Прејди на содржината

Корисник:Тиверополник/облека

Од Википедија — слободната енциклопедија

Облекувањето во периодот на Византија

Византиска мода
Византиска мода (300-700 година)
Византиска мода (800-1000 година)

Византиското Царство постоело повеќе од 1000 години, а во текот на овој период облеката и многу други обичаи од животот на Византијците значително се менувал, но во целина останал конзервативен. Во 324 година, римскиот цар Константин I Велики решил да ја пренесе својата престолнина од Рим во Цариград, денешен Истанбул. Византија престанала да постои по освојувањето на градот од страна на Османлиите во 1453 година.

Свети Константин Велики и Света Елена.
Мозаик од црквата Сан Витале во Равена. Неколку подоцнешни цареви се облекувале едноставно како што е прикажано на мозаикот, како Јустинијан I на пример, иако неговиот фустан е далеку побогат во секој дел од неговите придружници.

Поради својата стратешка географска местоположба, главниот град бил под влијание на многу култури, што неизбежно влијаеле на облеката. Во текот на своето постоење Византија имала два силни периоди на просперитет, кои нормално се одразиле на начинот на облекување. Првиот период започнал од 527 година и траел до 567 година, односно времето на царувањето на Јустинијан I.

Во почетокот, римското влијание, а со тоа и старогрчката традиција, биле премногу силни и трендот на облека се следел по модата на драпираниот стил во последните години на Западното Римско Царство. На почетокот се носело тога (Тога е облека карактеристична за Стариот Рим, која се состоела од долго платно (6 метри) кое се обвиткувало околу телото и се носело врз туника. Тогата секогаш се правела од волна, а таа туника често била ленена. Низ римската историја, тогата била исклучиво машка облека, додека жените носеле стола (традиционална облека за римските жени обично изработена од волна. Во почетокот и жените носеле тога, но по 2 век п.н.е. тогата ја носеле единствено мажите и се сметало дека е срамно за една жена да носи тога). Недржавјаните по закон не смееле да носат тога, а потоа во употреба влегле и туниките (Туника е долна облека од волна или лен која наликува на кошула. Најчесто била правена или без ракави или со кратки ракави. Најчесто машките носеле подолга туника), Но, заедно со влијанието на Рим, големо влијание во стилот на облеката имала и соседна Персија и регионот на Анадолија, односно посоодветна прилагодена облека и побогати украси со повеќе накит. Во следниот период влијание на облеката во Византија извршила и арапската култура. Но, можеби најголемо влијание имало христијанството како официјална религија во царството, каде луѓето во подоцнежниот период на царството биле повеќе облечени за разлика од своите грчки и римски предци. Според христијанката традиција, човечкото тело не е предмет на обожавање, како што било во Стара Грција и Стар Рим, туку извор на сите пороци и беда на човекот. Поради тоа, облеката била конзервативна, и го покривала целото тело.

Откако престолнината започнала да се развива, главно од трговијата, Византијците започнале да создаваат раскошна и луксузна облека што претставувала комбинација од луксузни ткаенини од Азија, Сирија и Египет. Византиската текстилна фабрика произведувала главно свилени ткаенини со злато и сребро ткаени во нив, покриени со скапоцени камења и бисери. Облеката во царскиот двор се одликувала со виолетова и златна боја. Облеката на аристократијата била во светло црвена, жолта или зелена боја. Така е и облеката прикажана на мозаиците што останале од тоа време.

Свилата била суровина со висока вредност, но и многу барана, па занимавањата што се однесувале на неа биле поделени во повеќе еснафи: трговци со сурова свила, трговци со облека од свила, трговци со свилена облека увезена од Сирија. На секоја фаза од обработката на свилата се однесувала посебна дејност (занает) и поединците можеле да се занимаваат со дејност која била само една алка во тој синџир и на кој било начин не можеле да доминираат со трговијата на таа стока. Самиот Јустинијан се обидел да го сврти патот на свилата, кој минувал низ Персија, но не успеал во тоа. Тој подоцна имал неверојатна шанса за голема сума да ја купи технологијата на производство, која му била продадена од двајца персиски монаси, мисионери во Кина. Тие ја познавале технологијата на извлекување и преработка на свилата од свилени буби. Цената вклучувала не само метод за вадење свила, туку и снабдување со свилени буби на Цариград. Од тој момент, започнало да се произведува свила во Европа, што претставувала суровина за ткаење свилени ткаенини. Како и Кинезите, така и Византијците строго ја почитувале технологијата на свилено предиво, а Византија брзо се пробила во текстилната индустрија на континентално ниво. Оваа тајна се чувала сè до раниот среден век, кога за прв пат била распространета во Анадолија и Сицилија, а потоа и низ Франција и Италија.

Во подоцнежниот период на развојот на царството, облеката во дворот станала исклучително раскошна, украсена со многу скапоцени камења и злато и обоена во многу светли и заситени бои - претежно виолетова и нијанси на црвена боја. Царската туника вклучувала долго парче ткаенина украсено со златен вез што се обвиткува по телото, оставајќи го крајот да виси слободно над едната рака. Класичниот стил му дал начин на Источен стил. На пример, кафтанот се сметал за официјална облека. Луѓето од двата пола носеле кафтани со панталони, но не како блискоисточните шалвари.

Чевлите кои се носеле денеска не се многу познати, бидејќи робовите кои биле насликани често имале долга облека која го покривала делот на чевлите. Црвените чевли билен резервирани за царот. Сините чевли ги носел севастократорот (византиска титула, која била доделувана од царот на некој негов најблизок роднина, како брат на пример), а зелените од протовестијариот (титула за евнусите и финансиските службеници). Војниците обично ноделе сандали и бели чорапи, или некои завиткани завои на нозете.

Во подоцнежна фаза, кога чизмите започнале да се носат, нивната висина стигнувала до коленото и повторно по боја биле црвени за царот. Се правеле различни броеви на обувки за да се направат удобни за секоја личност и секоја нога. Работниците носиле сандали или биле разголени. Сандалите го следеле римскиот модел и најчесто имале врвци за затегнување.

Машката коса обично била кратка и негувана, честопати елегантно накдрена, најверојатно вештачка. Повеќето свештеници имале долга коса и брада. Жените од највисока класа ја носеле косата завиткана и плетена, во сложени форми. Судејќи според сликите од тоа време, жените најверојатно ја покривале косата надвор од својот дом. Официјално е прифатено дека превезот е измислен од Византијците, нема насликани слики на жени кои носат превез на нивните лица. Литературните извори не се доволно јасни за да се направи разлика помеѓу превез на главата или превез на лицето.

Кон крајот на Византиското Царство, мажите во униформа носеле големи и високи капи. Некоја претстава за војничката облека можеме да добиеме врз основа на описот на портретот на царот Андроник I Комнин, кој бил прикажан не во царска облека туку во облека на „трудбеник“ ‒ ергатикос. Кратката сина кошула која му достасувала до задникот била разрежана (најверојатно да не му го попречува движењето) и се разликувала од другите дворски наметки украсени со злато и пурпур. Како обувки, Андроник-трудбеникот имал високи бели чизми до колена. Високите кожени чизми станале модерни во Византија наместо старите сандали. Хонијат не открива што имал Андроник на себе од половината до колената, но секако овој дел од телото му бил покриен, па се смета дека панталоните тука би можеле да бидат дел од облеката која најмногу би одговарала на ваква облека.

Облека и стил

[уреди | уреди извор]

Женска облека

[уреди | уреди извор]

Женската облека не се променила многу, во текот на постоењето на царството. Скромноста била важна за сите жени, освен за богатите, а повеќето жени се појавувале скоро целосно покриени со прилично безлична облека, која требала да биде во можност да ја носи за време на целиот период од својата бременост.

Женските во најголем дел носеле туники, стола (горна туника) и наметка.

  • Женскиот царски костум се состоел од долги туники украсени по работ со златен вез. Преку туниките, царицата носила долга виолетова облека, која била украсена со златни везови на долниот раб. Широката јака што ја украсувала облеката на царицата била направена од златна брокада (Брокатот е вид свилена ткаенина, најчесто подебела и тешка, со специфично ткаење, проткаена со златни или сребрени нишки. Најчесто се користи за производство на одреден тип на облека (најчесто палта и прекривки). Златните и сребрени елементи на брокатот му даваат богат и луксузен изглед) и богато украсена со бисери и скапоцени камења.
  • Столите биле пократки за разлика од туниките и имала широки ракави. Црвена стола и сина наметка претставувала омилена комбинација кај богатите слоеви.
  • Наметките на владетелите биле од едноставна кројка, со должина до глуждовите, со долги и малку пошироки од ракавите на фустаните, без ракави, или со отвори на ракавите. Во текот на 10 и 11 век, фустанот со широки ракави станал сè попопуларен, пред да исчезне. Но од друга страна, работните жени често се прикажани со врзани ракави. Кај дворските дами, фустанот можел да биде и со V-израз на јаката. Ремените обично се носеле за да го задржат здолништето и од страна на дворските дами често биле украсувани и најчесто биле правени од кожа. Понекогаш различните делови на облека биле шиени со ист материјал и со иста боја како фустанот. Тие биле прицврстени со скапи токи - спојки, обично во 13 век, обично на десното рамо, а во 14 и 15 век напред во средината.

Круната претставувала широка дијадема направена од емајлирани и позлатени плочки.

Жените од пониските слоеви можеле да носат и туники без ракави. Од пристојните жени секогаш се очекувало во јавност да имаат покриена глава и да носат мафорион, вел кој паѓал на рамената префрлен преку тесна капа која им ја покривала косата.

И покрај овие ограничувања, побогатите жени посветувале поголемо внимание на својот изглед и трошеле големи суми пари за фини ткаенини, понекогаш извезени и украсени со скапоцени камења. Своите фустани ги украсувале со брошеви и ешарпи или појаси со скапоцености, а носеле и отмени покривки за главата. Косата ја украсувале со шноли и орнаментни мрежи и ленти. Бројните примероци од зачуван накит, вклучуваат обетки, нараквици и гердани, сведочат за префинетата работа на византиските јувелири и за богатството на византиските повисоки слоеви, како и за популарноста на бижутеријата меѓу сиромашните жени. На голем ужас на црковните отци, жените се обидувале да ја истакнат и својата природна убавина со помош на козметика: користеле брашно од грав за миење на лицето, се пудреле за да постигнат посветол тен, ги црвеле усните и образите, веѓите ги боеле во црно, користеле сенки за очи и боја за коса.

Машка облека

[уреди | уреди извор]
Византиски цар и царица облечени во лорос.

Машката облека во Византиското Царство се состоела од туника, далматика, наметка и чевли или чизми. Овие делови биле користени од сите класи, но разликата се состоела од квалитетот на ткаенината од која била изработена облеката и од разните додатоци, како накитот на пример, кои биле додавани на облеката.

  • Туника. Најголемиот дел од ниската класа, туниката била основна облека и се користела и како работна облека. За високата класа, туниката се носела под останатиот дел од облеката. Доколку таа била кратка, долните екстремитети се покривале со панталони, кои најпрвин биле практикувани од страна на војниците, а подоцна започнале да ги носат и поголемиот дел од високата класа. Туниката била направена од бела, а подоцна и од темно сина свила, и истата била украсена со везови од злато и бисер околу вратот и долниот раб.
  • Далматиката, заедно со туниката, претставувала вообичаен дел од византиската облека. Таа се носила преку туниката и под наметката. Далматиката со полуголги ракави била користена и кај машката и кај женската облека. Во тој период, тогата била користена исклучиво од страна на царот и некои високи царски службеници.
  • Наметка. Големата и долга наметка претставувала полукружен облик на хламида и била прицврстена на десното рамо. Наметките биле користени наместо тога.
  • Чевли. Денеска не се знае многу за византиските чевли. Единствените докази се гледаат во мозаиците низ различните цркви од византиско време, каде се прикажани чевли или чизми во боја.

Круната била во форма на широк обрач украсена со бисери. Подоцна царската туника добила богато украсена јака. Најважната и впечатлива декорација, суштински дел од белезите на владетелите, претставувал секако лоросот, кој бил богато украсен со злато, бисери и скапоцени камења. Лоросот претставувал долга, тесна и везена ткаенина, која била завиткана околу торзото и паѓало над левата рака. Лоросот бил еден од најважните и најистакнатите делови од најформалниот и церемонијалниот вид на царската византиска носија, што ја носеле единствено царското семејството и неколкумина највисоки службеници, чии почетоци датираат уште во времето на Римскте конзули. Постоеле машки и женски верзии на лоросот. Освен лоросот, голема употреба имала и хламидата, која потекнува од старогрчката култура. Хламидата претставува лесна наметка која се прикачува на десната рака.

Панталони

[уреди | уреди извор]

Еден сериозен проблем, кој се создал поради расчекорот на книжевните и ликовните извори, е употребата на панталоните. Византиските уметници ретко ги прикажуваат панталоните, додека зборовите со кои се означувал овој дел од облеката биле сосема вообичаени во византиските текстови. Едиктот за цените, издаден од Диоклецијан (284-305), знае за braccarii односно кројачи на панталони. Панталоните биле карактеристика за машкото облекување. Кога Теодор Сикеонски, светец од VII век, ги истерал злите духови од група бесни, не дозволил да одат голи, на машките им наредил да се покријат со панталони, вракија (br£kia), а на жените да облечат некој вид туника ‒ епендитис (™pendÚthj). Историчарот од XII век Никита Хонијат, зборува дека војниците во негово време го користеле изразот „носи панталони“ како синоним за храброст и машкост. Револуцијата кај машката облека започнала одоздола. Прво, војниците ги носеле пантолоните откако почуствувале колку се пријатни. Со текот на времето панталоните започнале да бидат користени и од страна на долниот слој на луѓето во царството.

Свети Прокопиј, Теодор Тирон и Теодор Стратилат. Претстава за плочкастиот панцир
Свети Димитрија Солунски.

Покрај тоа што недостасуваат илустрации и археолошки извори кои би можеле да дадат податоци за изгледот на војниците, за тоа сме прилично добро информирани, иако секогаш не е можно да се има кристално јасна претстава за сите детали посебно. Секогаш се водело сметка облеката на пешадијата да биде лесна. Се состоела од туника која достигала до колената и едноставно сошиени обувки. Покрај тоа постоела и тешко вооружена пешадија, на која што поради големата тежина на оружјето и оклопот во текот на маршот им било дозволено да јаваат на масги. Таквите војници понекогаш имале и придружници, кои им помагале при облекувањето на опремата и кои морале да одат наместо да јаваат.

Секој обид да се зборува за изгледот на средновековните панцири се соочува со најмалку два сериозни проблема. Првиот е скоро комплетно отсуство на деловите од ваквата воена опрема меѓу археолошките наоди, а вториот е несоодветноста на самиот израз „панцир“. Генерално можеме да се заклучи дека во византискиот период, најпознати биле три типа на панцирна облека: мускулатурен панцир, плочкаст (крлушест или ламеларен) и синџирест (мрежест).

Иако во византискиот период се среќаваат претстави на мускулатурниот панцир, повеќето автори се согласни дека во периодот на нивното претставување тие веќе не биле во употреба. Долгата историја на ова оружје, како најсовршено, но и најтешко изработливо, веројатно завршила кон крајот на VI век.

Ако во римскиот период ова оружје било резервирано за „елитните“ слоеви од општеството, во византискиот период тоа е дел речиси исклучиво од облеката на светите воини. Плочкастиот панцир бил составен од голем број перфорирани плочки (од бронза, железо, слонова коска, стврдната кожа и сл.) поврзани со кожена жилка меѓу себе и/или кожена подлога, кои се преклопуваат. Според начинот на кои биле нанижани и присуството на подлога, се определува дали се дел од крлушестиот (со подлога) или ламеларниот панцир (каде што плочките-ламели се нанижани меѓу себе, без да им треба подлога). Разграничувањето на плочкастите панцири на ламеларни и крлушести претставува посебен проблем затоа што разликата меѓу нив е сосема мала. Во реалноста, таа се гледа во различниот материјал на изработка (најчесто бронза или коска за крлушестите и железо за ламеларните), начинот на поврзување (потреба за подлога кај крлушестите и отсуство на истата кај ламеларните, што пак, од своја страна, условува поголем број перфорации кај ламеларните) и изгледот (најчесто „U“ форма на крлушестите и правоаголна, со најчесто заоблени краеви свртени нагоре кај ламеларните).

Синџирестиот или мрежестиот панцир бил доста чест во римскиот период и бил дел од лесното вооружување на пешадијата. Појавата на овој вид одбранбена облека се појавил како резултат на освојувањето на византиските земји од западните витези во XII, односно XIII век. Овие панцири се составени од сосема мали кружни метални парчиња-фолиди, кои често се прикажани како се преклопуваат едни преку други, што индицира дека веројатно станува збор за вид на крлушестите панцири, а не за синџирести, како што се претпоставува.

Селска облека

[уреди | уреди извор]

Кога византиските автори зборуваат за селската облека ретко навлегуваат во детали и само го истакнуваат нејзиниот лош квалитет. Така, хагиографот на патријархот Никифор I (806-815) ја велича скромноста на својот јунак и вели дека носел искината и излитена кошула, веројатно наметка ‒ химатион (cim£tion), која што писателот ја означува како селска и груба. Меѓутоа, постои сомневање дека селаните постојано биле облечени во искината облека. Дознаваме, на пример, дека мајката на св. Теодор Сикеонски, селска проститутка, била во можност на својот шестгодишен син да му купи златен појас и скапоцена облека, па подоцна, кога момчето одлучило да се „откаже од световниот живот“, ги симнал златниот појас, ѓерданот и нараквицата.

Иконографска облека

[уреди | уреди извор]

Најчестите слики кои преживеале од византискиот период не се релевантни да упатат за вистинските облечени фустани за периодот. Христос (честопати дури и како бебе), апостолите, Свети Јосиф, Свети Јован Крстител и некои други, скоро секогаш се прикажани како носат фустан на голем химатион, голема правоаголна мантија обвиткана по телото (скоро слична како тога). Сандалите се носиле на нозе. Овој костум обично не се гледа во секуларни контексти, иако можеби ова било правено намерно, за да се избегнат секуларните со божествените теми. На Богородица е прикажано како носи мафорион, повеќе обликувана мантија со качулка, а понекогаш и со дупка на вратот. Ова веројатно е близу до вистински типичен фустан за вдовици и за мажени жени кога се појавувале во јавност.

Значење на боите

[уреди | уреди извор]
  • Црвена боја - боја на крвта (Христовата крв)
  • Сина боја – боја на божествената моќ
  • Виолетова боја – боја користена исклучиво од царот
  • Бела боја – боја на жалоста или тагата