Педро Калдерон де ла Барка
Педро Калдерон де ла Барка | |
---|---|
Роден/а | 17 јануари 1600 Мадрид, Шпанија |
Починат/а | 25 мај1681 Мадрид, Шпанија |
Занимање | драматург, поет и писател |
Книжевно движење | Шпански златен век |
Педро Калдерон де ла Барка (шпански: Pedro Calderón de la Barca, роден на 17 јануари 1600 во Мадрид - починал на 25 мај 1681 во Мадрид) — шпански драматург, поет и писател од ерата на Шпанскиот златен век.
Животопис
[уреди | уреди извор]Педро Калдерон де ла Барка е роден во Мадрид, а потекнувал од старо, но осиромашено аристократско семејство. Во Мадрид го добил почетното образование од језуитите, а студирал теологија во Саламанка, но не ги завршил студиите. Калдерон, поради своето потекло, на 37-годишна возраст бил посветен за рицар во братството Сантјаго. Тој учествувал во војната со Франција во 1638 година и во задушувањето на каталонското востание во 1640 година. На педесетгодишна возраст примил свештенички чин и потоа живеел мирен живот во кралскиот дворец, бавејќи се со пишување. Тој бил голем реакционер - приврзаник на контрареформацијата, ортодоксниот католицизам и апсолутната монархија.[1]
Творештво
[уреди | уреди извор]Заедно со Лопе де Вега, Калдерон де ла Барка е најголемиот писател од времето на шпанскиот класичен театар. Истовремено, тој бил последниот голем писател во златниот век на шпанската книжевност. Како човек со голем дух, се обидел да го синтетизирал славното минато и да се вивне повисоко од своите претходници, но повеќепати се изгубил во мракот на своите мисли и предрасуди. Како сведок на пропаѓањето на една голема епоха, решението го побарал во бегството од стварноста и свртувањето кон апстрактните теми поврзани со моралот, честа, гордоста, жртвата, сонот, смртта, постоењето, итн. Во своите драмски дела создавал поезија која ја нарекувале „чиста“. Калдерон бил поет на католицизмот и на мистиката, славејќи ги христијанскиот морал, мачеништвото, постојаноста во верата, моќта на магијата и чудата. Притоа, напишал голем број прикажувања на светата тајна (autos sacramentales) во кои се занимавал со теологијата и мистеријата на верата.[2]
Во областа на драмското творештво, Калдерон бил непосреден следбеник на Лопе де Вега. Меѓутоа, за разлика од де Вега, чии дела се одликуваат со едноставност зашто се свртени кон народот, Калдерон бил дворски човек и создавал дела наменети за елитата. Освен тоа, тој бил поет на високиот барок, поради што многу често неговите дела се пренатрупани со раскошни метафори. Всушност, во неговото творештво се споени сите елементи на двете главни струи во шпанската поезија од 16 век – култеранизмот и Концептизам|концептизмот]]. Оттука, критичарите често истакнуваат дека Калдерон аристократски поет; дека ја претставува уметноста (артизмот); дека конструира и доработува; дека обработува универзални теми; дека е помалку оригинален од Лопе де Вега, но подлабок и порефлексивен; дека става акцент на мисловноста и на симболите; дека создава хиерархија, вниманието го става врз поединците и создава големи драмски фигури.[3]
На почетокот на кариерата, Калдерон де ла Барка пишувал применувајќи ја техниката на Лопе де Вега, а обработувал историски теми или теми од современиот живот, со љубовни заплети. Од тоа време, познати се неговите две комедии од 1629 година, „Жена-вампир“ (La dama duende) и „Куќа со две порти тешко се надгледува“ (Casa con dos puertas mala es a guardar). Сепак, типични за неговото творештво се драмите во кои се обработуваат честа и љубомората, како што се „Лекар на својата чест“ (El medico de su honra, 1635) и „Најголемото чудовиште на светот“ (El mayor montruo del mundo, 1635). Од религиозните драми, најпознати се: „Посветеност на крстот“ (La devocion de la Cruz, 1625), „Постојаниот принц“ (El principe constante, 1629) и „Волшебниот гаталец“ (El magico prodigioso, 1637), која ососбено ја ценеле германските романтичари, зашто тематски е слична на „Фауст“. Меѓутоа, врвот во неговото творештво го сочинуваат драмите „Судијата од Заламеја“ (El alcalde de Zalamea, 1643) и „Животот е сон“ (La vida es sueño, 1635).[4]
Значење и влијание
[уреди | уреди извор]Гете имал високо мислење за Калдерон, опишувајќи го како „оној гениј кој воедно имал и најголем разум“[5] и „како бескрајно голем во техничка и театрална смисла“. Меѓутоа, според неговото признание, без оглед на тоа што му се восхитувал, Калдерон не извршил никакво влијание врз него, ни во добра ни во лоша смисла.[6]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Nikola Milićević, „Između sna i jave“, во: Pedro Kalderon de la Barka, Život je san. Beograd: Rad, 1977, стр. 119.
- ↑ Nikola Milićević, „Između sna i jave“, во: Pedro Kalderon de la Barka, Život je san. Beograd: Rad, 1977, стр. 119-120.
- ↑ Nikola Milićević, „Između sna i jave“, во: Pedro Kalderon de la Barka, Život je san. Beograd: Rad, 1977, стр. 120-121.
- ↑ Nikola Milićević, „Između sna i jave“, во: Pedro Kalderon de la Barka, Život je san. Beograd: Rad, 1977, стр. 121-122.
- ↑ J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 57.
- ↑ J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Rad, Beograd, 1960, стр. 69.
|