Полиграф
Полиграф или детектор на лаги — направа што ја користи психичката напнатост создадена од поставени прашања и нејзиното дејствување врз работата на вегетативниот нервен систем и биолошките промени, кои ги регистрира со инструменти за мерење на крвниот притисок, работата на срцето, дишењето и потењето.
Конструирање на првиот полиграф
[уреди | уреди извор]Во 1921 година, Џон Ларсон, студент по медицина на Калифорнискиот универзитет, користејќи ги резултатите од своите претходници, го конструирал првиот полиграф. Со негова помош ги мерел: крвниот притисок, дишењето и пулсот. Првпат полиграфот бил употребен во 1921 од страна на Ларсон. Со него тој успеал да открие една девојка меѓу 90 други, која вршела кражби на скапоцени предмети во женскиот интернат во Калифорниското сеучилиште.
Составни делови на полиграфот
[уреди | уреди извор]Современиот полиграф во својот состав вклучува:
- кардиограф
- пневмограф и
- галванограф.
Преку кардиографот се следи срцевата активност на испитаникот преку скала на која може да се чита честотата која се изразува бројчено. Кога е приклучен на полиграфот, кардиографот ги регистрира падот и порастот на срцевиот ритам. Со него се следат две функции на работа на срцето: одвоена промена во срцевиот ритам помеѓу секој срцев импулс, изразен преку степенаст дијаграм (како кај ЕКГ) и другите срцеви активности, изразени преку дијаграм со обична линија. Преку добиениот кардиограм се воочува односот на дразбата и срцевата реакција, степенот на поединечни реагирања, промената на пулсната брзина и амплитудата на пулсниот бран.
Преку пневмографот се регистрираат промените во респираторниот волумен (односот на вдишување и издишување) и честотата на дишење на испитаникот. Двата приклучоци се ставаат на градите и на стомакот и се во вид на набрана гумена пневмографска цевка. Параметри кои се анализираат се големината на волуменот, односот вдишување-издишување, посебно блокадата на дишењето и потиснатото дишење.
Преку галванографот се регистрираат промените во галванско-рефлексната активност на кожата - потењето. Приклучокот на овој дел се става на дланките или прстите на испитаникот, по што се пропушта слаба струја со спротивен поларитет и се мери отпорот на пропуштената струја. Струјата полесно ќе тече (т.е. ќе има помал отпор) ако дланката е повлажна, односно потењето е поголемо.
Во минатото полиграфите имале поголем број на составни делови, како што биле ергографот (за мерење на тресењето на рацете и телото), оксимографот (сличен на галванографот), плетизмографот (за испитување на правилноста на крвотокот) и сл., меѓутоа тие денес се исфрлени од употреба.
Видови тестови за полиграфско испитување
[уреди | уреди извор]При испитување со полиграф се користат два метода: тест на врв на напнатост (индиректна метода) и тест на контролни прашања (директна метода). Кога полиграфскиот испитувач се среќава со испитаник што ги познава деталите за настанот, се користи директниот метод. Тестот содржи клучни прашања, контролно прашање и прашањето на комплексот на вина. Контролното прашање предизвикува возбудување кога испитаникот дава лажен одговор, а потоа таа реакција се споредува со клучните прашања и со прашањето на комплексноста на вината. Лицето кое не лаже нема да покаже реакција на клучните прашања различна од реакцијата на останатите прашања.
Техника наречена тивок тест се применува во случаи кога испитаникот не сака да одговара на прашањата, како и кај оние кои наместо со да или не, ги коментираат прашањата, т.е. имаат неодолива желба за зборување. Се врши на тој начин што испитаникот внимателно ги слуша прашањата и ги одговара во себе.
Покрај нив, постојат експериментални тестови, идентификациони тестови, групни тестови, генерални тестови, тестови за пронаоѓање на лица, кои најчесто се спроведуваат со методот на тивок тест.
Полиграфска лабораторија
[уреди | уреди извор]Полиграфските испитувања се вршат во полиграфска лабораторија. Таа е звучно изолирана просторија со ограничување за влегување. Пред испитувањето, испитаникот се запознава со начинот на полиграфското испитување и се разговара со цел истиот да се опушти, за да се спроведе поефикасно испитување. Бојата на ѕидовите во просторијата најчесто е бледо-сина, а на ѕидовите нема никакви предмети кои можат да го одвлечат вниманието на испитаникот.
Во полиграфските лаборатории нема прозорци, телефон или слични предмети, светлото е пригушено. Испитувањето е однапред подготвено и прилагодено за секој случај посебно, во зависност од познатите факти. Пред почетокот на испитувањето, се читаат сите прашања, со што се зголемува врвот на напнатост кај лицето што има намера да излаже, а ја елиминира напнатоста кај тој што има намера точно да одговори или е погрешно осомничениот. Прашањата се читаат со едноличен монотон глас.
Принцип на доброволност
[уреди | уреди извор]Пред секое полиграфско испитување, лицето потпишува изјава за доброволно пристапување кон ваквото испитување.
Валидност
[уреди | уреди извор]Резултатите од полиграфските испитувања имаат мала вредност за научните кругови. Податоците од минатиот век говорат дека околу 75% од толкувањата (анализата на графиконите) се точни, а во 25% се пронајдени субјективни проценки на испитувачот. Според тоа, степенот на точност на толкувањето на полиграмите зависи во голем процент од искуството на испитувачот, неговата вештина и знаење, како и општата ментална и емоционална стабилност на испитаникот.
Според извештаите на ФБИ од јуни 1980 година, различни институции ја испитувале прецизноста на полиграфот:
- Универзитетот во Јута - 89,7%
- Темпл Универзитетот, во студија спроведена за американската армија - 92,4%
- Универзитетот Стенфорд - 96,2%
- Универзитетот Гофт во Индија-90,0%
- Универзитетот Британска Колумбија - 96,0%
- Јаголскиот Универзитет во Полска - 95,0%.
Испитувањата од 1997 покажуваат точност од 61% [1], а од 1998 година Врховниот суд на САД не прифаќа за релевантни какви било информации добиени со полиграфско испитување.[2] Во 2005, Апелациониот суд на САД престана да ги смета за валидни податоците добиени со полиграфски испитувања, со објаснување дека тие покажуваат дека голем процент неточност.
Кој не смее да биде полиграфски испитан
[уреди | уреди извор]Бремените жени не смеат да се испитуваат после петтиот месец од бременоста[3]. Лицата со пречки во развојот спаѓаат во крајно неподобна категорија за испитување, заедно со душевно болните, бидејќи кај нив отсуствува психичкото дејство од прашањата. Деца што не наполниле 14-годишна возраст, во никој случај не смеат да се подложат на полиграфско испитување. Поради отсуството на зрелост, тие не се во состојба да го разликуваат вистинитиот од лажниот одговор, а кај останатите малолетници примената зависи од степенот на интелигенција и општата зрелост кај секој случај посебно. Лицата над шеесетгодишна возраст, поради можност за присуство на артеросклеротични промени, сенилни деменции и слични физиолошки абнормалности, се тестираат на полиграф откако ќе се утврди дека се здрави.
Со подолготрајно вежбање на јога и слични психички вежби, како на пр. фидбекот, може да се контролираат дури и работата на срцето, притисокот, дишењето и други физиолошки процеси во организмот.
Законска основа за примена на полиграфот
[уреди | уреди извор]Во кривичната и предкривичната постапка, полиграфот не претставува доказен материјал, туку индиција во кој правец да се продолжи истрагата. Во важечките прописи на Република Македонија, употребата на полиграфот во Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда, е предвидена со Законот за кривична постапка, во строго определени услови.
Полиграфот како тема во популарната култура
[уреди | уреди извор]- „Детектор на лаги“ (Lie Detector) — песна на американската панк-група „Дед Кенедис“ (Dead Kennedys) од 1986 година.[4]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ {{[1]. Time. 9 септември, 2002 }}
- ↑ {{[2]}}. Time. 23 мај, 2005
- ↑ „Polygraph тест“. Посетено на 2019-02-18.
- ↑ Discogs, Dead Kennedys – Bedtime For Democracy (пристапено на 20.5.2020)
|