Прејди на содржината

Имре Кертес

Од Википедија — слободната енциклопедија
Имре Кертес

Имре Кертес (унгарски: Imre Kertész) (Будимпешта, 9 ноември 1929Будимпешта, 31 март 2016)[1]унгарски писател, романописец, новинар, добитник на Нобелова награда за литература во 2002 година.[2] Според соопштението на Нобеловиот комитет, наградата ја добил поради „пишувањето за кревките искуства на човекот спроти варварската арбитража на историјата“. Имре Кертес е првиот Унгарец — добитник на Нобеловата награда за литература.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Како унгарски Евреин, уште како дете, во 1944 година, Кертес и целото негово семејство биле депортирани во логорот на смртта Аушвиц, а оттаму во логорот Бухенвалд, во Германија, каде што ја дочекал слободата во 1945 година. По војната, тој се вратил во Унгарија, каде што во 1948 година почнал да работи како новинар во весникот Világosság, но во 1951 година добил отказ, иако истата година ѝ пристапил на комунистичката партија. По двете години поминати на отслужување на воениот рок, Кертес започнал да работи како самостоен писател и како преведувач не германските автори, како: Ниче, Шницлер, Хофманштал, Фројд, Рот, Витгенштајн и Канети, кои извршиле големо влијание врз неговото дело.[3]

Творештво

[уреди | уреди извор]

Најпознати дела на Кертес се:[4] [5]

Неговите книги се преведени на повеќе јазици, како: германски, шпански, француски, англиски, чешки, руски, шведски, хебрејски итн.

Осврт кон творештвото на Кертес

[уреди | уреди извор]

Поради проблемите со унгарската комунистичка власт, својот прв роман, „Бесудбинство“, Кертес го објавил дури во 1975 година. Романот е занован врз неговото искуство за време на престојот во концентрационите логори Аушвиц и Бухенвалд, но според зборовите на Кертес, тој само ја користел формата на автобиографскиот роман, но тоа не е автобиографија. Ракописот за овој роман најпрвин бил одбиен, а дури и кога бил објавен, доживеал тивок бојкот. Во 1988 година се појавил неговиот втор роман „Пораз“, којшто се смета за втор дел на трилогијата започната со „Бесудбинство“, а која завршува со романот „Кадиш за нероденото дете“. Во 1992 година излегло делото „Бродски дневник“, дневник во форма на фикции којшто го опфаќа периодот 1961-1991, додека во 1997 година била објавена уште една книга со белешките на Кертес направени меѓу 1991 и 1995 година, со наслов „Некој друг: Хроника на метармофозата“.[4]

Во својот говорот, одржан на 10 декември 2002 година во името на Шведската академија, а по повод доделувањето на Нобеловата награда, Торгни Линдгрен дава кус осврт врз творештвото на Кертес, истакнувајќи дека стварноста што е предмет на неговата книжевна продукција тешко може да ја разбере или опише оној кој не ја доживеал. Притоа, книжевната критика често го става романот „Бесудбинство“ во центарот на Кертесовото творештво, но секој негов роман или есеј е интимно поврзан со некое друго негово дело. Така, во „Бесудбинство“, Кертес дава наизглед едноставен, соголен приказ на животот на едно младо момче во логорите Аушвиц, Цајц и Бухенвалд, но ова дело поседува тежина што го става во центарот на современата европска проза. „Пораз“ е повеќезвучна, децентрализирана критика на тоталитарната држава, а ова дело е поврзано со бројни алузии и тематски детаљи од книгата „Англиското знаме“, која пак е интимно поврзана со книгата „Бродски дневник“. Слично на тоа, романот „Кадиш за нероденото дете“ содржи јасно видливи нишки што го поврзуваат со „Бесудбинство“ и со „Пораз“. На тој начин, читајќи ги делата на Кертес, на читателот му се отвора доследен организам или симфониско дело во духот на Малер или Веберн. Кертес ѝ пристапува на традицијата на контрапунктен начин. Во неговиот свет, традицијата не е привремен феномен, туку таа е просторен феномен, зашто ја сочинува околината, пејзажот во којшто престојува авторот.[6]

Во своите дела Кертес го „овековечил трагичното искуство на поединецот соочен со варварската безочност на историјата“. Веста за Нобеловата награда Кертес ја примил во Берлин, каде што работел на довршувањето на книгата „Ликвидација“, која зборува за судбината на оние Евреи што го преживеале холокаустот. По повод добивањето на наградата, во ексклузивното интервју за руската редакција на „Би Би Си“ Кертес изјавил: „Би сакал оваа награда да ја поттикне Унгарија на јавно признавање на противречната улога што оваа земја ја имаше во времето на Втората светска војна кога, како сојузник на Германија, учествуваше во уништувањето на 600.000 Евреи.“

Покрај Нобеловата награда, Кертес е добитник и на повеќе други книжевни награди, како:[7]

  • Бранденбуршката книжевна награда (Brandenburger Literaturpreis, 1995)
  • Лајпцишката книжевна награда за европско разбирање (Leipziger Buchpreis zur Europäischen Verständigung, 1997)
  • Хердеровата награда (Herder-Preis, 2000)
  • Книжевната награда на Велт (WELT-Literaturpreis, 2000)
  • Ehrenpreis der Robert Bosch Stiftung (2001)
  • Наградата „Ханс Зал“ (Hans Sahl Preis, 2002)
  1. Почина Имре Кертес Архивирано на 23 април 2016 г. во Дневник
  2. Превод на литературни дела од автори кои добиле Нобелова награда, НИД „Микена“, Битола, 2010.
  3. „O autoru - Imre Kertes (1929)“, во: Imre Kertes, Kadiš za nerođeno dete. Novi Sad: VEGA Media, 2005, стр. 137.
  4. 4,0 4,1 „O autoru - Imre Kertes (1929)“, во: Imre Kertes, Kadiš za nerođeno dete. Novi Sad: VEGA Media, 2005, стр. 137-138.
  5. Имре Кертес, Бесудбинство. Лом, Београд, 2016, стр. 202.
  6. „Nobelova nagrada za književnost 2002. godine“, во: Imre Kertes, Kadiš za nerođeno dete. Novi Sad: VEGA Media, 2005, стр. 135-136.
  7. „O autoru - Imre Kertes (1929)“, во: Imre Kertes, Kadiš za nerođeno dete. Novi Sad: VEGA Media, 2005, стр. 138.