скриените палати од Анубис, погледни (твоето) тело е Кепра“.

Сè до средината на дваесеттиот век, теориите на египтолозите постулираа дека свештенството од Хелиополис ја вовело Енеадата, со цел да го издигнат нивното локално сончево божество Ра над сите други божества од видот на Озирис. Многу египтолози денес го оспоруваат ова. Поверојатно е дека Големата Енеада - деветте божества: Атум, Геб, Изида, Нут, Озирис, Нефтида, Сет, Шу и Тефнут, најпрво се појавила во текот на опаѓањето на култот кон Ра во шестата династија, и дека по воведувањето на новата Енеада култот кон Ра наскоро доживеал голема обнова која траела сѐ дури обожувањето на Хор не стекнало голема популарност. Потоа обожувањето се фокусирало на синкретистичкото сончево божество Ра-Характу (Ра, кој е Хор на Двата Хоризонта).

Во текот на периодот од Амарна во 18. династија, Акенатен го вовел обожувањето на друго сончево божество познато како Атен. Обоготворениот сончев диск го претставувало неговото примарно регионално божество, бидејќи тој се обидувал да го намали влијанието на храмот од Атум. Тој го изградил Веџес Атен (Wetjes Aten - издигнатиот Сончев-диск) храмот во Ану. Блоковите од овој храм подоцна беа искористени во изградбата на ѕидовите од средновековниот Каиро и се вклопени во некои од градските порти. Култот на бикот Мневис, кој е отелотворување на Ра, го имал својот центар овде, па се воспоставило формално погребно место за жртвување на бикови на северната страна од градот.

Во подоцнежните митови Ра е прикажуван како создател на Секмет, раната лавица и воинствена божица, која претходно доволно го казнувала човештвото во форма на одмаздничкото „Око на Ра“. На овој начин се присвојува тематиката на претходните митови како да се само аспекти на Ра, па честопати се говори дека тој е татко и на двајцата и брат на богот Озирис. Потоа речиси сите форми на живот наводно биле создадени само од Ра, кој сите нив ги оживотворил преку изговарање на нивните тајни имиња, па дури и луѓе биле создавани од солзите и потта на Ра. Заради тоа, Египќаните себеси се нарекувале „добитокот на Ра“

Симболизам

[уреди | уреди извор]

Богот Ра многу од неговите симболи ги споделувал со другите сончеви божества, особено со Хор, кој обично бил прикажуван како сокол. Во уметноста Ра примарно е насликуван како човек кој носи фараонска круна (знак за водство меѓу боговите) и сончев диск над неговата глава. Честопати имал глава од сокол слично како и Хор. Во понатамошните митови за Ра, сонцето е прикажувано различно во зависност од неговата позиција на небото. Припишувањето на различни имиња на сонцето, во зависност од неговата позиција на небото, било рана тема во египетските митови.

При изгревот тој бил младото момче Кепра, на пладне сокологлавиот Ра и при заоѓање стариот Атум. Ваквото постојано стареење било наведувано од некои подоцнежни Египќани како причина зошто Ра се одвоил од светот и ги оставил Озирис или Хор да владеат на негово место. Оваа идеја често е поврзувана со митот во кој Изида успеала да го измами стариот Ра преку откривање на неговото тајно име, и на тој начин ја стекнала неговата тајна моќ и владеела како фараонка на земјата. Ра понатаму ја изгубил својата моќ, а притоа се зголемила важноста на култовите кон Изида и Озирис.

Птицата Бену е Раовата „ба“ (суптилно тело (душа) на боговите со кое дејствуваат во вишите димензии) и симбол на огнот и повторното раѓање. Вадјет (wadjet) сончевиот диск, исто така, прикажуван преку хиероглифот ⊙, го симболизира животот што е даден од Сонцето.

Обелискот ги претставува зраците на Сонцето и бил обожуван како дом на сончевиот бог.
Пирамиди - кои го порамнуваат истокот со западот,
Сокол,
Бикот - за време на астролошката ера на Бик
Кобрата - обвиена околу сончевиот диск; форма на божицата Вадјет. Некои традиции тврдат дека првата Вадјет била создадена од божицата Изида, која ја создала од прашината на земјата и од плунката на Атум.
Уреусот - со негова помош Изида го здобила престолот на Египет за нејзиниот сопруг Озирис.

За Ра, како Сонце, се сметало дека гледа сѐ. Се верувало дека Ра, како и Атум, биле татковците на Шу и Тефнут, кои потоа ги имале Геб и Нут. Овие пак подоцна биле родители на Озирис, Изида, Сет и Нефтида. Сите деветмина ја чинат хелиополската Енеада.

Ра или Хелиос е веројатно еден од најстарите богови кои ги обожавале Египќаните. Неговото име е толку старо што значењето му е непознато. Тој во сите периоди бил видлив амблем и претставник на Бога. На него секојдневно му биле принесувани дарови и жртви; времето т.е. денот започнувал кога Ра се појавувал над хоризонтот во облик на сонцето, а и човековиот живот бил спореден со неговото секојдневно патување. Се верувало дека Ра плови по небото во два чуна (барки). Во едната патувал од изгревањето на сонцето до пладне, а во другата од пладне до заоѓањето на сонцето, додека за време на ноќта се одморал во телото на Нут за идното утро повторно да се роди. Додека се раѓал бил нападнат од Апеп, моќен змеј или змија, претставник на мракот и злото. Ра се борел со него, сè додека не го забодел со стрелата која ја упатил на него. Оваа приказна се повторува во легендата за борбата помеѓу Хор и Сет, и во двете приказни всушност се претставува борбата меѓу светлината и темнината. Бидејќи Ра бил „татко на боговите“, секој бог требало да претставува некоја негова одлика, вид или облик.

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Collier, Mark and Manley, Bill. How to Read Egyptian Hieroglyphs: Revised Edition. Berkeley: University of California Press, 1998.
  • Salaman, Clement, Van Oyen, Dorine, Wharton, William D, and Mahé, Jean-Pierre. The Way of Hermes: New Translations of the Corpus Hermeticum and The Definitions of Hermes Trismegistus to Asclepius. Rochester: Inner Traditions, 1999.
  • Hans Bonnet: Re, in: Lexikon der ägyptischen Religionsgeschichte, Nikol Verlag Hamburg 2000 ISBN 3-937872-08-6 S. 626-630.
  • Adolf Erman: Die Aegyptische Religion, Verlag Georg Reimer, Berlin 1909
  • Wolfgang Helck, Eberhard Otto: Re, in: Kleines Lexikon der Ägyptologie, Harrassowitz Verlag Wiesbaden, 1999 ISBN 3-447-04027-0 S. 244f.
  • Erik Hornung: Der eine und die Vielen, Ägyptische Gottesvorstellungen, Darmstadt 1971 ISBN 0-353-40505-1.