Прејди на содржината

Малдиви

Од Википедија — слободната енциклопедија
Република Малдиви
ދިވެހިރާއްޖޭގެ ޖުމްހޫރިއްޔާ
Знаме Грб
ХимнаКаумли салам
Национален поздрав

Местоположба на Малдивите во Индискиот Океан
Местоположба на Малдивите во Индискиот Океан
Местоположба на Малдивите во Индискиот Океан
Главен град
(и најголем)
Мале
4°10′N 73°30′E / 4.167° СГШ; 73.500° ИГД / 4.167; 73.500
Службен јазик малдивски
Уредување Унитарна претседателска уставна република
 •  Претседател Ибрахим Мохамед Солих
 •  Потпретседател Фајзал Насем
Независност
 •  од Обединето Кралство 26 јули 1965 
 •  Тековен устав 7 август 2008 
Површина
 •  Вкупна 298 км2 (187.)
 •  Вода (%) 0
Население
 •  проценка за 2020 г. 379,270[1] 
 •  Попис 2014 341,356[2] 
 •  Густина 1,102.5 жит/км2 (11.)
БДП (ПКМ) проценка за 2019 г.
 •  Вкупен $8.608 милијарди[3] (162.)
 •  По жител $23,154[3] (69.)
БДП (номинален) проценка за 2019 г.
 •  Вкупно $5.749 милијарди[3] 
 •  По жител $15,463[3] 
Џиниев коеф. (2005–2013)37.4[4]
среден · 76.
ИЧР (2018) 0.719[5]
висок · 101.
Валута Малдивска руфија (MVR)
Часовен појас MVT (UTC+5)
Датумски формат дд/мм/гггг
Се вози на лево
НДД .mv
Повик. бр. +960

Малдиви (малдивски: ދިވެހިރާއްޖެ), служб. Република Малдиви (ދިވެހިރާއްޖޭގެ ޖުމްހޫރިއްޔާ) — островска земја која се состои од 26 атоли во Индискиот Океан, југозападно од Индија и околу 700 км западно од Шри Ланка. 26-те атолски групи на Малдивите содржат во себе 1.192 островчиња, од кои околу 280 се населени - 200 со домашно население и 80 со хотелски комплекси. Со површина од 298 квадратни километри и со 328.500 жители, Малдивите се најмалата и намалубројната земја во Азија.[6]

Историја

[уреди | уреди извор]
Малдивските Острови од вселената. Слика од НАСА.

Се претпоставува дека најстарите доселеници на Малдивите биле Дравидијаните од Јужна Индија, како и племињата Јака и Нага од Шри Ланка.[7] Островите од 5 век п.н.е ги населиле будисти од Деканскиот полостров и од Шри Ланка, а во наредните векови арапски и малајски трговци. Со доаѓањето на Арапите, исламот ги заменил хиндуизмот и будизмот, двете религии што биле прифатени од дотогашните жители.

Колонијален период

[уреди | уреди извор]

Во 16 век, Португалците се зацврстиле во Мале (1558-1573), па малдивскиот султан побарал заштита од холандскиот гувернер на Шри Ланка. Од 1665 до 1796 година, островите биле холандски протекторат, а по 1796 година станале британски протекторат, при што во 1887 година им била дадена одредена автономија.

Независност

[уреди | уреди извор]

По прогласувањето независноста на Шри Ланка (1948) Малдивите и Велика Британија потпишале нов договор, со кој Британија ја задржала само надворешната политика и одбраната. Во 1950-тите дошло до судир меѓу малдивскиот султан и британската влада поради воената база Бан на атолот Аду. Притоа, три острови се отцепиле од малдивскиот султанат, но во 1960 година бунтовниците биле покорени. Со новиот договор од 1960 година, Велика Британија добила согласност да ја користи базата, а Малдивите се стекнале со уште поголема автономија и со стопанска помош. На 26 јули 1965 година, Малдивите добиле целосна независност, на 11 ноември 1968 година била прогласена републиката, а во 1982 година Малдивите се придружиле кон Британската заедница на народите. Во 1976 година, британските војници ја напуштиле базата Ган.

Географија

[уреди | уреди извор]

Архипелагот Малдиви се наоѓа во Индискиот Океан, на 300 милји југозпадно од јужниот рог на Индија и 450 милји западно од Шри Ланка, со следниве географски координати: од 07о0630’’ северна географска ширина до 00о4148’’ јужна географска ширина и од 72о3230’’ до 73о4554’’ источна географска должина. Архипелагот е долг 823 километри а широк 130 километри, со вкупна површина од 90.000 квадратни километри. Архипелагот се состои од 1.190 корални острови, распоредени во 27 атоли (групирани во 19 административни атоли), од кои најголем е Хуваду (со површина од 6.486 квадратни милји), а најмал е Гнавијани (со површина од 4,81 квадратни милји). Поголемиот дел од островите воопшто немаат имиња, а само 220 се населени. Во 2011 година, Малдивите имале 394.999 жители.[8]

Поголеми атоли на Малдивите се:[9][10]

  • Аду – се состои од островот Ган и неколку други помали острови. Во Втората светска војна, на островот Ган бил изграден аеродром што го користела британската авијација, а воената база била затворена во 1976 година.
  • Ари или Алифу – е вториот по големина атол на Малдивите и има површина од 831,25 квадратни милји. Тој се состои од 105 острови, од кои само 18 се населени. Најголемиот остров во овој атол е Махибаду, со околу 1.200 жители, а други поголеми острови се: Ника, Елаиду, Атуруга, Михири, Тудуфуши и Ангага. Почнувајќи од 1980-тите, на 35 острови од атолот биле изградени туристички населби.
  • Мулаку – со островите: Мадифуши, Мули, Медуфуши, Хакураа итн.
  • Северен Ниланде – со островите: Филитејо, Магуду итн.
  • Јужен Ниланде – со островите: Кудахуваду, Нијама, Велавура Агсана итн.
  • Северен Мале – на којшто се наоѓа главниот град Мале. На овој атол се наоѓаат островите: Хеленгели, Еријаду, Макунуду, Мееру, Донвели, Худуран Фуши, Тулагири, Курумба, Хувафен Фуши, итн.
  • Јужен Мале – со островите: Рихивели, Фихалохи, Олувели, Бијаду, Маафуши, Кандума, Велиганду, Анантара Вели, Анантара Дигу, Веласару итн. Атолот Мале има вкупна површина од 2.430 квадратни милји, а се протега во должина од 62 милји при што само 10 острови се населени.
  • Фелиду – со островите: Дигири, Тинаду, Фелиду, Кејоду итн.
  • Фафу - со површина од 242,9 квадратни милји. На овој атол, на островот Ниланду, се наоѓа Асари Мискиј, втората најстара џамија на Малдивите, како и голем хиндуистички храм.
  • Ламу - со површина од 446,13 квадратни милји. На островот Исду има џамија стара над 300 години.
  • Хуваду - со површина од 6.486 квадратни милји. Тој е најголемиот вистински атол во светот, со лагуна од 864,6 квадратни милји.
  • Гнавијани - со површина од 4,81 квадратна милја, е уникатен по тоа што е формиран само од еден остров (Фуа Мулаку), на којшто се наоѓаат џамијата Кедејре, будистичко светилиште и џамијата Дигувану.
  • Други позначајни атоли се: Раа, Баа, Лавијани, Нуну, Централен Малосмадулу, Гоиду, Расду итн.

Мале е главниот град на Малдивската република, кој се наоѓа на атолот Северен Мале. Со површина од само 1,77 квадратни километри и со 125.000 жители, Мале е најмалиот главен град на светот.[8][11]

Во Мале се наоѓа Хукуру Мискиј (Петочна џамија), изградена во 1656 година за време на владеењето на султанот Ибрахим Искандар I. Надворешните и внатрешните ѕидови на џамијата се изградени од корални камења, а внатрешноста е украсена со ориентални орнаменти и арапски текстови. Во склоп на џамијата има и бројни гробови на султани и благородници. Наспроти оваа џамија се наоѓа Меду Зијарат, светилиштето на Абу ал Баракат Јусуф ал Барбари, за кого се верува дека бил заслужен за прифаќањето на исламот на Малдивите, во 1153 година. Најпознатото архитектонско дело во Мале е Исламскиот центар, изграден во ноември 1984 година, а во чии рамки се наоѓа најголемата џамија на Малдивите, на која се истакнуваат златното кубе, како и резбата и арапската калиграфија во нејзината внатрешност. Исто така, Исламскиот центар се состои од библиотека и конференциска сала.[12]

Највисоката просечна температура на Малдивите е 31,1 степени, а најниската просечна температура изнесува 25,5 степени. Во текот на денот има просечно осум часови сончева светлина, просечно годишно паѓаат 1.796,3 милиметри дожд, а просечната влажност на воздухот изнесува 79%.[13]

Образование и култура

[уреди | уреди извор]

Официјален календар на Малдивите е грегоријанскиот, но поважните верски празници се врзани за исламскиот календар. Првобитната религија на Малдивите бил будизмот, којшто постепено бил заменет со исламот, а во 1153 година тој станал државна религија. Покрај Катар и Оман, Малдивите се единствената држава во светот со стопроцентно муслиманско население. Во 1932 година, судската власт била пренесена од верските претставници во граѓанските судови, но и понатаму исламските норми продолжиле да служат како основа на законите. Службен јазик на Малдивите е „дивехи“, дел од индоевропските јазици кој низ вековите попримил многу зборови од повеќе јазици, како: синхала, арапскиот, бенгалски и хинду. Низ целата земја се зборува унифициран јазик, со исклучок на четири јужни атоли во кои се зборува посебна варијанта на дивехи. Официјалното писмо е „таана“, кое се употребува само на Малдивите и се чита оддесно налево, слично на арапскиот јазик.[14][15]

Традиционални јадења на Малдивите се: гарудија (бистра рибја супа), роши (вид леб), мас хуни (смеса од чадена риба, кокос и кромид), а од слатките познати се бонди (бели кокосови стапчиња) и зилејби (кругови во сируп), додека традиционален пијалак е тоди раа.[16]

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Малдивите се една од најнеразвиените земји во светот, со БДП по глава на жител од околу 1.300 долари. Бидејќи економијата на Малдиви нема капацитет да го покрие увозот на добра и услуги, земјата е примател на развојна помош од меѓународните организации. Туризмот и рибарството се главни економски дејности. Туристичките населби се изградени на околу 110 острови.[17] Најголемиот дел од увозот доаѓа од Шри Ланка, Австралија, Нов Зеланд и Обединетите Арапски Емирати.[18]

Паричен систем

[уреди | уреди извор]

Во времето на првите доселеници на Малдивите, како пари се употребувале школките, а во доцниот 16 век за првпат се појавиле сребрени монети, ковани од султанот Ал-Гази Мохамед Такуруфану. Официјална валута на Малдивите е руфијата, која била воведена на 7 октомври 1983 година. Руфијата се печати во банкноти со деноминации од 500, 100, 50, 20, 10 и 5, како и монети со деноминации од 1 и 2. Руфијата се дели на 100 лаари кои се коваат со деноминации од 50, 25, 10, 5, 2, и 1.[7] Во февруари 2014 година, девизниот курс изнесувал 1 долар = 15,68 руфии, т.е. 1 евро = 21,17 руфии.[19]

Поради прекрасните подводни корални пејзажи, Малдивите се рангирани како една од најдобрите одредишта за нуркачите во светот.[20] На атолите се изградени бројни туристички комплекси, кои се состојат од ексклузивен хотели. Островите на кои се наоѓаат хотелите обично се со димензии од 800 на 200 метри, составени од песок и корали, со максимална височина од два метри над нивото на морето. Плитката вода на лагуните околу островот служи како природен аквариум и пливачки базен и ги штити гостите од океанските бранови и струи. Зградите во туристичките комплекси се ниски, еднокатни или приземни, и секој хотел има ресторани, бањи, продавници, барови, диско-клуб, простории за спортски активности, и школа за нуркање. Хотелите нудат разни екскурзии и други видови на забава: излет со подморница, со хидроавион, рибарење, лов на сабјарки и др. До хотелските комплекси вообичаено се патува со брзи глисери или со авиони.

Типичен Малдивски туристички комплекс.

Рибарство

[уреди | уреди извор]
Традиционален рибарски брод „дхони“ без едро.

До 1988 година, рибарството било најважната стопанска дејност, со годишен лов од 126.000 тони риби. Речиси половината од уловените риби се туни. Во минатото, речиси сите риби се сушеле и се извезувале во Шри Ланка, а по осамостојувањето со странска помош биле изградени повеќе ладилници и фабрики за козервирање риби. Во рибарството се вработени околу 12.000 луѓе, а рибарската флота брои околу 1.300 помали и 130 поголеми рибарски бродови. По 1985 година, во територијалните води на Малдивите ловат и француските и шпанските рибари.

Сообраќај

[уреди | уреди извор]

На островот Хулуле, во состав на атолот Мале, се наоѓа меѓународниот аеродром „Ибрахим Насир“.[13]

Опасност од глобалното затоплување

[уреди | уреди извор]

Малдивите се најниската земја на светот - најголемата висина на копното над морето е 2,3 метри. Во текот на XX век нивото на морето се кренало за околу 20 см, и доколку тој тренд продолжи, се заканува со потопување на островите. Покрај тоа, Малдивите се многу чувствителен еко-систем поради тоа што коралите, кои се клучен фактор во исхраната на морскиот свет, страдаат од зголемувањето на температурите и од човечкото уништување.

Цунамито од 2004 г.

[уреди | уреди извор]

На 26 декември 2004 г., Малдивите биле тешко погодени од цунамито кое настанало како резултат на земјотресот во Индискиот Океан во 2004 г. Само девет острови не биле поплавени, додека 57 претрпеле сериозни оштетувања на основната инфраструктура. За време на катастрофата, 14 острови биле целосно евакуирани, додека шест острови исчезнале; загинале 108 лица, од кои 6 странци; а штетата била проценета на преку 400 милиони долари, или преку 62% од БНП.

  1. „Maldives“. CIA World Factbook. Архивирано од изворникот на 2015-09-18. Посетено на 2016-02-02.
  2. „GeoHive – Maldives Population“. GeoHive. Архивирано од изворникот на 2017-02-23. Посетено на 2016-02-02.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 „Maldives“. International Monetary Fund. Посетено на 2014. Проверете ги датумските вредности во: |accessdate= (help)
  4. „2015 Human Development Report Statistical Annex“ (PDF). United Nations Development Programme. 2015. стр. 17. Посетено на December 14, 2015.
  5. „2015 Human Development Report Statistical Annex“ (PDF). United Nations Development Programme. 2015. стр. 13. Посетено на December 14, 2015.
  6. Malediven, DER Touristik, 2014.
  7. 7,0 7,1 „Hello Maldives September 2014“, Viable Alternatives, 2014, стр. 14.
  8. 8,0 8,1 „Hello Maldives September 2014“, Viable Alternatives, 2014, стр. 8-10.
  9. Malediven, DER Touristik, 2014, стр. 10-31.
  10. „Hello Maldives September 2014“, Viable Alternatives, 2014, стр. 36-37.
  11. Malediven, DER Touristik, 2014, стр. 19.
  12. „Hello Maldives September 2014“, Viable Alternatives, 2014, стр. 24.
  13. 13,0 13,1 „Hello Maldives September 2014“, Viable Alternatives, 2014, стр декември
  14. Malediven, DER Touristik, 2014, стр. 13.
  15. „Hello Maldives September 2014“, Viable Alternatives, 2014, стр. 16.
  16. „Hello Maldives September 2014“, Viable Alternatives, 2014, стр. 41.
  17. Malediven, DER Touristik, 2014, стр. 7-9.
  18. Malediven, DER Touristik, 2014, стр. 15.
  19. Malediven, DER Touristik, 2014, стр. 22.
  20. „Сајбер-нуркач (англ.)“. Архивирано од изворникот на 2008-05-11. Посетено на 2008-03-08.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]