Огнена топка (филм од 1941)
Огнена топка (англиски: Ball of fire) - американски филм од 1941 година, во режија на Хауард Хокс (Howard Hawks), според сценариото на Били Вајлдер (Billy Wilder) и Чарлс Брекет (Charles Brackett). Главните улоги ги граат: Гари Купер (Gary Cooper), Барбара Стенвик (Barbara Stanwyck), Дејна Ендрјус (Dana Andrews) и др. Филмот, кој е инспириран од бајката „Снежана и седумте џуџиња“, бил номиниран за наградата „Оскар“ во четири категории.[1]
Синопсис
[уреди | уреди извор]Во една куќа, изолирани од останатиот свет, работат осум професори, кои пишуваат енциклопедија. Најмладиот од нив, професорот Бертрам Потс (го игра Купер) е јазичар. Еден ден, во разговорот со собирачот на ѓубрето, тој сфаќа дека воопшто не го познава современиот сленг и затоа излегува надвор, со намера во баровите, парковите и улиците да се запознае со уличниот јазик. Во еден бар, тој го следи настапот на музичката група чиј дел е една убава танчерка Шугарпус (ја игра Стенвик). Потс ја кани танчерката во неговата куќа за да му каже нови улични зборови, но таа го одбива. Тогаш, неа ја посетуваат помошниците на еден гангстер кој е обвинет за убиство при што таа може да послужи како сведок против него. Бегајќи од полицијата, таа се засолнува во куќата во која живеат професорите и веднаш станува омилена кај нив. Професорот Потс се вљубува во неа и ѝ нуди брак, но таа мора да се омажи за гангстерот кој на тој начин ќе го избегне обвинението. Во телефонскиот разговор со Потс, гангстерот се претставува како нејзиниот татко, кој „се согласува“ со бракот помеѓу Шугарпус и професорот, но бара тој да ја донесе невестата во Њу Џерси каде, всушнот, тој треба да се ожени со неа. Пред заминувањето, слугинката во куќата го открива нејзиниот идентитет и сака да ја извести полицијата, но Шугарпус ја онесвестува и ја затвора. Така, професорите ги носат танчерката и професорот Потс во Њу Џерси, но патем доживуваат автомобилска несреќа поради што мора да преноќат во еден мотел. Тогаш, Потс отворено ѝ ја искажува на Шугарпус својата искрена љубов, меѓутоа набргу пристигнува гангстерот. Така, Потс и професорите сфаќаат дека се изиграни и разочарани се враќаат во својата куќа. Танчерката одбива да се омажи со гангстерот, но тој ги испраќа своите вооружени помошници во куќата на професорите, заканувајќи се дека ќе ги убие. Сепак, со помош на науката, тие успеваат да ги совладаат гангстерите, а потоа одат во Њу Џерси, каде ја прекинуваат венчавката и гангстерите ги предаваат на полицијата.[1]