Прејди на содржината

Коринтска Провлака

Координати: 37°56′29″N 22°59′16″E / 37.94139° СГШ; 22.98778° ИГД / 37.94139; 22.98778
Од Википедија — слободната енциклопедија
Коринтска Провлака
Ισθμός της Κορίνθου
Коринтската Провлака од воздух
Координати37°56′29″N 22°59′16″E / 37.94139° СГШ; 22.98778° ИГД / 37.94139; 22.98778
Соседни водни површиниКоринтски и Саронски Залив
Ширина6,3 км
Карта
Карта на Коринтската Провлака

Коринтска Провлака или Коринтски Теснец (грчки: Ισθμός της Κορίνθου) — тесен копнен мост кој го поврзува полуостровот Пелопонез со остатокот од континентална Грција, сместен близу градот Коринт, по кој е наречен.

На запад од провлаката е Коринтскиот Залив, а на исток е Саронскиот. Од 1893 г. напречно на провлаката е ископан Коринтскиот Канал во должина од 6,3 км и со тоа Пелопонез станал остров. Денес преку каналот има два патни, два железнички и два потопни моста, поврзувајќи го Пелопонез со остатокот од земјата. На западниот крај на каналот има и воен мост за итни намени.

Провлаката уште во антиката била позната како место кое го одвојува Пелопонез од главнината на Грција. Во I век географот Страбон[1] напишал дека крај Коринската Провлака имало стела со два натписа. Натписот кој гледал кон исток гласел „Овде не е Пелопонез, туку Јонија“ (τάδ᾽ οὐχὶ Πελοπόννησος, ἀλλ᾽ Ἰωνία), а оној кон запад велел „Овде е Пелопонез, а не Јонија“ (τάδ᾽ ἐστὶ Πελοπόννησος, οὐκ Ἰωνία); Плутарх му ја припишува стелата на јунакот Тезеј, кој наводно ја подигнал одејќи накај Атина.[2]

Историја на каналот

[уреди | уреди извор]

Идјата за скратување на патот за да се избегне пловидба околу целиот Пелопонез е многу стара. Прв кој направил обид да ископа канал бил тиранинот Периандар во VII век п.н.е. Потфатот бил напуштен поради технички проблеми, и наместо тоа изградил посебен коловоз од камени блокови наречен Диолк, по кој пловилата се превзувале со влеча. Остатоците од овој пат денес се видливи до каналот. Кога Римјаните завладеале со Грција пробани се низа решенија. Јулиј Цезар ја увидел предноста на ваквата кретенка за неговата новоизградена коринтска колонија. За време на царот Тибериј, инженеријата се обидела да пробие канал, но немале доволно способна опрема. Наместо тоа направиле пат, на кој пловилата ги тркалале по долги трупци и истиот бил во употреба сè до 32 г. Во 67 г. гркољубивиот римски цар Нерон наредил да се ископа канал со лопати користејќи го трудот на 6.000 робови. Историчарот Флавиј Јосиф вели дека овие робови биле еврејски пирати заробени од Веспазијан за време на Еврејските војни.[3] Според Плиниј Постариот, робовите успеале да ископаат четири стадиони (околу 0,8 км)[4] но истиот бил прекинат со смртта Нерон, бидејќи неговиот наследник Галба одлучил дека зафатот е прескап.

Во новиот век, првиот сериозен предлог за каналот е поднесен во 1830 г. набргу по осамостојувањето на Грција од Османлиите. Изградбата почнала многу подоцна, и каналот бил завршен во 1893 г. по единаесет години работа.

Ѕид Хексамилион

[уреди | уреди извор]

Ѕидот Хексамилион бил римски одбранбен ѕид преку Коринтската Провлака кој служел за одбрана на единствениот копнен влез во Пелопонез.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]