Лебедово езеро
Лебедово езеро (руски: Лебединое озеро) — балет на рускиот композитор Петар Илич Чајковски, создаден помеѓу 1875 и 1876 година.[1]
Историја за балетот
[уреди | уреди извор]Чајковкси ја напишал музиката за балетот по нарачка од Бољшој театар за хонорар од 800 рубљи, по либретото што го напишале заедно со Владимир Бегичев, тогашен директор на московскиот царски театар и балетанот Василиј Гелтзнер, засновано врз германската бајка „Украдениот вел“. Таа бајка прв ја објавил Јохан Карл Август Мусаус. Инаку, слична бајка постои и во Русија („Белата патка“), која дури и по дејството е многу блиска, па се претпоставува дека авторите направиле смеса од дејството на руската и ликовите на германската бајка. Кореографијата за премиерата ја направил Вацлав Реисигер, тогашен балет-мајстор на Бољшој театар. Премиерата не поминала со голем успех, но сепак балетот се задржал на репертоарот на театарот до 1883 со вкупно 41 изведба.
По смртта на Чајковски, балетот бил поставен во Санкт Петербург, во Мариинскиот театар, во 1895 година. За таа изведба, кореографијата ја направиле Мариус Петипа (1 и 3 чин) и Лев Иванов (2 и 4 чин), со некои исправки на либретото што ги направил братот на композиторот Модест Чајковски, како и исправки на оригиналната партитура (кратења) што ги направил диригентот на театарот Рикардо Дриго. Таа изведба станала многу попопуларна, па затоа до денес повеќето изведби на „Лебедово езеро“ се засновани на неа.
Останатите познати изведби на Лебедово езеро се изведувале во 1880 и 1882 година. После тоа 1901 повторно во Бољшои театар, како и во Лондон во 1911 во изведба на „Балетс Русес“ на Сергеј Џагиљев.
Ликови
[уреди | уреди извор]- Кралицата
- Принцот Зигфриед (нејзиниот син)
- Бено (пријател на принцот)
- Волфганг (учител на принцот)
- Одета (кралица на лебедите)
- Фон Ротбарт (лошиот волшебник)
- Одиле (ќерката на волшебникот)
- останати (лебеди, дворјани, пријатели на принцот)
Содржина
[уреди | уреди извор]Прв чин
[уреди | уреди извор]Вовед: Младиот Зигфрид е задлабочен во своите фантазии за замислената девојка во бело при што тој заспива. Тогаш се појавува чуден човек - волшебникот на злото Ротбарт. Тој дознава за мечтаењето на Зигфрид и решава да докаже дека љубовта е само измислица на поетите и уметниците.[2]
Прва сцена - Парк на замокот: Слугите на кралството танцуваат на полјанката и го забележуваат принцот кој спие во куќичката. Тие се изненадени, зашто тој е облечен во чудна облека. Зигфрид се буди, зачуден, зашто сè околу него му изгледа непознато, а сите му се поклонуваат. Се појавува Наставникот и го прашува момчето од каде му е таа чудна облека. Сите се возбудени зашто треба да пристигне неговата мајка - Големата кралица. Всушност, присутните го заменуваат момчето со наследникот на престолот, принцот Зигфрид. Момчето е воодушевено и сето тоа внимание му изгледа привлечно. Тој првпат ја гледа кралицата, а таа нежно го бакнува и му го подарува семејниот медалјон. Продолжува празникот во чест на полнолетството на принцот Зигфрид. Веќе се испратени поканите до далечните кралства и принцезите се на пат. Утредента треба да биде избрана една од нив, која ќе му стане жена на принцот. Постепено се стемнува, а принцот заминува на лов, на езерото.[2]
Втора сцена - Езеро: Злобниот Ротбар е задоволен, зашто се остварува неговиот план. Тој ги претвора девојките во бели лебеди меѓу кои се наоѓа и прекрасната Одета на која Зигфрид треба да ѝ ја вети својата љубов. Тие се среќаваат на брегот на езерото, а принцот е восхитен од убавината и нежноста на девојката, убеден дека ја нашол својата љубов.[2]
Втор чин
[уреди | уреди извор]Трета сцена: Дворецот: Во дворецот, сè е подготвено за свечената церемонија и се собираат гостите, а списокот на потенцијалните невести е определен. Во чест на принцот Зигфрид танцуваат принцезите од различни кралства. Но, тој не може да избере ниту една од нив, зашто неговото срце копнее само за Одета. Неочекувано, слугите го најавуваат пристигнувањето на непозната принцеза. Повторно, тоа е дел од планот на Ротбар, кој го испраќа црниот лебед, т.е. сестрата на Одета, Одилија. Таа е прекрасна и ги воодушевува сите присутни, а Зигфрид ѝ се колне на вечна љубов. Меѓутоа, веднаш потоа, тој како да се освестува и го чувствува плачот на Одета, а срцето го повикува да оди да ја пронајде. Во дворецот настанува паника, а само Ротбар ликува, знаејќи дека следува најлошото за Зигфрид.[2]
Четврта сцена - Езерото: Се крева бура и езерото е разбранувано. Одета е вознемирена, а нејзината душа плаче. Ротбар ја контролира ситуацијата и чека Зигфрид да се појави на предвидениот испит. Доаѓа Зигфрид, кој ја предал својата вистинска љубов и го уништил својот идеал. Тој ја замолува Одета за прошка, објаснувајќи дека некој друг го контролира неговото сознание. Тогаш, пред нив се појавува Ротбар и Зигфрис сфаќа кој е тој човек. Лебедите и Одета му се покоруваат на Ротбар, а Зигфрид е немоќен да се спротивстави на неговата црна сила. Зигфрид пука со самострелот кон Ротбар, но злото не е казнето, туку саканата девојка е мртва. Зигфрид е очаен поради смртта на својата вистинска љубов и за него нема повеќе место на овој свет. Истовремено, тој е решен да биде со Одета на другиот свет и затоа се фрла по неа во бездната...[2]
Епилог: На хоризонтот се појавуваат првите сончеви зраци. Злобниот волшебник е разочаран, зашто ако постои саможртвување, тогаш постои и љубовта. Оттука, Ротбар го запира сонот и момчето се буди, прашувајќи се дали сето тоа било само сон. Меѓутоа, како награда, судбината му испраќа вреден подарок - пред него се појавува девојката за која тој мечтаел целиот живот, Одета од неговиот сон. Двајцата притрчуваат еден кон друг во прегратка, а сето тоа го набљудува Ротбар, кој сфаќа дека не може да ја уништи вистинската љубов. Ротбар си заминува...[2]
Преработки на Лебедово езеро
[уреди | уреди извор]- „Лебедово езеро“ (англиски: Swan Lake) - песна на британската рок-група ПИЛ (Public Image Ltd.) од 1979 година.[3]
- „Лебедово езеро“ (англиски: Swan Lake) - песна на британската ска-група Меднес (Madness) од 1979 година.[4]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ www.tchaikovsky-research.net (пристапено на 20.1.2013) Архивирано на 4 ноември 2012 г..
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 П. И. Чајковски, Лебедово езеро. Скопје: Македонска опера и балет, 2017.
- ↑ YouTube, Public Image Ltd. – Metal Box (FULL ALBUM | HQ SOUND) (пристапено на 29.5.2017)
- ↑ YouTube, Madness - Swan Lake (пристапено на 3.12.2017)
|