Пат (филм од 1954)
„Пат“ или „Улица“ (италијански: La Strada) - италијански филм од 1954 година, во режија на Федерико Фелини. Главните улоги ги толкуваат: Ентони Квин, Џулиета Масина, Ричард Бејсхарт итн. Често, филмот е познат и како „La Strada“ (по оригиналниот наслов). Во 1954 година, филмот ја добил наградата „Сребрен лав“ на Филмскиот фестивал во Венеција, а во 1957 година добил „Оскар“ за најдобар странски филм.[1]
Содржина
[уреди | уреди извор]Зампано (го игра Квин) е забавувач кој патува со својот мотор по малите места, кинејќи железен синџир со градните мускули. Откако умира неговата придружничка Роза, тој оди кај нејзината мајка и за 10.000 лири ја купува девојката Џелсомина (ја игра Месина). Зампано е груб со Џелсомина и постојано оди со други жени, така што таа го напушта, но тој ја пронаоѓа и повторно ја зема со себе. Тие му се придружуваат на еден циркус, но откако еден член на циркусот го исмева Зампано, тој започнува да го брка со намера да го убие. Оттука, Зампано е уапсен и затворен, а Џелсомина ја одбива понудата да остане во циркусот или да замине со човекот од циркусот, туку останува со Зампано. Патувајќи од едно до друго место, тие случајно го среќаваат човекот од циркусот и Зампано започнува да го тепа, нанесувајќи му смртоносни повреди. Потоа, Зампано го фрла неговото тело под мостот, но оттогаш Џелсомина постојано тагува по убиениот. Затоа, Зампано ја остава крај патот и ја напушта. Неколку години подоцна, како дел од патувачки циркус, Зампано гостува во еден град, каде ја слуша омилената музика на Џелсомина и дознава дека таа умрела пред неколку години. Една ноќ, откако се опива во кафеаната, Зампано легнува на морскиот брег и почнува да плаче...[2]